Казна од 200 евра за родителите чие прваче беше избркано од училиште со полиција

Родителите на првачето од ОУ „Блаже Конески“ во Велес, кое сè уште не посетува настава затоа што ја нема примено потребната вакцинација, добија глоба од 200 евра.

Станува збор за случајот во кој првачето наводно било отстрането од настава со полиција, но како што информираа од СВР Велес, тоа не било бо контакт со полицијата.

Од здружението „Од нас за нас“ информираат дека детето било запишано во текот на мајскиот уписен рок, за да на 4 септември директорот усно им соопшти на родителите дека детето не е

примено.

Зошто е тоа така – родителите не добиваат писмен одговор. Немајќи писмен одговор, родителите продолжуваат да го носат детето на училиште, за да подоцна биде отстрането од настава со полициска асистенција.

Родителите поднесоа претставка до Инспекцискиот совет, по којашто тие не можат да се произнесат заради тоа што МОН сè уште нема доставено решение, вели Гордана Гоџо од Здружението.

Директорот на ОУ „Блаже Конески“ – Велес, исто така јавно го повикал МОН за решение за случајот.

По инцидентот со полицијата, родителите одлучуваат да почекаат официјално решение и известување, за детето да не трпи дополнителни психолошки трауми.

Од страна на ДПИ, на родителите деновиве им стигна прекршочен платен налог, со кој се одредува глоба од 200 евра, во денарска противвредност. Глобата е изречена според член 168, став 4 од Законот за основно образование: „Глоба во износ од 200-250 евра е предвидено за родителот, старателот ако не му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание“. Се прашуваме кој овде треба да биде казнет? По чија вина всушност детето не е во училиште?, прашуваат од Здружението.

Од „Од нас за нас“ додаваат дека додека Министерството за образование не може да се одлучи дали ќе го почитува Уставот, родителите и децата страдаат.

Се одбележува Денот на планетата Земја

Светот денеска го одбележува Денот на планетата Земја, меѓународна иницијатива чија главна цел е да ја подигне свеста кај луѓето за заштита на животната средина и зачувување на планетата.

Денот на Земјата се чествува по 55. пат. Тој се слави секој 22 април, а првпат тоа се случило во 1970 година во САД, во организација на американскиот сенатор Гејлорд Нелсон и активистот Денис Хејс. За време на првите демонстрации, повеќе од 20 милиони луѓе излегоа на улиците на САД.

Според меѓународната организација „Ден на планетата Земја“, годинава главна тема е борбата против пластиката под наслов „Планетата против пластиката“.

Иницијаторите, инаку, дошле на замислата за организирање „Ден на планетата Земја“ кога светот ја виде штетата од излевањето на 11 милиони литри нафта во Тихиот океан, што се случило како последица на несреќа при работа на нафтена платформа близу Санта Барбара, Калифорнија, САД.

Денот на планетата Земја ширум светот се одбележува со бројни акции, како што се собирање ѓубре, садење дрвја, протести за борба против климатските промени, едукативни работилници итн.

Утре влажен бран со силен ветер и врнежи над 20 литри на метар квадратен

УХМР информира дека утре, под влијание на влажен бран, ќе биде облачно со врнежи од дожд кои особено во западните и јужните делови од земјата ќе бидат пообилни, наместа над 20 литри на метар квадратен, поројни и проследени со грмежи и засилен ветер и над 60 километри на час. Ветерот долж Повардарието ќе засилува и во среда.

Во среда и четврток ќе има локална појава на повремено пороен дожд и грмежи, а потоа следи период на претежно стабилно и постепено потопло време.

Од полноќ започнува изборниот молк

Со денешниот ден завршува изборната кампања за првиот круг од Претседателските избори 2024 година, односно од полноќ започнува изборниот молк кој трае до 19 часот на 24 април.

За време на молкот, на 23 и на 24 април (до 19 часот), запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи и за Претседателските и за Парламентарните избори, информираат од Агенцијата за аудио и адиуовизуелни медиумски услуги.

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето: какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со, или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Во овој период е дозволено емитување бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања за Парламентарните избори.

Воедно, во деновите на изборниот молк е дозволено емитување на едукативната рекламна кампања на Државната изборна комисија (ДИК) за Изборите 2024.

Агенцијата очекува сите радиодифузери, почнувајќи од ноќеска на полноќ, да ја прилагодат својата програма за изборниот молк.

Популарно