Над 8.000 македонски граѓани преку ГП Богородица заминале кон Грција за продолжениот викенд

На граничниот премин „Богородица“ утрово од околу три часот е зголемена сообраќајната фреквенција, особено на туристи и патнички возила кои се упатуваат кон Грција за продолжениот викенд, информира за МИА командирот на граничниот премин Миле Тошев напоменувајќи дека за изминативе седум часа, на излез се регистрирани околу 4.500 патници.

Работиме со полн човечки и инфраструктурен капацитет за да ги задоволиме потребите на сите што одлучиле да патуваат преку овој граничен премин. Ангажирани се сите шест сообраќајни ленти од кои пет за патничките и една за транспортните возила. Задржувањето на патниците изнесува од 20 до 30 минути поради обавување на царинските формалности. Толкаво е задржувањето на патниците и на грчката страна од границата. На влез во земјава состојбата е многу порелаксирана, поточно секојдневна, рече Тошев.

Според податоциете од пограничната полиција, од вчера од 12 часот низ граничниот премин Богородица кон Грција се упатиле вкупно 12.200 патници од кои само на излез се регистрирани 10.394 патници.Од нив 8.500 се македонски граѓани, а останатите претежно туристи од Србија.

„АЛКАЛОИД“ ПУШТИ ВО УПОТРЕБА НОВ КАПИТАЛЕН ПРОЕКТ ВРЕДЕН 19,4 МИЛИОНИ ЕВРА

Новите капацитети за производство на цврсти фармацевтски форми, со површина од 6.200 м2, се најкрупниот инвестициски потфат на компанијата во изминативе две децении

Во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, „Алкалоид“ АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.

Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. За изведбата на овој објект, започната во април 2021 година, беа ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвиваа под водство на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.

Во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во Македонија. Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета. Опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид: GEA (опрема за влажна гранулација), Alexanderwerk (опрема за сува гранулација), Lodige (опрема за хомогенизација), Fette (преси за таблети), Glatt (систем за филм-обложување), De Lama (автоматска машина за перење контејнери) и други.

Со пуштањето во употреба на новата техничко-технолошка единица за производство на цврсти фармацевтски форми двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од 4 милијарди таблети годишно.

„Во динамична индустрија каква што е фармацевтската пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот ’Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“, изјави Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов на официјалното пуштање во употреба на новиот оддел, кое се одржа во присуство на високи претставници на менаџментот на компанијата, како и на претставници на медиумите од земјата и од регионот.

Ова е еден од најкрупните инвестициски проекти на „Алкалоид“ АД во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра.

Фармацевтските производи на „Алкалоид“ се присутни на пазарите во повеќе од 40 земји во светот.

Летно сметање на времето од недела 31 март

Летното сметање на времето започнува в недела на 31 март во 02:00 часот, кога со поместување за еден час нанапред времето во 02:00 часот ќе се смета како 03:00 часот. 

Владата, на предлог на Министерството за економија, денеска на седница донесе Одлука за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2024 година.

Како што соопшти вечерва владината прес-служба,  летното сметање на времето завршува на 27 октомври во 03:00 часот, така што со поместување за еден час наназад времето во 03:00 часот, се смета како 02:00 часот.

Одлуката за воведувањето летното сметање на времето е согласно Законот за сметање на времето („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/96 и 16/97) и согласно европски директиви.

Норвешка ни испрати 76 воени возила

Норвешка испрати 76 воени возила за Македонија. Вкупно 40 камиони и 36 лесни пешадиски возила се натоварени вчера од пристаништето Оркангер и со брод ќе бидат транспортирани до Солун, информираат од норвешката амбасада.

Со донацијата, најавена во септември минатата година, како што информираат од амбасадата на Норвешка, ќе биде опремен лесен пешадиски баталјон.

-Донацијата ја симболизира важноста на НАТО солидарноста и соработката меѓу земјите членки. Способноста на алијансата да одговори на криза или конфликт зависи од силата и солидарноста на сите земји членки, а не само на една нација. На 4 април оваа година НАТО алијансата полни 75 години. Северна Македонија стана членка на НАТО во 2020 година, а Норвешка е членка на НАТО од формирањето на алијансата во 1949 година. Двете земји имаат долга историја на билатерална соработка, а со влезот на Северна Македонија во Алијансата во 2020 година соработката стана уште посилна, се вели во соопштението од норвешката амбасада.

Донацијата, како што велат од амбасадата, е и индиректна донација за Украина, бидејќи Македонија претходно донираше значителна количина опрема за Украина. Со норвешката донација, Македонија ќе може повторно да надополни дел од опремата што ја подариле, посочуваат од амбасадата на Норвешка.

Популарно