Шекеринска со писмо до членките на НАТО: Барам поддршка Македонија да добие покана за членство

По постигнувањето на договорот со Грција, министерката за одбрана Радмила Шекеринска испрати писмо до министрите за одбрана на 29-те земји членки на НАТО, во кое од нив бара поддршка за Македонија, на Самитот на Алијансата во јули, да добие покана за членство во НАТО. Со дел од нив Шекеринска имаше и телефонски разговори во кои и беа пренесени честитки за постигнатиот договор и беше изразена поддршка за членството на Македонија во НАТО.

Во писмото до своите колеги во Алијансата, Шекеринска наведува: 

„Ви пишувам по постигнувањето на историскиот договор околу спорот за името со Грција. Оваа пречка за нашата евроатлантска интеграција е отстранета. Ја барам вашата поддршка за Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит. Беше потребна храброст, лидерство и дипломатија за да се постигне оваа цел – од двете страни. Нашиот народ е обединет и недвосмислен во желбата да станеме дел од НАТО и ЕУ, со доследна поддршка од повеќе од 75% од нашите граѓани“, пишува министерката.

Со приемот на Македонија во НАТО ќе се консолидира демократијата во регионот, ќе се зајакне стабилноста и безбедноста во регионот и ќе биде поставен позитивен пример за Западниот Балкан – стои во писмото. Министерката потсетува дека Македонија направи крупен исчекор во согласност со препораките од Самитот на НАТО во Варшава во подобрувањето на добрососедските и меѓуетничките односи, во владеењето на правото, слободата на медиумите, кредибилните избори и независноста на судството. Работата на тие реформи ќе продолжи, наведува Шекеринска. Како пример за унапредување на добрососедските односи министерката го посочи надминувањето на разликите и партнерството со Бугарија и додаде: 

„Тој пристап беше повторен во решението на спорот со Грција, и убедени сме дека нашето партнерство со Атина следните години ќе се продлабочува“.

Како дополнителни аргументи за подготвеноста за членство во НАТО, во писмото Шекеринска ги наведе зголемениот буџет за одбраната и одлуката за негово понатамошно зголемување до 2% од БДП до 2024 година, завршувањето на Стратегискиот одбранбен преглед според НАТО стандардите, учеството на нашите војници во НАТО мисиите.

„Сега ни е потребна вашата поддршка повеќе од секогаш. Во согласност со одлуката на Самитот во Букурешт во 2008, сега откако е постигнато заеднички прифатливо решение на спорот за името, очекуваме покана за членство во НАТО“, пишува Шекеринска. 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска телефонски разговараше со министерката за одбрана на Германија, Урсула Вон Дер Лејен, со италијанската министерка за одбрана, Елизабета Трента, и со романскиот колега, Михаи Виорел Фифор, кои и ја пренесоа поддршката за покана за Македонија на јулскиот Самит во Брисел, за членство во НАТО. Претходно, на почетокот на неделата, министерката имаше телефонски разговори со министрите за одбрана на Словенија, на Хрватска, на Бугарија и на Црна Гора кои и ја пренесоа истата порака.

Приватните специјализанти четврти ден на штрајк

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска Чешлароска.

Таа појасни дека затоа сакале веднаш да се остварат првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување. Притоа, истакна, дека со оглед на тоа што тие две барања за кои барале итно да бидат решени, не биле решени, тие ќе продолжеле со нивниот штрајк.

-Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска Чешлароска.

На новинарско прашање, таа одговори дека до сите катедри упатиле барање за поддршка. Јавно се заблагодари на професорката од Медицински факултет, инаку од клиниката за ревматологија, што вчера им даде поддршка. (МИА)

Грејната сезона продолжува поради временските услови

АД ЕСМ ги информира потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата „Енергетика“, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

Оваа информација е во согласност со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за хидрометеролошки работи. Снабдувањето со топлинска енергија во согласност со регулативата по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена до 30 април во зависност од временските услови, велат од ЕСМ.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ, се додава во соопштението на ЕСМ.

Изнемоштените и болните до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори

Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

-Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник), се посочува во Роковникот на ДИК.

Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април.

Популарно