За еден ден се заработува цела плата, за сезона добар автомобил

Еден од најздравите плодови што виреат на поголема надморска височина на македонските планини е боровинката – плод што во овој период е добро созреан и токму поради тоа голем број жители на Кичево и Кичевијата ги посетуваат локациите каде што најмногу ја има боровинката, и тоа на планините Стогово, Бистра, Добра Вода и Илинска Планина. Берачите на боровинки се добро подготвени за оваа операција, со специјални алатки, со чија помош берењето боровинки оди побрзо, а собраните количества се многу поголеми. Повеќето берачи на овие планини заминуваат на повеќе дена и затоа со себе носат шатори, топла облека и повеќе амбалажа од ранци и други вреќи за складирање на насобраните плодови.

Годинешниот род е исклучително добар, а и квалитетот е задоволителен, и затоа бројот на берачите е поголем од вообичаената бројка. Бидејќи локациите со боровинки се на доста тешки и недостапни терени, многумина, покрај теренско возило, за пренесување на боровинките користат и коњи или магариња.

– Како и другите зрнести плодови, така и боровинката годинава има исклучително богат род и, по две сиромашни сезони, може да се пофалиме дека имаме натпросечно богата година. Боровинката ја има на повеќето планини во западниот ден од земјава, на надморска височина од над 1.100 метри, а периодот кога е погодна за берење со доволна зрелост на плодот е од средината на јули до почетокот на септември – вели искусниот берач Ване Максимоски, кој во берба на боровинки оди во друштво со синот, кој е и рекордер по набрани количества за еден ден.

Тој ги истакнува и тешкотиите на кои наидуваат берачите на боровинки.

– За да се стигне до површините со боровинки, потребни се добро подготвено теренско возило, солидна физичка подготвеност и желба за собирање на овој благороден плод. Ние за берење боровинки користиме специјално изработени чешли, потоа корита и ранци, каде што ги складираме боровинките. Ако има добар род како годинава, еден собирач само за еден ден може да собере и 80 килограми и ако тоа се помножи по откупна цена од стотина денари, тогаш за само еден ден може да се заработи и помала плата. Поради конфигурацијата на теренот, често не е можно директно да се стигне со возило до терените со боровинки и затоа на некои планини е потребно да се оди пеш и по неколку часа, како и добра физичка подготвеност, бидејќи насобраните боровинки треба подолго да се носат на грб – додава искусниот собирач на боровинки Максимоски, кој досега не пропуштил сезона во собирање боровинки.

Вообичаено, собирачите на боровинки во планина одат со друштво, за да си помагаат, а и да се заштитат од дивечот, и ако се ноќева, тогаш е повеќе од неопходно да се има што поголемо друштво. Сите се единствени дека годинешниот род на боровинки, според квалитетот и родот, е над повеќегодишниот просек.

– Годинава ќе ни биде една од најдобрите во собирање боровинки, бидејќи родот е над повеќегодишниот просек. За да не губиме време по пат, често ноќеваме во близината на терените со боровинки и на тој начин се враќаме дома со добро наполнети ранци. Освен за сопствени потреби, годинава имаме можност и да продадеме поголеми количества и да заработиме некој денар, а откупувачите оваа сезона нудат од 80 до 100 денари за килограм предадени боровинки. По сѐ што ни се случи на овој план летово, оваа година можеме да ја прогласиме за една од најуспешните во последната деценија. Има семејства што одат заедно во собирање боровинки и поради богатиот род и солидната откупна цена, за една сезона може да заработат и за солиден автомобил, што во наши услови не е мала работа – вели Борко Анѓелески, кој е редовно присутен на терените со боровинки.

Собирачите на боровинки велат дека ги стимулира и тоа што имаат сигурен пласман и редовна исплата од страна на откупувачите и со чиста сметка ја завршуваат сезоната, по што ги забораваат сите маки на кои биле изложени во текот на изминатата берба.

Над половина од жителите на Европа имаат прекумерна тежина, кај нас 55,7 проценти

Над половина од возрасните граѓани во земјава имаат прекумерна тежина, а „подебели“ во регионот се само Хрватите, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на Евростат.

Над половина од жителите на Европа имаат прекумерна тежина односно Индекс на телесна маса (БМИ) еднаков или поголем од 25. Најголем процент на возрасни луѓе со прекумерна тежина имаат Малта (62,5%), Исланд (62,0%) и Латвија (60,4%), додека најмал Италија (41,9%), Швајцарија (45,6%) и Франција (46,4%). Кај нас 55,7 проценти од возрасното население има прекумерна тежина.

Земјите со висока стапка на дебелина, пишува Ландгеист, исто така, имаат и високи стапки на луѓе со прекумерна тежина. Малта е втора земја со најголема дебелина во Европа и исто така земја со најмногу килограми во Европа. Швајцарија е земја со најмалку дебелина во Европа, но и втора земја со најмалку прекумерна тежина во Европа. Но, и неколку земји како Естонија, Финска, Исланд, Северна Македонија, Романија, Словачка и Словенија кои имаат релативно ниски стапки на дебелина, но имаат некои од највисоките проценти на луѓе со прекумерна тежина во Европа.

Од земјите во регионот само Црна Гора (48,1%) има помалку од половина од населението со прекумерна тежина, додека најголема стапка на возрасни со прекумерна тежина има Хрватска – (58,1%). Потоа следат Словенија (55,7%), Грција (54,9%), Бугарија (53,7%) и Србија (52,5%).

Најшокантен факт е веројатно дека во речиси секоја земја во Европа, повеќе од половина од сите возрасни луѓе се со прекумерна тежина. Во Малта (62,5%), Исланд (62,0%) и Латвија (60,4%) е дури над 60%. Единствените европски земји каде помалку од 50% од населението е со прекумерна тежина се Италија (41,9%), Швајцарија (45,6%), Франција (46,4%), Кипар (47,9%), Црна Гора (48,1%), Холандија (48,3%) ), Белгија (48,9%) и Луксембург (49,7%). Но, да бидеме искрени, дури и резултатот на Италија од 41,9% е шокантно висок.

Индексот на телесна маса (БМИ), според Евростат, од каде се земени и податоците, се дефинира како тежина во килограми поделена со квадратот на висината во метри. Луѓето на возраст од 18 години или повеќе се сметаат дека имаат недоволна тежина со (БМИ помал од 18,5), нормална тежина (БМИ помеѓу 18,5 и помалку од 25) и пред-дебела (БМИ помеѓу 25 и помалку од 30). Категоријата прекумерна тежина (БМИ еднаков или поголем од 25) ги комбинира двете категории пред-дебели и дебели.

Вознемирувачко видео: Куче фрлено од зграда во Тетово

На социјалните мрежи се шири вознемирувачко видео на кое се гледа како куче паѓа од балкон на зграда, од голема висина.

-Педесет и осумгодишниот тетовец Ѓ.З. вчера (22 март) во 18 часот и 40 минути во СВР Тетово пријавил дека околу 17 часот од балкон на зграда во изградба на улица “Благоја Тоска” во Тетово,, спроти зградата во која тој живеел, од шесттиот кат паднало куче и набргу потоа yгинало. Кучето, според пријавеното, во објектот се обидувале да го заловат двајца тетовски пожарникари. Се расчистува и документира случајот, велат од МВР.

На видеото може да се чуе плач на кучето пред да падне од голема висина, а од зградата се слушаат гласови.

Поднесено обвинение против Тони Цетински: Пејачот може да биде казнет со 8 години затвор

Специјалното обвинителство на Хрватска за сузбивање на корупција и организиран криминал поднесе обвинение против Тони Цетински откако беше утврдено дека користел лажен сертификат за вакцинација против коронавирусот, објави веб-страницата Империјал.

Како што дознава споменатиот медиум, на 28 декември 2023 година, заменик-обвинителот Вјекослав Шаулиќ до Жупанискиот суд во Загреб испратил обвинение против 18 лица, меѓу кои и познатиот пејач.

Тони Цетински е обвинет дека платил за да добие лажни потврди за вакцинација против Ковид.

Обвинетите се товарат дека дале пари, така што медицинската сестра, која тогаш работела во Здравствениот дом Загреб и била овластена да пристапува и да внесува податоци во информацискиот систем на Министерството за здравство, лажно ја внесувала информацијата, дека обвинетите биле вакцинирани.

– Кој нуди поткуп на службено или одговорно лице за да изврши службено или друго дејствие што не треба да го изврши во или надвор од границите на неговите овластувања ќе се казни со затворска казна од една до осум години – се наведува во дописот.

Популарно