Следуваат некрстени денови

Следува период на така наречените, некрстени денови, кои траат се до Богојавление .

Станува збор за верување според кое во ова време од годината, кога Исус се уште не бил крстен, а нечесни сили владеат од моментот на стемнување, па до моментот на разденување.

Поради тоа во народот се верува дека во овој период не треба да се излегува навечер, не се преде, не се ткае и не се пере.

Надвор пак не се остава ништо бело, а посебно не детска облека.

Денови кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти, опседнати со лоши духови. Водата во овие некрстени денови е леунка, вели народот, крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите.

Во овие дванаесет некрстени денови луѓето се маскираат и ги изведуваат игрите под маски и тоа на Бадник и по него, пред Василица (Стара нова година), а и речиси сите останати денови до Водици. Игрите под маски најпознати како џамаларски, но и: бабари, василичари, мечкари, ајти, русалии… се изведуваат за да се избркаат лошите сили и демони. Луѓет веруваат дека со маските каде задолжително составни елементи се sвонците, клопотарците, стаповите, гајдите и тапаните што прават врева ќе ги исплашат демоните и тие ќе ја напуштат земјата.

Настанувањето на овие дванаесет дена се објаснува со разликата меѓу сончевата и месечевата година која изнесува точно дванаесет дена. Денови во кои завршува зимската краткодневица и се раѓа новото Сонце.

Коледарските и василичарските обреди под маски ги изведуваат група од млади момчиња кои се маскираат. Нив ги предводи повозрасен маж со потврдена плодоносна моќ, кој има голем и здрав род зад себе и кој е познат женкар. Младите ергени што достигнале одредена возраст 16 – 19 години мора да поминат низ овие обредни игри. Низ игрите требало да се покажат, преобразат и формираат во возрасни мажи, зрели за женење.

Бројаницата не е талисман ниту нараквица за среќа

Многумина ја сметаат само за украс на раката, без да го знаат нејзиното суштинско значење.

Бројаницата е борецот  за молитва“ и мир.

Таа треба да има 33 јазли и најчесто се носи на рака.

Има и многу поголеми, но повеќето ја носат онаа „класична“ бројаница.

Обично тие се прават во црна боја, а со тоа не потсетуваат на сериозен живот во постојано покајание за нашите гревови.

Бројаниците за време на молитвата ги држиме во левата рака затоа што со десната во се крстиме, не е можно да се одбројуваат молитви и да се крсти во исто време.

Кога бројаницата не ја користиме за време на молитва – а тоа е нејзината улога, тогаш е најдобро да ја оставиме на некоја полица каде што го чуваме молитвеникот, Светото Писмо кое го користиме за молитва.

Исто така бројаницата можеме да ја носиме со себе, ако одиме на пат или слично.

Тогаш можеме да ја спакуваме заедно со молитвеникот или да ја ставиме околу зглобот на левата рака.

Зошто лева рака?

За да не се случи при користење на десната рака постојано да мавтаме со бројаницата или негде да ја закачиме по што би се скинала или слично, бројаницата ја држиме во левата рака.

Меѓутоа најдобро е бројаницата да не се носи како реклама, туку да се користи при молитви далеку од очите на љубопитните.

Таа не е никаков талисман нараквица за среќа, ниту нараквица со која децата поубаво ќе спијат и нема да имаат кошмари.

Нејзината улога и цел е поврзана само низ молитвата и никако поинаку.

Утре е Духовден

Црковниот празник посветен на слегувањето на Светиот Дух на апостолите, кој се празнува 50 дена по Велигден е еден од најголемите празници кои Македонската православна црква ги одбележува.

На овој ден, на некои места се организираат поворки во кои учествуваат најубавите девојки од селото. Тие претставуваат русалки, вили настанати од душите на починатите девојки и потпоените жени, закопани без погребни обреди. Верувањата велат дека русалките настојуваат да нанесуваат зло, особено на жените и сакаат да намамат жртва до вода и да ја удават.

Оттаму постојат многу забрани и ограничувања, па приказната вели дека не е во ред да се спие преку ден, бидејќи русалките демнат на крошните од дрвата, па можат да наштетат во сон. Жените не треба да перат облека, да предат волна и да ткаат, ниту да завршуваат некакви домашни обврски.

Оној кој ќе дојде во контакт со русалките или ќе се разболи или ќе полуди. Затоа народот верува дека секогаш со себе треба да се има лук или пелин.

Запалете свеќа и сетете се на оние кои веќе не се со нас

Православните христијани, утре и во сабота ја празнуваат Задушница, а следниот ден Духовден. Празникот Задушница се одбележува во чест на душите на мртвите.

На Задушница се сеќаваме на блиските лица кои се починати, ги посетуваме нивните гробови и палиме свеќи за покој на душата. Тоа е ден посветен на молитивите за покојните роднини и пријатели.

На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

На Задушница во црквите се служи парастос на кој свештеникот со вино прелива пченица, а после службата се оди на гробовите на блиските, каде се пали свеќа и се чита молтива. Кој не може да оди на гробишта, тој пали свеќа во црква.

На Задушница се изнесува и храна на гробиштата. Таа храна се дели со луѓето кои ги посетуваат гробиштата, со спомнување за спас на душата на покојникот.

Обичај е на гробишта да се носи онолку свеќи колку што гробови се посетуваат.

Доколку на гробот некој му пријде од страна и се понуди да земе храна, иако е туѓинец, на овој ден никако не се одбива. Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот.

Духовден, празник кој се прославува во спомен на слегувањето на Светиот дух. Бидејќи овој голем настан се одиграл на педесеттиот ден по Воскресението Христово празникот секогаш се слави на педесеттиот ден по Велигден и секогаш се паѓа во недела.

На големиот празник народот традиционално ги посетува манастирите и бара прошка за гревовите и лек за болестите.

Упатените велат дека е добро оттаму да се понесе осветена вода бидејќи во наредната година обезбедува хармонија во домот. Овој празник се нарекува и Духови бидејќи претставува слегување на Светиот дух на апостолите.

Два дена порано, пред Духовден, на гробиштата се одржуваат т.н. отворени задушници. Се верува дека во тој период се „отвораат“ гробовите и може да се разговара со мртвите. Обичај е на гробишта да се послужува храна за душа на мртвите.

Се верува дека во периодот пред и после овој празник владеат моќни енергии. Обичај е да се посетуваат манастирите, а особено тоа треба да го направат оние кои бараат простување на гревовите или лек за некој болест.

Од манастирите треба да се понесе осветена вода која во следната година обезбедува хармонија во домот.

Во некои краеви се верува дека тогаш е засилена и енергијата на оние кои прават разни растителни мелеми. Во минатото се верувало дека за да се заштитат од несреќа во овој период од годината носеле чешне лук или пелин во џеб, а дрвата ритуално ги кителе со подароци.

Популарно