(ВИДЕО) Скандал „Македонија“: Кривична за Мими Ѓоргоска-Илиевска, ги пречекорила овластувањата, државата е оштетена со 68.000.000 денари

За кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска, заработи кривична пријава од Управата за финансиска полиција. Пријавата е поднесена во консултација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое констатирало дека во периодот од 26.10.2016 до 18.9.2017 година Илиевска со пречекорување на своето службено овластување склучила анекс-договор, со кој извршила промена на условите на основниот договор за финансирање на проектот – играната серија „Македонија“, во вредност од 283.000.000 денари, при што го намалила бројот на епизоди од 130 на 80, без притоа да изврши намалување на цената. Со тоа ја зголемила вредноста на проектот 62 отсто, односно 109.000.000 денари во корист на Винко Грубишиќ, продуцент на „Јадран филм“ и државјанин на Хрватска.

Ова беше објавено на денешната прес-конференција во Управата за финансиска полиција, која подолго време го истражува скандалозниот проект кој од државата можеше да одлее 4,2 милиони евра. Директорот на Управата за финансиска полиција рече дека во соработка со хрватските колеги се расчистува и одливот на парите во фирмите во Хрватска, каде што завршиле најголем дел од средствата, за каква намена се користени и со каква дејност овие фирми се занимаваат. Досега е констатирано дека 3 од фирмите каде што се префрлени парите се во стечајна постапка.

Спротивно од член 4, став 1 и став 5 од основниот договор, со кој е предвидена динамиката на исплата да се врши до најмногу 20 отсто од паричните средства за развој и подготовка на производство на проектот за играната серија „Македонија“, Илиевска склучила анекс-договор и доделила парични средства во износ од 80 отсто од вкупниот износ од 85.000.000 денари за првата сезона и донела решение и исплатила 68.000.000 денари. Притоа таа не вршела континуирана контрола, надзор на наменското трошење на исплатените средства и не водела сметка за динамиката на исполнување на обврските, односно снимањето на серијата, без осигурување на исплатените средства, со што им овозможила на Грубишиќ и на „Јадран филм“ да се стекнат со противправна имотна корист на штета на буџетот за износ од 68.000.000 денари.

Што се однесува до „Јадран филм“, спротивно на член 37 од Законот за филмската дејност, иако имале обврска 65 отсто од доделените средства наменски да ги потрошат во Македонија, во три наврати извршиле откуп на девизни средства за износ од 34.428.357 денари и ги префрлиле на фирми во Хрватска и САД, како и на сметката на „Јадран филм“, „Продакшн сервис“ ДОО Загреб, кој е оновач на „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје.

Со избегнување на следењето и трошењето на паричните средства и обезбедувањето услови за транспарентност и пристапност на парични средства доделени на „Јадран филм“, Грубишиќ без никаков надзор од Илиевска од наменската банкарска сметка 7085605-7191000010 на „Јадран филм“ – Скопје, депонент на Шпаркасе банка од Скопје, во повеќе наврати во неколку правни субјекти во странство префрлил износ од 34.428.357 денари, што претставува повеќе од 50 отсто од вкупно примените парични средства наменети за финансирање на проектот, што е спротивно на член 37 од Законот за филмот.

Конечно, во согласност со анекс-договорот 08-62/13 од 14.6.2017 година, поранешната директорка Илиевска му овозможила продолжување на рокот за завршување на првата сезона заклучно со 4.9.2017 година, меѓутоа и по истекот на овој рок, нема исполнување на обврските, образложува Управата за финансиско работење.

ДУИ го турка законот за јазици: До Нова Година Македонија двојазична

Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија пред полноќ ја завршија амандманската расправа за Предлог законот за употреба на јазиците. Во Комисијата за европски прашања не се гласаше за ниту еден од 90 поднесени амандмани.

Во соопштение од Комисијата се наведува дека согласно член 171-в став 1 од Деловникот на Собранието, Комисијата не успеа да се произнесе по првиот амандаман.

Во согласност со Деловникот, како што се посочува, Комисијата за европски прашања не водеше претрес и по останатите поднесени амандмани бидејќи беше истечен рокот од најмногу три работни дена за водење на претресот по амандманите. Седницата е затворена без да биде прифатен ниту еден од 90 поднесени од кои 84 од ВМРО-ДПМНЕ, четири од СДСМ и два од Беса. Законот е проследен до Собранието.

Продолжението на седницата вчера помина во долги реплики на пратениците од ДУИ, кои го образложуваа и го читаа законот. На расправата, како што најавија, не присуствуваа пратениците од Беса и ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Комисијата Артан Груби во изјава за медиумите вчера рече дека тој не може да ги ограничи пратениците во должината на нивните говори и ги отфрли тврдењата дека ова е еден вид блокада за да се спречи расправа за амандамните поднесени од Беса, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ, како што рече, не поддржува промена на текстот на законот, кој е производ на политички компромис помеѓу коалициските партнери.

Американската амбасада побара идеја за почист воздух во Скопје - Руската го реши проблемот!

Загаденоста на воздухот во Скопје која деновиве ги проби сите светски рекорди, предизвика и доза на загриженост кај Американската амбасада која преку официјалниот Твитер профил побара предлози за решение на проблемот.

Промтно реагираше и амбасадата на Руската Федерација која на повикот на амбасадата на САД во земјава за давање предлози за решавање на проблемот со загадувањето, предложи долгорочно и одржливо решение.

„Бидејќи нашите пријатели од Амбасадата на САД бараат идеи за загадувањето на воздухот во Скопје, би сакале да им го предложиме следново решение" – стои во натписот на официјалниот твитер профил на Руската амбасада во земјава, на која се гледа скица од планираниот гасовод „Турски Тек" кој според првичните планови треба да поминува низ Македонија

Oд пратеник – генерален директор, од министер – пратеник

Од пратеник – генерален директор, од  министер – пратеник. Двајца функционери од власта денеска направија рокади со функциите, информира Телма.

Васко Ковачевски од СДСМ, го напушти пратеничкото место за позицијата генерален директор во РЕК Битола. Неговото место ќе го земе Самка Ибраимовски, кој се откажа од функцијата министер без ресор, за да стане пратеник. Но, дали е тоа чекор напред или чекор назад?

Ковачевски вели дека,  новата функција ќе му биде предизвик. Навести поголеми промени во владиниот состав.

Пратеникот Артан Груби, денеска кусо одговори дека преговорите за новите министри завршиле.

Досегашниот министер тврди дека рокадата не ја прави под притисок  да ослободи место за коалиционите партнери. Вели дека не му е важна функцијата. Ги остварил програмските цели за 2018 година и го зголемил буџетот на министерството за 10 милиони денари.

Ибраимовски не го откри името на неговиот наследник, за кој рече дека е правник по струка со долгогодишно искуство.

Се уште е неизвесно дали Алијанса за Албанците ќе го задржи министерското место во Здравство, се очекува да биде избран и заменик министер за образование, а и од БЕСА, би размислиле да и се приклучат на власта иако тврдат дека засега немаат таква понуда.

Оставките на Ковачевски и на Стево Пендаровски, кој замина на позицијата Национален координарот за НАТО, ќе бидат потврдени на утрешната собраниска седница.

На истата седница, свечена заклетва ќе дадат и нивните наследници, Самка Ибраимовски и Далибор Богдановски.

Популарно