Гоце Делчев живее во Грција, а „шарените“ во Македонија

На точно 146 години од раѓањето на Гоце Делчев, прочитав многу коментари дека учителот бил роден и живеел пред своето време. Никако не можам да се сложам со тоа. Делчев бил роден токму кога требало, а ако се родел денеска, никој немало да чуе за него. Дури и ако успеел да се истакне од толпата, Гоце би бил обоен како националист! Таа е реалноста денеска, затоа и нема таква личност. Денеска во Македонија на цена се друг тип на „учители“. Делчев е демоде, многу е еднобоен, шарени се во мода.

Кога пред неколку години започна „Шаренилото“ во Македонија, пишував дека ништо добро нема да излезе од тоа. „Шарените“ под маската “рушиме режим“ го срушија уставниот поредок на Македонија. На власт се донесоа себе, заедно со СДСМ и продолжија да го кршат уставот кога тоа им е мило. Добар дел од народот беш излажан, па сега секојдневно читаме „За ова ли се боревме“, но уфотељените „Шарени“ не застануваат. Веќе е и повеќе од очигледно, дека „револуцијата“ која ни се случуваше на улиците 2-3 години, имала само една цел. Промена на името и влез во НАТО. Јасно е дека оваа гарнитура на власт, нема капацитет за ништо друго, туку целата своја енергија ја троши на трговија со името и ПР спинови.

8-9 месеци на власт, а Македонија освен „Договор со Бугарија“, „Албанска платформа“ и промена на името, не виде ништо позитивно. Да, поскапе дизелот, се покачи ДДВто, секој кој заработва над 1 милион денари ќе биде даночен обрзник, односно ќе си плати ДДВ. Државата ќе ги контролира (и најверојатно даночи) сите трансакции кои доаѓаат од странство. Се задолжуваме со досега невидена брзина, но... автопатите стојат, новиот план за изградба на Клинички е речиси двојно поскап, патните рошоци на парламентарците се повисоки од било кога, пола Македонија се гуши во отровен воздух .... 8-9 месеци Македонија тоне, но од Европани доѓаат позитивни сигнали! Не, сигналите не се за економија или за владеење на правото. Не се ниту за почитување на човекоите права или за екологија. Туку за тоа колку добри соседи сме! Гоце би бил толку горд на нас!

На точно 146 дена од роденденот на Делчев, лидерот на партијата која го носи името ВМРО, Мицковски на Сител тв кажа дека има позитивна атмосфера „проблемот со името“ да се реши во следниве неколку месеци, а во Атина 200.000 Грци викаа „Македонија е Грчка“! 75% од Грците се против тоа во нашето „ново“ име да го има зборот Македонија, но за Мицковски е реалност „проблемот“ да се реши за некој месец?! Кога на тоа ќе се додаде дека новиот лидер на ДПМНЕ кажа дека неговата партија стои на тоа дека „решениоето на проблемот“ не смее да го смени македонскиот устав, човек не може а да не помисли дека гледа некоја комедија, а не гостување на лидер на партија која освои најмногу гласови на Македонското гласачко тело во државава.

Во следниве неколку месеци ќе се изнагледаме слични изјави на Мицковски. Ќе се изнаслушаме „ескперти“ како Фрчковски, за кој законот за јазици има срцева мана (пред смрт е), ама мора да се изгласа. Како Борјан Јовановски, за кои Македонија е адолесцент наркоман. Шарени како Павле Богоев, за кој Венецијанската комисија е изговор да гласа секогаш ако што ќе му рече Заев, иако ете законот не му се допаѓа. И многу слични ликови, кои ќе не убаедуваат дека името е потполно небитно и дека во минатото сме го промениле 5 пати, што секако не е точно. Македоија го менувала политичкото уредување, Народна Република Македонија, Социјалистичка Република Македонија,  Република Македонија... но никогаш името! И сега никој нема против да ставиме „Северна“, „Горна“... пред РЕПУБЛИКА. Или еве, Демократска Република Македонија.

Ќе го гледаме Заев како во ист ден дава 4 различни изјави, па ќе го слушнеме Димитров како го гази се она што го кажал премиерот. Се за ПР и за перење мозок. Џафери и Ахмети ќе си терааат албанска НАЦИОНАЛИСТИЧКА шема... и се тоа со план. Стратегија смислена пред почетокот на „Шарената револуција“ а во изведба на новиот поредок во Македонија.

На 146 години од роденденот на големиот Делчев, оние кои се повикуваат на иредентизам, иако судот во Хаг утврди дека такво нешто НЕМА, во својот главен град одржаа протести подржани од црквата на кои виеше од националиситчки пароли. Кај нив сеуште има место за војводи како Гоце, токму затоа тие се каде што се, а ние.... ние молиме да го дадеме она за кое Делчев се бореше и го даде животот.

Среќен роденден Војводо. 

Автор: Пацифист

Зошто изграден маж не може да си најде девојка во Македонија?

Неодамна еден другар ме праша зошто девојките се плашат од мажите 35+. Имено, повеќе пати до сега се нашол во ситуација да запознае девојка, комуникацијата да се одвива убаво и после соопштувањето на годините, да забележи дека ставот се менува.

Него не му е јасно, како маж кој што сам живее, работи, сериозен е и точно знае што сака, може да „исплаши“ девојка. А притоа, физичкиот изглед, иако е релативна работа и прашање на вкус, воопшто не е проблематичен.

И зошто девојките кои од една страна посакуваат момче како во „описот погоре“, кога ќе се сретнат со него, бегаат?

1.Страв од мажење/обврска – модерното време со себе донесе комфор до тој степен да и жените и мажите мажите (иако на нив тоа почесто им се припишува) почнуваат да бегаат од одговорности. Така, кога девојките ќе слушнат дека маж од 35 години сака да се забавува со неа, првата асоцијација е брак! Е одедаш тие што постојано велат дека го бараат „вистинскиот“, бегаат пред потенцијалниот. Но, вистината е дека не секој маж што ќе пријде им има 35+ сака за два месеца свадба да прави, така што олабавете се. На крајот од денот, може отворено да се каже каков тип на релација се бара, без глупави игнорирања или бегања.

2.Нешто му фали – ако има 35+ и притоа е сингл – сигурно нешто му фали. Не би требало да е сингл на тие години... А што значи тоа, нешто му фали? Многу од девојките се алергични на приказната: „Јас еднаш многу сакав, и веќе ништо не е исто, веќе нема да сакам“ итд. Честа приказна и клише. И тоа е една од причините поради кои можеби некои девојки имаат такво толкување на „сингл момците од 35+“. Но, реалноста може да биде сосема друга и коментарот дека нешто некому фали е глупав. Зошто сте вие сигнл на 28, 29, 30+? Многу е себичен, непромислен и некоректен таквиот став и размислување. Секој има некоја причина зошто во моментот е со статус сингл, но нели тоа треба да е баш добро за спротивната страна, која патем, исто така е сама?

3. Премногу добро за да биде вистинито – да и ова некогаш може да ги исплаши девојките. Ако е толку добар, како тоа да е сам? Па повторно ќе се навратат на точка број два. Во денешно време кога да се има „комбинација/ии“ е хит, појавувањето на некој што би сакал попосветен однос може да ги исплаши девојките.

4. И девојките не знаат што сакаат – Би било многу нефер да се обвинат само мажите. Факт е дека ни ним не им е лесна задачата. Ниту девојките не се цвеќиња за мирисање, па комфорот за кој погоре споменав, и тие многу лесно го прегрнаа. Потоа, американскиот, па нема да згрешам ако речам и холивудскиот феминизам, дека жената е моќна сѐ сама да прави, дека неа не ѝ е потребен маж за да може да биде успешна, среќна, исполнета или каква и да сака да биде, изврши големо влијание дури и кај нас. Но, во наша, македонска интерпретација изгледа по малку и смешно. Не дека во американски рамки е оправдано таквото толкување на феминизмот, што е погрешно (за тоа друг пат), но кај нас е траги-комично. За да бидете независна, силна жена треба да сте образовани, информирани, способни, со цврст став, одлучни, да знаете што сакате, да сте независни (а не да се фурате, а после одите кај мама да ви зготви и испере), да сте самосвесни, изградени како личност, со верба во себе (за што нема потреба да ги сликате задниците и градите), да плените со својата појава и присуство. Е кога ќе го имате сето ова, нема да го наведувате мажот како причина поради која не можете да се реализирате како самостојна и секако ќе сакате да имате ист таков до вас!

Автор: Бети од трети

Денешните Македонци не заслужуваат држава!

Очекувањата не секогаш го детерминираат разочарувањето, па така, иако денеска ја очекував промената на уставот и уставното име, не можам да кажам дека не сум разочаран. Не можам да кажам дека не ме боли. Јасно беше дека до овој моомент ќе дојде, исто како што беше јасно дека во Македонија нема доволно Македонци кои би се бореле за идентитетот, историјата, името.

81 пратеник изгласаа нешто за што пред само една година бевме сигурни дека никогаш нема да се случи. Дури и премиерот изјави/лажеше дека не е роден таков човек што ќе смени устав и уставно име. Но, ете денеска сме сведоци дека сепак имало. Имало 81 пратеник спремни да одат против референдумско изјаснување на народот и уште 39 спремни да гледаат од надвор, без да се обидат да превземат нешто. 120 преставници на народот, го предадоа, она за што ветија дека се спремни да умрат. Но, не се само тие крив, криви сме сите Македонци, односно сите Македонци на кои ова им пречи. Има меѓу нас задоволни од промената на името, за нив ова не се однесува, иако ќе дојде моент кога и тие ќе плачат.

„Демократијата е управување на народот, од народот и за народот“, вели дефиницијата на Абрахам Линколн, но тој оддамна е мртов и не живеел во Македонија. Кај нас народот никако да разбере дека моќта ја носи самиот. Не знам зошто е тоа така. Дали сме толку прости или не ја сакаме таа одговорност. И во двата случаја, не заслужуваме ништо подобро од овие 81, не заслужуваме држава, ниту историја и идентитет. Не, ние не сме истите Македонци од Светските војни, од Илинден, не сме поколение на Самоил, уште помалку на Александар. Ние сме некои нови, мали, уплашени, себични, опуртинисти, за кои само личната корист е важна. Кај нас не постојат идеали, општествени вредности, не постои колективен идентитет. Само ќар, желба за лесен успех и потреба некој да не лаже дека од утре се ќе биде подобро. Истите оние кои не доведоа до тука, до дното на Европа и цивилизираниот свет, сега ветуваат дека ќе не спасат, а ние од се срце им даваме простор да прават што сакаат. Суспендираа владеење на право, прекршија устав, погазија референдум, сменија уставно име, ќе сменат и историја, а Македонецот негодува на Твитер и плука по оние 81 кои стиснаа на тастерите во собрание. А што, не знаевте дека ќе го изгласаат? Мислевте ќе им проработи совеста? Која совест? Или чекавте некој друг да излезе на улица и да ја бие вашата/нашата битка? ВМРО ДПМНЕ ви се сега криви? Или Албанските партии? Сите се предавници додека вие од топло си пишувате на Фејсбук! Така нема држава другари. Нема историја, нема идентитет, т.е. има, ама не оној на Македонците пред нас. Тој ќе си го поделат Грција и Бугарија. Ние ќе имаме нов, од 1948 година (во најдобра рака) или од 1991 година. Ние сме северни, вештачки, нови... Народ без корен, затоа што сам си го исече.

Од 17 Јуни кога беше потпишан договорот до сега, имавме речиси 7 месеци за протести. Од 30 Септември, кога беше референдумот, имавме 3 ипол месеци за бетонирање на одлуката. Но, место 100.000 луѓе на улица имавме по неколку стотини. Топло било, ладно било, дожд, снег... изговори колку сакате, но држава само една. Пред една недела искочи анкета во која 87% од населението во Макеоднија би се иселило од државава ако има шанса. 87% од нас сакаат да побегнат, да ја напуштат државата без борба, без отпор. Кога така би функционирал цел свет, ниту една држава не би постоела повеќе од 100 години. Се би се распаднало при првата криза. Замислете така да размислуваа Комитете или Партизаните... или Самоиловите војници, Фалангата на Филип и Александар. Името Македонија одамна ќе беше заборавено и сега ќе немавме шанса да го продадеме. Но, имало генерации вистински Македонци и има Северни Македонци. Исплашени, себични, неспособни за акција и одговорност. Полни со изговори и обвинувања кон секој друг освен себе. Првите ја изградија и носеа Макеоднија низ секакви кризи, вторите го подарија единственото нешто коа го имаа, за грст лаги... Со среќа нека ни е! Брзо ќе сфатите дека многу ќе ни треба, но среќата ги прати храбрите, а ние како народ, тоа не сме.

Автор: Пацифист

Северна Македонија нема да постои, туку ќе се подели меѓу Бугарија и Албанија

Во времето на донесување уставни измени почна агресивна, како никогаш досега, негаторска кампања од страна на официјални претставници на Бугарија. На прво место треба да се спомене Каракачанов, вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, со изјавите (од 8 и 9.12.2018) дека македонскиот јазик бил бугарски дијалект, како и изјавата на Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија, дека Македонците требало да се освестат и да станат добри Б’лгари.

Изветвената бугарска кампања за негирање на сè што е македонско сега е во непосреден сооднос со името на нашата држава од преспанската спогодба. Имено, во времето на преговорите за преименување на Р Македонија бугарските државници изјавуваа дека за нив воопшто не е прифатливо името Република Северна Македонија, бидејќи делови од северна Македонија биле во Бугарија, та според тоа имало територијални претензии во истата онаа смисла како што според Грците имало името Македонија. Потоа наеднаш замолчеа, што кај нас од многумина беше сфатено како знак дека големиот брат ги присилил да замолчат. Преговорите завршија како што завршија, и „братјата Б’лгари“ повторно се огласија, што покажува дека веројатно станува збор за договорен грчко-бугарски сон за делење на Македонија: ние, неосвестениве Бугари да влеземе во Бугарија, а најзападниот дел во Албанија.

Очигледно на Балканот сѐ уште не се завршени Балканските војни, та така во годината кога се обележува стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна, кога беше зацементирана поделбата на Македонија, продолжува негирањето на македонскиот јазик и народ. Така, Каракачанов отворено се закани дека ако сме инсистирале на македонски јазик, тоа ќе ја чинело Македонија членство во ЕУ. Според бугарските политичари, за жал и за поголем дел од историчарите, нема македонска историја зашто Македонците се Бугари. Соодветно на тоа, има само бугарска историја, и тоа треба да се испегла во македонските учебници од страна на политичка, пардон „експертска“ комисија предводена од доктор на историски науки што не прави разлика меѓу нација и држава, па во медиумите изјавува (13.12.2018) дека ние како најмлада нација на Балканот сме требале да направиме: „…поголеми отстапки за да се решеле спорните историски моменти со Бугарија… и сме морале да голтнеме кнедли за доброто и мирот на сите“. Притоа се повикуваше на аргументите на новокомпонираните историчари: „…aко сме се затвореле во национализам и етноцентризам, ако сме тврделе дека сме директни наследници на Александар Македонски (при што гласно се насмеа, без да каже во кој учебник го пишува тоа), иднината немало да ни биде светла.“ Од оваа изјава, која покажува елементарно незнаење (патем речено, најмлада држава, пардон, според докторот на науки, нација е Косово!), кристално јасно е дека наместо со историја напишана од научници, учебниците ќе бидат испишани со договорена, инструментализирана и фризирана историја.

Во оваа пригода накратко за бугарските аргументи за измислениот македонски јазик и нација, односно за нивното непостоење. Тврдењето за божемната бугарска припадност на македонскиот народ се поткрепува со фактот што во изворите се користи името Бугари. Но треба да се каже дека византиските и поствизантиските историографи го користеле името Бугари за севкупното, како словенско така и несловенско население во бугарската држава, која од средината на 9 век ја опфаќала и Македонија. По востанието на комитопулите, пак, Самуил создал нова држава во Македонија, со центар во Преспа и Охрид, а не во Бугарија! Притоа Самуил ја узурпирал титулата на детронираниот бугарски цар Борис Втори зашто во тоа време само владетелите во Рим и во Константинопол (ден. Истанбул) имале право да носат царска титула, imperator, basileus, т.е цар. Со тоа терминот Бугари, произлезен од политичката ознака на државата, го потиснал народносното (етничко) име на македонското население, заменувајќи го со државноправното име. Значи, овој термин, освен етничко значење, имал и правно, за означување на државната припадност.

Во средниот век ваквата практика била вообичаена: така на пример германската држава во 10 век се нарекувала Римско Царство а нејзините императори „германско-римски“ цареви. Жителите на Источното Римско Царство, од историчарите наречено Византиско, до крајот на османската власт во изворите се нарекуваат Romaioi/Ромеи, без оглед на нивната етничка припадност. Тоа е така зашто во средниот век сè до 18 век нема поим за нација во денешна смисла на зборот.

Втората причина за најдолгото опстојување на терминот Бугари за Македонците е тоа што по признавањето на црквите на новосоздадените кнежества на Балканот, жителите во Османската Империја биле означувани според припадноста на црквата: како Болгари (егзархисти) или Грци (патријаршисти). Имено, во обидите на соседите за присвојување на Македонија, Македонците почесто се приклонувале кон Бугарската отколку кон Грчката црква, зашто грчкиот јазик им бил неразбирлив. Дека не станува збор за бугарско население во етничка смисла на зборот се гледа од пишаните извори во кои јазикот на словенските просветители, светите солунски браќа Кирил и Методиј, прв кодификуван словенски јазик според говорот на македонските Словени од околината на Солун, не се нарекува бугарски, како што го прекрстуваат бугарските историчари, туку словенски. Тоа е старословенскиот јазик, книжевен јазик на словенските народи сè до 18 век, од кој со текот на времето се развиле модерните словенски јазици, што се гледа од црковнословенските извори пишувани на македонска, српска, бугарска руска, хрватска и др. редакции, во зависност од локалниот говор на пишувачот.

Проф. Наде Проева за Нова Македонија

Популарно