По синот, вработен и братот на пратеничката Мира Стојчевска

Братот на пратеничката Мира Стојчевска од вчера е вработен во РЕК „Битола“, објави „Макфакс“. Ова вработување доаѓа истовремено со вработувањето на нејзиниот син Виктор Стојчевски во ЕЛЕМ, на што јавноста реагира дека СДСМ си ги вработува семејствата на најпрофитабилните места.

„Макфакс“ побара одговор од Стојчевска за вработувањето на брат ѝ, но таа вели дека нема информации за ова вработување и додава: „Тој си е фамилијарен човек, јас стварно не знам. Го барав, не ми се јави“.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за вработувањето кадри од СДСМ во државната администрација рече дека два-три случаи на вработување не значат непотизам. Според Манчевски, сите членови на неговата партија 10 години биле најдискриминирани, па, така, го оправдува нивното вработување во јавниот сектор.

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно