Прави што ќе правиш, на слава, свадба и роденден во игротека мора да отидеш по секоја цена

„Што е Господ на небото, тоа е кумот на земјата. Не може да се одбие кумството сине, голем грев е“.

Стојам и молчам додека татко ми си проповеда и ми ја раскажува историјата за некоеси старо кумство кое започнало кога јас не сум бил ниту роден. Пред нас седи идниот среќен пар чии партнери сум ги видел максимум еднаш или два пати во животот.

Принуден сум да прифатам и да бидам кум на луѓе кои ми се практично странци. Му се чудам на татко ми со кој памет ме убедува дека ова кумство не смее да се одбие.

Им се чудам ним на паметот што, исто така, немаат ум и авторитет да изустат – кое е бре ова детиште, каков црн кум, си имаме ние другари, другарки или роднини кои повеќе ни одговараат за таа улога.

И секако, му се чудам на нашето општество како и покрај напредокот и современоста, сè уште нè држи заробени и врзани со синџирите на некои стари и по малку бесмислени обичаи и традиции.

Робови сме им на ваквите убедувања, воспоставени практики во кои најсилниот аргумент за нивното исполнување е – „Срамота е, што ќе речат или ќе си помислат другите“.

Срамота е, те викнале таму и таму, а ти не сакаш да одиш? Греота е, кумство е таква чест која не се одбива, а ти размислуваш да одбиеш?

Не, не е срамота. Не, не е ниту греота. Тоа што очигледно постарите генерации морале да следат некакви си утврдени правила на „коректно однесување“ по секоја цена не значи дека и ние треба да ги следиме. Можеби таквите правила им биле добри или им одговарале, нам не ни одговараат.

Не ми е јасно зошто постојано мора да патиме и да се расправаме на овие теми, во кои нема победник. Едноставно, после исцрпувачки долгата дебата, се потсредувате и еве ве – сите „тупнати“ на слава кај домаќините кои ви се безмалку никој и ништо во животот. Ама од дома рекле дека МОРА да се оди. И точка.

Вие нерасположени, тие нерасположени, домаќините по малку дезориентирани и збунети. Се прашувате дали толку беше неопходно вашето присуство и дали некој ќе забележеше дека ќе ве нема или ќе ѝ недостасувавте на оваа карма-каша од 60-тина и кусур гости.

Секако дека не. Секако дека не сте најбитни, ниту неопходни. Од дома упорно ни всадуваат колку ќе се навредиле луѓето, домаќините ако не возвратите на поканата со присуство, чиниш срцето ќе им препукне.

А слободно може да се констатира дека ним воопшто не им е гајле.

Парадоксално и по малку смешно, младите на коишто им кумував се разведоа по неколку месеци. Не сакам да мислам дека јас сум бил малерот, иако кога таквото кумство е принудно и по секоја цена оти е „старо“ и наследено па мораш да го истрпиш дава и вакви негативни резултати.

Сега сум повозрасен и ретко кога родителите може да ми командуваат како што тоа го правеа додека бев помлад и очигледно немав право на глас.

Единствениот облик на ваква тортура која е сега актуелна, а потсетува на задолжителното присуство од минатото е прославата на детски роденден во игротека.

По неколку такви родендени каде што навистина не ја сфаќате поканата и своето одвишно присуство (со исклучок на најблиските внуци или роднини секако), поентата е – што мислите дека би правел човек кој е неженет и без деца на детски роденден со 30-тина деца и нивните родители, а славеникот е второто дете на вашата колешка од работа?

Од тој момент па натаму сосема културно се објаснивме дека нема потреба да ме покануваат, ниту пак јас да одам на ваквите прослави, барем засега додека сум без обврски.

Испадна дека и ним им е така подобро и полесно, на моето место ќе дојде некој кој очигледно сака да дојде, со дечиња кои ќе се радуваат и ќе уживаат, наместо поканетиов гостин кој ќе се проѕева и ќе се досадува во некое ќоше, откако претходно неколку пати одговорил дека не, не планира да се жени набрзо, ниту да прави деца наскоро.

Што се однесува до старото кумство, помладиот брат на несреќникот кој се разведе под присила на родителите (познато сценарио, нели?) мораше куртоазно да ме праша дали сакам да му бидам кум.

Куртоазно одбив без размислување. Мислам дека и нему му олесна, секако дека тој човек има другари кои радо би ги видел во улогата на кумови, наместо непознатиов од „старото кумство кое не е вода“.

Сега е лето, слави и нема толку многу, може да се здивне додека не застуди. А тогаш, повторно ќе започне малата тивка војна со домашните и убедувањата како е „срамота да не се отиде некаде“ или „што ќе кажат другите“.

Кога ли конечно ќе престанеме со овој наш синдром, се прашувам само?

Еве зошто ајварот не се прави во октомври

Aко не сте направиле ајвар во септември, во октомври немојте ни да го правите – барем така велат старите народни обичаи и календари.

Според обичајниот народен календар,  деновите по 15 септември се вистинско време за почеток на правење на ајвар, но и друга зимница, вели обичајниот народен календар. Најдобро е да се здружите со соседите или членовите на поширокото семејство, бидејќи правењето на ајвар и други традиционални зимници има и широко општествено значење. Така во првата половина на ХХ век беше обичај во селата и градовите да се соберат жени во големи дворови каде со размена на искуствата и дружење подготвувале храна за зимските месеци.

Заеднички ќе купите пиперки, ќе ги испечете, олупите, сомелете и со муабет и смеа ајварот е готов. Ајварот правете го кај некој кој има двор или куќа на село, пишува покрај останатото во обичајниот народен календар.

Еве што треба да направите за да имате цврсти и убави нокти

Речиси дваесет проценти од луѓето на Земјата страдаат од кршливи нокти. Експертите не можат точно да утврдат која е причината, но истакнуваат дека виновници се детергентите, отстранувчите на лак за нокти и честото миење на рацете.

Други фактори се сувото и студено време, како и проблеми со тироидната жлезда. За среќа, природниот лек за кршливи нокти се наоѓа во храната. Во секојдневната исхрана треба да бидат застапени производи од интегрални житарки, лиснат зеленчук и соја, тиква, морков, авокадо, бадеми, риба и јајца.

Овие намирници содржат витамин Е, витамин А и колаген кои ќе ви помогнат да имате поздрави нокти. Ако ноктите се сè уште слаби и кршливи, тогаш посетете салон за убавина каде ќе се погрижат за изгледот на вашите нокти.

Нашите пријатели од Spectra Nail Bar користат препарати збогатени со витамини и минерали, посебно дизајнирани за ноктите да ви бидат повторно цврсти, а кожата на рацете мека и сјајна. Вашиот термин може да го закажете на 078 873 703.

Што прво забележуваат гостите кога ќе ви дојдат?

Дали некогаш сте се запрашале што прво забележуваат луѓето кога ќе дојдат кај вас?

Познато е дека првиот впечаток е исклучително важен и тој кај луѓето се создава за само осум секунди, а истото се случува и кога доаѓаат гости во вашиот дом.

Имено, потребни им се само 38 секунди за да ги забележат сите ситници и да почнат со осудување.

Истражувањето кое е спроведено на 2000 возрасни луѓе, покажало дека гостите прво што забележуваат (односно чувствуваат) е мирисот на вашиот дом. Веднаш после мирисот ја чувствуваат температурата, а дури потоа колку е чисто.

Исто така, откриено е дека 3 од 10 лица не му ги откриваат своите забелешки на домаќинот. Од друга страна, 86 отсто од сопствениците на домовите темелно ја чистат куќата пред да дојдат гостите, додека 6 од 10 не се занимаваат со мислењето на другите.

Освен мирисот, температурата и чистотата, гостите ја забележуваат и удобноста на мебелот на кој седат, валканите прозорци, книгите, бојата на ѕидовите, но и прашината на украсите на полиците.

Популарно