Игра на тронови

Неверојатно чудно е како во Македонија им се приоѓа на настаните, на информациите, на состојбите… на се што малку поинаку наликува од она што вообичаено сме навикнати да го гледаме.  Во оваа Македонија најисправна е статус-кво состојбата. Не таласај, не расчепкувај, не рчкај … тоа се тие вредности на македонското општество … Се поинаку од ова по дефиниција предизвикува бранување, а брановите се движат секогаш водени од нечиј интерес … никако погледнати низ призмата на објективен, аналитички пристап… Па, така во зависност од позицијата од која се гледа, се редат и оценките …Чудо некое …

Ете, така е и овие два дена, откако во јавноста излезе информацијата за евентуалните нови, идни релации на македонската и бугарската црква, секој во зависност од припадноста на својот политички светоглед си дели оценки, печатирајќи ги како апсолутна вистина. Но, што всушност се случува?

ЗА ПОЧЕТОК ИЗВОРОТ НА ИНФОРМАЦИЈА

Она што за мене е исклучително проблематично е односот на македонските архиереи кон македонската јавност, особено што по втор пат, за вакви важни прашања од животот на МПЦ, македонската (домашната) јавност дознава до надвор. Тоа е еден несериозен пристап, кој остава и овозможува простор за многу конструкции кои на крајот ќе предизвикаат штетен краен резултат. Но, тоа е прашање на одговорност на македонските владици.

КОНЕЧНО ХРАБАР ЧЕКОР

Одлуката на Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан да испрати писмо (за кое се потенцира дека е едногласно договорено во САС на МПЦ-ОА) до Синодот на Бугарската Православна Црква- Трновска Патријаршија е исклучително важен историски момент од живот на МПЦ-ОА. Тоа писмо е прв сериозен потег на македонската црковна дипломатија повлечен кога било, надвор од шаблонските досегашни тајни и полутајни приватни релации што поедини владици на МПЦ надвор ги градеа со архиереите на другите помесни цркви, а  внатре во Македонија, цврсто стоеја на позицијата дека решението на црковното прашање треба да се бара исклучиво во релациите со „Црковен Белград“.

Јас не знам дали за ова писмо од Архиепископот има целосна согласност од владиците на МПЦ-ОА, но знам дека на сите владици во МПЦ-ОА, денес им е совршено јасно, дека од актуелната црковна политика на СПЦ не може да се очекува ништо, ништо што може да значи какво било поместување на позициите кои можат да доведат до какво било взаемно прифатливо решение. Напротив,  и покрај слободата на Вранишковски, што беше услов за почеток на разговори, во Патријаршијата во Белград никој не размислува, ниту за разговори, а не пак, за решение кое би значело прифаќање на општата реалност за самобитноста на Македонската Православна Црква.  Сосема спротивно од тоа, во Архиепископијата во Скопје веќе подолго време до доаѓаат сигнали од „Црковен Белград“, кои се исклучително загрижувачки, а воедно се и кристално чист став за позициите на кои стои СПЦ. Српските црковни авторитети влечат такви нелогични потези кои никогаш, во досегашните 50 години (колку што трае спорот), не биле карактеристика на односите меѓу двете цркви. Од многуте нелогични потези на СПЦ, кои се во насока само на омаловажување на Македонската Православна Црква, нејзино целосно деградирање и исмејување, се издвојува одлуката да не дозволува студирање на теолози од Македонија кои не добиле писмен благослов од Јован Вранишковски… Има уште многу такви омаловажувачки одлуки, но за тоа во друга прилика.

ЈАСНА ПОРАКА КОН „ЦРКОВЕН БЕЛГРАД“

Затоа, ако се тргне од моменталната статус-кво позиција што МПЦ-ОА ја има во релациите со СПЦ и проценките дека таа состојба нема да се промени на долг рок, туку напротив ќе се влошува, тогаш овој чекор на МПЦ, а особено изјавата на Владиката Наум, кој воедно, (во овој случај, а веројатно и многупати досега) е и творецот на македонската црковна дипломатија, е исклучително важен и корисен за градењето на позициите на МПЦ-ОА, пред се кон самата себе, а потоа и кон останатите православни цркви. Со ова, МПЦ-ОА покажува што сака и од што нема да отстапи.

Најважната цел од оваа одлука да се влезе во игра со друга православна црква, и тоа јавно, не по тајни канали е пораката што и се испраќа на Српската Православна Црква, а особено на дел од тамошните „духовници“, етно-националистички задоени во духот да не отстапат од своите позиции за србоправославниот карактер на македонскиот народ. Не дека тоа ќе ги заплаши, па тие ќе ги променат позициите, напротив многу повеќе како порака, дека по патот на вистината, на кој тие поставиле препреки, има и крстосници од кои исто така може да се стаса до целта, особено ако не се знае дали во тој лавиринт од споредни патеки, некој друг не поставил патокази кои водат кон целта. Таа одлука е исклучително храбра и важна, затоа што врти и една друга страница во релациите на православниот свет. Евентуален негативен исход ќе значи белег во историјата за еден обид, но што ако исходот заврши поинаку? (за ова малку подолу во текстот).

СЕГА ЗА СУШТИНАТА

Текстот на писмото испратено до САС на БПЦ излезе во јавност преку бугарските медиуми и тоа од новинар, за кој Бугарскиот Синод има донесено официјална одлука да го екскомуницира и да им забрани на своите владици, свештеници да му даваат изјава …  Но, во тој текст на тоа писмо, за кое јас имам информации дека е релевантно и веродостојно, нема ништо спорно.

Да одиме по ред.

Во ова писмо, Синодот на МПЦ-ОА бара од БПЦ да одлучи да воспостави сослужување со МПЦ, црква која Синодот на МПЦ во тоа писмо ја нарекува канонска наследничка на Охридска Архиепископија, што е многу важен момент особено во релациите со БПЦ и со бугарската јавност, каде Охридската Архиепископија се дефинира како бугарска црква. Што значи дека ако БПЦ го прифати овој предлог, МПЦ ќе добие валоризација за тоа дека е возобновител на Охридската Архиепископија и тоа од Бугарската Православна црква.

Потоа во текстот на писмото на Архиепископот многу јасно е дефинирано што сака МПЦ, а што за возврат ќе добие БПЦ. МПЦ овде бара признавање на реалноста, односно воспоставување литургиско единство и сослужување со БПЦ како автокефална помесна православна црква. Доколку БПЦ се сложи на тоа, а сосема јасно е што и како подразбира статус на автокефална црква, тогаш Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите Помесни цркви. За признавањето и воспоставувањето на евхаристиското единство, Бугарскиот патријарх го известува Вселенскиот патријарх, како и поглаварите на другите Помесни православни цркви“. (цитат од писмото).

Значи МПЦ-ОА добива автокефалност, сослужување, признание за нејзиниот историски континуитет со Охридската Архиепископија, признание на нејзината реалност. БПЦ добива право да се „фали“ дека МПЦ-ОА произлегла од нејзе, од нејзината јуриздикција.

На дел од македонската јавност проблематичен е терминот „Мајка Црква“.

И да, што е тој термин „мајка црква“?

МАЈКА ЦРКВА

Она што е важно во целиот овој процес на градење нови релации со БПЦ е фактичката состојба што на крај треба да произлезе како реалност. Во писмото нема дилеми дека тоа е автокефален статус на МПЦ-ОА, исто како што нема дилеми дека за тој статус, Бугарскиот патријарх ќе го извести Вселенскиот Патријарх и останатите помесни православни цркви. Овој предлог на МПЦ-ОА не предвидува никакви преговори или разговори за актуелните, постоечки позиции, напротив предвидува прифаќање на реалноста таква каква што е. Што значи дека тоа треба да резултира со вистинско позиционирање на МПЦ како автокефална црква. Едно од тие позиции се огледа во практичното функционирање, нешто што мора да се расчисти сега и веднаш, за да не останат дилемите. Значи, ако договорот со БПЦ значи дека Архиепископот на МПЦ во своите литургии прв го споменува Вселенскиот Патријарх, па редоследно, согласно диптихот на Православната црква, другите поглавари на црквите, ако светото миро го подготвува МПЦ сама, самостојно, ако изборот на Архиереи е самостоен без какво било мешање од Софија, ако Поглаварот на МПЦ „Белата Пана“ ја носи надвор од Македонија врз основа на своја одлука, тогаш тоа е автокефална црква и тука нема никаков проблем. Но, ако зад оваа идеја се крие опцијата дека наместо „Белата Пана од Белград“, како духовно туторство треба да се признае „Белата Пана од Софија“, тогаш тоа е само замена на центри, без суштина и прифаќање на она што веќе СПЦ го нуди како решение. Но, во ова писмо, вака срочено,  такво нешто не може да се прочита, но сепак важно е да се предупреди на тоа.

„Мајка Црква“ е термин кој, вака на прва, ако се гледа низ романтичарски поглед е многу чувствителен, особено ако се тргне од позицијата што е постаро јајцето или кокошката …

Терминологијата „Мајка Црква“ нема никакво значење во суштината кога станува збор за автокефална црква. Денес, тој термин е толку ирелевантен, особено што сите современи православни цркви на еден или друг начин се повикуваат на некое наследство и возобновување на некоја историска диацеза од некоја црква. Ако реално се дефинира терминот „Мајка Црква“, тогаш тоа би требало да биде Ерусалимската Патријаршија, бидејќи се од таму почнува,  но таа црква денеска во диптихот на Православните цркви е дури на четвртото место. „Мајка Црква“ денеска, ако хиерархиски се гледа, би требало да биде Вселенската Патријаршија, особено што токму Вселенскиот Патријарх е тој што го става потписот на Томосот за автокефалност, но колку овој статус денеска го има оваа црква?

„Мајка Црква“ е термин и за онаа црква која дозволила од својата јуриздикција да се издвои друга самостојна црква. Таков пример е Охридската Архиепископија, чија „Мајка Црква“ била Константинополската патријаршија, а таа била „Мајка Црква“ на неколку цркви, меѓу нив на Пеќката Патријаршија, на Траносвка Патријаршија … Но, таа црква не постои од 1767 година, ниту пак, во таа форма во која тогаш постоеле црквите произлезени од нејзе денес постојат?

Која е „Мајка Црква“ на Српската Црква? Која е „Мајка Црква“ на Бугарската Црква, Која е „Мајка Црква“ на Грчката Црква, која е „Мајка Црква“ на Руската (некои велат Охридската Архиепископија), на Албанска, на Романската….?

Што значи, наместо губење време во задоволување на национал-романтичарски докажувања, терминологијата „Мајка Црква“ денес треба да се гледа низ призмата на онаа црква која ќе може да ја согледа и признае современата општествена реалност, ослободена од предрасуди, бидејќи овој термин „Мајка Црква“ нема никакво значење кога е во прашање автокефална црква. Се согласувам со Владиката Наум, кој неодамна напиша „Мајка Црква“ може да ни биде само онаа Црква која прва и безусловно ќе ја прифати и признае автокефалноста на МПЦ – ОА, т.е. автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.

„Мајка Црква“ е, всушност, онаа Црква, што прва ќе го признае нашиот посебен црковен идентитет (а не дека претходно не сме постоеле, па сега некој нѐ раѓа), односно тоа е Црква што прва ќе ја увиди и признае оправданоста на нашето посебно автокефално пастирско делување во рамките на нашата црковна јуриздикција, во државните граници на Република Македонија. Затоа, „Мајка Црква“ е само поетски израз на огромна и незаборавна благодарност за Црквата која би нѐ заштитувала, застапувала и претставувала пред другите помесни Православни Цркви, за нејзиниот љубовен и личносен однос кон нас“.

ЈУРИЗДИКЦИСКО ПРАВО

Има ли Бугарската црква канонско право да признае автокефалност на МПЦ?

Полагањето на правото на таквата одлука обично се влече од јуриздикцијата што некоја црква ја имала врз територијата на која се создава таа црква. Но, тоа прашање е пред се политичка одлука отколку пак, прашање засновано на канони. Ако се гледа од позиција на тоа дали МПЦ и БПЦ имаат или не разлики во учењето, дали тие цркви се на истиот православен пат, (а МПЦ во ништо не се разликува од општото православно учење, туку напротив) тогаш од канонски аспект нема никаква пречка за заедничко сослужување. Јас знам многу такви примери што владици на голем дел од православните цркви го правеле и го прават со владици на МПЦ, но тајно надвор од јавноста, што укажува на уште една потврда дека зад одлуката да не се признае МПЦ стои политика, а не некакви разлики во верското учење.

Ако објективно се гледаат состојбите во поглед на правото на полагање јуриздикција на територијата на која денес функционира МПЦ-ОА, тогаш тоа право и припаѓа на СПЦ, иако сосема јасно е како таа јуриздикција е стекната (купена од Вселенската Патријаршија за 1.5 милиони франци во 1920 година). Од друга страна пак, фактичката јуриздикција на СПЦ врз епархиите во Македонија трае само 21 година. Почетокот на Втората светска војна значи и комплетно повлекување на СПЦ од оваа територија, а епископските позиции ги пополнуваат бугарските владици се до 1943 година.  Потоа, се што се случува на оваа територија е одлука на иницијативите за создавање Македонската Православна Црква. СПЦ нема никакво влијание се до 2002 година, кога успева по долги години, своето влијание да го врати преку создавањето на паралелната црковна ерархија на Јован Вранишковски.

Враќањето назад во историјата во потрагата по јуриздикциското право врз епархиите на денешна Македонија води до Бугарската егзархија и Вселенската Патријаршија. Односно во последните 30 години на XIX  век и првите 20 години на XX век, во Македонија има една превласт за јуриздикцијата. Иако, јас не сум голем поборник за идеализирање на Егзархијата, сепак македонската историографија треба многу работи отворено да ги претстави за периодот на дејствување на Бугарската Егзархија во Македонија, која има големо влијание на овие простори.

Оваа Егзархија се раѓа како движење за возобновување на правото на служење во црквите на словенски јазик, наспроти дотогаш службата на свештеници и владици од Вселенската Патријаршија на грчки јазик и секако идеја за возобновување на Трновската Патријаршија … внимавајте Трновска, не Охридската Архиепископија.

Во првите години на создавање на оваа егзархија, (како резултата на раскол со Вселенската Патријаршија, а од 1870 со ферман на Султанот), нејзината јуриздикција не била во Македонија, но поради потребата од литургија на словенски јазик, оваа егзархија станува прифатлива за македонското население, кое на референдумското изјаснување организирано од турските власти, во над 85 % ја прифаќа оваа црковна јуриздикција, иако таа официјално тогаш е непризнаена од Вселенската Патријаршија. Во таа Егзархија владици биле и многумина кои биле по род Македонци, а живееле со идејата за возобновување на Охридската Архиепископија, како митрополит Теодосиј Гологанов и многу други.  Со текот на годините таа егзархија имала и други пропагандистички цели, но сепак за се тоа мора македонската историја отворено да пишува.

Но, што друго е важно во целата оваа приказна и зошто ја споменувам егзархијата?  Не треба да се заборави дека овој период на функционирање е во време кога Отоманската империја е тотално разнишана и пред распаѓање, истовремено на север и на исток има две кралски држави, а и една монархија на Југ, (зошто е потенцирањето на терминот монархии? Затоа што тоа политичко уредување прво што создавало е влијание преку своја црква). Во тој период формално на територија на Македонија практично има двовластие на црковно поле. По губењето на позициите на Вселенската (грчка) Патријаршија и заземањето на се поголем простор од Егзархијата (бугарска), српскиот кралски двор се обидува да го наметне своето влијание во Македонија на тој начин што бара од Вселенската Патријаршија да назначи владици по род Срби, кои на еден начин би го задоволиле македонското население со литургија на словенски јазик, а од друга страна би го ширеле своето српско политичко влијание. Тоа за прв пат се случува во 1899 година, (период од само 15 години по експанзијата на Егзархијата во Македонија) кога Вселенската Патријаршија го назначува Фирмилијан Дражиќ за митрополит Скопски, кој во тоа време е клирик на Српската Патријаршија, а не на Вселенската. Белград и Цариград имаат една цел, да го спречат влијанието на тогаш се уште непризнатата Егзархија. По него, следува уште еден митрополит, Севастијан избран 1903, па уште еден Викентије Крџа, избран 1905, кој СПЦ годинава одлучи да го прогласи како Светец, токму како жртва на Бугарската Егзархија.

КАДЕ ВОДИ ОВОЈ ПАТ?

Идејата дека признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА треба да дојде преку Бугарската Црква не е нова, ниту непозната за црковната јавност (бараме за онаа која ги следи постојано настаните). Напротив, тоа како опција постојано била разговарана и дебатирана и за волја на вистината кај многумина оценувана како добра идеја.

Меѓу погласните застапници на таа идеја беше некогашниот епископ Дремвитцки, сега Архиепископ Српски во Македонија Јован Вранишковски. Од времето кога беше активен во МПЦ отворено ја застапуваше идејата дека МПЦ треба да добие признавање од БПЦ, дури и организираше средби со бугарските владици и ги убедуваше во исправноста на тој пат (Во прилог архива).

Како и да е, овој предлог на МПЦ, сега веќе и јавен, може да резултира како еден неуспешен дипломатски обид, или историски момент кој ќе биде забележан како тектонско поместување во историјата на Православната црква.

Во моментов, според моите информации, многу поголеми се шансите БПЦ да не одговори позитивно на овој предлог на МПЦ, освен ако зад ова не стои некое друго поголемо сценарио, за кое јас не знам.

Сепак, првичните реакции кои можат да се видат покажуваат дека оваа вест во „Црковен Белград“, а особено кај нивната црковна испостава во Македонија – Јовановата ПОА предизвикала голема вознемиреност. Дека има страв, оти нешто може да се случи, покажува и набрзина лиферуваниот текст на грчкиот портал „Ромфеа.гр“ кој треба да го сврти вниманието на православната јавност и евентуално да испровоцира реакции за да се спречи позитивен исход од оваа иницијатива.

За познавачите на состојбите е сосема јасно дека овој текст на „Ромфеа.гр“ е поради блиските релации на еден од владиците на Јован со главниот уредник на сајтот (инаку, многу влијателен сајт во православниот свет).

Стравот кај ПОА лесно се чита и кај нејзините медиумски мегафони, кои во овој случај се затечени, не знаејќи кој пат да го фатат, особено што ова се случува во период на политиките на новата влада за градење добрососедски односи со Бугарија.

Реакцијата која се очекува е онаа која треба да дојде од Москва, особено што Бугарската Православна Црква, барем до сега покажуваше дека е под тотално влијание на Руската Православна Црква. Еден вид нејзин инструмент во конфликтите со Вселенската Патријаршија.

Од друга страна стравот кај „Црковен Белград“ е и поради последната одлука од Соборот на СПЦ, да покренат постапка за канонизација на Викентије Криџа, вест која предизвика остри реакции во круговите на БПЦ, дури и иницијативи пред другите православни цркви таа канонизација на СПЦ да не биде прифатена.

Реално Бугарската православна црква, тешко дека би се одлучила на ваква „хазардска игра“, ако зад ова нема поддршка од некој моќен православен центар, затоа што тоа би повлекло големи реперкусии по нејзе, што не исклучува и општа екскомуникација во православниот свет, но за тоа да се случи ќе треба консензуална одлука на сите православни цркви, што е малку веројатно дека би се случило.

Но, доколку во играта има и некој друг, тогаш позитивен исход од вакво сценарио не е невозможен. Тој веројатно би предизвикал пресметан ризик на прекин на литургиското единство со СПЦ и веројатно за почеток остра осуда од Руската црква, која сепак би се обидела оваа позиција да ја искористи за да се наметне повторно како еден нов фактор за медијаторство во состојбите во Православниот свет, во обид да спречи исто сценарио со Украинското црковно прашање.

Што може да биде позитивно, а што негативно во ваква ситуација? Самото признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА од БПЦ, без некаков продолжен ефект на други признавања би бил уште еден од во празно. Но, прифаќање на тој чекор од страна на Вселенскиот Патријарх би значело една нова реалност во Православниот Свет, за очекување е дека таа одлука може да ја следат барем уште осум православни цркви, кои во моментов имаат безрезервна поддршка кон Константинопол, на пример трета црква која би ја признала МПЦ би била Албанската Архиепископија.

Со таков расплет на настаните СПЦ исто така најверојатно ќе биде приморана да влече потези.

Иако јас малку верувам во таква опција, сепак не исклучувам можност дека во таква ситуација на хаос во православието,  СПЦ може да одлучи и да признае автокефалност на Јовановата ПОА. И тогаш …

Автор: Марјан Николовски за Религија.мк

КОЈ ДОБИВА, А КОЈ ГУБИ СО ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО?

Во првиот дел се обидовме да дадеме објективен одговор на 17 најкруцијални прашања поврзани со договорот за името. Колумната имаше голем позитивен одглас кај читателите што навистина ме радува. Притоа, резимиравме дека останатите членови од договорот од делот 2 и делот 3 кои се однесуват на интензивирање на сите видови на соработка, дипломатските односи и разрешувањето на спорови се општи и козметички и во договорот се ставени единствено за уметнички впечаток. Меѓутоа од познавачите на правото ми беше предочено дека тие членови неслучајно се вметнати во договорот со намера тој полесно да се спроведе низ собраниските органи како договор за соработка по примерот на Договорот за добрососедство со Бугарија. Ова се покажа за точно и за ова укажување сум посебно благодарен.

Изминатиов период, а верувам и во периодот што следи сè до одржувањето на неизбежниот референдум за кои очигледно  кај политичките кругови во државава постои консензус, сè почесто (ќе) се пласира тезата дека ова е добар договор затоа што двете страни се подеднакво (не)задоволни. Нашата намера во оваа колумна е да одговориме дали тоа е навистина така и која страна вистински добива, а која вистински губи со договорот?

Дали Грција губи со договорот?                    НЕ!

Грција de facto не губи ништо!

Кратко, јасно и едноставно. Сите забелешки на грчката опозиција дека е признаен македонскиот јазик, народ, идентитет и име дури и доколку се основани (а не се), не претставуваат никаква загуба за Грција, како што не претставуваа ниту изминативе 27 години од независноста на Република Македонија, ниту изминативе 74 години од прогласувањето на самостојноста на Македонија на Првото заседание на АСНОМ, ниту ако сакате изминативе 105 години од поделбата на Македонија. Како што веќе рековме во првиот дел, тие претставуваат индивидуални и колективни фундаментални слободи, самоопределување и самоидентификација пропишани со меѓународното право и не може да бидат предмет на никакво билатерално признавање. Понатаму, илузорно е да се тврди дека постоењето на македонска држава, народ и јазик со сегашната големина и капацитет претставуваат воена, национална, историска, економска или каква било друга закана за Грција. Но и во таква констелација, официјалните лица од Првата страна, на уште незасушеното мастило од потписот на договорот изјавуваат дека за нив „народот од РСМ е славомакедонски“, а јазикот е „официјален јазик на РСМ“ (изјава на Алексис Ципрас за Екатимерини, 18.6.2018 година) – нешто што никаде во договорот не е предвидено. Тоа само покажува дека дури и во ситуација на „никаква загуба“ (zero loss) за Првата страна, таа е подготвена веднаш да го прекрши договорот и тој за неа нема никакво значење.

Дали Грција добива со договорот?              ДА!

Да видиме кои се придобивките за Првата страна од овој договор?

Грција добива ексклузивитет на името „Македонија“!

За нашата земја секогаш и секаде ќе мора да се користи новото име „Северна Македонија“, додека името „Македонија“ ќе биде ексклузивитет само за Грција.

Грција добива ексклузивитет на придавката „македонски/а“ во надворешни рамки во сегашен и историски контекст!

За нашата земја во надворешни рамки во пракса најчесто ќе се користи  придавката „северномакедонски/а“, додека придавката „македонски/а“ во сегашен и историски контекст ќе биде резервирана исклучиво за Грција. На пример, терминот „македонска историја“ ќе се однесува на грчкото гледање на историјата на Македонија од антиката до денес и ќе биде единствено нејзин ексклузивитет. Таа ќе може да формира свои Македонска телевизија, Македонски театар, Македонски музеј, Македонска филхармонија, Македонска академија, Македонска банка, додека нашите институции ќе мораат да го користат описот „…на Северна Македонија“.

Грција ја добива позицијата “Erga Omnes”!

Практично Грција не отстапи од нејзината „црвена линија“ и од почетокот до крајот на преговорите ја задржа својата преговарачка позиција за промена на Уставот на Република Македонија и користење на новото име секаде, во секоја прилика и за сите намени, унилатерално, билатерално и мултилатерално (член 1, став 8).

Грција добива ништовност на пресудата од Меѓународниот суд на правдата!

Првата страна се ослободува од најтешката обврска – почитување на пресудата од Меѓународниот суд на правдата кој во 2011 година пресуди дека:

Грција противејќи се на пристапувањето на Македонија во НАТО под привремената референца ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година;

сите наводи на Грција дека Македонија ја прекршила Привремената спогодба се отфрлаат;

се очекува Грција во иднина повторно да не го повреди меѓународното право и да делува во духот на „добрата волја“ и

Македонија и натаму може да го користи своето уставно име во односите со Грција и другите билатерални и мултилатерални односи.

Грција добива легитимитет на иредентизмот кон Македонија!

Дали сте се запрашале зошто за Грција, покрај максималистичката позиција за целосна промена на името, отсекогаш во преговорите беше релативно прифатливо името „Северна Македонија“ (изјави на Никос Коѕијас, Алексис Ципрас, Јоргос Папандреу и Константинос Мицотакис за медиумите), а не и другите придавки и додавки кои циркулираа? Одговор на ова дава официјалната грчка историска доктрина за постоење на „Северна Македонија“ како интегрален дел на грчката мегали-идеја. Според оваа доктрина, Македонија „не е целосно ослободена“, односно нејзините јужни делови се ослободени во 1913 година со Балканските војни, додека „Северна Македонија“ која се протега до линијата Дебар (грч. Дивра) – Крушево (грч. Крусовос) – Прилеп (грч. Стиверра) – Неготино (грч. Антигонеа) – Струмица (грч. Астреон) – Гоце Делчев (грч. Неврокопи) сè уште не е ослободена. Иако договорот предвидува дека „страните ја потврдуваат нивната меѓусебна граница како трајна и неповредлива меѓународна граница и ниту една од страните нема да поддржуваат никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата страна“ (член 3, став 1) сепак со евентуалниот прием на „Северна Македонија“ во НАТО, Грција ќе биде таа што ќе го „чува“ нашиот воздушен простор како што од неодамна тоа го прави во Албанија и Црна Гора, а не обратно. Впрочем, вакви договори за неповредливост на границите имаше и Германија со повеќето европски држави во мугрите на Втората светска војна.

Дали Македонија губи со договорот?                                ДА!

Практично сето она што го добива Грција претставува загуба за Македонија, но и многу повеќе од тоа:

Македонија неповратно го губи своето вековно, национално, историско и уставно име!

Името „Република Македонија“ и „Македонија“ преведено и непреведено не смее да се користи  никаде во официјалната комуникација во земјата и надвор од неа (член 1, став 7). Сосема јасно и недвосмислено името „Македонија“ ќе престане да постои во контекст на нашата држава.

Македонија неповратно ја губи својата „црвената линија – Уставот не смее да се менува“!

Единствената силна преговарачка позиција  која впрочем произлегува од меѓународното право како единствен codex principalis на малите наспроти големите земји се напушта и неповратно се губи. Македонија еднаш засекогаш се поместува од својата „црвена линија“, додека Грција не.

Македонија неповратно го губи мнозинството земји во светот кои ја поддржуваат и признаваат под нејзиното вистинско име!

Имено, 138 од 195 земји во светот (71%), понатаму 16 од 29 земји-членки на НАТО (55%) и 14 од 28 земји-членки на ЕУ (50%) кои согласно меѓународното право ја признаваат Македонија под уставно име или го користат уставното име во билатералната комуникација ќе мора да престанат да го прават тоа и во иднина да го користат новото име.

Дали Македонија добива со договорот?                  НЕ!

Приврзаниците на договорот кај нас се обидуваат да докажат дека Македонија добива со договорот за името аргументирајќи дека со него Грција ни го признава јазикот, националноста и идентитетот и дека имплементирајќи го истиот по брза постапка ќе ни биде овозможен прием во НАТО и ЕУ. Ние не би можеле да се сложиме со овие аргументи затоа што сметаме дека:

1. Македонија НЕ добива признавање на јазикот и националноста од страна на Грција!

Како што веќе видовме погоре, јазикот, националноста, државјанството и идентитетот се стекнати права и чувства и НЕ СЕ и никогаш НЕ МОЖАТ да бидат предмет на уредување со билатерален договор или билатерално признавање. На светот не постои правен и политички акт што може да поништи или создаде народ, јазик, националност или идентитет туку тоа е резултат единствено на историски процес. Официјалната грчка позиција сега е и во иднина ќе биде дека тие признаваат посебен идентитет и јазик на народот на нејзината северна граница сè додека тој не е и не се нарекува македонски, што пак ќе кажеме, во меѓународното право нема никаво значење.

2. Македонија НЕ добива брз прием во НАТО и ЕУ!

Како што претходно беше објаснето, приемот во меѓународните мултилатерални и регионални организации за кој Првата страна се обврзува да не го попречува (член 2, став 1), не зависи само од Грција. Приемот на Македонија во НАТО и ЕУ може во секој момент да биде попречен од која било земја-членка. Класичен пример е случајот со Турција која преговара за членство во ЕУ веќе неколку децении без изгледи за прием во скоро време. Интересно е тоа што во последниов период, апологетите на ставот за брз прием во НАТО и ЕУ по промената на името ретерираат и сега се говори за „долг и мачен процес, полн со неизвесности“ , „отворање на вратите на Унијата не порано од 2025 година“, „да не се фокусираме на датуми“ итн. Сведоци сме дека на годинешниов Самит на НАТО оддржан во Брисел, Македонија повторно доби одложена покана (со можност за членство не порано од 2020 година), под услов целосно да го имплементира договорот за името. Како што гласи заклучокот од Самитот: „Целосно спроведување на сите интерни процедури пропишани со почитување на договорот за решавање на спорот со името е предуслов за успешно завршување на пристапниот процес.“ Нам не ни е познато како оваа одложена покана е поразлична од онаа од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година кога заклучокот беше дека: „НАТО се согласи дека Македонија иако ги исполни сите критериуми за членство ќе добие покана да се приклучи кон Алијансата откако ќе биде постигнато прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН.“

3. Македонија НЕ добива гаранција за почитување на договорот од страна на Грција!

Со договорот, Првата страна се обврзува дека нема да приговара на апликациите за членство на Втората страна под името „Северна Македонија“ во мултилатерални и регионални организации и институции во кои таа е член (член 2, став 1). Ова de facto не претставува никаква отстапка од страна на Грција и не претставува никаква придобивка за Македонија од причина што овој член е скоро идентичен со членот 11 од Привремената спогодба со кој Првата страна се обврза да не приговара на апликациите за членство на Втората страна под референцата „бивша југословенска република Македонија“. Привремената спогодба беше прекршена од страна на Грција токму во членот 11 за што беше добиена пресуда од Меѓународниот суд на правдата која Грција de jure мораше да ја спроведе. Дали и колку таа беше спроведена знаеме сите. Според тоа, не постојат никакви гаранции дека откако ќе се извршат уставните измени кај Втората страна, односно Македонија неповратно ќе го смени името, Првата страна ќе го ратификува Договорот (член 1, став 4, алинеи е и ф). Уште сега постојат најави дека мнозинството во грчкиот парламент ќе гласа против ратификација (изјава на Кирјакос Мицотакис за медиумите).

4. Името „Република Северна Македонија“ НЕ претставува замена за референцата од Привремената спогодба од 1995 година!

Погрешно е толкувањето дека овој акт претставува само проста промена на референцата. Ако е тоа така тогаш бранителите на овој став треба да одговорат на прашањето: Зошто тогаш е потребна промена на Уставот и зошто едноставно не се направи анекс на Привремената спогодба со кој референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ ќе се замени со нова референца „Република Северна Македонија“?

Во економската наука постои една многу едноставна стратегиска техника за планирање и  утврдување на тоа дали една одлука е добра или не и дали таа треба воопшто да се реализира. Таа техника се вика SWOT анализа и економистите добро ја познаваат. Нејзиниот назив доаѓа од англискиот јазик и претставува акроним од зборовите Strengths (силни страни), Weaknesses (слаби страни), Opportunities (можности) и Threats (закани). Методолошкиот пристап на оваа анализа пропишува изработка на табела во која прегледно се вметнуваат секој од  соодветните параметри. За потребите на оваа колумна изработивме SWOT анализа на договорот за името и ги добивме следните резултати:

Силни страни (2)

Не се менува името на македонскиот јазик

Не се менува кодот МК и МКД во сите случаи, освен кај сообраќајот

Можности (2)

Потенцијално членство во НАТО

Потенцијално членство во ЕУ

Слаби страни (8)

Асиметричност на договорот

Промена на уставното име и користење на новото “erga omnes”

Промена на националноста и идентитетот

Промена на кодот МК во сообраќајот

Промена на називите на институциите

Користење на новото име во комерцијална употреба (губење на економската препознатливост)

Откажување од грижата за македонското национално малцинство

Откажување од симболиката и топонимијата поврзана со егејскиот дел на Македонија

Закани (9)

Исчезнување на македонскиот национален идентитет

Губење на ексклузивноста на името

Буџетски импликации кај институциите заради промената на името

Финансиски импликации кај граѓаните заради промената на личните документи

Промена на историската доктрина за македонската држава, народ и нација

Ништовност на пресудата на Меѓународниот суд на правдата

Легитимитет на иредентизмот на Грција кон Македонија

Губење на поддршката од мнозинството земји кои не признаваат под уставно име

Нема гаранција за почитување на договорот од страна на Грција

Резултатите од изработката на SWOT анализата се толкуваат на следниов начин: Доколку збирот на првиот и вториот ред е поголем од збирот на третиот и четвртиот ред се носи позитивна одлука. Доколку збирот е еднаков или приближно еднаков се препорачува изработка на дополнителни истражувања и анализи за донесување на конечна одлука. Доколку збирот на првиот и вториот ред е драстично помал од збирот на третиот и четвртиот ред одлуката би требало да биде категорично негативна.

Сега ве молам да одвоите време за малку математика која ќе ви помогне да донесете ваш суд во однос на овој договор.

Автор: д-р Горан Ковачев

17 ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ ВО ВРСКА СО ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО

Во периодот по објавувањето на „Конечниот договор за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратегиско партнерство меѓу страните“ како што е официјалниот и целосен назив на договорот за името, се отворија многу прашања, дилеми и забуни околу истиот. Без да навлегувам во правните недоследности на овој договор, за кој веќе се произнесоа или допрва треба да се произнесат експертите од областа на меѓународното право, чувствувам потреба да се одговори на 17 најпоставувани прашања, со цел да се појасни содржината и суштината на договорот.

1. Дали договорот е симетричен?   НЕ!

Во преамбулата на договорот, Хеленската Република (официјалната самоидентификација на Грција-право кое никој не може и не смее да ѝ го скрати) е наведена како „Прва страна“, додека како друга страна во договорот е наведена само „Втората страна“. Нема никаква индиција за која земја станува збор, освен што се повикува на референцата која ние не ја прифаќаме од Резолуцијата на ОН бр. 47/225 од 8 Април 1993 година. Тоа претставува грубо кршење на меѓународното, договорното и облигационото право и омаловажување на една од договорните страни.

За асиметричноста на договорот говори и фактот што со него Грција поединечно презема само 7 обврски, а Македонија поединечно дури 24.

2. Дали Република Македонија ќе мора да го смени своето име?   ДА!

Република Македонија еднострано, неповратно и трајно ќе мора да го смени своето име во „Република Северна Македонија“, скратено: „Северна Македонија“ преку промена на Уставот со амандман и новото име ќе мора да го користи секаде и во секоја прилика, т.н. “erga omnes” (член 1, став 3, алинеја а и г, став 8). Еднострано, затоа што тоа го прави без да побара некаков реципроцитет од Првата страна, а неповратно и трајно, затоа што кога еднаш веќе ќе се промени Уставот (член 1, став 12), понатаму е многу тешко (скоро невозможно) да се издејствува враќање во сегашната состојба, поради Бадинтеровото мнозинство потребно за негова повторна промена.

3. Дали ќе се смени националноста „Македонец“?   ДА!

Досегашниот назив за националноста „Македонец“ со договорот добива дополнителен описен дел „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“ (член 1, став 3, алинеја б). Притоа, со интерпукцискиот знак „/“ не е јасно дали терминот ќе се користи секогаш заедно и сврзано или секој ќе има право да избере еден од термините „Македонец“ или „граѓанин на Република Северна Македонија“? Со оглед на тоа што е предвидено оваа кованица да биде запишана во пасошите, а на насловната страница од пасошот кој е единствен документ за легитимација на носителот и државата надвор од државните граници ќе стои името Република Северна Македонија (анг. Republic of North Macedonia), во пракса многу е извесно дека на билатерално и мултилатерално ниво ќе се користи само називот „граѓанин на Република Северна Македонија“ (анг. citizen of RNM) или едноставно: „Северномакедонец“ (анг. Northmacedonian или North Macedonian). Впрочем, сведоци сме дека од неодамна некои светски познати медиуми  и институции „пробно“ веќе почнаа да го користат називот Northmacedonian за националноста исто како и нашите „драги пријатели“ потписници на овој договор од Првата страна.

Како доказ за ова би набројал и неколку примери: Ирците во Северна Ирска самите себе си се нарекуваат Ирци (анг. Irish), но за целиот свет се Северноирци (анг. Northern Irish). Бурите од Јужна Африка самите себе си се нарекуваат Африканци (afr. Afrikaaner), но сите ги знаат како Јужноафриканци (анг. South Africans). Корејците од ДНР Кореја се Корејци, но дали сте слушнале некој да им се обрати поинаку од Севернокорејци (анг. North Кoreans)?

Исто така, со договорот се предвидува дека за Македонците во Втората страна терминот „Македонец“ како етничко чувство/идентитет треба да остане (член 7, став 3), но понатаму договорот предвидува дека секој што ќе се нарече „Македонец“ на територијата на Првата страна (и во целиот свет со исклучок на територијата на Втората страна, заб. авт.), тој е припадник на грчката област, цивилизација, историја, култура и наследство од антиката до денес  (член 7, став 2). Со ова практично, за целиот свет терминот „Македонец“ ќе се однесува на лицата кои се идентификуваат како такви во Грција, додека за лицата кои се идентификуваат како такви во Македонија интерно ќе се користи терминот „Македонец“, но надвор од државата ќе се користи терминот „граѓанин на РСМ“ или колоквијално „Северномакедонец“ како што веќе објаснивме погоре. Или ние внатре во себе и во границите на нашата држава ќе си бидеме Македонци, ама за светот ќе бидеме Северномакедонци.

Дополнително, со овој член Македонците кои живеат на територијата на Грција целосно го губат својот идентитет. Сега, доколку тие се наречат „Македонци“ тоа ќе значи дека припаѓаат на грчкиот народ, а ние со тоа целосно се откажуваме од правото да го користиме терминот „Македонец“ за припадниците на македонското национално малцинство во Грција.

Како капак на сè, Втората страна се обврзува на промена (или бришење, заб. авт.) на член 49 од Преамбулата на Уставот кој се однесува на грижата за припадниците на македонскиот народ во соседните земји и иселениците (член 1, став 12)!

Ова е решение без преседан во меѓународното право!

4. Дали ќе се смени името на македонскиот јазик?   НЕ!

Македонскиот јазик останува официјален јазик на државата како што е признат во ОН (член 1, став 3, алинеја ц). Меѓутоа, несфатлива е потребата да се потенцира дека „Втората страна признава дека официјалниот јазик на државата спаѓа во групата на јужнословенски јазици и не е поврзан со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство“ (член 7, став 4), освен желбата да се задоволи хирот на Првата страна!? Ниту еден договор не смее да има сила врз научната мисла. Што ако во иднина како резултат на научните истражувања се дојде до некоја друга класификација на јазиците? Што со историските, лингвистичките, антрополошките теории кои тврдат поинаку?

5. Дали ќе мора да се сменат МК и МКD кодовите?   ДЕЛУМНО!

Промената ќе настане кај регистерските таблички на возилата при што новиот автознак ќе биде NM или NMK (член 1, став 3, алинеја e). Ова е уште една несфатлива отстапка на еднаш веќе стекнато право. Претпоставувам дека за ова нашите преговарачи самоиницијативно покажале добра волја како кон Првата страна, така и кон нашите сограѓани кои својот патриотизам го покажуват на начин што го покриваат автознакот МК на своите регистерски таблички дури и сега кога тоа никој од нив не го бара. Ваквиот вид на автоцензура и автодеструкција од невиден размер ме наведува да верувам дека новиот автознак сепак ќе биде NM, затоа што NMK може дополнително да „изиритира“ некого.

Во останатите случаи остануваат кодовите МК и МКD, на пример кај домејнот .мк, за спортските натпревари МКD итн.

6. Дали државните органи и институции во јавна сопственост ќе мораат да ги менуваат своите називи?   ДА!

Сите ентитети кои се органи на државата, се во државна сопственост или на кој било начин се финансирани од страна на државата ќе мораат да го сменат својот назив (член 1, став 3, алинеја ф). Така, следниве ентитети најверојатно ќе се викаат: Радио-телевизија на РСМ, Академија на науките и уметностите на РСМ, Филхармонија на РСМ, Народен театар на РСМ, Народна банка на РСМ, Банка за поддршка на развојот на РСМ, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ, Музеј на РСМ итн. Не е јасно дали и невладините организации, граѓанските здруженија, партиите и сите останати кои добиваат средства од државниот буџет ќе мораат да го менуваат својот назив во духот на договорот? Во секој случај, оваа промена ќе предизвика огромни финансиски импликации врз државата.

Приватните лица и ентитети се исклучени од оваа обврска.

7. Дали ќе мора да се менуваат имињата на топонимите кои содржат придавка „македонски“?   НЕ!

Сите топоними во Втората страна до моментот на случување на договорот остануваат исти (член 1, став 3, алинеја ф), на пример: Македонска Каменица, Македонски Брод  итн.

8. Дали ќе мора да се менуваат личните документи?   ДА!

Сите официјални документи кои циркулираат во меѓународната употреба (пасоши, возачки дозволи, меморандуми, царински документи) ќе мораат да се променат во рок од 5 години (технички транзициски период), додека оние што циркулираат во внатрешната употреба (лични карти, изводи, државјанства) ќе се менуваат паралелно со отворање на соодветните преговарачки поглавја за членство во ЕУ (политички транзициски период). Тоа значи дека сите граѓани кои имаат пасоши и возачки дозволи со рок на важност подолг од 5 години ќе бидат подложени на дополнителни трошоци за замена.

9. Дали новото име ќе мора да се користи во комерцијалната употреба?   ДА!

Со договорот им се препорачува на субјектите во комерцијалната употреба да го користат новото име во духот на договорот. Предвидено е во 2019 година да се формира меѓународна експертска група со експерти од двете страни, ЕУ и ООН која во рок од 3 години ќе ги разгледа прашањата во врска со комерцијалната употреба на постоечкото и „новото“ име (член 1, став 3, алинеја х). Извесно е дека Првата страна ќе инсистира, а експертите од ЕУ и ОН ќе прифатат дека „сега“ новото име е „Северна Македонија“ и истото мора да се користи во комерцијалната употреба. Поради нашата слаба преговарачка позиција и економска зависност „препораката“ најверојатно ќе биде прифатена така што нашите деловни ентитети би требало да се подготват за користење на ознаката за земја на потекло “Made in RNM”, трговската марка “Northmacedonian product“, „Северномакедонско поднебје“, додека Првата страна ќе добие ексклузивно право на користење на ознаката за земја на потекло “Made in Macedonia, Greece, EU”,  трговската марка “Macedonian product” итн.

10. Дали ќе мора да се смени нашата официјална историска доктрина?   ДА!

Нашата историска доктрина заснована на континуитетот на македонската држава и народ со античка Македонија и античките Македонци, изградбата на националниот и културниот идентитет во времето на Источното Римско Царство, македонскиот карактер на востанијата против Османлиската Империја во Егејскиот дел на Македонија, поделбата на Македонија во Балканските војни, Граѓанската војна во Грција ќе треба да претрпи промена во духот на овој договор (член 7, став 2). За таа цел, ќе мора да се сменат мапите, учебниците, атласите и другите технички помагала (член 8, став 5) што дополнително ќе ја оптовари државната каса.

11. Дали ќе мораме да ги рушиме спомениците од античката македонска историја?   НЕ!

Меѓутоа, се прифаќа обврска во рок од 6 месеци да се преземат корективни дејствија со цел да се означи дека истите упатуваат на античката елинска историја и цивилизација и претствуваат составен дел на историското или културното наследство на Првата страна (член 8, став 2). Се поставува прашањето: „Кој ќе утврдува кои споменици го исполнуваат овој услов или не?“

Имено, т.н. „елински“ карактер на Македонија, како што некои сакаат да го претстават и како што го прифаќаат потписниците на овој договор не е апсолутен научен факт туку доминантна историска теорија од почетокот на 19 до средината на 20 век. Како научна хипотеза, тоа не значи дека е таа точна ами е подложна на научен предизвик. Така, во втората половина од 20 век, со проучување на новооткриените историски извори на современиците од античкиот период (Демостен, Аријан, Плутарх), сè повеќе доминира теоријата за посебниот, неелински карактер на античка Македонија и античките Македонци (Eugene Borza, Ernst Badian, Nicholas Hammond и други). Сетете се само колку „научни факти“ од минатото биле побиени или оспорени со текот на времето и развојот на научната мисла (геоцентричниот систем, атомот како најситна честичка, теоријата на релативитетот, потеклото на човекот и слично).  Повторувам, никаков договор не смее да има монопол врз научната мисла!

Патем, се поставува прашањето зошто еден договор што ни се „продава“ како билет за иднината е максимално обременет со историска семантика и тоа исклучиво во полза на Првата страна?!

12. Дали ќе смееме да го употребуваме симболот на Сонцето од Кутлеш?   НЕ!

Повторно се прифаќа обврска во рок од 6 месеци од влегувањето во сила на договорот да се отстрани Сонцето од Кутлеш од сите јавни места и јавна употреба кај Втората страна (член 8, став 3). Со тоа ќе мора да се реконструираат плоштадите во Виница, Битола, влезот на ТЦ Буњаковец во Скопје, а на секаков начин ќе се обесхрабрува и приватната употреба на симболот на митинзи, спортски натпревари и приватни субјекти и објекти. Како ќе изгледа тоа „обесхрабрување“ – останува да видиме!

Интересно е што во овој став е направен и еден синтаксички превид на начин што се користи формулацијата „симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме“. Знаеме дека знамето на државата Република Македонија од  осамостојувањето на 8.9.1991 година па сè до 11.8.1992 година беше со симболот „црвена петокрака ѕвезда со жолт раб“. Така, не е познато дали и овој симбол ќе мора да се отстранува од јавните места и јавна употреба?!

13. Дали ќе смееме да ги употребуваме македонските топоними за местата во Егејскиот дел на Македонија?   ДЕЛУМНО!

Двете страни се обврзуваат дека согласно препораките од ОН за стандардизација на географските имиња ќе даваат приоритет на ендонимите (домашните) во однос на егзонимите (странските) топоними (член 8, став 5). Според тоа, за очекување е дека кај нас во духот на договорот ќе се дава приоритет на користење на грчките ендоними во официјалната комуникација (сообраќај, медиуми, образование, деловно работење). Во сите овие области Солун ќе стане Тесалоники, Лерин-Флорина, Воден-Едесса, Кукуш-Килкис, Мачуково-Евзони, Негочани-Ники, Баница-Кариес, Кутлеш-Вергина, Сехово-Идомени…Впрочем, бевме сведоци дека ретко кој домашен медиум го користеше македонскиот топоним за Нивици (грч. Псеридес), за местото на потпишување на договорот.

За приватните субјекти не постои забрана за користење на македонската топонимија, а веројатно истата ќе се задржи и во историски контекст.

14. Дали ќе бидеме примени во НАТО?   МОЖЕБИ!

Со Декларацијата од Самитот на НАТО во Букурешт (2008 г.) кога од страна на Грција беше прекршена Привремената спогодба и беше вложено вето на членството на Македонија во НАТО јасно беше ставено до знаење дека „Република Македонија ги исполни демократските, економските и одбранбените стандарди на НАТО преку своето ригорозно учество во Акцискиот план за членство.“ Со тоа, НАТО потврди дека сме ги исполниле СИТЕ услови за прием во Организацијата.

За жал, влезот на Македонија во НАТО не зависи само од исполнување на условите туку и од добрата волја на сите земјите-членки на НАТО, односно приемот е возможен единствено со консензус. Тоа значи дека во секој момент некоја друга земја-членка (за тоа како што следиме веќе има некои најави) може да го блокира приемот на Македонија во НАТО, како што тоа веќе го (на)прави Грција.

На крај, Првата страна се обврзува дека ќе ги ратификува договорот за името и договорот за прием во НАТО само откако Втората страна ќе ги реализира уставните измени до крајот на 2018 година, т.е. ќе го смени името (член 1, став 4, алинеи е и ф). Меѓутоа, не постои никава гаранција дека Грција ќе ја почитува оваа обврска. Практично (и многу веројатно) може да се случи Македонија да го смени името, а грчкиот парламент да не го ратификува договорот за името (за што исто така веќе има сериозни најави), а со тоа автоматски да не го ратификува и договорот за членство во НАТО! Што ќе се случи понатаму е веќе одговорено кај прашањето број 1.

15. Дали ако бидеме примени во НАТО ќе бидеме побезбедна и постабилна држава?   ДЕЛУМНО!

НАТО пактот е дизајниран да биде гарант на надворешната стабилност на земјите-членки. Земајќи предвид дека Македонија е членка на програмата за соработка на НАТО „Партнерство за мир“, окружена е со три земји-членки на НАТО, една земја-протекторат на НАТО и една земја-член на истата програма, на 5/6 од нашата граница има војска на НАТО и од 2008 година има потпишано Декларација за стратегиско партнерство и соработка со САД со која најмоќната држава на светот ја гарантира безбедноста на Македонија, за Македонија НЕ постои надворешна воена опасност од трета страна.

НАТО пактот НЕ ја гарантира внатрешната стабилност на земјите-членки и истата ја третира како внатрешно прашање. Сетете се само дека освен општите политички повици, НАТО не реагираше при внатрешните проблеми кај некои од земјите-членки (обидот за пуч во Турција, уставната криза во Белгија, референдумот во Шкотска, немирите во Каталонија, кризата во Северна Ирска итн.)

Исто така, НАТО е декларативно неутрален при појава на недоразбирања помеѓу самите земји-членки. Сведоци сме на споровите (некои од нив дури на граница на воен судир) помеѓу Грција и Турција за островите во Егејското Море, Хрватска и Словенија за Пиранскиот Залив, Грција и Албанија за морската граница, Шпанија и Велика Британија за Гибралтар, Велика Британија и Ирска за Северна Ирска, мигрантската криза итн.

Во секој случај безбедноста и стабилноста најмногу зависат од внатрешното општествено уредување и пристапот кон решавање на проблемите.

16. Дали ќе бидеме примени во Европската унија?   МОЖЕБИ!

Одговорот е ист како и за 14 прашање. Не постои поголем доказ за ова тврдење од она што се случи на состанокот на Советот на министри на ЕУ одржан на 26.7.2018 година. И покрај сите силни ветувања дека ако веднаш се потпише и ратификува договорот, на „Северна Македонија“ автоматски ќе ѝ се додели датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, тоа не се случи токму поради немањето на внатрешен консензус во рамките на самата Унија по ова прашање. Македонија доби ново ветување завиткано во дипломатска обланда дека: „се отвора патот за старт на преговори со ЕУ во јуни 2019 година, но само ако се исполни целосно договорот за името, се спроведат итните реформски приоритети и се добие нов позитивен извештај од ЕК, како и одлука на советот на ЕУ“ или народски кажано, здравје Боже идната година ова време ако биде умна можеби ќе добие датум за почеток на преговорите. Оваа семантика ја слушаме веќе 13 години, а најверојатно ќе ја слушаме уште најмалку толку!

17. Дали ова е добар договор?   НЕ!

Овој договор е многу полош од Привремената спогодба онаква каква што е со сите свои маани и недостатоци. Со Привремената спогодба никогаш не беше прифатена референцата ниту каква било промена на уставното име или придавките и секогаш се повикуваме на принципот на самоопределување и самоидентификување согласно меѓународното право. Привремената спогодба е како да добиете прекар (референца) од другарите во маалото кој вам баш и не ви е по волја (не го прифаќате) и иако сите на шега ве викаат така вие сепак  си имате сопствено име и презиме (идентитет) кое е запишано во вашиот извод, со гордост го носите и го користите секаде, секогаш и во секаква ситуација. Со овој договор ние сами се прекрстуваме и прекарот ни станува име и презиме за идентификација. На тој начин, со еден „стокхолмски синдром“ им помагаме на ОН да се ослободат од понтијпилатовската одговорност за преседанот што го направија со Привремената спогодба и „да си ги измијат рацете“ од целиот случај.

Понатаму, не е предвидена никаква излезна стратегија за тоа, што доколку ние го испочитуваме договорот и го смениме името преку промена на Уставот, а Грција одлучи да не го испочитува и не го ратификува истиот? Како ќе се врати стариот (сегашен) Устав? Преземена е обврска за промена на името со промена на Уставот најдоцна до крајот на 2018 година, но не е предвидена точна временска рамка за ратификација на договорот од Првата страна, односно во договорот стои обврска „веднаш“ (член 1, став 4, алинеја ф). Кога е тоа „веднаш“? „Веднаш“ е многу растеглива категорија во правото и политиката посебно доколку не е предвидена точна временска динамика!

Исто така, сите документи на кои се повикува преамбулата на договорот (Хелсиншкиот финален акт од 1975 година, Резолуцијата на ГС на ОН бр. 47/225 од 8.4.1993 година, Резолуцијата на СБ на ОН бр. 817/1993 и 845/1993, Актите на ОБСЕ, Повелбата на ОН, меѓународното право), а кои се однесуваат на правото на самоопределување, демократија, почитување на човечките права, фундаментални слободи и дигнитет, немешањето во внатрешните работи, неотуѓивост и владеење на правото со овој Договор се прекршени.

Останатите членови од договорот опфатени со деловите 2 и 3 кои се однесуваат на интензивирање на сите видови на соработка, дипломатските односи и разрешувањето на спорови се општи и козметички и се ставени единствено за уметнички впечаток.

Резиме:

1.Дали договорот е симетричен?   НЕ    

2. Дали Република Македонија ќе мора да го смени своето име? ДА     

3. Дали ќе се смени националноста „Македонец“? ДА    

4. Дали ќе се смени името на македонскиот јазик?   НЕ    

5. Дали ќе мора да се сменат МК и МКD кодовите?   ДЕЛУМНО  

6. Дали државните органи и институции во јавна сопственост ќе мораат да ги менуваат своите називи? ДА    

7. Дали ќе мора да се менуваат имињата на топонимите во државата кои содржат придавка „македонски“?   НЕ    

8. Дали ќе мора да се менуваат личните документи? ДА    

9. Дали новото име ќе мора да се користи во комерцијалната употреба? ДА    

10. Дали ќе мора да се смени нашата официјална историска доктрина? ДА    

11. Дали ќе мораме да ги рушиме спомениците од античката македонска историја?   НЕ    

12. Дали ќе смееме да го употребуваме симболот на Сонцето од Кутлеш?   НЕ    

13. Дали ќе смееме да ги употребуваме македонските топоними за местата во Егејскиот дел на Македонија?   ДЕЛУМНО  

14. Дали ќе бидеме примени во НАТО?   МОЖЕБИ   

15. Дали ако бидеме примени во НАТО ќе бидеме побезбедна и постабилна држава?    ДЕЛУМНО  

16. Дали ќе бидеме примени во ЕУ?   МОЖЕБИ   

17. Дали ова е добар договор?   НЕ  

Автор: д-р Горан Ковачев

ВИДЕО: Кога Заев се обиде да се расплаче сред емисија!

Овој пат место подолг текст во форма на колумна, ќе ви се обратам со кратка пишана форма и видео запис од вчерашното гостување на премиерот Заев на Канал5, во „Само вистина“. Да, името на емисијата и Заев во неа се парадокс, но што е тука е. 

Прво, новинарката. Барем така и е звањето на жената. Единаесет години власт на Груевски ВМРО ДПМНЕ, мислев дека видов се од страна на контролирани медиуми и вљубени новинари, но сум грешел. Женава децата да можеше да му ги даде вчера на премиерот, ќе му ги дадеше. Го гледаше ко мајка син на свадба. Љубов и тага во ист момент. Тага за тешкиот живот на своето чедо, исполента со љубов и гордост за неговото дело. Едно прашање не смееше да му постави. Дури и кога ќе се обидеше, мораше да се вади со.. „може јас не сум разбрала“! Па кога зема да најавува дека Заев ќе соопшти ексклузивна „вест“ во нејзината емисија, па тоа икс масичка, па поезија... А од каде знаела? Да не биле договорени прашањата? Ок, доста за неа. Тетката е за жалење. 

Карши неа премиерот. Нему не му беа доволни незјините комплименти, па мораше сам да си кажува дека е едноставен човек. Човек од збор. Се му е во Македонија. Многу си ја сака државата. Тој бил небитен, само Македонија била важна... Чудно не спомна ништо за предците и неговите деца. Овој пат не се заколна дека не е роден политичар што ќе го смени уставното име (новинарката секако тоа не го спомна). Но, затоа реши да ни покаже една поинаква страна на Заев. Емотивна! Проба човекот и да се расплаче. Дури спомна и солзи, па ја смени фацата и.... НЕ, не му успеа! Водителката чекаше, се надеваше дека ќе пушти солза, па и таа во хор да му се придружи, но солзите заглавија некаде зад очите...  А ќе беше голем чин. Заев расплакан од промената на името, која тој ја договори! Расплакан од промената на историјата, која тој ја договори. Од откажувањето од Античките Македонци и АСНОМ, а тој ги брише. Од откажување на малцинството во Грција (и секаде каде има Македонци), а тој го потпиша тоа. Мачно било, тешко.... 

Во 27 години македонска држава, се сеќавам само на еден македонски политичар како плаче. Киро Глигоров, кога зборуваше за привременото име и какви се притисоци имала Македонија во тој момент. Разликата е во тоа што на поранешниот пртседател навистина му беше криво и плачеше откако кариерата му заврши, а Заев сакаше да плаче за да добие симпатии. Сакаше со солзи да го придобие народот за да помине промената на Уставот, историјата и името! ПАЦИЕНТ! 

Емотивниот дел од видеото, започнува на 14:00 од емисијата. Пред да го погледнете, земете палома. За секој случај!

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Популарно