„Се срамам од моите селски прости родители!“

„Се срамам од моите прости родители. Ме нервира како зборуваат, како селски се облекуваат. Ме нервираат јадењата коишто ги готват, како сркаат супа и шлапкаат додека јадат. Не можам да ги трпам, не сакам да ги гледам!“

Со горчина и пакосна омраза мојата пријателка ми објаснува како нејзините родители ѝ шетаат по нервите. Се обидувам да ја сослушам, но во мојата глава вреска внатрешен глас како аларм кој предупредува дека не е во право и дека треба да се разбуди од заблудата.

Ние сме практично цел живот заедно. Израснавме преку една куќа, откако знам за себе, знам и за другарка ми. Нејзините родители цел живот мака мачеа да врзат крај со крај. Но и тоа малку што го имаа беше само за неа.

Кога некој ќе ви рече – не јадевме ние да има за вас децата, верувајте дека cе во право. Точно, не се високо образовани луѓе. Факт е дека не можеме да бидеме сите, а и нема потреба.

Но тие беа и сè уште се многу вредни и чесни луѓе. И двајцата работеа по неколку работи за да ѝ го платат факултетот на другарка ми. Кога дипломиравме, толку беа среќни што мислам дека ќе заплачеа. Одвај ги сопираа солзите што им се тркалаа по лицето со изговорот дека многу силно пече сонцето, па на сите ни солзат очите.

Другарка ми не сакаше ниту да се слика со нив. Ѝ остана тој срам од родителите како некоја болест од која не може да се излекува. Ретко викаше луѓе дома, скоро никогаш.

„Види какво ни е дома, кого да викнам тука, во оваа кочина“. Од ништо не беше задоволна, ни од малку, ни од многу.

И покрај тоа што денес другарка ми заработува многу солидно, родителите ѝ се сè уште тука за помош. Селска им била бавчата во дворот, требало цвеќиња, борчиња и базен наместо домати и кромид, ама убаво е кога ќе си однесеш свеж зеленчук дома.

Родителите се веќе стари, болникави, но не се предаваат. Тие сè уште живеат само за неа. И за нејзините деца. Кога и да треба да се причуваат, тие се тука. Мислам дека срцето им се скрши кога не ги покани на првиот роденден на малечката со изговорот дека забавата е „само за млади луѓе“.

И тоа го премолчија. Ја проголтаа и таа навреда, бидејќи цел живот се во потрага по тоа мало одобрување од нејзина страна, тоа мало признание и благодарност за нивното жртвување и мизерување за сметка на нејзината среќа.

Се обидувам да ѝ предочам дека не е во право, дека родителите ѝ мислат сè најубаво, дека само тие ти се на светот и на крајот од денот само од нив ќе добиеш безрезервна љубов и поддршка.

Таа само мавта со главата како некоја себична и разгалена жена со жалбата зошто токму неа ѝ се погодиле такви селски родители?

Јас пак размислувам вака: има толку многу лоши родители, родители кои те навредувале, омаловажувале, не те поддржувале. Кои те малтретирале и физички и психички и наместо да се радуваат на твоите успеси, тие како да се ситат на твоите падови.

Тука горчината можеби е оправдана, но како може да не си ги сакаш родителите кои ти мислат сè најдобро?

Можеби си слеп за да ја видиш нивната љубов и посветеност. Можеби нивните гестови ти се смешни, по малку те нервираат.

Не знаеле да испратат слика на Viber, не знаеле да си ги префрлат контактите од еден во друг телефон… па што дека? И ти не знаеше да читаш и пишуваш, па те описменија кога тргна во прво одделение.

Повторуваат неколку исти работи една по друга, напорни се. Се сеќавам кога бев мала како секоја вечер се читаше една иста приказна, до снеможување. Пена да ти фати устата од истата досадна приказна.

Кога ќе видите колку се невешти за некои работи, само сетете се колку бевме ние несмасни и исто толку невешти како помали.

Во некој момент од животот може да имаш и повеќе пари, некое навидум пофино друштво, па твоите родители да ти изгледаат несоодветно и недостојно за твојот „гламурозен“ живот. Па така, забораваш на сите нивни жртви од минатото, на нивната љубов и разбирање, ги буткаш кон маргините, се однесуваш со непочит, покажуваш нетрпение и ароганција.

Кон оние кои те израснале од мрвка, кои се треселе за тебе, оние кои на крајот од денот те сакаат најмногу од сите. Немаш љубов за нив и домот чија врата и прегратки ти се секогаш ширум отворени.

Што се однесува до моите родители, тие може да облечат и вреќа од компири на нив, да сркаат шумно, да се смеат гласно. Имам трпение и 10 пати да покажам како се прикачува слика на Фејсбук, бидејќи и со мене некој имал трпение додека ми ги покажувал буквите од азбуката.

Никогаш нема да ги наречам селски, никогаш нема да речам дека ме срамат, бидејќи се гордеам со нив. И тие имаат мани, впрочем како и јас, како и сите луѓе. Најважно е да ми се живи и здрави уште долго и да се среќни.

Тие се моето сè.

Впрочем, сметам дека и не може да биде поинаку кога се работи за луѓето за кои денот е како без сонце, доколку не ја видат или слушнат вашата насмевка.

Извор: Црно бело

ФОТО: Момче со рак во терминална фаза го теши својот брат

Фотографијата од 15-годишно момче со рак во терминална фаза како го теши својот расплакан брат стана вирална.

Во 2019. година, на тинејџерот Иан му бил дијагностициран остеосарком. По операцијата и неколкумесечната хемотерапија, дознале дека е излечен. Но, во ноември 2021. година, болеста се вратила и се проширила низ телото. На Јан и неговото семејство им било кажано дека ништо повеќе не може да се направи и дека ќе умре.

Кога Јан ја споделил страшната вест со својот помлад брат Питер, тој се расплакал и липал. Иан силно го прегрнал, да го утеши и му се извинил што не можел да го победи ракот.

Потресната фотографија од трогателниот момент меѓу двајцата браќа на Фејсбук ја објави Бенџамин Елиот од Орегон.

„Иан реши сам да им каже на своите пријатели и помалиот брат дека ракот неизбежно ќе го убие. Мислам дека оваа фотографија го покажува доброто за кое Иан сакаше и се веруваше дека ќе биде споделено. Дури и со катастрофални прогнози, Јан е тој што ги теши другите. Вистината е дека тој одбива да живее за себе. Избра да живее за другите до моментот кога ќе го земе последниот здив“, напишал Елиот.

Стотици ја коментирале фотографијата и признале дека сцената ги скршила.

„Мразам рак“, „Срцето ми е скршено“, „Неверојатен пример за љубов и понизност. Моите молитви се со ова момче и неговото семејство“, напишале некои.

Рецепт за денешен ручек

Рибина чорба

Одберете некое поголемо парче риба или две помали. Ако има во неа икра уште поубаво, ќе ја ставите и неа во чорбата. Рибата исчистете ја, пресечете ја на половина и ставете ја во тенџере со вода на оган, само да ја фати еден клуч, да можете да ја исчистите.

Потоа внимателно исчистете ја од коските. Tаму каде можете, на пр. од долниот дел оставајте поголеми парчиња, не ја ситнете многу. Тргнете го месото настрана. Кромидот изрендајте го и ставете го во тенџерето каде ќе ја варите чорбата.

Таму ставете го и другиот зеленчук. Јас секој од нив го сечкам различно, морковот на тркалца, целерот на ситни коцкички, пашканатот на подолги лентички, лукчето ситно исечкано. Сето ова со малку масло ставете го да се запржи. Потоа турете вода, компирот на најситно изрендајте го и ставете го и него, ставете ја рибата, зачинете и варете се додека не се свари зеленчукот. На крајот прелијте ја чорбата со малку црвена запршка, (ако не ви е доволно густа може и малку брашно да ставите во запршката) и исечкајте го магдоносот. Уживајте, ова ми е една од омилените чорби, особено во зимско време. 

Рецепт за денешен ручек

 Ручек со зелка.

СОСТОЈКИ:

1 главица кромид

1 праз

1 морков

2 чешни лук

1 кг. свежа зелка

1 коцка супа

1 лажиче оригано

2 лажици маслиново масло

1 л. доматно пире

2 л. вода

сол

ПОДГОТОВКА:

Кромидот и празот ситно се сечат, па се ставаат во тенџере да се динстаат со масло. Се додава и половина шолја вода и се остава вака 5 минути.

Лукот се сече, морковот се лупи и ренда, па се додаваат на кромидот и празот, и се става уште една шолја вода. Се додава и коцка за супа и оригано.

Зелката се сече ситно, па и таа се става во тенџерето.

Се ставаат доматното пире и водата.

Се динста се околу еден час, па се додава и сол по вкус.

Не и е потребна запршка, убава е вкусна и здрава.

Популарно