Ова е прв пат да навивам против мојата држава!

Лудилото по вчерашното шоу на Евросонг со сета сила ја тресе македонската јавност денеска. Едните слават морална победа, другите се ситат што Тамара на крајот беше далеку од „пехарот“. Оние најжестоките, си најдоа виновници во дијаспората, па онака, своеволно им одредуваат казни и забрани на отселените од Македонија.

Јас веќе неколку години не гледам Евровизија. По победата на Кончита и целиот ЛГБТ циркуз тогаш, сфатив дека нема зошто да трошам време на политичко шоу скриено за „натпревар“ во пеење. Го гледав само настапот на Тамара во полуфиналето и бев задоволен од преставувањето. Всушност, мојот став за пејачките квалитети на Тодевска е ист од нејзиното појавување. Таа е одличен вокал и изведувач со шарм на сцена што плени. Се останато што Тамара како личност преставува, јас го презирам. Или во една реченица, како пејач е одлична, како личност е опортунист. Јас таквите не ги сакам!

Тамара е една од оние кои пееја во референдумскиот спот „За европака Македонија“. Спот од кампања што беше против сите стандарди за организирање на референдум, па можеби така го заработи својот настап на Евросонг годинава. Само што беше промовирана како преставник на Македонија на Евровизија, во интервју дадено во Србија кажа дека сеедно и е дали ќе ја преставува Северна или Република Македонија, единствено и било важно дали ќе ја запаметат! Потоа се премисли, па 200 пати повтори дека на Евросонг ќе пее за ќерка и! Тамара душо, така можеш кога ќе си одиш некаде сама. Кога сама ќе си се пласираш, сама ќе си платиш, сама ќе си се избориш. Кога те плаќа државата, односно народот, нема пеење за ќерки, нема самопромоција. Таму си да ја промовираш државата што ти плаќа да го направиш тоа! Не е ова душо Макфест или календар на Пелистерка, па да си праиш мераци! Во слободно време можеш да и пееш на ќерка ти или да се соблекуваш, твој проблем, ама на Евросонг беше пошто ние ти плативме! Јасно?

Не, Тамара не е морален победник на Евросонг! Нема логика во тој муабет. Тамара заврши на ОСМО мести и на крајот беше 200 поени далеку од првопласираната Холандија. Не 2, не 20, туку 200! Да, Северна освои најмногу гласови од жирито, но на телевоитингот е пласирана далеку од врвот. Во втората половина од табелата! Значи, на луѓето во Европа песната на Тамара не им се допадна многу многу. Тоа е потпоплно обратно од морален победник! Моралниот победник подразбира кога победата ти одземена од судии, кога народот те сака, но ете го зема пехарот. Тамара е контраст на тоа. Всушност, победа на Тамара ќе значеше дека Холандија е морален победник! Тамара НЕ е морален победник, туку натрапник што се обиде да ја украде победата! 

Не, македонската дијаспора не и ја одзема победата на Тамара. Јасно ми е дека дел од нив не гласале, бојкотирале, но дури и да гласале сите, Тамара е 200 поени далеку од Холандија! 200!!! Тоа не се надополнува со „уште некој глас“. Нападите врз дијаспората се само лов на вештерки, барање на виновник, со цел да се величи Тамара како „морален победник“. Ништо друго!

Ова е прв пат во мојот живот, да навивам против мојата држава! Прв пат да посакам да победи било кој друг, само не Тамара. Победа на Евровизија никогаш ништо не ми значела, но овој пат ќе значеше промоција на „Северна“. Всушност, еве и покрај финалниот пласман на осмото место, денеска некои светски медиуми пишуваат дека Тамара го направила токму тоа. Ја промовирала државата со ново име! Од таму, се сомневам дека Евровизија уште еднаш потврди дека е политичка манифестација. Затоа Тамара победи од гласовите на жирито низ Европа. Замислете, Британија ни даде 12 поени, а баш денеска BBC пишува дека Тамара ја промовирала „Северна“ пред светот. 12ка добивме и од Курц, односно Австрија, но напразно. Телевотингот го замрси планот, па Тодевска „гордо“ се враќа дома со 8мо место.

Велат осмото место на Тамара е најдобриот наш пласман на Евросонг во историјата и намерно влечат паралела меѓу Македонија и Северна. Но, ова не пласман на Македонија, туку на Северна. Вештачката творба, што со помош на политика, повторно не успае да победи. Следниот пораз не очекува во ЕУ, но верувам и тогаш ќе не лажат дека сме МОРАЛНИ победници!

Автор: Пацифист

Кој ни кажа дека ако го смениме името сигурно добиваме преговори и брз датум за членство?

Сите во одделение сме имале другарче кое е фино, простодушно, не прави проблеми, се труди да се допадне на сите, има добри оценки, но нема свое јас, плашливо е, страв му е да каже што мисли и се обидува да се согласи со најважните шизици во одделение, ама, никој не сака да го дружи. Не е тоа другарче лошо, не е ни омразено, туку едноставно е безбојно, невидливо, неинтересно па дури и наставниците од толку што е блах, му го забораваат името.

Е па дечки, знаете што? Тоа е Македонија за ЕУ и за нашите "другарчиња" од Европа.

Македонија - државата, треба да размисли каква порака испраќа, која е нејзината репутација и имиџ што вака си поигруваат со неа и баш им е гајле дали ќе имаме уште една политичка криза. Да, не е фер што името го сменивме за пустите ЕУ преговори, а тие ни викаат, чекајте ја Албанија, која во моментов гори. Нo, кој ви кажал дека политиката е фер, посебно меѓународната?! И кој ни кажа дека ако го смениме името сигурно добиваме прегпвори и врз датум за членство?!

Никако да сфатиме дека покажување карактер и грижа за сопствената држава, имање на своја, автентична агенда за развој и не одење слепо по тоа што другите ти викаат дека треба да правиш по дома и како треба да се однесуваш кон самиот себе, да имаш свое јас е првиот и основен чекор за да седнеш со најважните шизици во Унијата или одделението.

За жал, немаме ниту една политичка опција од '91 до сега што го направила тоа. Да, сте правеле компромиси со ДУИ и сте го доуништиле системот, сте го утепале Собранието, судовите, Уставот.... сè, за "големата слика" и "поважните работи".

Сега тоа СÈ, ни се мава на сите од глава. Додека не научиме како се сака и се работи за интересите на државата, ќе се однесуваат вака со нас, на истиот начин како што ние се однесуваме кон самите себе и нашата држава.

А во меѓувреме, повторно ќе ни го заборават името.

Не пееше ДПМНЕ, туку незадовлното мнозинство од народот во Македонија

Сеуште под емоции од европската круна на РК Вардар, со болки во грлото од 3 дена бодрење пред тв и на плоштад, ќе посветам уште еден текст на црвено црната боја. Поточно, на политиката и поделбите во македонското општество, дури и при ваков ОГРОМЕН успех на момците со две срца.

Најпрво, ВАРДАР е шампион на Европа! Тоа е насловот! Вардар! Не Груевски, не Заев, ниту Мицкоски, Шилегов... Никој од нив никогаш не бил на врвот од Европа! НИКОЈ! Само Вардар! Вчера и завчера се славеше европска титула на Вардар! Не беше тоа политички митинг. Не беше поразен СДСМ, не победи ДПМНЕ! НЕ! Победи Вардар, победи Скопје, победи Македонија, Балканот и сите што навиваат за црвено црните! СИТЕ! Без разлика на национална, верска, политичка...припадност. Сите кои искрено навиваат за Вардар се победници и никој нема право да им забрани да се чувствуваат така. НИКОЈ! Вардар има љубов за сите, почнувајќи од најверните, „Комитите“, па се до малите дечиња кои вчера на ушка на татковците присуствуваа на прославата на плоштад! Црвно црната обединува, не е извор на поделби. Поделбите се резултат на политика и немаат никаква врска со Вардар!

Нашето општество е поделено многу оддамна, уште во СФРЈ. Поделбите, посебно по етничка линија, продолжија и по 91 година. Последниве неколку години сме сведоци на нова поделба. Поделба во македонското ткиво. Од „патриоти и предавници“, „антички и словени“, „Македонци и Северџани“, „тврдокорни и слободоумни“. Поделби конструирани од политичарите од сите политички партии, со цел да ја полесно да ја „продадат“ својата програма и да дојдат на власт. Немало политичар во Македонија зад кој застанал цел народ, па затоа сите кои досега се појавиле на политичката сцена им се обраќаат само на „своите“. Го мотивираат своето членство и истомислениците да излезат на гласање и да гласаат за нив. За спротивниот табор многу често имаат погрдни зборови. Најочигледен пример за ова се политичарите од албанскиот блок, во чии програми СЕКОГАШ во прв план е етничката програма. Да, во програмата се зборува за целата држава, економија, здравство, право, но акцентот е секогаш на правата на Албанците. Слични, до пред неколку години беа и програмите на македонските политичари, но по поделбата во македонското гласачко тело, разликите во програмите се однесуваат на Македонците. Всушност тие и ја предизвикаа оваа поделба, па сега борбата е кој подобро ќе ја искористи. Тоа воопшто не го кријат, па при последните претседателски избори, партиските штабови се фалеа кој колку гласови освоил по етничка припадност! ДУИ и СДСМ се расправаа кој колку албански гласови донел, додека ДПМНЕ се фалеше со поддршката од Македонците! Истите оние кои ни зборуваат за соживот, при своите јавни анализи ги делат своите гласачи по етникум!

Премиерот, Зоран Заев и „Шарената револуција“ го донесоа слоганот „Едно општество за сите“, но и тоа се однесуваше само на нивните истомислении. Всушност, најголемата поделба меѓу Македонците е заслуга токму на владејачката гарнитура со газењето на референдумот за Преспанскиот договор. Токму Заев, кој се самопрогласи за обединувач на народот во Македонија, ја направи најголемата поделба со менувањето на уставот и уставното име и покрај мнозинската желба на граѓаните тоа да не се случи. Премиерот јавно кажа дека референдумот пропаднал, но дека „мора“ да ја послуша волјата на малцинството, намерно и свесно газејќи ја волјата на мнозинството. Затоа вчера на плоштадот се пееше „Никогаш Северна, само Македонија“! Не пееше ДПМНЕ, туку незадовлното мнозинство од народот во Македонија. Таа порака не е од Мицкоски или Груевски, туку од обасправеното мнозинство! Обесправени од својата влада, од своите лидери! Не беше тоа порака за поделба, туку порака како резултат на поделба од страна на власта. Лошото е што сега таа порака, повторно ќе биде причина за зголемување на јазот меѓу спротиставените страни, затоа што во Македонија дискусија не постои. Постојат само дијаметрални ставови и омраза меѓу групите. Токму затоа денеска Столе Стоилов е херој за едните, „тврдокорен националист“ за другите! Без разлика дали со неговиот став се согласува поголем или помал дел од народот, никој не го анализира ставот на капитенот на Вардар, туку се се сведува на идеализирање или критика на неговата личност. Уште пострашно е што добар дел тоа го прават затоа што така мислат „нивните кланови“. Доказ за тоа се променетите ставови на повеќе политичари и јавни личности од СДСМ, за кои до пред некоја година Вардар беше ЗЛО, а сега слават титула! Самсоненко беше државен непријател број 2 (број 1 секогаш е Груевски), а денеска истиот беше кај Шилегов, Заев и Пендаровски и доби 700.000 евра државни (наши) пари! Токму таа промена на ставови кај политичарите треба јасно да ви укаже дека тие всуност и немаат став, туку интерес! Само ИНТЕРЕС и ништо друго! Јас го сакам Вардар откако знам за себе и никогаш за мене не постоел друг клуб. Да, навивам за Манчестер Јунајтед, навивав и за Милан во раните 90ти (пред да ја откријам Премиер лигата), симпатична ми е и Валенсија (од времето на Мендиета и Клаудио Лопез), навивам за Хјутсон Роктес во НБА... навивам за секој спортски колектив од Македонија кога игра во Европа, но само Вардар го сакам! Јас имам јасен став, затоа што се водам од емоција, затоа што не сум политичар и не гледам да исполнам некој свој интерес. Политичарите и клановите околу нив функционираат исклучиво од таа гледна точка. Интерес, власт и ништо друго. Токму затоа деновиве сите политичари се обидоа да ќарат по некој поен од титулата на Вардар. Се јави дури и азилантот од Унгарија. Преку Фејсбук го поздрави големиот успех, но не пропушти да го подели народот со тоа што посочи дека на СДСМ му е непријатно што народот се радува. Мицкоски беше во Келн и објави фотографии од преполаната сала во дрес на Вардар. Заев честиташе преку ФБ, а Пендаровски во друштво на поранешниот член на Вардар и македонската репрезентација Мојсоски, сподели афектни фотографии. Дали некој од нив навистина навива за Вардар? Не знам, но знам дека сите секогаш ќе се обидат да ќарат некој поен кај гласачите. Тоа им е секогаш приоритет. Доказ за тоа е видеото кое се врти по интернет, на кое Шилегов тажно дреме во некој ќош на плоштадот во Скопје. За него титулата не е доволна за радост, треба да е во центарот на вниманието за да покаже (лажна) емоција.  На искрен навивач, не му треба публика. Тој пее и плаче и кога е сам.

Државата, односно оние кои ја водат (сега и во минатото) се причината за поделбите, затоа е нелогично во нив да го бараме решението. Од таму нема да дојде! Концептот подели, па владеј е постар од сите нас, па нема потреба да ви го објаснувам. Старата доктрина одлично функционира во Македонија. Одлично за оние кои се на власт или се стремат да дојдат. За нас, граѓаните НЕ! Затоа ние мора да ги спречиме поделбите, ние мора да се сослушаме и да се разбереме. Не велам дека треба да се сложите со оној со спротивен став, различна религиска или етничка припадност, но мора да се разберете. Мора да се ПОЧИТУВАТЕ! Јас никогаш нема да ја признаам „северна“, но имам блиски луѓе кои гласаа на референдумот и кои и денеска мислат дека тоа е правиот пат. Шансата да се сложиме на таа тема, не постои, но почитта кон различниот став секогаш постои. Аргументите, секако се на моја страна (најмногу заради референдумот), но тоа не значи дека ќе го сменам моето мислење за нив, дека ќе престанам да ги сакам или ценам. Истово се однесува на секоја разлика во општеството. Јас никогаш не сум имал проблем испровоциран од меѓуетничка или меѓурелигиска разлика, но решението е повторно истото. Дискусија, разбирање на другиот и почит како на еднаков на себе. Време е да ги закопаме „воените секири“ и да им покажаме на политичарите дека напразно не делат. Во спротивно, титулите на Вардар, Шкендија, Работнички, Пелистер, Победа, Гостивар....ќе бидат само бројки во светот на омраза во кој живееме.

За крај порака до КОМИТИ: Дечки, ајде вие први! Покажете дека сте големи, дека ги заслужувате името што го носите и боите на дресот што го љубите. Без, „клети“, без „чиста Македонија“, без „гасни комори“. Не велам дека вие сте единствените виновници, но вие сте единствените ЕВРОПСКИ ШАМПИОНИ! Промента мора некаде да почне, а јас можам да го побарам тоа само од вас.

Автор: Пацифист

Зошто не се радувам на успесите на Вардар?

Често ми го поставуваат прашањето, зошто не сум се радувал на успесите на Вардар.

Па ќе се обидам на кратко да ја доловам мојата перцепција и емоции кон успесите на вардар.

Јавна тајна е дека Вардар е финансиран од нашите пари. Од државни. Од даноците што ги плаќаме ние граѓаните на Битола, И вие на, Охрид, Струмица, Прилеп, Берово, Куманово, Кочани…со цел да профитира само еден спортски колектив од главниот град. Па така додека се радувате, присетете се зошто немате ни едно единствено нешто со кое може да се пофали вашиот град и да бидете горди.

Во превод, државата ги дискриминира своите граѓани. А на дискриминација не би можел да бидам горд.

Треба ли да бидам горд на “Македонски” тим, кој нема произведено ниту еден репрезентативец, составен од колонија на Шпанци, Руси, Хрвати…

Да не се лажеме. Вардар не е Македонија, ниту Македонија е Вардар.

Не би можел да се радувам, а истовремено на плоштадот во Скопје при прославата да има погрдни скандирања за Битолчани и Битола.

Кантона не за бадијала рекол:

“Можеш да ја промениш својата жена, својата религија, политичката партија…Ама никогаш тимот за кој навиваш”

Исто како што не можеш да го промениш семејството.

Можеби уште два животи, мојот тим нема да постигне успеси како државниот клуб од Скопје, но тоа не значи дека љубовта ќе исчезне. Исто како и со родителите. Ги сакате без разлика дали некое друго дете има побогати родители.

За да се движи напред на општеството му е потребен одреден кванититавен однос на спротивности: хармонија и дисхармонија, слаби и јаки, богати и сиромашни.

Исто е и во спортот. Ривалството е она кое го движи спортот кон подобрување.

Да си лојален на еден тим значи дека имаш високо развиено чувство да се идентификуваш со некоја заедница, група, колектив.

Без чувство на припадност лесно ќе те контролираат.

Честитки за оние вистинските навивачи на Вардар, а останатите запрашајте се, на што се гордеете?

Се гордеете на рунирани градови низ Македонија, со катастрофални услови за живот само за да им е удобно на граѓани од еден град?

Еднаш зелено-бел,

СЕКОГАШ зелено-бел !!

Популарно