Груевски со порака на Фејзбук

Никола Груевски одговара на шпекулациите на својот Фацебук профил, каде зборува за исходот од изборите, лагите и лажните вести кои во последно време се зборувале за него, а и за тоа дека наводно ќе се жени во Унгарија.

Исходот од изборите, лагите и Јемен

1. Најголем предизвик и најголем ризик на следните избори за опозицијата ќе биде да се спречат изборните измами кои власта со сигурност ќе се обиде да ги направи, односно да ги повтори од локалните избори, сметајќи дека меѓународната заедница после двата договора со соседите и промената на името, уште згора на се и доцнењето со датумот за преговори, ќе прогледа низ прсти на тоа и ќе и признае изборите со мали забелешки.

Од ова ќе зависи дали ќе има промена на власта. Доколку ова се спречи, доколку се спречи она што го направија на локалните избори во Октомври 2017 година (масовен поткуп на посиромашните гласачи – околу 100 илјади гласачи, закани, уцени и притисоци поединечно на околу 50 илјади луѓе, т.н. бугарски возови, поткуп, закана или уцена на набљудувачите на партиите и на изборните комисии, и.т.н.), тогаш, под претпоставка дека опозицијата ќе понуди квалитетна програма, кадар и кампања ќе ги добие изборите. Ова го знае и власта и затоа реши да оди на предвремени избори додека сеуште се свежи сеќавањата на меѓународната заедница за договорите, името, уставот и сл.

Сè друго е веќе антиципирано од мнозинството гласачи, од типот зголемени плати, пензии, социјалниа помош, субвенции, датум за преговори во март или во мај, членство во НАТО, изнудени пресуди, нови измислени афери, црна кампања и слично.

2. Лажните вести и генерално лажењето, станаа национален спорт во земјата.

Ме прогласија за мозок на прислушувањата кои самите тие ги организирале. Ме осомничија дека сум се договорил со Заев за да дојдам во Унгарија и плус дека со Заев сум договорил да ми застари кривичното гонење за еден предмет каде сум обвинет дека сум сакал патот да се изгради побрзо за да добијам корист на изборите со повеќе гласови од гласачите. Други пак оценија дека гонењето застарело бидејќи сум дошол во Унгарија, независно што ниту едно одлагање на рочиште не се случи заради тоа, а судењето е до пола.

Сум земал адвокат Албанец за да ги одолговлекувам предметите во суд. Сум бил пред женење со некоја Унгарка. Сум ги условувал пратениците да гласаат за промена на името. Сум издавал државни тајни на унгарците за азилот. Сум го раководел актуелното раководство на ВМРО од Будимпешта. Сум ѝ ги направил најголемите злодела на Македонија. Сум имал пет милијарди евра, две милијарди евра, милиони, билиони, трилиони…

И стотици и стотици други вакви работи. И којзнае уште колку гадости нема да измислат во претстојните месеци во борбата за власт и читаност. Лага до лага.

Па си ги преземаат меѓусебе различни медиуми лажните вести или лажните изјави, без никакви факти и докази. Се цитираат небаре некој открил несоборливи докази. Измамници и шарлатани го имаат окупирано медиумскиот простор до бескрај, а народот како да се навикна на сето ова. Па и многу од нас кои сме предмет на лажните вести, како да се навикнавме и почнавме да ги игнорираме.

Па се водат цели дебати, емисии, „експерти”, колумни, коментари, тези… со денови и недели… и се на лажна основа и лажна вест. За докази, аргументи, факти веќе никој не ни помислува. Ни тие што пишуваат, а делумно и тие што читаат. Старомодно стана докажувањето.

Ќе помине и ова време, но што болест ќе беше ова? Болест ли е, интерес ли е, или незрелост, или собирање кликови и зголемување читаност, или злоба и фрустрација од лична нереализираност, или некој мислат дека вака се води политика и се добива доверба, или се заедно.

Политиката во Македонија се претвора во натпревар на лажни вести, лажни етикети, навреди, обвинувања и интриги. И кој поуверливо ќе го направи тоа. За друго очигледно ќе почекаме. Колку помалку се создаваат позитивни работи во општеството толку повеќе растат и медиумскиот простор се пополнува со лажните вести и лажењето на јавните личности. Наместо конкретна понуда за народот, секој ден вака. Наместо борба со идеи и визија, борба со лаги и лажни вести. Секој против секого и без некоја продлабоченост макар и во лагите.

И секој ден вака. Неуморно и посветено. А наоѓаат и почва за ова. И после толку откриени лаги, илјадници луѓе сеуште земаат здраво за готово се што ќе им пишат и сервираат, па уште и денот им минува во коментирање на тоа. Треба да одвојувам секој ден по неколку часа, со ова да се занимавам и да демантирам. И да станам како нив. Каква држава станавме… И не е само со мене вака, проблемот е поширок, иако нескромно ќе кажам дека сум еден од омилените за вакви нешта

3.Унгарија изгради нов националнен стадион за околу 68 илјади гледачи – Пушкаш арена. Се чека Жерновски да каже дали ќе падне.

„АЛКАЛОИД“ ПУШТИ ВО УПОТРЕБА НОВ КАПИТАЛЕН ПРОЕКТ ВРЕДЕН 19,4 МИЛИОНИ ЕВРА

Новите капацитети за производство на цврсти фармацевтски форми, со површина од 6.200 м2, се најкрупниот инвестициски потфат на компанијата во изминативе две децении

Во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, „Алкалоид“ АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.

Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. За изведбата на овој објект, започната во април 2021 година, беа ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвиваа под водство на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.

Во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во Македонија. Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета. Опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид: GEA (опрема за влажна гранулација), Alexanderwerk (опрема за сува гранулација), Lodige (опрема за хомогенизација), Fette (преси за таблети), Glatt (систем за филм-обложување), De Lama (автоматска машина за перење контејнери) и други.

Со пуштањето во употреба на новата техничко-технолошка единица за производство на цврсти фармацевтски форми двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од 4 милијарди таблети годишно.

„Во динамична индустрија каква што е фармацевтската пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот ’Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“, изјави Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов на официјалното пуштање во употреба на новиот оддел, кое се одржа во присуство на високи претставници на менаџментот на компанијата, како и на претставници на медиумите од земјата и од регионот.

Ова е еден од најкрупните инвестициски проекти на „Алкалоид“ АД во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра.

Фармацевтските производи на „Алкалоид“ се присутни на пазарите во повеќе од 40 земји во светот.

Летно сметање на времето од недела 31 март

Летното сметање на времето започнува в недела на 31 март во 02:00 часот, кога со поместување за еден час нанапред времето во 02:00 часот ќе се смета како 03:00 часот. 

Владата, на предлог на Министерството за економија, денеска на седница донесе Одлука за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2024 година.

Како што соопшти вечерва владината прес-служба,  летното сметање на времето завршува на 27 октомври во 03:00 часот, така што со поместување за еден час наназад времето во 03:00 часот, се смета како 02:00 часот.

Одлуката за воведувањето летното сметање на времето е согласно Законот за сметање на времето („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/96 и 16/97) и согласно европски директиви.

Норвешка ни испрати 76 воени возила

Норвешка испрати 76 воени возила за Македонија. Вкупно 40 камиони и 36 лесни пешадиски возила се натоварени вчера од пристаништето Оркангер и со брод ќе бидат транспортирани до Солун, информираат од норвешката амбасада.

Со донацијата, најавена во септември минатата година, како што информираат од амбасадата на Норвешка, ќе биде опремен лесен пешадиски баталјон.

-Донацијата ја симболизира важноста на НАТО солидарноста и соработката меѓу земјите членки. Способноста на алијансата да одговори на криза или конфликт зависи од силата и солидарноста на сите земји членки, а не само на една нација. На 4 април оваа година НАТО алијансата полни 75 години. Северна Македонија стана членка на НАТО во 2020 година, а Норвешка е членка на НАТО од формирањето на алијансата во 1949 година. Двете земји имаат долга историја на билатерална соработка, а со влезот на Северна Македонија во Алијансата во 2020 година соработката стана уште посилна, се вели во соопштението од норвешката амбасада.

Донацијата, како што велат од амбасадата, е и индиректна донација за Украина, бидејќи Македонија претходно донираше значителна количина опрема за Украина. Со норвешката донација, Македонија ќе може повторно да надополни дел од опремата што ја подариле, посочуваат од амбасадата на Норвешка.

Популарно