Името, идентиетот и историјата, носети ги, само Груевски не го чепкајте!

Тринаесети Ноември, денот на ослободување на Скопје од фашистите и денот кога Никола Груевски побегна од Македонија. Имаше и уште нешто друго врзано со датумов, ама ете не ми текнува сега.

13ти Ноември, денот кога бугарските и германски нацисти го напуштија Скопје, а на улиците на денеска главниот град со гордост парадираа партизаните. Оние кои неколку години живееја и делуваа по планини, против многу посилниот противник, славеа со светот и народот во Скопје. Не дека го победија големиот окупатор, но беа дел од победниците во најкрвавата војна што историјата ја памети.

13ти Ноември, денот кога како и Германците, Бугарите и Никола Груевски ја напушти Македонија. Груевски владееше подолго со Македонија од нацистите, а на крајот заврши неславно како нив. Човекот кој сакаше да биде запишан како најголемиот премиер на Македонија избга од татковината, токму кога битката се разгорува. Се предаде исто како што ја предаде и премиерската позиција, како што го потпиша пржинскиот договор... без борба и без жртви. Не се сите родени за партизани.

13ти Ноември, денот кога сите зборуваат за екс премиерот и неговото бегство, но има и нешто друго поврзано со датумов. 13ти Ноември и месеците, годините наназад, во Македонија се работи на промена на името и идентитетот. Издржување на затворска казна на Груевски или неговото бегство, никогаш нема да го промени тоа. Во историјата некаде со мали букви ќе пишува за Никола и неговото бегство, но промената на историјата, името и идентитето ќе се учи како главна лекција. Верувајте, нема да бидеме запомнети како генерација која го преживеала владеењето на Груевски, туку како генерација која го загубила единственото нешто за што се бореле сите пред нас. Сето ова денеска и изминативе денови, циркузот со проверување на возилата пред штабот на ВМРО ДПМНЕ е само цртан филм што треба да го оттргне вниманието од она што се случува во собранието на Р. Македонија. Додека ние се смееме на „продажбата на мерцедес С500, заради заминување во странство“, таму се продава нешто што не сме го заработиле ние, туку генерации пред нас, со многу крв.

Додека јавноста се потсмева на Грујо, ние го губиме македонското во нас. Пратениците ги усвоија нацрт амандманите за промена на уставот, одлуките на АСНОМ летаат од уставот, а рамковниот договор од 2001 година станува конститутивен дел од државноста на Македонија. По новиот устав АСНОМци и Илинденци се бореле за Северна Македонија, а Бугарија едвај чека да почне да брише во нашите учебници по историја. Малцинство никаде немаме, но тоа што избегал Груевски е веста! Пред Собрание секој ден протестира една мала група против смената на името, но пред некој ден пред судот за Груевски се собра солидна бројка на луѓе! Која е пораката? Името, идентиетот и историјата, носети ги, само Груевски не го чепкајте? Ете побегна човекот на безбедно, сега што? Мирно ли ќе спиете? Навистина не можам да разберам како е можно по се што минавме во овие 27 години, а посебно последниве 3-4 години, народот во Македонија сеуште да е под наредба на политичките партии. Зарем има меѓу вас луѓе кои сеуште им веруваат на политичарите? Не ли ни беше доволно? Сериозно луѓе, не ви е јасно дека е истиот политичар на власт веќе 27 години? Да, имиња и ликови се менуваат, но шемата е иста. Кради, дели тендери, билдај администрација за гласови на избори, заканувај се, зароби ги медиумите, слушај ги странците само кога твојот живот е во прашање и ЛАЖИ ЛАЖИ ЛАЖИ!!! Или не им верувате, но ги следите затоа што ви ветиле лична корист? Фино тоа, може и ќе го исполнат ветувањето, ама нема држава ако народот не го интересира општественото добро. Нема правна, функционална држава од општество опортунисти. Не оди едното со другото. Ако мислите само на себе, тогаш и не ни треба името, не ја залужуваме историјата, а идентитетот секако ни е променет. Сами одлучуваме, секој за себе. Секој сам ќе мора сам да ја плати цената на својот избор.

Тринаесети Ноември, денот на ослободување на Скопје од фашистите и денот кога Никола Груевски побегна од Македонија. Нема повеќе партизани на улиците по Скопје, а наскоро ќе го избришеме нивните одлуки и од уставот. Ќе се простиме и од Илинденци и секој еден Македонец од историјата богата со окупации и крвави војни. Ќе остане само бегството на „лидерот“ кој сакаше да биде запишан како најголемиот, но генерациите ќе го помнат како првиот премиер кој побегнал од татковината кога требало да се бори за неа.

Тринаесети Ноември денот на два разлини типови Македонци. Победници – партизани и поразени – груевисти/заевисти. Имаше и нешто друго, ама ете не ми текнува сега...

Автор: Пацифист

Заев сака, но не може да и даде на Бугарија

„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет. Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи“, напиша вчера премиерот Заев и додаде: Јас работам на доближување на ставовите околу разликите, и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!

Не знам од каде да почнам.... Ајде од почетокот. Први Август 2017 година. Денот на потпишување на договорот и изјавата на Заев дека со овој договор Бугарија го „признала“ Македонскиот јазик. Ммммм...НЕ! Единствено место каде се спомнува македонскиот јазик е последниот пасос во кој се вели:
„Потпишан во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на Договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднаква важност. “
Значи, согласно уставот на Република Македонија, што значи дека јазикот целиот свој легитимитет го влече од уставот, кој е менлива категорија и постои едвај 30тина години. За разлика од уставот, македонскиот јазик е официјален јазик векови наназад. 
Токму догооворот за добрососедство и лагите што тогаш ги ширеше Заев, се јасен аргумент дека премиерот знаел што го очекува и дека и сега знае што следува. 

Следно, „Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет“. Јазик не се признава. Јазик  постои и се кодифицира(стандардизира). Тоа што оваа влада постојано повторува дека македонскиот јазик е признат во 1977 година во Атина е само уште лага, со која повторно им се дава оружје на бугарските тврдења дека станува збор за бугарски дијалект. Во 1977 година во Атина со резолуција е усвоена латиничната транскрипција на македонската кирилица. Толку! Не се работи за никакво признавање, затоа што такво нешто не постои! Како тоа некој да ви признае јазик? Кој е тој што го може тоа?

„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет“, колку и гордо да звучи, нема никакво значење во спорот со Бугарија и Заев го знае тоа. Софија секојдневно повторува дека тие немаат проблем со тоа што ние денеска сме Македонци и зборуваме македонски јазик, туку со нашето минато. На Бугарија во моментов не и гајле дали сме ние Македонци, туку што тоа биле нашите предци. „Македонија и македонскиот народ се творба на Тито. Излажани Бугари, а македонскиот јазик е само дијакт на бугарскиот“. Тоа е ставот на Софија и во ништо не се оспорува со „гордата“ изјава на премиерот. 

„Етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас“. И со оваа реченица Бугарија нема никаков проблем. Како што реков и пред малку, Софија признава дека сега сме различни народи, со различен идентитет. Тие ја сакаат историјата. Тоа многу отворено го кажа нивниот министер, кога рече дека убаво што Заев прифаќа заедничка историја, само уште да признае дека е бугарска. 

„Јас работам на доближување на ставовите околу разликите“. За некој да работи на доближување на ставовите, прво треба да има став, а Заев го нема. Дури и кога личи дека го има, ЛАЖЕ! ЛАЖЕШЕ дека нема да се смени устав со цел да се смени уставното име! ЛАЖЕШЕ дека со „Преспанскиот договор“ е бетониран идентитетот, но ја изгубивме пола историја (историја +традиција +култура+јазик = идентитет). ЛАЖЕШЕ дека со договорот со Бугарија, Софија го „признала“ македонскиот јазик. ЛАЖЕШЕ дека не постои „Тиранска платформа“. ЛАЖЕШЕ дека сме добиле датум за прговори со ЕУ, барем 12 пати. ЛАЖЕШЕ дека има писмени гаранции за почеток на преговори со ЕУ. ЛАЖЕШЕ дека Бугарија во втората светска војна била само администратор во Македонија. ЛАЖЕ и сега! Заев нема став, затоа што тој не се обидува да го реши спорот со Бугарија за доброто на Македонија, туку за свое добро. Во ситуација кога земјава е задолжена над 60% од БДП (високозадолжена земја), по што му е јасно дека повеќе нема да може да се задолжува и многу скоро ќе остане без пари за плати и пензии, единствен спас му се европските фондови. Во ситуација кога Македонија е 7ма по смртност од Корона, а ситуацијата до прва ќе се влошува, Заев знае дека многу скоро (на пролет) ќе мора на избори. По сите порази, на сите полиња, Заев знае дека неговата политичка кариера завршува со тие избори. Но, не е тоа главниот проблем на премиерот. Она што него навистина го плаши е прогонот кој што му следува. При "All in“ има само две можни. Ги собираш сите чипови (успеси) од масата или губиш се, па дури и слободата. 

Заев во моментиве е давеник, налик Груевски пред неколку години. Разликаата е што Груевски бараше спас кај народот (кој го пљачкаше со години), а Заев очекува да му помогнат странци. Она што сеуште не го разбрал е дека, кога ќе ја изгуби довербата кај народот, странците нема да го есапат. Завршено е! Сега дури и да прифати дека до вчера сме биле Бугари, а јазикот ни е препишан од бугарски буквар од 1943 година, никако не може да му понуди гаранција на Борисов дека тој договор ќе биде почитуван од наша страна. При таков договор, диру ни почеток на преговори со ЕУ нема да му донесе победа на изборите, а тоа Софија го знае. Затоа, сега потписот на премиерот не вреди ништо во Бугарија. Од таму и изјавата на Каракачанов дека изјавите на Заев се празни зборови, му требаат дела. Делата Заев не може да ги понуди! Единствено што може да направи е дополнителна штета во односите со Бугарија со уше некој анекс договор, за кој нормално ќе ЛАЖЕ што подразбира. Ова не значи дека давеникот ќе престане да прета и да се бори за воздух и по цена на други жртви, но крајот е блиску, а СДСМ никако не може да го запре. 

По сите понижувања и неуспеси кои како народ ги доживеавме под оваа владејачка гарнитура, добрата вест е дека за неколку месеци ќе заминат во историјата (во онаа црната). Лошата вест, доколку драстично не се променат работите, е дека Мицковски ќе биде новиот премиер. Сегашниот лидер на ДПМНЕ кој не направи ама баш ништо, да го спречи Заев во своите антимакедонски политики, премиерската позиција ќе ја добие на тацна. Слично како што ја доби и претседателската функција во својата партија. ДПМНЕ под лидерство на Мицкоски не доби ниту едни избори, не оствари ниту една победа! Ако толку може како партиски лидер, колку (ич) ќе може како премиер?

Можеби малите партии (од кои се издвојува Левица) ќе можат да го искористат вакумот, но сеуште е рано да зборуваме за премиер кој не е челен на СДСМ или ДПМНЕ. 

Автор: Пацифист

(Фото) Му се слошило на работа, западнал во кома, а брзата помош го однела... ДОМА

На социјалните мрежи во Фејсбук групата "Стари Скопјани" се најде статус каде еден од членовите на истата група раскажа за случка која се случила во неговото семејство.

Имено, неговиот зет за време на работа му се слошило и се онесвестил. Неговите колеги повикале брза помош, но тие наместо веднаш да го хоспитализираат тие го транспортирале само до ДОМА.

"Состојба тогаш: не зборел, не бил при свест, не мрдал не бил контактибилен. Тој е на возраст од 40 години,а работи во близина на ГОБ "8ми Септември", ( па нели требало прво да го однесат на некакво снимање, преглед и сл, па така барем беше во наше време. Од како го донеле дома му ставиле инфузија и си заминале и ја повикале ќерками од работа. Сега мојот зет лежи во КОМА, не сум по таа струка за да знам што му е, но само лежи без никакви знаци. Денес дојдоа еднаш од брзата помош да му сменат инфузија и оставија некое кесе, па ќерками ми напиша на ливче што се треба да купам од аптека, изгледа ќе треба сами да го боцкаме. Понатаму ќе ве известам како ќе течат работите, но еве како се спремни оние од екипата на Филипче да помагаат на болните во време на пандемија."

"Мајко Македонијо" те ранија, те омаловажија, стана безимена

Ех, Македонијо мајко моја, Те ранија, те омаловажија, стана безимена. Станавме затворен логор. Потпишавме капитулација. Останавме затворена ковид држава. Секој ден гледаме луѓе без насмевка, луѓе со маски и тешки мисли “Како да издржиме и месецов?”. Во држава во која се шири вирусот со невидена брзина, каде секојдневно имаме над стотици заболени. Дури некои се спремаат за избори, народот се заразува.

ИЗБОРИ ЌЕ ИМА! Има ли пилот во авионот со име МАКЕДОНИЈА? Економијата ни тоне, здравството колабира, а сиромаштијата влегува во фаза на ЕПИДЕМИЈА.

Здравствените работници со последни сили се борат, десеткуваани, заразени и деградирани. Некои земаат картички, некои не но сите заедно и сложно се борат против невидливиот непријател. Без нивната храброст и пожртвувсност ќе бевме Вухан на Балканот. Со ваков галопирачки развој на вирусот, со ваква неспособна власт, ќе имаме долго, топло и пеколно лето и многу ладна есен и зима. Државата ќе банкротира со колабирано здравство, пандемија на сиромаштија и корона.

Ех.. МАКЕДОНИЈО.

М-р Боби Бојчевски

Популарно