Мицковски: Кој сум јас да му кажам на Христијан Мицковски дали да гласа или да БОЈКОТИРА?

По долго чекање, конечно синоќа на полноќ го добивме официјалниот став на ВМРО ДПМНЕ за референдумот, преку обраќањето на Христијан Мицкосвки до јавноста. Како и што се очекуваше, Мицковски не кажа ништо ново, ништо драстично, едноставно не кажа! ВМРО ДПМНЕ не застана со народот, не превзема лидерска одговорност што се очекува од партијата која на последните парламентарни избори освои најмногу гласови (посебно кај македонското гласачко тело), туку го повика народот сам да си го понесе товарот. Сличен потег како оној на Груевски по потпишувањето во Пржино и предизборната кампања во која бараше 63 пратеника од народот кој тој го изневери.

Сепак, да бидеме реални, исходот, односно ставот на Мицковски и раководството на ДПМНЕ беше очекуван и тоа од неколку причини.

1. Судските процеси против голем дел од „бившото“ раководство на партијата. Бившото е во наводници, бидејќи по вчерашмниот говор на Мицковски, јасно е дека тој не е лидер на најголемата македонска партија во државава. Освен судските постапки против Груевски и другарите, постојат и шпекулации за отварање на нови, па дури и за Мицковски. Ретко се случува, но ете и Заев некогаш ја зборува вистината. Премиерот, по преговорите со ВМРО ДПМНЕ, неколку пати кажа дека единствено барање на Мицковски било амнестија на обвинетите од прислушкуваните материјали. Односно слобода за „бившото“ раководство.

2. Притворените пратеници обвинети за тероризам на 27 Април.

3. Силниот меѓународен притисок. Сите знаеме дека посетата на Меркел не беше само за да се убеди народот да излезе на референдум, туку и да се притисне Мицковски.

Затоа Мицкосвки половина час зборуваше колку договорот со Грција е лош, штетен, противуставен, за на крајот да не повика на бојкот. Не рече дури ни дека тој ќе бојкотира. Еве не мораше да го повика членството или народот да бојкотира, можеше само да каже дека тој на 30ти Септември ќе си седи дома. Ќе прави ајвар. Ќе оди на планина. Ќе бере детелинки.... само нема да гласа. Но, Мицковски и ДПМНЕ не го направија тоа. Оставија народот сам, без нив, да донесе одлука и сам, без нив, да ја понесе одговорноста. Исплашени за својата слобода, иднината на партијата и веројатноста никогаш да не дојдат на власт, Мицковски и ДПМНЕ ја донесоа единствената МУДРА ОДЛУКА за ПАРТИЈАТА. Можеби кобна за МАКЕДОНИЈА, но се надеваат мудра за ДПМНЕ. Каков ќе биде исходот од референдумот ќе дознаме за 20 дена, но уште денеска е јасно дека политичката кариера на Мицковски заврши вчера. Ако референдумот помине, ДПМНЕ на следните избори ќе доживее дебакал, а ќе ја загуби и позицијата претседател на државата. Ако референдумот падне, Мицковски ќе ја загуби лидерската позиција во партијата пред следните избори. На негово место, најверојатно ќе дојде оној кој ја напушти седницата на партијата при изборот на Мицковски. Во моментов едиснтвениот пратеник на ДПМНЕ кој јавно го бојкотира референдумот.

Лидерот на ДПМНЕ потфрли и во уште еден сегмент, во кој потфрла уште потпишувањето на договорот во Преспа. Не кажа што ако референдумот падне. Да и ДПМНЕ е за во НАТО и ЕУ, но како? Ова прашање му го постави Заев на минатиот дуел на МРТ и Мицковски немаше одгвор, но вчера собра сила да побара нов дуел?! Зошто? За да пак нема одговор? А што ако премиерот го праша дали ќе гласа на 30ти? Математички прецизно ќе му одговори дека народот ќе реши? Дека тој (Христијан Мицковски) гласал или не, не решава за референдумот? Кој сум јас да му кажам на Христијан Мицковски дали да гласа и ако гласа како да гласа? Тоа ли ќе му каже? Јас да сум на место на Заев веднаш би прифатил дуел. ВЕДНАШ! Со или без камшикар.

„Слобода или смрт?“ е паролата на ВМРО. „А може нешто измеѓу? Може протекторат?“ е одговорот на Мицковски. Така Комита не бива, господине Христијан. Тоа не е ВМРО! Сега сте само ДПМНЕ.

И покрај ставот на ДПМНЕ, во кој се осудува договорот, но не се повикува на бојкот, секој од пратениците на оваа партија и секој кој во минатото или сега има некаква функција, секој повиден член, во наредниве 20 дена има шанса да го каже својот став. Повторно, не да повика на бојкот, но да каже дека тој бојкотира или дека ќе гласа. Ова реално не е само шанса, туку и обврска. Сите пратеници, бивши или сегашни, министри, функционери, сте биле избрани од овој народ да ја водите оваа држава. Сега кога државата се наоѓа пред преименување, за што и самите сте свесни, ваша обврска е да го кажете својот личен став и својот личен избор на 30ти.

Сепак, има и нешто добро од вчерашното обраќање на Мицкосвки. Не, нема да читам меѓу редови за неговата порака, како најзагрозените симпатизери и членови на партијата. Нема зошто. Човекот имаше микрофон и вниманието на целата македонска јавност. Ако сакаше да повика на бојкот требаше јасно, а не меѓу редови. Позитивното е всушност токму тоа, што не повика. Што сега е јасно дека  #БОЈКОТИРАМ е чисто, неполитичко, граѓанско движење. Зад него не стојат ДПМНЕ. Целта не е спас на обвинетите за криминал членови на ДПМНЕ на чело со Груевски, туку поништување на спогодбата со Грција! Сега БОЈКОТОТ значи БОЈКОТ и за ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицковски.

Кај ќе ви биде крајот ако/кога референдумот ќе падне? А „Комити“?

Автор: Пацифист

Се срамам од Заев, но од ова ми е повеќе СРАМ!

Македонија е на само 6 дена пред историскиот референдум. Историски за нас, но и за целиот свет. Ниту еден народ, ниту една држава во светот, НИКОГАШ под притисок на сосед не си ги променила името и идентитетот.

На само 6 дена од референдумот, се повеќе е јасно дека ценсуз нема да има. БОЈКОТИРАМ ќе успее да ја победи силната и лажна кампања на Владата, со се сите дипломати кои и дојдоа на помош. Не затоа што БОЈКОТИРАМ е силно движење, туку затоа што мнозинството од народот, иако сиромашен, не сака да го даде единственото што му го оставиле предците. Некои прашања не заслужуваат одговор, некои работи не се купуваат со пари. Владата направи се што можеше и сеуште се труди, но веќе и по нивните изјави се гледа дека битката за референдумот е загубена.

По сите лаги за референдумот да успее, денеска министерот за надворешни работи уште еднаш се закани дека не им треба цензус за да го ратификуваат договорот потпишан со Грција. Референдум без цензус е како прием на Македонија во ЕУ без глас од Грција. НЕВОЗМОЖНО! Димитров го знае тоа. Повторно блефира, како кога за малку не си даде оставка по „Илинденска Македонија“, иако на сите ни е сега јасно дека тоа беше само шминка. Трик за да се протурка „Ерга омнес“  за следниот, правиот предлог. Лаже министерот и сега, кога вели дека бојкотот е неодговорен потег со што се остава на другите да решат во ваше име. НЕ! Ако нема цензус, решението сме го донеле ние кои БОЈКОТИРАМЕ! Намерно, плански и организирано! Што тука не е јасно Никола?

Се руши секој збор на кампањата ЗА. Се распаѓаат ветувањата на Заев и дружината. Нема дебата, а ако некој од нив се осмели да влезе во таква екскурзија, ја плаќа цената на неодбранливото. Договорот е толку лош, што не е возможно да се одбрани! НЕМА „Европска Македонија“, НЕМА ЕУ, НЕ Е зајакнат идентиетот, напротив дел се губи, дури и  кај јазикот има промена (мене не ми пречи, но промена има!). Македонија не добива апсолутно НИШТО, освен ветување од Грција дека нема да не блокира при интеграции во НАТО и ЕУ. Исто такво ветување Грција потпиша и со времената спогадба, но еве не пак преговараме за тоа!

Се наредија странски премиери, комесари, канцелари... големи луѓе од светската политика, но не донесоа ништо! Ништо не ветија. Освен некоја ситна закана, дека ова ни е последна шанса, друго не чувме. Сега и НАТО не е на чекор до нас, ако го смениме името, туку ќе треба да почекаме 18 месеци! За ЕУ да не зборуваме. На крај се јави Макрон и реално ни кажа. Референдумот не е за ЕУ и НАТО, туку за промена на името! Не е за европска, туку за СЕВЕРНА Македонија. Истото го потврди и ДИК, но Заев и Димитров ова никогаш нема да го кажат јавно, надевајќи се дека народот токму на нив ќе им верува.

27 години на власт во Македонија се изредија „патриоти“, но ова е дното. При една ваква историска пресвртница, волку важен референдум, владата на секој начин се обидува да го излаже сопствениот народ, за да тера своја агенда. Немам јас ништо против никој кој сака да гласа ЗА. Во ред е. Можеме да дискутираме на темата, да спротиставиме агументи и погледи на светот. Да полемизираме, без да се убедуваме во единствен правилен избор. И по 30ти да останеме пријатели, соседи, колеги, без разлика чиј став е подржан од мнозинството. Разирам дека секој од нас има различни вредносни норми во животот. Не се моите вистинските, ниту погрешните. Едноставно се мои и очекувам да ги цените, како што јас ги ценам туѓите. Но, она што не можам да го разберам, ниту простам е ЛАГАТА! Да се лаже цел народ, да се гази закон, устав, да се кријат уставните промени, се со цел да се истурка оваа агенда, тоа никогаш нема да го заборавам, што и да се случи на 30ти. Не го прави ова само Заев и владата. Го прават и новинари, партиски војници, но и обичен народ. Секако, најголема одгворност има кај премиерот, но не знам дали тој го разбира тоа. Затворен во некој свој круг, Заев секој ден тоне се подлабоко. Кога премиер ќе ви каже ЈАВНО и тоа два пати, дека владата намерно не ги открива промените на уставот за на народот да не  му биде НЕПРИЈАТНО да гласа, тој всушност признава дека СВЕСНО и ПЛАНСКИ се кријат делови од договорот пред народот. Ова е речиси самоубиство за секој политичар, но Заев си продолжува со агендата.

На крајот, одговорност има и кај секој од нас, обичните граѓани. Одговоррноста не започнува на 30ти септември, туку многу порано. Немам никава намера да влијаам на вашиот став за референдумот. Ваш избор е. Никој нема право да бара одговорност од вас, што и да изберете на 30ти. Вашата/нашата одговорност се состои во тоа, секој од нас да донесе информирана одлука. Никако не смеете/смееме да си дозволиме да дадеме глас или да бојкотираме, без да знаеме за што точно се работи. Верувам дека сте уморни од политика, но секако е пристуна. Да не се лажеме, ретки се денови во кои барем 30 минути не трошите на политички теми. Токму толку ви требаат за да го прочитате договорот со Грција. 30 минути за да донесете информирана одлука! Одлука која може да влијае на сите поколенија што оваа земја ќе ги даде. Само 30 минути бараат од вас вашите деца, внуци, правнуци.... Срамно е на 6 дена до историската раскрница пред која се наоѓа Македонија, само 3% од народот да го има прочитано договорот. Тоа е НЕОДГОВОРНО! Информирајте се и изберете сами! Не дозволувајте некој да ве убеди во своја агенда и без да знаете да решите за туѓ интерес.

Договорот го имате ТУКА, искрено ве молам да го прочитате

Автор: Пацифист

Дали би купиле Левис од Заев

Паметам како вчера да беше: пред самиот распад на Југославија, по локалните пазарчиња на таа земја нагло се расшетаа сомнителни типови што шиткаа лажњаци на статусниот симбол на мојата генерација - славните фармерки „петсто кец”.

Ги нудеа по петодупло помала цена од оригиналот, но се колнеа во деца дека „ова ти је левис оригинал, сто посто гарантирам!”. И наспроти тоа што измамата им беше од авион видлива, секогаш имаше наивни што ќе се прелажеа и ќе купеа, тешејќи се: „А бе може стварно се оригинал, ама ги даваат евтино оти се крадени...”. Иако единственото што на нив беше крадено беше дизајнот, логото – и името. Набргу оваа „петсто кец” пиратерија почна да добива пропорции на епидемија, па овластениот увозник на фармерките „левис” за Југославија реши да преземе нешто: лансираа рекламна кампања со која апелираа директно на здравиот разум на лековерните. Се сеќавам, на влезот на секоја нивна продавница поставија плакат од кој весело се кезеше ликот на пиратот, прилично налик на оние ликови што ги среќававме во сопственото секојдневие: небричен, со пожолтени заби, со накривен шешир, со нападна вратоврска разврзана околу раскопчаната кошула, со еден број покусо сако под кое висеа разни ѓоа-златни ланчиња и синџирчиња, со влакнести рачишта на кои беа нанижани пола дузина рачни часовници, преку кои беа префрлени неколку пара фармерки... Кога го гледаш, си викаш не дај боже таков по дома да ти влезе! И токму на таа инстант-аверзија се надоврзуваше рекламниот слоган што прашуваше: „Дали од ваков човек би купиле левис?”. Одговорот се подразбираше - бидејќи само будала би одговорила со „Да”. На ова духовито срочено прашање ми текнува секој пат кога ги гледам Северно-Македонциве како мака мачат да ни продадат производ што оддалеку смрди на фалсификат! И исто како и некогашните пирати, така и овие во деца се колнат дека нивните намери се чесни, дека стоката не им е бофл туку оригинал, дека имаат лиценца и од Брисел, и од Берлин и од Вашингтон дека само тие се овластените увозници и дистрибутери на светлата наша иднина, дека по петодупло помала цена ќе ни шитнат норвешки стандард, германски плати, француска софистицираност, италијанска мода, шведска маса, финска бања, полско ве-це... Само аман-заман ние да излеземе да гласаме, еве не мора да биде „ЗА”, може и „ПРОТИВ”, може и нешто трето да заокружиме, и онака не е битно се додека тие ги полнат кутиите и ни ги бројат гласовите, ама наша граѓанска должност е да се појавиме, не мора ни многу да се задржиме доколку имаме некоја побитна работа тој ден, мада ни гарантираат дека денот ќе биде максимално сончев и топол, да ти е мерак да излезеш надвор наместо дома да се легачиш пошто и онака во недела нема ништо интересно на телевизија, а ајвар може и од самопослуга да се купи... И како времето им лета, така тие се понападно ги убедуваат потенцијалните муштерии: „Ова ти је оригинал Европска Унија, господине, ја лично ти гарантирам сто и два посто, пипни како е мека, ако сакаш може и две за сто ќе ти дадам... Изволте, госпожа, да видите што НАТО имаме денес, мртва уста да го крка... Ајмо народе, европска Македонија, мајка да проба, на ќерку да не да!”. Рака на срце, барем не изгледаат како оној пиратон од плакатот: пицнати се во скапи костумчиња, зачешлани и тенирани, со избелени заби развлечени ко шибер-врати во широки насмевки, по разноразни семинари истренирани манирите на улични кибритчии да ги заменат со елегантни гести на продажни агенти од луксузни авто салони... Сè додека не зинат уста. А кога ќе зинат, оттаму испаѓаат саде нушиќевски монолози. Додуша, и понекоја навреда за оние што им го бојкотираат мерчандајзот: „Што бе не ми е оригинал? Од кај се разбираш ти во оригинал, бе ропак еден, до вчера на нива си седел... Дој на триести да видиш миљон души пред моја тезга – ко да не е блади сандеј него блек фрајдеј!”. И наивно веруваат, пустите, дека не им се забележува комичната нервоза и стравот дека изгледа нема да успеат на своите газди да им го испорачаат дневниот пазар кој им го ветиле. Почнаа секојдневно да нè засмејуваат со слепстик гафови, јавните настапи и говори им заличуваат на скечеви од „Топ листата на надреалистите”, паниката им станува видлива ко да се Пепелашка на секунда пред полноќ, ги губат и оние две нацртани овци што им се доверени на чување, ветуваат будалаштини, дрндаат пред празни амфитеатри, забрануваат филмови, го навредуваат и омаловажуваат секого што патецот си го тера на спротивната страна од нивната, се перчат ко мали деца дека татко им е посилен од татко ни, губат битки со комарци, исклучуваат микрофони на неистомисленици, грешат знамиња, побркуваат имиња на држави, ги оставаат скапите гости да дремат по аеродромски писти... Просто жал да ти падне за газдата што има вакви неспособни слуги! Во меѓувреме дрпаат и лево и десно ко да не ги чека ветената европска иднина, ами студена и гладна сибирска зима! Од вториот и третиот нивен ешалон можеш едно пет Алкатраза да наполниш, а од првиот – да снимиш римејк на „Гангстерска хроника”. Луѓето со кои тие се ракуваат потоа прстите си ги бројат – да видат да не фали некој. Страв ми е да ги загледам овие кутри нивни следбеници што ги шетаат по митинзи – рацете им се гарант ко во пилана да работат! Ама ете, така е тоа кај народот на кој арамбаши и ајдуци му биле историски јунаци... Но да скратам: сте носеле некогаш фармерки „левис”? Ако да, тогаш знаете дека има огромна разлика меѓу оригиналот и фалсификатот. А сте биле некогаш во Европа? Сте ја учеле европската историја? Сте ѝ се восхитувале на европската филозофска мисла? Сте ја читале европската книжевност? Сте уживале во европското сликарство? Сте биле љубител на европскиот филм? Сте поминувале часови и денови студирајќи ја европската архитектура? Сте се вознесувале слушајќи ја европската музика? Сте пробале различни европски кујни? Сте учеле некој од европските јазици? Сте биле можеби вљубени во некој маж или некоја жена од Европа? Ако да, тогаш знаете дека помеѓу европските вредности и убавини и она што овие шарлатани се обидуваат да го продадат стои непреминлив и длабок кањон. Тие шверцери на сопствените животи, со својата простачка ароганција, со своето плитко знаење, со својата незаситна лакомост и отсуство на секаква етика, се негација на европскиот сон. И затоа да ве прашам, онака најискрено: дали од овие луѓе очекувате да ви ја испорачаат Европа? Одговорот се подразбира – бидејќи само будала би одговорила со „Да”. Односно би заокружила „За”. Дарко Митревски

Продадени души

Со години, во времиња кога сатирата се сметаше за облик на отпор кон неправедната власт и за храброст, Македонија ги имаше „К-15“ како свои јунаци. Кога не сакавме да кажеме дека самите сме виновни за состојбата во која се наоѓаме, или дека сме слепи пред неправдите што ги чинат оние на кои на избори сме им дале доверба, се шегувавме на своја сметка, велејќи „сега Цацко (ли) ни е крив“. Во таа фраза, Цацко беше невиниот и наивниот, жртвеното јагне (обичниот граѓанин), кој секогаш го извлекуваше подебелиот крај. Денес (вистинскиот) Цацко е владин службеник.

И не само што зема државна плата како дел на Министерството на вистината туку денес популарниот Бубо Каров е дел и на „платена јавна пропаганда“, како што стои на телевизиските пораки со кои се убедуваат граѓаните дека треба да гласаат „за“ на референдумот. На јавната сцена дефилираат толку многу луѓе, кои за мнозина се непријатни изненадувања и разочарувања, но овој лик го издвојувам поради симболичката вредност што ја имаше и како најилустративен пример за степенот на моралната, јавната и политичката корупција. Тоа што на трибина премиерот Заев (на начин што е вицкаст толку за да прилега на спот на некогашните „К-15“) повикува на отворена корупција и купување гласови на граѓаните е помалку тажно, бидејќи за власта секогаш и сме знаеле дека корумпира. Апсолутната власт корумпира апсолутно, а оваа можеби не е апсолутна (засега), ама е дрска, бескрупулозна и бесрамна. Моралниот пад на Цацко е нераскинливо поврзан со начинот на владеење, со клиентелизмот, кронизмот и непотизмот што виреат со години. Единствената разлика е што тој досега претставуваше симбол на отпор, макар и преку хумор, а сега и тој ореол е симнат.

Кога на трибина во Крива Паланка (во камера) премиерот кажа дека странски бизнисмени ветиле дека ќе им платат нешто екстра на работниците само за да излезат на референдумот, зашто тоа било во нивен интерес, тој истовремено повика примерот да го следат и домашните газди, кои сега треба да го одврзат ќесето и да ги поттикнат гласачите. Присутните на трибината ни да трепнат, како хипнотизирани слушаат, несвесни дека се сведоци на кривично дело. За обичниот народ, кој страдал и од едни и од други, кој е сведен на Граѓанинот покорен, и да не се чуди човек. Но каде е ДИК, каде е Јавното обвинителство? (Антикорупциска комисија фактички и немаме, а и кога ја имавме беше само фасада.) Тоа е јавен повик за кршење на гласачкото право и јавен рекет со кој се бара соучесништво од домашните бизнисмени. Нашите гласови се сведени на стока за купопродажба и веројатно ако досега се мислеше дека за Ромите е типично да ги продаваат своите гласови за кило брашно и масло, сега сите сме Роми – без оглед дали ќе го примиме поткупот или не; така нѐ третира премиер што е еднаш аболициран, а неодамна и ослободен во судски случај за поткуп.

Веќе подолго време по домовите на врата чукаат луѓе што се претставуваат како волонтери, а носат полни раце „подарочиња“ и сѐ што бараат е да им кажеме дали и како ќе гласаме. Се прават списоци, семејни, од работно место, од соседство; треба да достават во штабот ако се сака да се задржи работното место или евентуално да се добие. Градоначалник во училница, пред дечиња, им се заканува на учителките дека ќе ги следи и држи на око како постапуваат деновиве. Министер за полиција учествува на пропагандни трибини, а тој е само еден од владината свита што со државни средства патува низ земјава за да учествува во кампања, иако официјално Собранието е организатор на кампањата. Кога Косово стана држава постави споменик со симболичен назив „Новородена“ (Newborn), нашава поставува споменик на „Еврото“ („Новопродадена“). Сега можеме да му се поклонуваме на златното теле, она поради што се тресат темелите и опстанокот на ЕУ. Буквално сѐ што се однесува на референдумот е непоимливо и забрането и со нашите закони, но и со сите европски и демократски стандарди и добри практики, во кои божем се крстат. Им се подбивавме на Груевски, Вучиќ, Ердоган, Орбан – а спаднавме на Заев? Кажете, во што е разликата (ако се занемари IQ=33)? Сето ова се алармантни докази за системскиот гнилеж на државата, но ако тоа досега требаше да се разоткрива со опозициски ангажман, бомби, свиркачи, анализи и сл., истиот тој сега се продава како скап парфем. Наводно, така мирисале демократијата и европската/натовската иднина.

Во низата скандалозни појави е и учеството на странските амбасадори во кампањата, почнувајќи од Жбогар. На билбордите во земјата прикажуваат слики на дечиња, што е злоупотреба на деца во политичка кампања. Но најцинична е онаа порака во која се вели дека со прифаќањето на референдумот ќе сме ја зајакнеле правната држава! Која правна? Која држава? Онаа што ја направија пуздер и ја згазија за да ја изградат постара и поубава од урнатините? Што се однесува на промените на Уставот, велат дека намерно не ги кажуваат решенијата за ревизија на Илинден и АСНОМ, затоа што тоа ќе правело „непријатно влијание врз граѓаните, а граѓаните навистина треба слободно да одлучат!“. Блажено незнаење, слепа доверба и целосна покорност – тоа е она што го бараат од нас во име на „слободно одлучување“ за сопствениот идентитет и државност! А Пендаровски, како кафански човек, ќе чести пијачка ако нешто се „избоксува“ bona fide барем за анусот на МАНУ (ги пишувам овие редови и имам чувство дека сум во кошмар, а не дека бележам сегменти од оваа стварност).

Според таткото на американскиот устав и демократија, Томас Џеферсон, кога неправдата ќе стане закон, отпорот е обврска. Во случајов веќе нема одредба или стандард што не е прекршен – од нератификуваниот договор што ни се поттура како единствена опција до каприциозното референдумско прашање и незаконската кампања, застрашувањето на опонентните и уцените што ни висат над главата како Дамоклов меч. Колку е притисокот посилен, толку е обврската да не се биде соучесник во ова организирано злосторство поголема. Кампањата е „перење мозок“ со наши пари, бидејќи е еднонасочна – само ЗА, каде што води Вождот излезен од романите на Домановиќ! Од сите небулози, меѓу кои и таа дека во ЕУ има бесплатно здравство и образование, лежи неверојатен парадокс. Ваква кампања е посоодветна за комунистички режим, а не за систем што ветува демократија, и тоа во капиталистички, компетитивен систем (за империјалистичката алијанса и да не зборувам). Заев и неговата свита на продадени души им се закануваат на сите што ќе ја исполнат обврската за која зборува Џеферсон; сите што не се со нив се државни непријатели.

Ова е смрт и за елементарното поимање на демократијата. Ако вака се закануваат сега, можете да замислите што ќе прават кога насила ќе треба да го спроведуваат Преспанскиот договор и да ја бришат „именката“ македонски/македонско од јавниот простор? (Ова со „именката“ не е моја грешка, туку е најновиот бисер на професорката-пратеничка што се восхитува на Микеланџело Бонапарта, па не е чудо што не знае што е придавка, а што именка.) Дека следува полициска, орвеловска држава кажав одамна, а сега тоа само се потврдува. За жал, и во оваа работа, како и многупати порано, на челните места се универзитетски професори и „интелектуалци“. Тие не чекаат власта да им ги запали книгите на плоштадите; самите се одрекуваат од нив. Симболички ги палат, сакајќи да се прочистат, самолустрираат, пред да се положат пред олтарот на „новото време“. На сиромавиот и неукиот немаме зошто да му се лутиме дури и кога ќе потклекне; но кога овие од „научниот и интелектуалниот“ Олимп ќе паднат, продавајќи си ја душата, дозволувајќи да бидат убедени, ама и да убедуваат во (правни и политички) апсурди, поради славољубје или среброљубје, поради позиција или моќ – тоа е тешко да се прости.

Останав занемена и од објавата на Независниот академски синдикат (наследник на Професорскиот пленум) дека побарал покачување на платите од премиерот. Како „газда“ можеби ќе потфрли некој сребреник, но несфатливо е професори што наводно се бореле против режим сега да не гледаат дека се проституираат и се продаваат за „кикиритки“, во време кога треба да се најгласни во критиките на општата корупција среде референдумски процес. Не е никаков изговор да кажат дека не се правници: непознавањето на законите не ги ослободува од вина оние што ги кршат! А тие како професори мораат да предничат и со моралната позиција и со критичкиот глас. Освен ако не склучиле фаустијански пакт во замена за бескрајното знаење – кое никому нема да му донесе ни добро, ни еманципација, а најмалку самопочит. Во време кога е модерно да се пишуваат (вистински, а не преносни) пофалби на глупоста и лудоста, кога дефилираат на спотови фаустијански ликови, сепак да почекаме до среда – да видиме дали оваа земја има барем една правна институција, дали Уставниот суд ќе се издигне над ова дно и ќе одигра улога каква што му ја додели уште Ханс Келзен.

Автор: Проф. Билјана Ванковска за НоваМакедонија.ком.мк

Популарно