Донесениот Закон за јазиците предвидува двојазични униформи, печати, поштенски марки, уплатници...

Со мнозинство гласови, Собранието на Република Македонија денеска го изгласа Законот за употреба на јазиците. Вкупно 69 пратеници гласаа „за“, без ниту еден против или воздржан. Во второто гласање, пак, на другите етнички заедници, освен македонската, 27 од вкупно 28 пратеници гласаа „за“, додека, пак, еден беше воздржан. Како што појасни претседателот на парламентот, Талат Џафери, овој закон се носи со мнозинство пратеници од помалите етнички заедници.

Предлог-законот за употреба на јазиците содржи 25 члена. Тој предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Станува збор за примена во комуникацијата, употребата и во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт (Собранието, претседателот и Владата, судството, јавното обвинителство), Уставниот суд, народниот правобранител, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.

Стенограмите од седниците на Собранието и Владата, седниците на работните тела, како и другите материјали и документи, се предвидува да се издаваат и да се чуваат на македонски и на албански јазик. Покрај на македонски, интернет-страниците на институциите треба да бидат и на албански јазик. Називите на институциите и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа, во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот, како и во Скопје, ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.

Книжните и кованите пари, како и поштенските марки, ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Истото важи и за поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите, бандеролите. Униформите на полицијата, пожарникарството и здравството во Скопје и во општините каде што живеат 20 отсто Албанци исто така ќе бидат двојазични.

Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применуваат македонскиот и албанскиот јазик. Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверките ќе се издаваат на македонски и на албански јазик.

На граѓаните што зборуваат јазик поинаков од македонскиот помалку од 20 отсто од граѓаните на Република Македонија образецот на личната карта и пасошот се печатат и на јазикот и писмото што го користи граѓанинот. Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик поинаков од македонскиот, како и во Скопје, ќе се пишуваaт на македонски и на албански јазик.

Заради остварување на целите на овој закон, се основа агенција за примена на јазикот надлежна за стандардизирање и изедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, со помошни тела за поддршка на институциите. Освен тоа, се предвидува и формирање инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда. Во предлог-законот предвидена е глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра за органите, како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон. Глоба во износ од 30 отсто од одмерената ќе му се изрече на службеното лице и на одговорното лице за непочитување на законот.

Извор: makfax.com.mk

„АЛКАЛОИД“ ПУШТИ ВО УПОТРЕБА НОВ КАПИТАЛЕН ПРОЕКТ ВРЕДЕН 19,4 МИЛИОНИ ЕВРА

Новите капацитети за производство на цврсти фармацевтски форми, со површина од 6.200 м2, се најкрупниот инвестициски потфат на компанијата во изминативе две децении

Во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, „Алкалоид“ АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.

Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. За изведбата на овој објект, започната во април 2021 година, беа ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвиваа под водство на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.

Во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во Македонија. Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета. Опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид: GEA (опрема за влажна гранулација), Alexanderwerk (опрема за сува гранулација), Lodige (опрема за хомогенизација), Fette (преси за таблети), Glatt (систем за филм-обложување), De Lama (автоматска машина за перење контејнери) и други.

Со пуштањето во употреба на новата техничко-технолошка единица за производство на цврсти фармацевтски форми двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од 4 милијарди таблети годишно.

„Во динамична индустрија каква што е фармацевтската пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот ’Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“, изјави Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов на официјалното пуштање во употреба на новиот оддел, кое се одржа во присуство на високи претставници на менаџментот на компанијата, како и на претставници на медиумите од земјата и од регионот.

Ова е еден од најкрупните инвестициски проекти на „Алкалоид“ АД во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра.

Фармацевтските производи на „Алкалоид“ се присутни на пазарите во повеќе од 40 земји во светот.

Летно сметање на времето од недела 31 март

Летното сметање на времето започнува в недела на 31 март во 02:00 часот, кога со поместување за еден час нанапред времето во 02:00 часот ќе се смета како 03:00 часот. 

Владата, на предлог на Министерството за економија, денеска на седница донесе Одлука за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2024 година.

Како што соопшти вечерва владината прес-служба,  летното сметање на времето завршува на 27 октомври во 03:00 часот, така што со поместување за еден час наназад времето во 03:00 часот, се смета како 02:00 часот.

Одлуката за воведувањето летното сметање на времето е согласно Законот за сметање на времето („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/96 и 16/97) и согласно европски директиви.

Норвешка ни испрати 76 воени возила

Норвешка испрати 76 воени возила за Македонија. Вкупно 40 камиони и 36 лесни пешадиски возила се натоварени вчера од пристаништето Оркангер и со брод ќе бидат транспортирани до Солун, информираат од норвешката амбасада.

Со донацијата, најавена во септември минатата година, како што информираат од амбасадата на Норвешка, ќе биде опремен лесен пешадиски баталјон.

-Донацијата ја симболизира важноста на НАТО солидарноста и соработката меѓу земјите членки. Способноста на алијансата да одговори на криза или конфликт зависи од силата и солидарноста на сите земји членки, а не само на една нација. На 4 април оваа година НАТО алијансата полни 75 години. Северна Македонија стана членка на НАТО во 2020 година, а Норвешка е членка на НАТО од формирањето на алијансата во 1949 година. Двете земји имаат долга историја на билатерална соработка, а со влезот на Северна Македонија во Алијансата во 2020 година соработката стана уште посилна, се вели во соопштението од норвешката амбасада.

Донацијата, како што велат од амбасадата, е и индиректна донација за Украина, бидејќи Македонија претходно донираше значителна количина опрема за Украина. Со норвешката донација, Македонија ќе може повторно да надополни дел од опремата што ја подариле, посочуваат од амбасадата на Норвешка.

Популарно