ЧАДОРОТ стана симбол на отпорот против промената на името, идентитетот и уставот

Конечно дојде и тој ден. Македонскиот народ искочи на улица без политичка партија, во одбрана на своето! На снег, на студ, ЧАДОРОТ стана симбол на отпорот против промената на името, идентитетот и уставот.

Не сакам да шпекулирам со бројки, никогаш тоа не бил мој фазон, но вчера во Скопје најмалку 10.000 Македонци го изненадија светот, ги изненадија нашите политичари, па дури и медиумите. Никој не очекуваше ваков одзив. Дури ни организаторите не очекуваа толку народ на такво невреме. Но, на бурата со бура се одговара, а токму тоа вчера се случи. Мирно, достоинствено, без партиски пароли ... црвено жолто, со љубов и верба, Македонците порачаа дека нема предавање без борба, а борбата до прва следува. Следната рунда е веќе во недела, на 4ти Март (13:00 часот), во 14 светски метрополи и повторно во Скопје. Овој пат на плоштадот Македонија под „Воинот на коњ“. Воинот кој пред 3 века ја покори Грција, сега може да биде метафора за нова победа на Македонците. Од нас ќе зависи. Од оние 10.000 Македонци од вчера, но и од другите кои вчера не можеа да помогнат. Битката е започната, исходот ќе го решиме самите. Секој за себе, секој од себе. Без лидери, без политика и партии. Заедно, обединети под едно знаме. МАКЕДОНСКОТО.

И додека Грција и Европа изненадено пренесуваат за новата ситуација на терен, додека збунето го гледаат нашиот измачен народ како излезе од апатија во одбрана на своето, македонските политичари останаа сами. Од другата страна на преговарачката маса, без никаков допир со оние кои ги гласаат и чии интереси мора да ги застапуваат. Не е тоа ништо ново. 27 години на политичката сцена во Македонија не се појави ниту еден политички субјект кој имаше храброст да застане пред и со народот! Затоа сме каде што сме. Дури и оној кој постојано се фалеше со подршката од народот и кој добиваше и по 63 пратеници, кога дојде моментот да застане во одбрана на Македонија, го потпиша „Пржино“. Одби да сноси одговорност за сите свои грешки и го остави народот сам да си ја брани државата. Но, секој ќе си ја добие својата казна или награда. Така ќе биде и со сегашните лидери на државата, затоа што на крајот, народот решава кој е патриот, а кој предавник. Не помагаат ПР спинови, не помагаат ниту тапкања по рамо од странци, ниту деманти. Рекол премиерот за Ројтерс дека предлозите се негови или на Нимиц, сеедно е. Искрено, со неговиот англиски и не би зачудило ако не се разбрал со новинарот. Ја не знам како тој воопшто преговара со Грците и Нимиц, ако воопшто некој нешто го прашува. Едно е да не ти текне некој збор, но да измислиш нов, е тоа е веќе ново ниво на антилингвистика. Дрскоста оди до таму што истиот тој „Енглез“ во истото интервју ни го објаснува значењето на англискиот збор „nationality“. На истиот ден кога Македонците сами излегоа на снегот да се борат за опстанок, Заев лаже дека промена на националноста значи промена на државјанство и сето тоа без промена на Уставот?!!! Истиот ден градоначалникот на Струга со помош на СДСМ го крши Уставот со промена на статусот на општината, со што Албанскиот станува втор официјален јазик! Неколку дена претходно вицепремиерот Османи решава да не ја преставува Македонија на балсканска средба, затоа што Косово не е покането на истата, а Заев го подржува во истото! Поминаа 27 години, а Албанија не ја признала Македонија под уставно име, но Османи нема проблем со тоа. Немал ниту еден политичар од албанскиот блок во Македонија, но за Косово срце даваат. Во Македонија живаеат, работат, земаат плата, но името одма би го смениле без референдум, а за Косово ако треба и во војна би влегле! И ова е ок за Заев (Груевски)? Како што е во ред да го земе во коалиција човекот кој го исмеваше на секој предизборен митинг. Амди со себе носеше морков и зајак, за да се подбива со Заев, но на Зоран тоа не му пречи кога е во прашање ВЛАСТ и поголемо мнозинство во собранието. Бајрам барем си призна, дека неговата цел секогаш е власт и ништо друго. Која е целта на Заев? Веќе е очигледно и ќе стане уште појасно, дека целта на премиерот не се поклопува со онаа на народот. И тогаш ли ПР тимот ќе спинува и демантира? Тоа ли е планот Б, кога планот А вчера тресна од земја?

Колку само нашите политичари живеат во некој паралелен свет, без никаков допир со реалноста, зборува и денешната изјава на оној кој го ословуваат како претседател на Собранието, Џафери. На неполни 24 часа по протестот, на кој народот кажа дека нема апсолутно никаква доверба во ниту еден политичар или политичка опција, тој денеска зборува за меѓупартиски средби со меѓународно посредство! СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ќе се договореле за законот за јазиците (албанскиот јазик)! Ќе се договореле да го дополнат деловникот во собранието! Истиот оној при чиј „избор“ се поништи деловникот, сега ќе го дополнува?! ДПМНЕ да се врателе во собранието и што? Во чие име ќе решаваат сите 120 таму? Уште ли не им е јасна пораката или глумат дека не се случило? Ајде во недела да им објанисме. Повторно мирно и достоинствено, без инциденти и само под едно знаме! Сите заедно, без партии, без политичари, без сендвичи, без скриена добивка и профит. СЕКОЈ за себе и сите за Македонија!

П.С. Иако, директна поврзаност во настаните нема, сепак сето ова започна со двестате интелектуалци и нивниот проглас. Ви благодарам што му покажавте на народот дека некогаш и 200 се доволно за да почне лавината.

Автор: Пацифист

ВИДЕО: Кога Заев се обиде да се расплаче сред емисија!

Овој пат место подолг текст во форма на колумна, ќе ви се обратам со кратка пишана форма и видео запис од вчерашното гостување на премиерот Заев на Канал5, во „Само вистина“. Да, името на емисијата и Заев во неа се парадокс, но што е тука е. 

Прво, новинарката. Барем така и е звањето на жената. Единаесет години власт на Груевски ВМРО ДПМНЕ, мислев дека видов се од страна на контролирани медиуми и вљубени новинари, но сум грешел. Женава децата да можеше да му ги даде вчера на премиерот, ќе му ги дадеше. Го гледаше ко мајка син на свадба. Љубов и тага во ист момент. Тага за тешкиот живот на своето чедо, исполента со љубов и гордост за неговото дело. Едно прашање не смееше да му постави. Дури и кога ќе се обидеше, мораше да се вади со.. „може јас не сум разбрала“! Па кога зема да најавува дека Заев ќе соопшти ексклузивна „вест“ во нејзината емисија, па тоа икс масичка, па поезија... А од каде знаела? Да не биле договорени прашањата? Ок, доста за неа. Тетката е за жалење. 

Карши неа премиерот. Нему не му беа доволни незјините комплименти, па мораше сам да си кажува дека е едноставен човек. Човек од збор. Се му е во Македонија. Многу си ја сака државата. Тој бил небитен, само Македонија била важна... Чудно не спомна ништо за предците и неговите деца. Овој пат не се заколна дека не е роден политичар што ќе го смени уставното име (новинарката секако тоа не го спомна). Но, затоа реши да ни покаже една поинаква страна на Заев. Емотивна! Проба човекот и да се расплаче. Дури спомна и солзи, па ја смени фацата и.... НЕ, не му успеа! Водителката чекаше, се надеваше дека ќе пушти солза, па и таа во хор да му се придружи, но солзите заглавија некаде зад очите...  А ќе беше голем чин. Заев расплакан од промената на името, која тој ја договори! Расплакан од промената на историјата, која тој ја договори. Од откажувањето од Античките Македонци и АСНОМ, а тој ги брише. Од откажување на малцинството во Грција (и секаде каде има Македонци), а тој го потпиша тоа. Мачно било, тешко.... 

Во 27 години македонска држава, се сеќавам само на еден македонски политичар како плаче. Киро Глигоров, кога зборуваше за привременото име и какви се притисоци имала Македонија во тој момент. Разликата е во тоа што на поранешниот пртседател навистина му беше криво и плачеше откако кариерата му заврши, а Заев сакаше да плаче за да добие симпатии. Сакаше со солзи да го придобие народот за да помине промената на Уставот, историјата и името! ПАЦИЕНТ! 

Емотивниот дел од видеото, започнува на 14:00 од емисијата. Пред да го погледнете, земете палома. За секој случај!

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Начинот на кој СДСМ дојде на власт, е истиот со кој сега се обидува да владее

Планот беше денеска да пишувам анализа за договорот со Грција. Чекав да биде потпишан, па мојата анализа да ја преточам во текст до јавноста, но случувањата пред собранието синоќа имаат предност и знак ИТНО. Анализата може да почека, секако има време до референдумот и изјаснувањето на народот. Сега за солзавецот и шок бомбите...

Кога пред 2-3 години СДСМ подржана од „шарената револуција“ излезе на улица да бара власт, пишував дека со тоа се крши уставниот поредок и предупредував дека власт освоена на улица се губи токму на улица. Како си дошол, така ќе си одиш. Секако, моите текстови не им се допаднаа на „прогресивците“, „револуционерите“, „борците против режимот“... Нема да им се допадне ни овој текст, но тоа е нивни проблем.

Не бев вчера на улица. Не бев пред собрание. Не можам од прва рака да ве информирам што се случи. Ги гледав сите видеа кои се појавија по медиумите и на социјалмите мрежи. Мојот впечаток од прегледувањето е дека дел од демонстрантите ја срушија оградата пред собранието и ја нападна полицијата, која одговорои на нападот. Секогаш сум стоел зад тоа дека ако полицијата е нападната, реакција мора да има. Стојам зад тие зборови и сега. Ако фрлите камен врз полицаец, макар само еден, полицијата мора да реагира. МОРА! Го пишував ова и кога „шарените“ напаѓаа полицајци, го пишувам и сега. Од таа причина, првичната реакција на полицијата на вчерашните протести пред собранието  потполно ја оправдувам. Ако се завршеше тука, сега ќе пишував анализа на дооворот, но полицијата реши да покаже прекумерена сила и да ги гони демонстрантите и во ГТЦ! Тука МВР покажа дека не се работи за самоодбрана и заштита на институциите или уставниот поредок, туку намера да ги заплаши демонстрантите. Да го заплаши народот решен да демонстрира вчера, но и во наредните денови. Потег сличен на оној при протестите на „шарените“ кога припадници на МВР влетаа во читална и преплашија и повредија студенти кои учеа таму. Полициска држва, режим, полициска бруталност , беа зборовите со кои се опишуваше тој чин. Се сложив тогаш, се сложувам и денеска со тие кои тврдат дека и вчера се случи истото. Разликата е што тогаш се сложував со едни, а денеска со други. Сите оние кои го осудуваа потегот на полицајците кои тогаш влетаа во читалната на Партизанска, денеска молчат или ја опрадвуваат вчерашна акција на полицијата. И обратно, оние кои ја оправдаа тогаш акцијата на полицијата, денеска ја осудуваат вчерашната. Така е тоа во Македонија. Не е важна акцијата, дејството, туку кој го превзема. Не се важни пендраците и шок бомбите, туку на кој му се удрени. Јавниот суд е поделен, како и општеството во кое едните се „прогресивци/предавници“, а другите „патриоти/фашисти“.  Не е важна содржината, ниту средствата, туку целта. Онаа на сопствената група  и  секако, личната корист. Затоа денеска „шарените“ кои во меѓувреме лапнаа позиции, од своите меки фотељи ја подржуваат вчерашната акција на полицијата. Ги исмеваат повредените и ги демонизираат сите кои протестираат. Од друга страна имаме вџашени „интелектуалци“ од вчерашната полициска бруталност, кои кога „шарените“ протестираа бараа гумени куршуми. Ретки се ликови кои останаа доследни на своите ставови. Ги има, но ретки се!

9 повредени и 25 приведени е официјалниот биланс од синоќешните немири, но штетата е многу поголема. Намерата на полицијата да ги уплаши демонстрантите не помина, па секој следен судир ќе биде многу пожесток.  Сега толпата ќе биде подготвена за судир, спремна за контра офанзива и многу побројна. МВР погреши и ќе ја плати грешката, на овој или на оној начин.

Можеби целта беше токму тоа. Да се испровоцира судир на улица, со цел да се демонизираат сите оние кои се против промена на името. Истите да бидат преставени како радикали кои сакаат немири, место ЕУ, но не помина. Некои медиуми отидоа до таму што објавија дека демонстрантите фрлале шок бомби, но заборавија дека не сме 17 век и дека секој човек со себе има мобилен со одлична камера. Никој веќе не чека вести на Тв, туку отвара ФБ, Твитер, портали  и гледа што навистина се случило. Народот виде дека полицијата претера. Виде повредени жени, виде шок бомби, созлавец, виде полицајци со извадени пендраци и чудни пушки во рацете! Виде мининстерство за внатрешни работи, а преку тоа и Влада, спремна со сила да го брани својот начин на работа. Или со зборови на „шарените“, виде РЕЖИМ. РЕЖИМ што потпиша договор за промена на име и Устав,  спремен да го брани истиот со ШОК БОМБИ и страв.

Сега на сите им е јасно дека на власт и околу неа имаме нов РЕЖИМ, кој во име на СОЖИВОТ и ЖИВОТ за СИТЕ, е спремен да ги демонизира, навредува и потценува сите оние кои не мислат како нив. Како и во времето на Груевски, така и денеска, секој кој не се сложува со Заев и заевистите е оцрнет и исмеан. Начинот на кој СДСМ дојде на власт, е истиот со кој сега се обидува да владее. Разликата е што тогаш методот го употребуваа на ВМРО ДПМНЕ, а сега на дел од народот кој е против промена на името на државата, промена на уставот и историјата. ВМРО не го издржа налетот и се сруши како кула од карти. Дали народот кој не се сложува со договорот со Грција ќе издржи и колкав е бројот на граѓаните решени да го бранат името, ќе видиме. Дали Заев ќе го дочека референдумот или ќе ја загуби власта, на истиот начин накој ја доби (на улица) набрзо ќе дознаеме.

Во меѓувреме, ги повикувам сите кои се решени да го бранат името, уставот и историјата на улица, да не дозволуваат или провоцираат судири со полицијата. Полицајците не се криви за нипто, Тие само си ја вршат работата за која се платени.

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Заев: Договорот е рамен на капитулација, но јас подобро не можам

Пред седум дена пишував дека Мицкоски не е од материјал за лидер на Македонија, а вчера дека за одбрана на уставното име не се доволни само празни фрази, туку стратегија и дела. Здосадено ми е да се повторувам, но претседателот на ВМРО ДПМНЕ и синоќа, како на 2ри Јуни, имаше шанса да покаже дека сум згрешил, но....

Лесно му е на Мицкоски да каже дека договорот со Грција е капитулација. ТАКА Е! Заев даде се што Грција побара, а народот кај нас можеби и може да го свари. Иако, договорот официјално не сме го виделе, а премиерот не е сигурен извор (со други зборови, многу лаже!), засега ќе се водиме по она што струмичанецот го кажа. Јазикот и нациналноста остануваат речиси не променети, но болката е во Ерга Омнес и менувањето на уставот. Да, Заев даде се што досега ниту еден наш политичар не помислил да жртвува. Даде нешто што не е негово, ниту нешто за што има било какво право да преговара. Нешто за што вети дека нема да преговара, но веќе спомнав, човекот многу лаже. Да, секако дека има простор за критики, но доколку истите се без соодветно понудено подобро решение се само техника за собирање политички поени. Тоа ли е целта на Мицкоски? Затоа ли и денеска побара предвремени избори, без да каже што ако ги добие. Што ќе понуди тој? Во ред е да кажеш „нашиот став е дека не менуваме устав со цел промена на уставно име“, ама треба да ни кажеш и каде ни е иднината со тој став. Еве ние, граѓаните, 27 години ве гласаме, ве плаќаме да не водите. Да го браните името, јазикот, идентитетот, но и да ни овозможите услови за достоинствен живот. Името го сакаме. Го сакавме и во 1991 година кога ни закачивте привремена референца. Си го сакавме и знамето, но... Го бранеме уставот и во 2001 година, но вие ни потпишавте Рамковен. И во 2004 година, но „некои прашања не заслужија одговор“. Го сакаме веќе 27 години и го браниме, но многу изгубивме. Мајки живеат далеку од  своите деца. Татковци лажат дека имаат бугарски корени за да ги пратат чедата далеку од себе за поднослив живот. Деца ни умираат по болници, зошто здравството се распаѓа. Најголема смртност на новороденчиња. Се е тоа крв! Не сте бе браќа ништо поарни од Турците/Османлиите. Само што вие сте демек наши. Затоа НЕ, не е доволно да се критикува Заев. Тоа можам јас, како анунимус, како обичен граѓанин! Ти Мицкоски таков луксуз немаш! Кажи ни ајде, што ако падне договорот? Што ако ВМРО дојде на власт? Како во ЕУ без договор со Грција? Или ќе понудите сојуз со Кина, Русија, Индија... Куба?!! Еве не чини договорот, ама што ако го скинеме? Или можеш да ни ветиш договор со Грција без Ерга Омнес? Ок, еве Заев е неспособен, но вие бевте на власт 11 години пред него, зошто не го донесовте тој договор тогаш? Без одговор на овие прашања не барајте избори, не барајте народ, не глумете патриоти.

12 Јуни 2018 година ќе остане запишан во македонската и светската историја. Денот на кој за прв пат една држава менува има по надворешен притисок на соседна држава. Денот на кој повторно се откажуваме од малцинство. Денот кога Македонија се откажува од дел од својата историја! Сето ова доброволно, па дури и триумфално. Заев со славенички говор го презентираше договорот, но мораше да лаже што тоа попуштила/изгубила Грција со договорот. Не дека му е проблем да лаже (веќе мислам дека има таква потреба, нешто во него бара да лаже), но Македонскиот јазик за кој се пофали дека Грција „конечно“ ни го признала е премногу плитка лага. Смешал малку брзини Зоки, па заборавил дека Бугарија имаше проблем со нашиот јазик, не Грција. Ама ок, тешко му е да памти на кој што му дал. А што да прави премиерот, мора да лаже. Ако е искрен, неговата прес конференција ќе требаше да започне и заврши со:

- Во преговорите за името со Грција изгубивме дел од историјата, малцинството во Грција и уставното име. Договорот е (речиси) рамен на капитулација, но јас подобро не можам. Грците се многи стратегиски поспремни и немаат што да загубат ако преговорите пропаднат. Ако народот го прифати овој договор како решение, Северна Македонија ќе влезе во НАТО и можеби ќе почне преговори за влез во ЕУ. Ако референдумот на помине... јас немам друг план. Немам визија, ниту тим со капацитет да изградам држава од рунита во која ја претворивме Македонија.

На ова, час и половина подоцна Мицкоски на својата прес конференција ќе требаше искрено да каже:

- Договорот е капитулација и Заев нема легимитиет да преговара за менување на уставот без изграден национален консензус. Сепак, да потсетам и ВМРО ДПМНЕ го правеше истото и преговараше на своја рака во минатото. Разликата е што ние никогаш не прифативме „Ерга омнес“, па затоа и не дојдовме до договор. Очигледно е дека Грција никогаш нема да прифати промена на име само за меѓународна употреба, па реално со нашиот став Македонија никогаш не би влегла во НАТО или ЕУ. Јас немам храброст да ги повикам граѓаните да се откажат од членство во ЕУ и НАТО, бидејќи немам што друго да им понудам, па затоа само ќе побарам избори. Не затоа што ВМРО ДПМНЕ има план за подобро утре без ЕУ, туку затоа што СДСМ го даде она што ние не го дадовме.

Речиси и ми е срам што текстов посветен на „лидериве“ ќе го завршам со цитати од вистински Македонски ЛИДЕР и што неговото име ќе стои на иста страна со Зоки и Христијан.

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите.“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови - изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“

Гоце Делчев

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Популарно