Утре е Василица - ова мора да го знаете

Православните христијани кои се водат според Јулијански календар во сабота ќе ја пречекаат Православната или Старата нова година.

Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.

На Василица верниците кои се водат по овој календар кршат и лепче со паричка и исто така се верува дека на оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.

Старата година се испраќа и со палење василичарски огнови, кои се симбол на божествената светлина што, според народное верување, ги прогонуваат лошите сили.

Инаку, Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Македонска исповед: Мене Бог ме излечи од рак!

Скоро ми се појави едно необично мозолче на моето тело. Наликуваше на поткожно мозолче, но сепак малку чудно. Ни на крај памет не помислив дека може да биде нешто сериозно.

Си продолжив со редовните обврски, а и со пишувањето на форумов. Како што изминуваа деновите, неделите, видов дека тоа мозолче почна да расне. Сфатив дека не е мозолче, туку нешто друго, можеби некоја инфекција.

Не чувствував никаква болка на местото. Да имаше болка, можеби порано ќе отидев, ама вака одложував за утре, утре итн. За среќа одложувањето не траеше вечно. Дојде празникот 2 мај и на работа решивме да го споиме со 1ви (кој беше работен). Тогаш јас имам екстра слободно време и решив да го искористам да отидам на лекар. Докторката ме препрати во Воена Болница на специјалист. Отидов и таму. Докторот само што го виде, ми рече: “Ова е тумор.” Не се знаеше дали туморот е бениген или пак малиген (рак). Ми извршија операција. Ми земаа бриз од туморот и го однесоа на испитување. Резултатите кажаа дека се работи за малиген тумор или народно кажано – РАК. Месец ипол пред сето ова да се случи беше мојот роденден. Меѓу вообичаените пораки, од една сестра по вера, добив малку поинаква порака. Тоа беше само еден стих од пророкот Малахија, цитирам: “А вие, кои се боите од името Мое, за вас ќе изгрее сонцето на правдата и исцелување ќе има во зраците негови.”

Си реков: “Каква ли порака ќе е ова? Има многу поприкладни библиски стихови за охрабрување или за посакување некому нешто, зошто баш ваква чудна порака ми прати..” Но сепак Бог ме припремаше за нешто за што тогаш јас сеуште не бев свесен. Докторот беше воено лице и воопшто не заобиколуваше туку дирекно ми рече: “Туморот е малиген, имаш метастази и на лимфните жлези кај абдоменот, ќе мораш да земаш хемотерапии”.

Можете да замислите колку ли ми се пресекоа нозете кога го слушнав ова? Ни најмалку Прво, Бог ми даде таков мир во тој момент, што со зборови не можам да ви го опишам тука. Да ми го кажеле порано ова можеби ќе сум се стаписал. Да ми го кажат и сега, можеби ќе паднам во депресија, ама тогаш, кога ми беше потребно, Бог ми даде мир што го надминува секој разум.

Веднаш си ги собрав документите, снимките итн и отидов на Онкологија. Во меѓувреме се потсетив на смс пораката што ја добив од мојата сестра, библискиот стих кој вели “за вас, кои се боите од името Мое, ќе изгрее сонцето на правдата и исцелување ќе има во зраците негови..”. Ова ме охрабри многу. Како да го чув Божјиот глас во моето срце како ми вели: “Болеста не е смртоносна, смири се, ќе бидеш исцелен.” Си реков: “Значи сепак пораката не била случајна, туку Бог благоврмено ме потсетил дека ќе има исцеление за мене.” Ако мислите дека тоа беше случајно, направете една анкета колку души во Македонија ја добиле оваа порака. Однапред ви кажувам, 99% од христијаните не го ни знаат овој стих, а никој не го добил како смс роденденска порака.

Како и да е, си ги собрав документите и тргнав кон Онкологија. По патот ме сретна еден пријател и кога јас му кажав каде и зошто одам тој се шокира. Наместо да ме смирува и да ме охрабрува, тој несвесно почна да ме плаши колку е тоа страшно и колку се тоа тешки терапии итн. Морам да признаам дека малку ми влијаеше и дека во еден момент се почувствував исплашен. Но одма во мојата глава почна да ми зуе една од песните кои си ги пееме во црква: “… зошто си потиштена, еј душо моја, и зошто ти трепериш во мојата утроба, имај доверба во Бога, зошто уште ќе го славам Мојот Спасител и Мојот Бог..” и така, повторно се охрабрив и со Господ пред мене, влегов во Онкологија.

Докторката ми рече да банкирам сперма. Јас одбив. Таа ми рече: “Од овие терапии има мала веројатност да останеш стерилен, затоа подобро банкирај сперма”. Јас реков: “Докторке, јас сум верник – христијанин. Верувам дека доколку е Божја воља, колкава и да е веројатнота, јас ќе имам потомство, а доколку не е Божја воља, јас нема да имам деца. Оставам се во рацете на Бог.” Таа почна да ме убедува дека во ред е тоа што јас сум верник, но дека ова е друга работа итн итн… јас сепак го оставив моето потомство во рацете на Бог. Почнав со терапиите. Дознаа и многу други. Ни самиот не знам колку луѓе се молеа за мене.

Но кога почнав со терапиите и кога видов дека неверојатно добро ги поднесувам, сфатив дека многу се молат за мене. Во рок од две недели ми падна целата коса. На еден од редовните молитвени состаноци меѓу другите потреби, се молевме и за мене. Следниот ден една жена т.е. моја сестра од црква ми пренесе дека ме сонувала мене повторно со коса и збунета во сон ми рекла: “….. па ти имаш коса!”, а јас сум и одговорил “Да да, оздравев и повторно ми порасна косата.” Ова беше уште еден знак, уште едно охрабрување од Бог за мене дека болеста не е терминална, туку дека ќе бидам исцелен. Ова убедување ме охрабри многу и имајќи ја на подвидок Божјата воља, јас и моите браќа и сестри со голема вера се молевме за мое оздравување. По 2 хемотерапии правев тумор маркери (тест со кој се гледа до каде е терапијата) и маркерите од 2-3 илјади ми паднаа скоро на нула. Ова беше навистина радосна вест. Тоа беше знак дека цитостатиците делуваат на болеста. Продолжив со терапиите.

Хемотерапиите ги завршив средината на декември. Тумор маркерите паднаа на нормала, остана уште една лузна од 3.5 сантиметри на лимфните жлезди кај абдоменот каде што ми беше ракот. Оваа лузна можеше да биде или сеуште малигно ткиво, лузна, или пак повратна реакција на лимфните жлезди. Затоа мораше да се следи со редовни тумор маркери и КТ снимања на абдоменот. Молитвните продожија. Во март лузната ми беше 3.4 см, а во средината на април 0 см Докторката со ехото упорно ја бараше лузната за да види колку и дали се намалила, но не можеше да ја најде. Тогаш таа на наодот напиша: Предходната зголемена лимфна жлезда е комплетно повлечена. Слава на Бог .

Потоа направив уште неколку контроли и до ден денес се е во ред. Не останав стерилен, немам никакви трајни нарушувања во телото, ми се врати косата, ми се врати силата итн сега сум здрав како што си бев и пред болеста.

Ном не само што не изгубив ништо, туку и добив многу работи, пред се на духовен план: мојата вера во Бог се зголеми, сега имам поголемо сочувство кон болните (особено оние од рак), добив неколку дисциплински лекции од Бог, научив како посилно, подлабоко и почесто да се молам, научив како да живеам живот со вера, живот под Неговата милост и многу други работи. Но најважната лекција што ја научив е: “Болни или здрави, во згода или незгода,живи или мртви, ние Му припаѓаме на Господ!” Се опуштив со деталите, за да можете од поблиску да ја искусите исцелителната моќ на нашиот Господ Исус Христос и за да можете да се повикате и потпрете на неа секој пат кога на вас или на некој ваш ближен ќе му биде потребна. Сакам сите да ве охрабрам со следниов стих кој ми беше водечка мотивација во моите молитви: “Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде.”

ВИДЕО: Ова е вистинското лице на Исус Христос

Торинскиот покров е како што се верува дел од платното во кое бил замотан Исус Христос при положувањето во гроб.

Ова ленено платно е димензија 4,4 х 1,1 метар и на него е избледен лик на висок маж со брада, мустаќи и коса поделена по средина. На зглобот на раката се гледа траг од рана во форма на круг настаната од прободување, а прободен му е и градниот кош. Покровот со години се чува во Катедралата Св. Јован Крстител во Торино, а христијаните веруваат дека на него е ликот на самиот Исус Христос.

Авторот на книгата Мистерија на покровот, Џулио Фанти, професор по механичко и термо инженерство во Падова, истакнува дека ова дело е од периодот помеѓу 280 п.н.е и 220 п.н.е, што значи дека постоело и во времето на Исус.

Римокатоличката црква формално не го прифатила Торинскиот покров како автентичен, но не го ни отфрли. Меѓутоа папата Пије XII во 19958 година го призна како објект со кој се обожава „Светото лице Исусово), а во поскоро време папата Бенедикт XVI и Фрањо го опишаа како „икона“, додека првиот полски папа, Јован Павле II, го нарече „огледало на евангелието“.

На Велигден се исполнуваат сите желби

Православните верници утре го празнуваат најголемиот празник Велигден. Со овој ден се поврзани многу обичаи и адети на македонската традиција.

Старите Македонци верувале дека ноќта спроти Велигден треба да донесете вода од бунар или пуштете директно од чешмата во кујната. Со оваа вода испрскајте ги собите и особено внимателно – градината и цвеќињата. На овој начин се изгонуваат гревовите, лошите мисли и злото од домот.

Дете кое се родило во Страсната седмица и особено ако е родено на Велигден, ќе има среќа во секој потфат и нема да се жали на недостаток на добро здравје.

Младите жени кои се уште не добиле понуда за брак, треба да ги кажат неколку минути пред доаѓањето на Велигден следниве зборови: Воскресение Христово! Испрати ми маж кој ќе ме направи среќна!

Се смета дека на Велигден се остваруваат сите љубовни верувања.

Ако во чинијата со храна Ви падне инсект, ќе ви се јави стар пријател за средба, која ќе промени многу работи во вашиот живот. Ако ви чеша долната усна, очекувајте нова љубов.

Се смета дека во ноќта спроти Велигден не треба да се крева бучава во домот. Во спротивно тоа ќе ги привлече сите зли и негативни енергии кон вашиот дом.

Цели четириесет дена по Велигден православните христијани се поздравуваат меѓусебно со поздравот Христос воскресна!  А, одговорот е Навистина воскресна!

Самиот Велигден се слави цели седум дена, односно на целата недела и затоа таа се нарекува Светла Велигденска Недела.

Дури и да не го сакате некој човек, ако точно на Велигден ви побара услуга или ваш стар пријател со кого сте скарани, Ви побара да му простите, тогаш мора да се ослободите од предрасудите и бидете добри христијани.

Популарно