Поразителни бројки: Македонија се иселува!

Иселувањето стана сериозен проблем во Македонија. Изминатите денови беа пласирани фрапантни податоци дека за три месеци од почетокот на оваа учебна година од основните и средните училишта во Општина Кочани се отпишале 20 ученици, за кои родителите навеле дека причината е иселување во странство.

За една година, пак, од штипските основни и средни училишта заминале во странство со своите родители вкупно 77 ученици. Податоците на Секторот за јавни дејности во Општина Штип покажуваат дека бројките се поголеми во основните училишта, од каде што биле отпишани 48 ученици, а од средните 29.

Според истражувањата на терен бројката на отпишани ученици поради иселување на фамилиите во странство процентуално е приближно иста како во Кочани и Штип односно изнесува околу десетина проценти на годишно ниво.

Истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики покажа покрај тоа дека 76,7 отсто од младите кои живеат во државава размислуваат да се иселат. Клучна причина за иселувањето е лошиот квалитет на живот кој, покрај материјалните аспекти, ја опфаќа целокупната ситуација на политичка и економска несигурност во државата, квалитетот на јавните услуги во образованието, здравството, социјалната заштита, можностите за личен и кариерен развој, вклученоста во процесите на носење одлуки што ги засегаат.

Овие тенденции се сосема спротивни од најавите на актуелната Влада дека ќе ги врати иселените млади лица од државава но реалноста е сосема поинаква до тој степен што во последнава година иселувањето дури и е драстично забрзано.

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно