Сонцето од Кутлеш за еден месец ќе се ИЗБРИШЕ од јавниот простор

По точно еден месец сонцето од Кутлеш, симболот на првото знаме на независна Македонија, повеќе нема да може да се види во јавна употреба, затоа што дотогаш ќе биде отстрането од јавниот простор, а сите споменици што упатуваат на античката елинска историја и цивилизација ќе бидат соодветно означени, согласно со Преспанскиот договор.

Од Владата  велат дека корекциите ќе бидат завршени во зацртаниот временски рок, но не изнесуваат детали на кој начин ќе се извршат корекциите, како ќе се спречи јавната употреба на сонцето од Кутлеш и што сè е регистрирано како јавен простор и јавна употреба.

– На седницата одржана на 4 јули, Владата на Република Северна Македонија го задолжи Генералниот секретаријат да побара надлежните институции да достават информација за спомениците, јавните и другите инфраструктурни објекти чии имиња се дел од античката хеленска култура и цивилизација, во чија надлежност се тие во однос на поставувањето и одржувањето и кој е носител на авторските права, доколку станува збор за уметнички дела. Воедно, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да побара надлежните институции да достават информација каде се користи или е вграден симболот на сонцето од Вергина во јавниот простор. Корективните дејства ќе бидат преземени по обезбедувањето на информациите, согласно со Преспанскиот договор и во зацртаниот временски рок – одговорија од Владата.

Уставните измени за промена на државното име беа изгласани на 11 јануари, стапија на сила на 12 февруари, а рокот за преименување на спомениците и за отстранување на сонцето од Кутлеш истекува на 12 август.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Граѓаните гласаат за седми претседател на државата

Во земјава денеска се одржуваат седмите претседателски избори. Граѓаните ќе можат да гласаат за еден од седуммината кандидати.

На 3.480 избирачки места во Републиката со право на глас во Избирачкиот список за Претседателските избори се запишани вкупно 1.814.317 гласачи. Вчера на 31 избирачко место гласаа и нашинци во дијаспората, како и затворениците и болните и немоќни лица.

Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Овие избори се карактеристични по тоа што првпат од независноста имаме толку многу кандидати за претседател, изборите се одржуваат во среда, а идентификацијата ќе се врши со фингерпринт апарати. Уникатно е и тоа што кампањата и молкот за претседателските избори се преклопија со кампањата за парламентарните избори на 8 мај.  

Претседателските избори, според ДИК, ќе ги следат вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари.

По пребројувањето на гласовите, избирачките одбори се должни записниците и другиот изборен материјал да ги достават до општинските изборни органи во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Од преброени гласови од 3.023 од вкупно 3.480  гласачки места, или околу 87 отсто од избирачките ливчиња, Коалицијата предводена од СДСМ „Можеме“ води со освоени 36,27 отсто од гласовите.

Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Секој избирач кому му е повредено избирачкото право во постапка на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК е должна во рок од четири часа по приемот да донесе одлука.

Против одлуката на ДИК гласачот може во рок од 24 часа по приемот да поднесе жалба до Управниот суд на Република Северна Македонија, кој, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Северна Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

Вториот круг за пртседателските избори треба да се одржи на 8 мај заедно со изборите за пратеници во Собранието.

Просечната плата во февруари изнесува 39.276 денари

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, изнесува 116.8. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во февруари 2024 година, изнесува 39 276 денари.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (25.4 %), Административни и помошни услужни дејности (22.8 %) и Уметност, забава и рекреација (20.3 %).

Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Транспорт и складирање (9.8 %), Рударство и вадење на камен (7.4 %) и Земјоделство, шумарство и рибарство (5.1 %).

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во февруари 2024 година, изнесува 58 967 денари. 

Популарно