ОГЛАС: Македонска пошта купува оружје!

„Македонски пошти“ објави оглас на Електронскиот систем за јавни набавки со кои ќе купува куршуми од 9 милиметри, цели и закупнина за стрелиште за изведување вежбовни активности. Вкупната сума за која се однесува набавката е 300 илјади денари. Oгласот е објавен вчера, а критериум за доделување на набавката е најниската цена.

Од „Македонски пошти“ велат дека станува збор за редовна процедура на набавка на огнено оружје, цели и закупнина на простор, која се спроведува секоја година. Вежбовните активности за потребите на „Македонски пошти“ ќе ги изведуваат нивни обезбедувачи, кои таму се вработени, а овие активности морало да се изведат за вработените да ги задржат лиценците.

Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти

Приватните специјализанти утрово продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. Преку соопштение, тие синоќа информираа дека штрајкот ќе продолжи и денеска, сѐ додека Министерството за здравство по денешната седница на Влада, не излезе со официјален став за нивните барања. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за понатамошните чекори.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот. 

- Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период, изјави вчера по средбата во Владата, д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

Таа нагласи дека го негираат тврдењето оти штрајкот има политички контекст.

Министерот за здравство во текот на вчерашниот ден на прес-конференција побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

- Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има голема разлика оти до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини. 

Македонец имал удар во Унгарија - денеска со медикоптер пристигна во Македонија

Денеска беше реализиран успешно транспорт од Унгарија до Македонија со медицински хеликоптер („медикоптер“) на болно лице за понатамошна подолготрајна нега. 

„Конкретно, на 11 април преку Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, а подоцна и преку официјалната електронска пошта на ЦУК и до директорот Стојанче Ангелов, пристигна барање за транспорт од Унгарија до Македонија со медицински хеликоптер („медикоптер“) на болно лице, македонски државјанин, којшто бил професионален возач и во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во индуцирана – вештачка кома во Унгарија, во градот (Szeged). Во телефонскиот контакт со ќерката на болното лице, беше добиена информација дека било стапено, од нејзина страна, со надлежните медицински установи во Македонија, од каде што и посочиле дека е потребен безбеден транспорт и интензивна подолготрајна нега. Притоа, на барањето е одговрено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт, тоа е реализирано од страна на Хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел“ 412, во содејство со Министерството за здравство денеска.

Ова е дел од активностите при што државните водухопловни ресурси, во случајот полициските хеликоптери, со мали модификации и опремување со специфична опрема, се употребуваат повеќенаменски, односно покрај за гаснење пожари сега се употребуваат и за медицински транспорт. Припадниците на Хеликоптерската единица на МВР,, е евидентно дека покажуваат високо ниво на храброст и вештина при гаснењето на пожарите на отворено, а сега и голема вештина за безбеден транспорт на болни граѓани на големи растојанија“, стои во соопштението на ЦУК испратено до медиумите.

Поевтинува дизелот, цените на бензините не се менуваат

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ се намалува за 0,50 денари по литар, а цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе биде 77,50 денари за литар.

За 0,50 денари поскапува Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и еден литар ќе чини 77,50 денари.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,871 денари и килограм ќе се продава за 44,302 денари.

Популарно