Каде ќе се применува новиот Закон за јазиците?

Претседателот Ѓорге Иванов го добил Законот за употреба на јазиците. Од неговиот Kабинет велат дека тој ќе ја соопшти својата одлука согласно законски предвидениот рок. Седум дена по донесувањето на законот, претседателот е должен да го потпише указот за неговото прогласување, по што истиот може да биде објавен во Службен весник и официјално да стапи во сила. Ако претседателот не го потпише указот за прогласување на законот, во тој случај законот ќе се врати на повторно разгледување во Собранието и доколку се усвои со апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен да го потпише указот.

Законот стапува на сила веднаш по објавувањето во Службен весник. Од тогаш па натаму сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик. Исто важи и за одлуките кои ќе ги носи Владата. Покрај македонскиот во институциите службен јазик станува и албанскиот, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт.

„Граѓаните ќе можат до сите органи на централната власт да се обратат и писмено и усно на својот мајчин јазик и се разбира, органот ќе треба писмено да им одговори на нивниот јазик. Се разбира дека службениците во тие органи не се должни својата усна комуникација да ја водат на тој јазик, туку на службениот, но мора да се обезбеди превод и писмената комуникација да се одвива на јазикот на кој им се обраќа странката“, објаснува политичкиот аналитичар Насер Зибери.

Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.

„Во кривичните постапки во судовите и досега се применуваше овој закон и тоа е меѓународен стандард и не важи само за немнозинските етнички заедници, туку за сите граѓани. Судот, односно обвинителството се должни да обезбедат преведувач на јазикот на кој зборува обвинетиот. Овој закон сега ќе ја прошири употребата на албанскиот јазик и во граѓанските постапки и пред Управниот суд. Тоа значи дека тие граѓани ќе можат да се обраќаат пред судовите или обвинителството на својот мајчин јазик, а органот ќе треба да обезбеди преведувач", вели Зибери.

Две прашања во овој закон се сметаат за резервирани, се додека за нив не се изјасни Венецијанската комисија. Тоа се прашањата за банкнотите и за униформите во Армијата. Инаку, законот предвидува двојазичност на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението. Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Законот предвидува ваква двојазична комуникација и во органите на локалната самоуправа. Називите на институциите, другите натписи и патокази во подрачјата каде што најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, ќе бидат напишани покрај македонски и на јазикот кој го зборува немнозинската етничка заедница.

Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страни. Освен на македонски јазик, содржината на веб страните, ќе биде објавувана и на албански јазик.

Новина е тоа што законот предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Таа ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзината работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Освен тоа се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда. Доколку одреден орган не ги применува одредбите од законот, ќе следува и казна, која се однесува само на институциите.

Бујар Османи го обвини ВМРО ДПМНЕ за вработените од ДУИ кои седеа дома, а земаа плата

Вицепремиерот Бујар Османи во вечерашаното гостување на 1 ТВ рече дека според Рамковниот договор изминатите години Владата вработувала, со очекување дека министерствата потоа ќе ги преземат овие вработени.

-Кога на конкурси се вработуваа по 500-600 лица, очекувавме дека министерствата ќе ги прифатат. Но, потоа наидовавме на отпор, главно од министерствата водени од нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ. Тие луѓе не се виновни што седеа дома, тие сакаа да работат и да градат кариери, рече Османи.

Од 15 мај нови пари: Ќе пазариме со нови 10 и 50 денари

Од 15-ти следниот месец Народната банка на Република Македонија првпат воведува полимерни банкноти со апоенска вредност од 10 до 50 денари.

- Од 15 мај годинава, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал, соопштуваат од Народната банка на Република Македонија.

Според банката оценува дека ваквите банкноти не се оштетуваат лесно, што не е случај со хартијата и имаат многу подолг век од хартиените.

Анализите покажуваат дека животниот век на банкнотите изработени од полимер е подолг за 2,5 до три пати, а во некои случаи и за четири пати од оној на банкнотите изработени од хартијата во чијашто основа се памучни влакна.

- Полимерните банкноти не може лесно да се скинат при секојдневна употреба, ниту, пак, може лесно да се оштетат при допир со вода, а се и неколкукратно поотпорни на влага во споредба со хартиените. Мошне важно, супстратот од којшто се изработуваат полимерните банкноти спречува апсорпција на нечистотија, со што овие банкноти не само што имаат подолг животен век од хартиените, туку се и похигиенски за употреба од страна на граѓаните, посочуваат од НБРМ.

Додават дека покрај долгиот животен век на овие банкноти нивната употреба значи и заштеда на ресурси и средства бидејќи потребата од нови изданија со иста апоенска вредност во иднина ќе биде многу помала.

Народната банка наведува дека изработувањето банкноти од многу тенка, флексибилна пластична фолија овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување банкноти.

- Полимерните банкноти како заштитен знак можат да содржат и транспарентен прозорец, што не е возможно кај банкнотите од хартија изработена од памучни влакна.

Производството на банкноти од полимер, сметаат од НБРМ, не само што се редуцираат трошоците на централната банка, туку се придонесува и за заштита на животната средина.

- Истражувањата потврдуваат дека банкнотите изработени од полимер се поеколошки од оние коишто се изработени од хартија. Меѓу другото, на крајот на животниот циклус на парата, доколку е изработена од хартија, таа се поништува, се реже и остатоците се носат на депонија, односно се горат, додека доколку е изработена од полимер, по режењето, таа се рециклира заради нејзино натамошно користење за добивање материјал од којшто се изработуваат пластични предмети за секојдневна употреба. Анализите покажуваат и дека полимерните, за разлика од хартиените банкноти, се енергетски поефикасни во процесот на изработка. Исто така, фактот што банкнотите изработени од полимер имаат помала тежина од хартиените придонесува нивниот транспорт и нивната дистрибуција да се посоодветни за зачувување на животната средина, наведуваат од НБРМ.

Појаснуваат дека полимерот овозможува на банкнотите да има втиснати ознаки во вид на издигнати точки, коишто се корисни за распознавање на различните апоени од страна на лицата со оштетен вид.

Полимерните банкноти почнуваат со употреба во 1988 година и тоа во Австралија, денес се употребуваат во над 20 држави, меѓу кои, покрај Австралија се и Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Брунеи, Романија итн.

Од 15 мај годинава, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал.

Заев и високите гости од Западен Балкан со автобус до „Александар Палас“

Македонскиот премиер денеска како домаќин на Дигиталниот самит во Скопје со автубуски превоз до хотелот „Александар Палас“, а во друштво на Рамуш Харадинај, премиерот на Косово, министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ, заменик претседателката на Албанија Сенида Меси, претседателот на министерскиот совет на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Фотографијата е објавена на фејсбук профилот на премиерот, Зоран Заев.

Популарно