Шилегов: Од догодина за да фрлите ѓубре во контејнер во Скопје ќе треба да имате картичка

Една од новините што ја подготвува Петре Шилегов, градоначаникот на Град Скопје за следната година е станарите да можат да ги отвораат контејнерите пред својата зграда со картички за никој друг да не може да им ги узурпира.

Оваа идеја Шилегов ја претстави како гостин во телевизиската емисија „Топ Тема“ и додаде дека контејнерот нема да се отвора доколку не се покаже картичката. 

Според Шилегов, станува збор за смарт-контејнери кои ќе им сигнализираат на комуналните служби дека се полни и дека треба да бидат наскоро испразнети.

Манчевски: Нема да се стопираат вработувањата заради изборите

Потребите за вработување ги дефинираат институциите, а не Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Огласи за нови вработувања се распишани и ќе продолжат да се распишуваат. Нема да се стопираат вработувањата заради изборите, бидејќи институциите имаат потреби. Тоа е жива материја, луѓе си одат и луѓе доаѓаат, порача денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

– Огласите не ги распишува Министерството. Ние немаме евиденција кому што му треба. Затоа има раководители на институции. Не сме запознати колку огласи се објавени за примање нови вработени во јавната администрација, бидејќи тоа не е надлежност на МИОА, туку на Агенцијата за администрација, рече Манчевски во одговор на прашање на денешната прес-конференција по повод Годишната конференција на РеСПА за реформа на јавната администрација на тема: „Дигитална трансформација: Реформа на јавната администрација за дигиталната ера“.

Нешто што нема врска со изборите, посочи тој, се случува на крајот на секоја година согласно функционирањето на кој било Буџет.

– На крајот на секоја година се прекинуваат договорите на определено и доколку има потреба институциите повторно распишуваат огласи во новата година за нови договори на определено. Ова е нешто што се случува секоја година без разлика дали има избори или не, туку едноставно на 31 декаември така функционира Буџетот. Затоа секоја година после Нова година имаме зголемен број на  распишани огласи за договори на одредно време. Тоа ќе се случува и годинава, а се случувало и секоја година наназад, појасни Манчевски.

Тој прецизира дека се уште не е готов проектот за префрлање кадар од јавниот во приватниот сектор со кој треба да се детектира што е вишок на работни места, за што се во тек анализите.

– Овој проект не е готов, но тоа апсолутно не значи дека во моментов институциите немаат потреба од нови вработувања. Има голем број на кадри кои недостасуваат во јавната администрација што не го претставува целиот јавен сектор. Во јавната администрација и централните институции недостига кадар, а во јавниот сектор севкупно имаме превработеност. Анализите кои треба да ги почекаме ќе кажат каде има превработеност. Сите треба да го поддржиме овој проект или да дадеме алтернативен кој сум подготвен да го прифатам, рече Манчевски.

Кога ќе бидат готови анализите, додаде министерот, ќе бидат претставени во транспарентен процес во кој ќе бидат вклучени и синдикатите и стопанските комори. 

Владата ги повлекува предлог-измените на Законот за јавни собири

Владата ги повлекува предлог-измените на Законот за јавни собири и порачува дека има простор за разговори и подобрувања согласно со Уставот.

– Владата на Република Северна Македонија ги слушна забелешките на граѓанските организации за најавените предлог измени на Законот за јавни собири и на денешната 164-та седница одлучи да ги повлече предлог-измените со цел да се обезбеди поширока консултација, соопшти владината прес-служба.

Владиниот кабинет смета дека има простор за разговори и за подобрување на содржината со цел, како што потенцираат, овозможување слобода на изразување на став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи и исклучиво во согласност со Уставот на РСМ.

Заев: Пензиите од јануари ќе се зголемат за 700 денари

Пензиите од наредната година ќе бидат зголемени за 700 денари. Ова денеска го најави премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата за презентација на буџетот за 2020 година.

„Владата се одлучи за ваквото покачување на пензиите имајќи ги предвид економските параметри односно зголемувањето на просечната и минималната плата. Зголемувањето на пензиите ќе биде од 700 до 730 денари“, рече премиерот Заев и најави дека министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на посебна прес-конференција ќе ги каже деталите за покачувањето на пензиите.

Заев на прес конференцијата рече дека буџетот за 2020 година е "скроен по мерка на граѓаните и е влог во луѓето во човечкиот капитал". Кажа дека со буџетот се обезбедени пари за зголемување на платите во здравството и образованието, 7,3 милијарди денари се одвоени за субвенции во земјоделството, а буџетот на министерството за одбрана во 2020 година ќе биде 10 милијарди денари.

Популарно