Видео: Последици од силниот земјотресот во БиХ: Срушени оџаци и покриви од стари куќи

Босанските медиуми јавуваат дека засега нема извештаи за големи штети, по земјотресот од 5,1 степен што попладнево ја погоди БиХ во близина на Травник.

Се работи за најсилниот потрес во Босна и Херцеговина во последните седум години.

Во местото Турбе, кое е најблиску до епицентарот, настаната е помала материјална штета во форма на испукани ѕидови или пад на телевизори и други предмети од височина. Срушени се неколку стари оџаци, а дошло и до рушење на покриви, но штетите воглавно се направени на постари објекти, пренесува „Кликс.ба“.

„Граѓаните се многу исплашени, со оглед на тоа што потресот беше доста силен и траеше неколку секунди. Постојано сум во врска со оперативните тимови во подрајчето на Травник. Добро е што уште нема информации за материјални штети или повредени жители“, вели директорот на Федералната управа за цивилна заштита, Фахрудин Солак.

Сеизмологот, Амра Крехиќ рече за „Аваз“ дека денешниот земјотрес бил со необично силен интензитет.

„Нормално е ваков земјотрес да предизвика паника кај населението, но морам да кажам дека се работи за сосема нормално ослободување на сеизмичка енергија. Нема причина за паника“, изјави Крехиќ.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно