Хрватот Игор Карачиќ е еден од играчите со најдолг стаж во дресот на Вардар, дојде во Скопје уште додека тренер на клубот беше Веселин Вујовиќ. Секогаш максимално лојален кон црвено-црниот дрес, хрватскиот ас сепак не е сигурен за својата иднина во Вардар по завршувањето на сезонава.
-Во моментов не можам да кажам каде ќе играм од следната сеозна, ќе видиме. Ми истекува договорот оваа сезона, постои можност и да останам, но во следните десетина денови ќе се знае повеќе околу мојата иднина –истакна Карачиќ во разговор за клупската веб-страница, подгревајќи ги најавите за нов егзодус од таборот на „црвено-црните“.
Покрај освоената титула на Лигата на шампионите, Карачиќ издвојува уште еден триумф во дресот на Вардар што ќе го памети цел живот.
-Секако нема да ја заборавам првата титула со Вардар и тоа против Металург. Кога бевме отпишани, и кога загубивме бод претходно во Струмица. Имавме дуел со Металург и во СЦ Кале победивме и ја освоивме титулата – се потсетува хрватскиот бек.
Карачиќ не губи надеж дека сезонава Вардар повторно може да ја изненади целокупната ракометна јавност за да стигне до нов трофеј во Лигата на шампионите.