Вонреден надзор во депонијата Дрисла, не е утврдена радијација

Државниот инспекторат за животна средина денеска извршил вонреден инспекциски надзор на депонијата за комунален отпад Дрисла. Утврдено е дека се почитува решението за неработење на инцелераторот (специјална печка за согорување медицински отпад) во денови кога има надминување на прагот на алармирање. Од 1 јанаури 2018 година до денеска инцелераторот не е во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери.

Ова на денешната средба со медиумите го соопшти заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. Тој соопшти дека во тек е набавка на воден филтер за постоечкиот инцелератор, кој ќе биде инсталиран во следниот период.

Од менаџментот е добиена информација дека сите потребни процедури и документи/дозволи за набавка на нов инцелератор се завршени и согласно склучениот договор се очекува опремата да пристигне до средината на април, а потоа во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа. Намената на инцелераторот би била освен согорување на медицинскиот отпад и производство на електрична енергија. Се очекува пробната работа да почне во текот на јуни годинава.

Макрадули информира дека Дирекцијата за радијациска сигурност направила инспекциски надзор во Дрисла и додаде оти таму не е утврдена радијација. Тврди дека од 2013 до 2017 година во Македонија не е  влезен медицински отпад од странство.

Дрисла е единствената инсталација во Македонија која преку инцелераторот го третира медицинскиот отпад. Макрадули посочи дека со Министерството за здравство разговараат медицинскиот отпад да биде третиран во самите установи, односно онаму каде што се создава.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на средбата со медиумите рече  дека e добро депонијата Дрисла да се врати под надлежност на Град Скопје, да добијат податоци за работењето во изминатите седум-осум години и да се направи ново јавно-приватно партнерство, кое би било со примена на нови технологии.

Шилегов информираше дека Дрисла е капацитет на градот, кој согласно активниот договор 80 отсто е на италијанскиот партнер, а само 20 отсто на Град Скопје. Во правна смисла, како што рече, тоа сериозно ги ограничува можностите на Град Скопје да интервенира во работењето. Град Скопје има само еден член во управниот одбор на ова претпријатие. Оваа состојба е од 2011 година, кога е донесена одлуката за јавно-приватно партнерство.

Скопскиот градоначалник соопшти дека во изминатиот период имал состаноци со потенцијални кандидати кои сакаат да го менаџираат отпадот во Скопје, а се размислува и за фабрика за отпад.

Шилегов и Макрадули потенцираа дека проблемот со загадувањето е мултикомплексен и оти не може веднаш да се реши. Дрисла има влијание врз загадувањето, кое не е пресудно.

Владата му наложила на концесионерот „ФЦЛ Амбиенте“ на депонијата „Дрисла“ да набави нова печка за согорување на медицински отпад, откако се потврди дека емисиите кои ги испуштала веќе постоечката печка ги надминуваат дозволените граници.

Во меѓувреме Дрисла во најкус можен рок треба да набави воден филтер за постоечката печка, која не ги исполнувал еколошките стандарди.

Печката во Дрисла не работи од 1 јануари, а медицинскиот отпадот се складира, оти на сила беа мерките за справување со високата загаденост, но од утре тие се укинуваат што значи дека Дрисла ќе може да согорува отпад, но согласно прописите.

Град Скопје и Министерството за животна средина чекаат на одлуката на Вишиот управен суд околу тужбата за концесијата на Дрисла, со што ситуацијата со депонијата ќе стане појасна. Од Градот и од Министерството тврдат дека од 2013 до 2017 нема увезено медицински отпад од странство во Македонија.

Без вода утре ќе биде една населба во Скопје

Корисниците од населбата Маџар Маало во  општина Центар утре од 9:00 часот ќе останат без вода за пиење.

Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на град Скопје, причина за прекинот во водоснабдувањето е реконструкција на водоводната мрежа со пречник од 100 милиметри на крстосницата меѓу улиците „Ѓуро Ѓоновиќ“ и „Маџар Маало“ што ќе ја врши екипа на ЈП Водовод и канализација Скопје.

Корисниците ќе бидат без вода додека не заврши реконструкцијата. 

Нови информации за состојбата на брутално претепаното 14-месечно бебе

Здравствената состојба на претепаното 14-месечно бебе е добра и не е во животна опасност. Почнавме да го храниме по малку, меѓутоа има фрактури на потколеници и на подлактица од лево кои не се витално, односно животозагрижувачки, но има поголеми оштетувања на мозокот на кои што сме фокусирани. Дијагностицирано е и оштетување на очниот нерв.

Ова денеска за МИА го изјави доктор Марјан Камилоски од Клиниката за детска хирургија, каде бебето е сместено на Одделот за интензивна нега.

- Сега општата состојба е добра. Има некои испади, тикови, стари и нови крварења на мозокот, некои жаришта. Се прави проценка на тоа, ќе треба да се прави операција, но за тоа ќе треба време за да се санира. Колегите од Очната клиника дијагностицираа оштетување на очниот нерв. Сега си прима терапија за тоа, но понатаму да видиме како ќе реагира. Ќе треба време, посочи Камилоски.

Појасни дека детето веројатно било тепано и малтретирано многу поодамна пред да биде донесено во Клиничкиот центар.

- На Клиниката имаме нова добро опремена интензивна нега, каде што има најдобри услови во целата Република. Колегите од Неврохирургија реновираат и тоа дете не е за таму. Тука има тим на реаниматори, има тим што се грижи околу него и на ниво на нашата држава најсоодветна нега може да се пружи само на Детска хирургија, додаде доктор Камилоски.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Ирина Сотирова Бухова во изјава за МИА рече дека во врска со случајот со претепаното бебе постапиле во рамки на нивните надлежности односно извршиле вонреден инспекциски надзор кај матичниот лекар на претепаното 14-месечно бебе и во вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Јане Сандански“.

Посочи дека констатирале дека детето пет пати било носено на преглед кај матичен лекар изминатите неколку месеци од кои последниот пат на 4 април, а претходно во февруари. Сите посети, истакна, се во однос на горно респираторна инфекција, дадена е потребна терапија и детето не е однесено на контролен преглед.

- Извршен е инспекциски надзор во вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Јане Сандански“ каде е лоцирана и матичната докторка на детето. Од евиденцијата во здравствениот пункт констатирано е дека дете со такви генералии не се наоѓа во нивната архива, односно не е воопшто вакцинирано, потенцира Сотирова Бухова.

Во врска со тоа дали детето е однесено на лекар со симптом од паѓање или модрици по телото и по главата, појасни дека таков податок во здравствениот картон не е евидентиран.

- Нашите ингеренции се толку. Доколку овој извештај им е потребен на некои од другите институции кои веќе го водат процесот ќе им бидат доставени на увид, додаде Сотирова Бухова. 

Бебето неговата мајка на 7 јули во однела во Клиничкиот центар во Скопје во коматозна состојба со скршеници на черепот и крварење во мозокот, дехидрирано и неухрането.

Полицијата му пиша казна на маж од Сарај, a сопругата ги истепала полицајците

Околу 11,30 часот во Скопје на улицата „Македонско Косовска Бригада“ полициски службеници од Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата додека извршувале редовни работни задачи дале знак за застанување на патничко моторно возило „Мерцедес“ со скопски регистерски таблици, но тоа продолжило со движење.

Полициските службеници со службеното возило се упатиле по него и успеале да го застанат по што констатирале дека возилото го управувало Ш.С. (48) од селото Сарај-скопско.

Откако му напишале казна за сторени прекршоци, од возилото излегла К.С.(43) и удрила еден полициски службеник.

К.С. е приведена во полициска станица и по целосното документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Популарно