Овој Вардар е створен за ЧУДО и тоа го испорача

Дваесет натпревари, 1.200 минути минати на паркетот, 9 различни противници... 14 победи, еден нерешен исгод и 5 порази! Вака низ бројки изгледа искачувањето до врвот на ракометна Европа! Но, бројките никогаш не ја раскажуваат вистинската приказа, барем не онаа на Вардар!

Шампионот од 2017 година, беше речиси отпишан пред почетокот на битката на најдобрите во страшната група „А“ од лигата на шампионите. Големиот број заминувања на одлични ракометари од црвено црното семејство, а пред се на „Ел Команданте“, големиот тренер Раул Гонзалес, ја намали „цената“ на Вардар кај европскати ракометни стручњаци, но ... Четири победи во стартните четири натпревари ја потсетија Европа дека за Вардар не важат тие правила. Да Штербик е еден од најдобрите голмани што светот некогаш ги видел, но Вардар го „измисли“ Милосављев. Младиот и неискусен голман, по само некоку натпревари стана најдобар трансфер во ракометна Европа, а на крајот од сезоната заслужено се најде на голот на идеалниот тим во ЛШ! Раул Гонзалес е сеуште во нашите срца и вечно ќе му бидеме благодарни, но скромниот Парондо успеа да го достигне неговиот нејголем успех и тоа во потешки услови!

Се редеа нови натпревари, а дојдоа и првите порази. Најтешките, двата од Барселона и оној во Скопје од Веспрем. Единсветните два тима кои ја освоија Јане Сандански оваа сезона во ЛШ. Тешко се повреди и Борозан, а стана јасно дека талентираниот Оцвирк нема да биде од помош на Вардар. Беше видливо дека црвено црните губат сила и дека некои од поразите беа резултат на кратката клупа, но третото место во групната фаза беше прифатливо. Очекувавме враќање од повредата на Боразан, но тој реши да го напушти тимот, соиграчите, семејството. На ред дојде 1/8 финале и судир со некогаш големиот Загреб. Два меча и две ракометни лекции, посебноо на гостувањето во Загреб. Следен на ред беше Пиг Сегет, унгарскиот шампион чија форма е во страшна нагорна линија во последните неколку сезони. Тимот што му го одзема приматот на моќниот Веспрем требаше да гостува во Скопје. И тогаш....тогаш БОМБА! Емоции, разочарување, извици за спас!

Писмото на Самсоненко до јавноста, кое сега Русинот се обидува да го релативизира и сите приказни за неподмирени долгови и неисплатени плати на играчите речиси цела сезона, ја помести оската на рамнотежа. Само хемијата ги држеше заедно момците во црвено црниот дрес, иако некои од нив веќе најавија заминување. На гости доаѓаше моќен противник, а јавноста од Македонија не бараше победа, бараше СПАС за својот Вардар! Никогаш не сум присуствувал на таков натрпевар! Никогаш не сум бил сведок на солзи радосници, помешани со солзи од тага. Се плачеше во Јане Сандански 60 минути! Се плачеше и кога Вардар водеше 1 разлика, се плачеше и на крај кога Пиг Сегет замина со 8 парчиња! Се плачеше на трибини, на терен, пред сала и секаде каде со срце се навива ВАРДАР! Пред натпревар, на полувреме и по големата победа! Се плачеше за играчиите, се плачеше со играчите, се плачеше за ВАРДАР!

Се појавија иницијативи за спас и информации дека иднината на Црвено-црните ќе биде светла и токму кога изгледаше дека се ќе биде во ред, Пиг Сегет ја истопи разликата на Вардар уште во првите 30 минути на домашен терен, па дури и поведе со 9 гола разлика на 20тина минути до крајот на реваншот! Вардар стоеше на педа од бездната, но момците на Парондо не се исплашија. Возвратија жестоко и покажаа дека, иако се малку на број, дека иако немаат ростер како Пиг Сегет, докажаа дека во секој од нив бијат две срца. ЦРВЕНО и ЦРНО, за двојно повеќе крв, двојно повеќе кислород, двојно повеќе сила. Го збришаа противникот за само неколку минути и од -9 дојдоа на безбедни -1. На крајот пораз од 4 гола и пласман во Келн.

И не можеше поинаку при жребот. Мораше во ½финале да играме против Барселона. Единствениот тим што два пати го порази Вардар. Два пати не надигра и беше апсолутен фаворит за нова титула. И се почна така! Барса леташе по теренот и носеше се пред себе. 7 разлика негатива на полувреме и загубени погледи на нашите херои. Пеколно тешка, речиси невозможна мисија! Само 9 гола постигна Вардар за 30 минути и беше клекнат пред џинот! Ниту следните 10 минути не ветија многу. Разликата остана не променета, кога на семафорот остануваа уште 20 минути до крајот. 20 минути за ЧУДО или за крај на сезоната. Крај за почит, крај за поздрав,крај за солидна сеозна! Но, овој Вардар не склопен за СОЛИДНО! Овие момци не се тука за поздрав! Не бараат почит! Овој Вардар е створен за ЧУДО и тоа го испорача! За 20 минути покажа што значи карактер, што значи сила, дефинираше што е ЉУБОВ! 20 минути за ИСТОРИЈА, за сите нас и следните генерации! 20 минути за пекол и страв за противникот, кој секако прв ја честиташе победата. И повторно солзи! Плачеа Шпанците во салата, за испуштената победа. Плачевме и ние, секаде низ светот. Плачевме од среќа за чудото!

Помалку од 24 часа и пресметка со вечниот финалист Веспрем. Освен Барса, единствениот тим што ја освои Јане Сандански оваа сезона. Унгарскиот шампион, што по доаѓањето на вардарецот Дејвис на кормилото, ја врати пол позицијата во Унгарија пред Пик Сегет. Тим со поголем ростер и страшен квалитет.  Тим со се што може да се купи и изгради како стратегија! Ростер во кој се е покриено со по двајца играчи, колектив на кој ништо не му недостасува, освен... Освен она што го има Вардар, но тоа не се купува со пари!

Финалето понуди се. Пот, борба, квалитет...ракомет на највисоко ниво! 55 минути губеше Веспрем, но се откажа дури на 30 секунди пред крајот. Пробаа Манасков и другарите, дадоа се од себе, но тоа не беше доволно да се победи Вардар во Келн, затоа што Вардар беше непобедлив. Губат и најголемите, најсилните, најспремните... но, овој Вардар е над тоа! Нема тактика што може да му се спротистваи, затоа што и прксоси на логиката. Не може да се скрши, зато што нема слаба алка. Нема, поединци, туку тим, семејство, енергија. На овој Варадар не му требаат пресврти, овој Вардар само по себе е ЧУДО!  

На крајот повторно солзи. Најпрво кај публиката и играчите на Веспрем за четврото загубени финале. Жал ми е за нив, но ќе дојде и нивното ЧУДО во некоја наредна сеозна. Плачеа и играчите на Вардар! Огромни момци, мажишта си солзи во очите. Ги бришеа своите солзи радосници, откако помина еуфоријата. Плачевме и ние! Црвено црното семејство! Плачевме од тага и од среќа! Плачевме по Караџиќ, Переира, Милосављев, Калараш, Кисељев... плачевме затоа што знаеме дека заминуваат, а секогаш ќе бидат дел од нашите срца. Плачавме и за оние кои остануваат и ќе дадат се од себе и следната сезона да бидеме ЧУДО. Плачевме за Кристопанс, Чупиќ, Дибиров, Шикарев, Дисингер, Скубе... плачевме за Столе! Плачевме од ГОРДОСТ и од ЉУБОВ! Затоа што тоа е Вардар! И додека другите навиваат за своите, ние ЉУБИМЕ! Додека другите се радуваат, ние сме ГОРДИ!

Фала ви момци и се гледаме денес на плоштад!

Автор: Пацифист

Кој ни кажа дека ако го смениме името сигурно добиваме преговори и брз датум за членство?

Сите во одделение сме имале другарче кое е фино, простодушно, не прави проблеми, се труди да се допадне на сите, има добри оценки, но нема свое јас, плашливо е, страв му е да каже што мисли и се обидува да се согласи со најважните шизици во одделение, ама, никој не сака да го дружи. Не е тоа другарче лошо, не е ни омразено, туку едноставно е безбојно, невидливо, неинтересно па дури и наставниците од толку што е блах, му го забораваат името.

Е па дечки, знаете што? Тоа е Македонија за ЕУ и за нашите "другарчиња" од Европа.

Македонија - државата, треба да размисли каква порака испраќа, која е нејзината репутација и имиџ што вака си поигруваат со неа и баш им е гајле дали ќе имаме уште една политичка криза. Да, не е фер што името го сменивме за пустите ЕУ преговори, а тие ни викаат, чекајте ја Албанија, која во моментов гори. Нo, кој ви кажал дека политиката е фер, посебно меѓународната?! И кој ни кажа дека ако го смениме името сигурно добиваме прегпвори и врз датум за членство?!

Никако да сфатиме дека покажување карактер и грижа за сопствената држава, имање на своја, автентична агенда за развој и не одење слепо по тоа што другите ти викаат дека треба да правиш по дома и како треба да се однесуваш кон самиот себе, да имаш свое јас е првиот и основен чекор за да седнеш со најважните шизици во Унијата или одделението.

За жал, немаме ниту една политичка опција од '91 до сега што го направила тоа. Да, сте правеле компромиси со ДУИ и сте го доуништиле системот, сте го утепале Собранието, судовите, Уставот.... сè, за "големата слика" и "поважните работи".

Сега тоа СÈ, ни се мава на сите од глава. Додека не научиме како се сака и се работи за интересите на државата, ќе се однесуваат вака со нас, на истиот начин како што ние се однесуваме кон самите себе и нашата држава.

А во меѓувреме, повторно ќе ни го заборават името.

Не пееше ДПМНЕ, туку незадовлното мнозинство од народот во Македонија

Сеуште под емоции од европската круна на РК Вардар, со болки во грлото од 3 дена бодрење пред тв и на плоштад, ќе посветам уште еден текст на црвено црната боја. Поточно, на политиката и поделбите во македонското општество, дури и при ваков ОГРОМЕН успех на момците со две срца.

Најпрво, ВАРДАР е шампион на Европа! Тоа е насловот! Вардар! Не Груевски, не Заев, ниту Мицкоски, Шилегов... Никој од нив никогаш не бил на врвот од Европа! НИКОЈ! Само Вардар! Вчера и завчера се славеше европска титула на Вардар! Не беше тоа политички митинг. Не беше поразен СДСМ, не победи ДПМНЕ! НЕ! Победи Вардар, победи Скопје, победи Македонија, Балканот и сите што навиваат за црвено црните! СИТЕ! Без разлика на национална, верска, политичка...припадност. Сите кои искрено навиваат за Вардар се победници и никој нема право да им забрани да се чувствуваат така. НИКОЈ! Вардар има љубов за сите, почнувајќи од најверните, „Комитите“, па се до малите дечиња кои вчера на ушка на татковците присуствуваа на прославата на плоштад! Црвно црната обединува, не е извор на поделби. Поделбите се резултат на политика и немаат никаква врска со Вардар!

Нашето општество е поделено многу оддамна, уште во СФРЈ. Поделбите, посебно по етничка линија, продолжија и по 91 година. Последниве неколку години сме сведоци на нова поделба. Поделба во македонското ткиво. Од „патриоти и предавници“, „антички и словени“, „Македонци и Северџани“, „тврдокорни и слободоумни“. Поделби конструирани од политичарите од сите политички партии, со цел да ја полесно да ја „продадат“ својата програма и да дојдат на власт. Немало политичар во Македонија зад кој застанал цел народ, па затоа сите кои досега се појавиле на политичката сцена им се обраќаат само на „своите“. Го мотивираат своето членство и истомислениците да излезат на гласање и да гласаат за нив. За спротивниот табор многу често имаат погрдни зборови. Најочигледен пример за ова се политичарите од албанскиот блок, во чии програми СЕКОГАШ во прв план е етничката програма. Да, во програмата се зборува за целата држава, економија, здравство, право, но акцентот е секогаш на правата на Албанците. Слични, до пред неколку години беа и програмите на македонските политичари, но по поделбата во македонското гласачко тело, разликите во програмите се однесуваат на Македонците. Всушност тие и ја предизвикаа оваа поделба, па сега борбата е кој подобро ќе ја искористи. Тоа воопшто не го кријат, па при последните претседателски избори, партиските штабови се фалеа кој колку гласови освоил по етничка припадност! ДУИ и СДСМ се расправаа кој колку албански гласови донел, додека ДПМНЕ се фалеше со поддршката од Македонците! Истите оние кои ни зборуваат за соживот, при своите јавни анализи ги делат своите гласачи по етникум!

Премиерот, Зоран Заев и „Шарената револуција“ го донесоа слоганот „Едно општество за сите“, но и тоа се однесуваше само на нивните истомислении. Всушност, најголемата поделба меѓу Македонците е заслуга токму на владејачката гарнитура со газењето на референдумот за Преспанскиот договор. Токму Заев, кој се самопрогласи за обединувач на народот во Македонија, ја направи најголемата поделба со менувањето на уставот и уставното име и покрај мнозинската желба на граѓаните тоа да не се случи. Премиерот јавно кажа дека референдумот пропаднал, но дека „мора“ да ја послуша волјата на малцинството, намерно и свесно газејќи ја волјата на мнозинството. Затоа вчера на плоштадот се пееше „Никогаш Северна, само Македонија“! Не пееше ДПМНЕ, туку незадовлното мнозинство од народот во Македонија. Таа порака не е од Мицкоски или Груевски, туку од обасправеното мнозинство! Обесправени од својата влада, од своите лидери! Не беше тоа порака за поделба, туку порака како резултат на поделба од страна на власта. Лошото е што сега таа порака, повторно ќе биде причина за зголемување на јазот меѓу спротиставените страни, затоа што во Македонија дискусија не постои. Постојат само дијаметрални ставови и омраза меѓу групите. Токму затоа денеска Столе Стоилов е херој за едните, „тврдокорен националист“ за другите! Без разлика дали со неговиот став се согласува поголем или помал дел од народот, никој не го анализира ставот на капитенот на Вардар, туку се се сведува на идеализирање или критика на неговата личност. Уште пострашно е што добар дел тоа го прават затоа што така мислат „нивните кланови“. Доказ за тоа се променетите ставови на повеќе политичари и јавни личности од СДСМ, за кои до пред некоја година Вардар беше ЗЛО, а сега слават титула! Самсоненко беше државен непријател број 2 (број 1 секогаш е Груевски), а денеска истиот беше кај Шилегов, Заев и Пендаровски и доби 700.000 евра државни (наши) пари! Токму таа промена на ставови кај политичарите треба јасно да ви укаже дека тие всуност и немаат став, туку интерес! Само ИНТЕРЕС и ништо друго! Јас го сакам Вардар откако знам за себе и никогаш за мене не постоел друг клуб. Да, навивам за Манчестер Јунајтед, навивав и за Милан во раните 90ти (пред да ја откријам Премиер лигата), симпатична ми е и Валенсија (од времето на Мендиета и Клаудио Лопез), навивам за Хјутсон Роктес во НБА... навивам за секој спортски колектив од Македонија кога игра во Европа, но само Вардар го сакам! Јас имам јасен став, затоа што се водам од емоција, затоа што не сум политичар и не гледам да исполнам некој свој интерес. Политичарите и клановите околу нив функционираат исклучиво од таа гледна точка. Интерес, власт и ништо друго. Токму затоа деновиве сите политичари се обидоа да ќарат по некој поен од титулата на Вардар. Се јави дури и азилантот од Унгарија. Преку Фејсбук го поздрави големиот успех, но не пропушти да го подели народот со тоа што посочи дека на СДСМ му е непријатно што народот се радува. Мицкоски беше во Келн и објави фотографии од преполаната сала во дрес на Вардар. Заев честиташе преку ФБ, а Пендаровски во друштво на поранешниот член на Вардар и македонската репрезентација Мојсоски, сподели афектни фотографии. Дали некој од нив навистина навива за Вардар? Не знам, но знам дека сите секогаш ќе се обидат да ќарат некој поен кај гласачите. Тоа им е секогаш приоритет. Доказ за тоа е видеото кое се врти по интернет, на кое Шилегов тажно дреме во некој ќош на плоштадот во Скопје. За него титулата не е доволна за радост, треба да е во центарот на вниманието за да покаже (лажна) емоција.  На искрен навивач, не му треба публика. Тој пее и плаче и кога е сам.

Државата, односно оние кои ја водат (сега и во минатото) се причината за поделбите, затоа е нелогично во нив да го бараме решението. Од таму нема да дојде! Концептот подели, па владеј е постар од сите нас, па нема потреба да ви го објаснувам. Старата доктрина одлично функционира во Македонија. Одлично за оние кои се на власт или се стремат да дојдат. За нас, граѓаните НЕ! Затоа ние мора да ги спречиме поделбите, ние мора да се сослушаме и да се разбереме. Не велам дека треба да се сложите со оној со спротивен став, различна религиска или етничка припадност, но мора да се разберете. Мора да се ПОЧИТУВАТЕ! Јас никогаш нема да ја признаам „северна“, но имам блиски луѓе кои гласаа на референдумот и кои и денеска мислат дека тоа е правиот пат. Шансата да се сложиме на таа тема, не постои, но почитта кон различниот став секогаш постои. Аргументите, секако се на моја страна (најмногу заради референдумот), но тоа не значи дека ќе го сменам моето мислење за нив, дека ќе престанам да ги сакам или ценам. Истово се однесува на секоја разлика во општеството. Јас никогаш не сум имал проблем испровоциран од меѓуетничка или меѓурелигиска разлика, но решението е повторно истото. Дискусија, разбирање на другиот и почит како на еднаков на себе. Време е да ги закопаме „воените секири“ и да им покажаме на политичарите дека напразно не делат. Во спротивно, титулите на Вардар, Шкендија, Работнички, Пелистер, Победа, Гостивар....ќе бидат само бројки во светот на омраза во кој живееме.

За крај порака до КОМИТИ: Дечки, ајде вие први! Покажете дека сте големи, дека ги заслужувате името што го носите и боите на дресот што го љубите. Без, „клети“, без „чиста Македонија“, без „гасни комори“. Не велам дека вие сте единствените виновници, но вие сте единствените ЕВРОПСКИ ШАМПИОНИ! Промента мора некаде да почне, а јас можам да го побарам тоа само од вас.

Автор: Пацифист

Зошто не се радувам на успесите на Вардар?

Често ми го поставуваат прашањето, зошто не сум се радувал на успесите на Вардар.

Па ќе се обидам на кратко да ја доловам мојата перцепција и емоции кон успесите на вардар.

Јавна тајна е дека Вардар е финансиран од нашите пари. Од државни. Од даноците што ги плаќаме ние граѓаните на Битола, И вие на, Охрид, Струмица, Прилеп, Берово, Куманово, Кочани…со цел да профитира само еден спортски колектив од главниот град. Па така додека се радувате, присетете се зошто немате ни едно единствено нешто со кое може да се пофали вашиот град и да бидете горди.

Во превод, државата ги дискриминира своите граѓани. А на дискриминација не би можел да бидам горд.

Треба ли да бидам горд на “Македонски” тим, кој нема произведено ниту еден репрезентативец, составен од колонија на Шпанци, Руси, Хрвати…

Да не се лажеме. Вардар не е Македонија, ниту Македонија е Вардар.

Не би можел да се радувам, а истовремено на плоштадот во Скопје при прославата да има погрдни скандирања за Битолчани и Битола.

Кантона не за бадијала рекол:

“Можеш да ја промениш својата жена, својата религија, политичката партија…Ама никогаш тимот за кој навиваш”

Исто како што не можеш да го промениш семејството.

Можеби уште два животи, мојот тим нема да постигне успеси како државниот клуб од Скопје, но тоа не значи дека љубовта ќе исчезне. Исто како и со родителите. Ги сакате без разлика дали некое друго дете има побогати родители.

За да се движи напред на општеството му е потребен одреден кванититавен однос на спротивности: хармонија и дисхармонија, слаби и јаки, богати и сиромашни.

Исто е и во спортот. Ривалството е она кое го движи спортот кон подобрување.

Да си лојален на еден тим значи дека имаш високо развиено чувство да се идентификуваш со некоја заедница, група, колектив.

Без чувство на припадност лесно ќе те контролираат.

Честитки за оние вистинските навивачи на Вардар, а останатите запрашајте се, на што се гордеете?

Се гордеете на рунирани градови низ Македонија, со катастрофални услови за живот само за да им е удобно на граѓани од еден град?

Еднаш зелено-бел,

СЕКОГАШ зелено-бел !!

Популарно