Судот реши: Дали Заев и Димитров ќе одговараат за велепредаство?

Скопското обвинитeлство ја отфрли кривичната пријава на Светскиот македонски конгрес поднесена против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за велепредавство.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесел решение со кое се за отфрла кривичната пријава што беше поднесена од Светскиот македонски конгрес на 14 септември минатата година против Зав и Димитров за повеќе кривични дела – повреда на угледот на државата, излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците, велепредавство, загрозување на независноста, здружување заради непријателска дејност, несовесно вршење на службата и самовластие.

Пријавата беше поднесена против лицата во својство на министер за надворешни работи и претседател на Владата и во неа се наведува дека тие сториле и кривични дела – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и злоупотреба на службена положба и овластување за кои, согласно законската надлежност, претходно се произнесе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Според СМК, тие делата ги извршиле склучувајќи ја Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации. Притоа пријавените постапиле спротивно на уставната обврска да го штитат уставниот поредок и суверенитетот, а со промена на идентитетот на нацијата ја загрозиле унитарноста и независноста и државата ја довеле во положба на потчинетост или зависност кон странска држава.

„По проучување на наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавените не се содржани битни елементи на наведените кривични дела.

Имено, за да може водењето на преговорите за промена на името на државата во кривично-правна смисла да се смета за повреда на угледот на државата и излагање на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, потребно е кај пријавените да постои јасно утврдена намера насочена кон потсмев, омаловажување и обезвреднување на Републиката.

Во преамбулата на спогодбата двете страни потписнички се обврзуваат на почитување на начела, принципи и стандарди кои се меѓународно прифатени, а со цел решавање на разликите околу името и зацврстување на добрососедските односи. Притоа, намерата за исмејување, како посебен субјективен елемент на противправноста не е содржана во дејствата на пријавените.

Кривичното дело ‘велепредавство’ може да му се стави на товар на некое лице единствено ако со употреба на сила или сериозна закана се обиде да го измени уставниот поредок на државата или да ги собори највисоките државни органи. Во дејствијата на пријавените нема примена на сила, ниту сериозна закана како средство за изнудување определена одлука или поведение.

Кога станува збор за кривичното дело ‘загрозување на независноста’, пријавените при потпишувањето на Спогодбата, не биле ниту под влијание, ниту, пак, имале помош од државата кон која нашата земја би се довела во потчинетост или зависност, што се клучни елементи на битието на ова кривично дело”, соопшти Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител констатирал дека во дејствијата на пријавените при потпишување на спогодбата не постои заговор за вршење велепредавство или други кривични дела, па со самото тоа не постојат ниту елементите на кривичното дело „здружување заради непријателска дејност“.

,,Во однос на кривичното дело ‘несовесно работење во службата’, потребно е од страна на службено лице да бидат преземени дејствија кои претставуваат повреда на законските прописи за судир на интереси или за совесно постапување при вршење дискреционо овластување, со пропуштање должен надзор, со што се прибавува корист за себе или друг или, пак, на друг ќе му биде нанесена штета. Во овој случај не може да стане збор за постоење намера за прибавување корист или нанесување штета, односно ваквите наводи во пријавата се базираат на претпоставки на пријавителот за кои нема можност за докажување.

Кривичното дело ‘самовластие’ од член 392 став 1 од Кривичниот законик, пак, се гони по приватна тужба и за ова дело јавниот обвинител не е овластен тужител. Имајќи ги предвид наведените факти, надлежниот јавен обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност”, наведува скопското обвинителство.

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно