ФОТО: Оваа жена со 3.000 денари заработи милијарди долари!

Иза Логин е „мајката“ на Talking Tom ја споедели својата приказна со Факултети.мк. Поради нејзината скромност, на почетокот на интервјуто не потенцираме дека е најбогатата жена во Словенија откако лани со својот сопруг Само за 1 милијарда американски долари ѝ ја продаде својата компанија Outfit7 на кинеската компанија Zhejiang Jinke Entertainment Culture Co

Парите не се единствениот фактор за успех, туку влијанието, импактот што ќе го извршиш во светот. Тоа е моето мислење, вели Иза Логин во ексклузивното интервју за Факултети.мк. Ако нејзиното име не ви звучи познато, нема кој не слушнал за Talking Tom, мачорот кој пред екранот на вашиот таблет или телефон ги повторува вашите зборови, со глас како да сте вдишале хелиум. 

Иза Логин е „мајката“ на Talking Tom. Поради нејзината скромност, на почетокот на интервјуто не потенцираме дека е најбогатата жена во Словенија откако лани, со сопругот Само за 1 милијарда американски долари ѝ ја продаде својата фирма Outfit7 на кинеската компанија Zhejiang Jinke Entertainment Culture Co. Всушност, целата идеја околу мачорот е  на нејзиниот сопруг Само – дури и неговиот глас. Лани, откако ја направија можеби најуспешната трансакција во регионов, ја основаа фондацијата Login5 заедно со синовите Јанез Нејц и Франце.

Пријатна, комуникативна, исклучително едноставна за соработка, со Логин разговараме околу целата идеја за апликацијата која буквално преку ноќ го освои светот, за нивниот успех, кој не е ни малку случаен, за нивната филантропска идеја да ѝ помогнат на планетата. Првото прашање – се разбира: Дали сакате мачки?

- Да, сакам домашни миленици, всушност, ги сакам сите животни. Кога бев дете, живеев на село и цело време имаше мачки околу куќата – немав една, своја мачка. Деновиве, пак, премногу патувам за да можам да си дозволам да чувам мачка или некое друго милениче.

И вие и сопругот Само сте компјутерски инженери... Како се сретнавте?

- Се сретнавме во гимназија, бевме соученици. Потоа заедно студиравме компјутерски науки на Универзитетот во Љубљана. И двајцата имавме заеднички интереси, па работевме на исти проекти додека студиравме. Уште тогаш сфативме дека сме одличен тим. Сѐ правевме заедно - учевме, работевме на проекти, хобија...

Честопати Ви се обраќаат како Иза-мајката на Talking Tom. Како всушност беше создаден Talking Tom?

- Накусо, идејата беше на мојот сопруг Само - негова дефиниција на продуктот, неговиот (црн) хумор и неговиот глас. Гласот на Том во сите апликации е всушност гласот на Само (освен во анимираните филмови). Првичниот изглед, првиот 3Д-карактер на Talking Tom беше купен онлајн за 60 американски долари. Апликацијата беше развиена за три недели и донесе инстант-забава, што беше всушност основната намера поради која беше создадена. Стана популарна во целиот свет за нецела недела. Сите апликации Talking Tom and Friends до денес се преземени повеќе од 7 милијарди пати.

Што Ве инспирираше за имињата на ликовите, Том, Џинџер, Анџела...

- Името на Том беше игра на зборови. Tomcat во англискиот јазик значи мачор и го избравме поради подобро пребарување во мрежата. Само веќе развиваше пребарувач во претходната компанија каде што работеше и веќе беше прилично насочен, имаше искуство на тоа поле. Сите други имиња беа избрани внатре, во компанијата – вработените предлагаа имиња за другите ликови. Оној чиј предлог беше прифатен добиваше вечера за двајца.

Која беше првата публика на новата апликација. Децата на вработените во компанијата?

- Да, секако имаше многу луѓе околу нас. Нашите деца веќе беа пораснати и веќе придонесува со нивните идеи. Моите внуци беа тие што многу влијаеја при создавањето на корисничкиот интерфејс. 

Во тоа време беше основана компанијата Outfit7. Како стартап во 2009 година, во која насока решивте да го насочите својот бизнис?

- Кога почнувавме, единствено што знаевме е дека ќе работиме на полето на мобилни апликации. Наскоро, по исцрпното истражување на пазарот, решивме да развиваме апликации за категоријата Entertainment app.

Можете ли да ни ги посочите најголемите грешки и најдобрите потези што Ве доведоа до планетарен успех?

- Најдобрата одлука дефинитивно беше да се насочиме кон развивање апликации во категоријата Entertainment app, да најавиме на пазарот нова инстант-забава и да се фокусираме на развивање одличен тим од инспирирани луѓе. Најголемата грешка беше кога почнувавме наш бизнис во рекламирањето – не го познававме овој бизнис, кој имаше свои правила и начини на работа за кои не бевме подготвени да ги почитуваме. Така, не успеавме. Изгубивме голем капитал, но од тоа стекнавме големо искуство и знаење.

Во Македонија и генерално на Балканот има многу ИТ-компании и поединци што работат на развивање секаков вид апликации. Досега никој не се ни приближил до успехот на Outfit7. Колку е важно да се работи на свој продукт?

- Сѐ зависи од идеите што се во можност да ги развиваат, техничките ограничувања со кои се соочуваат. Но, во секој случај, развивањето сопствена интелектуална сопственост е базата за создавање голем профит.

Откако ја продадовте компанија, станавте едни од најбогатите луѓе во Словенија. Се чини дека тоа не Ве изменило во суштина. Што Ве држи цврсто на земјата?

- Зошто би се изменила? Јас усовршив само еден дел од бизнисот - digital family entertainment. Имам толку многу пријатели што се многу подобри од мене во сопствените полиња – учители, готвачи, писатели, лекари... Парите не се единствениот фактор за успех – туку влијанието, импактот што ќе го извршиш во светот. Тоа е моето мислење.

Ја основавте фондацијата Login5 и минатата година се заветивте дека најголем дел од својот капитал ќе го потрошите на еколошки проекти. На што сте посветени во моментот?

- Двата проекта на кои сме активни во моментот се истражувања за hi-tech brain. И самоодржлива луксузна мода - www.mateabenedetti.com Имаме сѐ објаснето на нашата веб-страница www.login5.org Сѐ е кратко и јасно.

Што би им препорачале на сите млади луѓе што сонуваат да го постигнат Вашиот успех?

- Фокусирајте се на импактот, на својата мисија/визија. Зошто го правите тоа што го правите? Не кон профит и пари. Инвестирајте во своето време, енергија, страст и фокусирајте се на оваа мисија. Верувајте во неа со сето свое срце и нема шанси да промашите.

 

ФОТО: Ова е најпродаваната игра на годината

Иако беше претставена на почетокот на октомври, Call of Duty: Black Ops 4 е веќе најпродаваната игра за оваа година.

Според извештајот на “NDP Group”, Black Ops 4 е најпродаваната игра не само во октомври, туку и во целата 2018-та година.

Ова е осмото најуспешно лансирање на видео игра во американската историја и станува збор за втората најпродавана игра во последните 12 месеци. Во овој период, единствено подобра заработка остварила уште една игра од Call of Duty франшизата, станува збор за WWII.

Многумина сметаа дека оваа година убедливо најпродавана игра ќе биде Red Dead Redemption 2, со оглед на тоа што играта бележи рекордна популарност, но се чини дека тоа што RDR2 се појави две седмици после Black Ops 4, ќе влијае и на конечниот исход кога станува збор за оваа година.

За октомври, играта Red Dead Redemption 2, иако што беше пуштена во продажба во последната седмица од месецот, сепак го зазеде второто место, а потоа следуваат Assassin’s Creed: Odyssey, NBA 2K19 и Super Mario Party.

Кога станува збор за Red Dead Redemption 2, импресивен е податокот што оваа игра е втората најпродавана игра во последните 10 месеци од оваа година, иако се појави на пазарот прилично доцна. Останатите три игри во топ 5 се Far Cry 5, Spider-Man и NBA 2K19.

ВИДЕО: Револуционерниот дрон ќе ги чисти прозорите на висококатниците, а ќе може да гаси и пожари

Летонска компанија разви беспилотно летало кое што прозорците на висококатниците ќе може да ги исчисти за 20 пати побрзо време од луѓето, а покрај тоа, целиот процес ќе биде далеку побезбеден.

Со оглед на тоа што чистењето на прозорците на висококатниците е комплексна и ризична работа за работниците, летонската компанија доби идеја да развие дрон кој што ќе ја извршува таа работа.

Станува збор за дрон кој што е широк 3 метри и има 12 ротори, а доколку дојде до некој проблем, дронот нема да се сруши на земјата, туку ќе остане да виси затоа што ќе биде закачен на кабел. Тоа значи дека нема да има ниту потешкотии со капацитетот на батериите, затоа што кабелот ќе доставува и електрична енергија, а исто така преку кабелот ќе се дистрибуира и водата за чистење на прозорците.

Актуелниот модел може да чисти прозорци на висина и до 350 метри, а начинот на кој што ќе работи, иако ќе биде поврзан со кабли и црева, е прикажан на видеата подолу.

Покрај тоа што дронот ќе може да чисти прозори, од “Aerones” развиваат и друга верзија на овој дрон која што ќе биде наменета за пожарникарите, односно за гасење на пожари.


Германците да научат како се прави автомобил од Американците

Германскиот министер за економија ги повика германските производители на автомобили да земат пример од американската компанија Тесла кога е во прашање производството на електричните модели.

Многумина сметаат дека кога станува збор за целосно електричните автомобили, тогаш Тесла е без конкуренција. Автомобилите на Тесла дури и во дизајнот се попривлечни од своите конкуренти, а нудат низа на технолошки решенија, квалитет на батерии и перформанси кои што се најдобри на светот.

Еден од љубителите на автомобилите на Тесла, очигледно е и германскиот министер за економија, Петер Алтмајер кој смета дека германските производители на автомобили треба да го следат патот по кој што се движи Тесла.

Тој своето мислење кое што ги изненади Германците, го изнесе на еден форум на кој се дискутирало за технологиите на иднината.

„Се прашувам кога Мерцедес, Фолксваген или БМВ ќе направат барем половина секси електрични автомобили како што се автомобилите на Тесла“, изјави Алтмајер.

„Ако зборуваме за атрактивноста на електричните модели на нашите компании, тогаш сметам дека тие треба да излезат пред купувачите со некои посвежи дизајнерски идеи“, порача германскиот министер.

Со оглед на тоа што сите три споменати германски гиганти веќе најавија „електрична офанзива“ во следните неколку години, останува да почекаме и да видиме дали ќе го прифатат советот на министерот Алтмајер.

Популарно