Тачи: Јамајка ја призна независноста на Република Косово

Косовскиот претседател Хашим Тачи објави вечерва преку неговата страница на Твитер дека средноамериканската островска држава Јамајка ја призна независноста на Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како најзаслужен за овој успех на Косово на меѓународен план, Тачи посебно го посочи демократскиот пратеник во Конгресот на Соединетите Американски Држави, Елиот Енгел.

– Извонредна вест! Штотуку ме информира амбасадорката (во САД) Вљора Читаку дека Јамајка ја призна Република Косово како суверена и независна држава. Знам дека ова е резултат на напорно и долгогодишно лобирање, во кое беше вклучен конгресменот Елиот Енгел. Добро сработено. Благодариме драги пријатели од Кингстон, напиша Тачи.

Косово ја прогласи независноста на 17 февруари 2008 година, по што беше признаена од над 110 држави членки на Обединетите нации. По десетината повлекувања на признавањата од одредени африкански и островски држави, како резултат на лобирањето на српската дипломатија, ова е единственото ново признавање на косовската независност во последните неколку години.

Српската кампања за повлекување на признавањата на косовската независност беше една од главните причини за одлуката на претходната влада, во ноември 2018 година, за воведување такса од 100 отсто на увозот на српски производи, по што беше целосно прекинат дијалогот за нормализирање на односите меѓу двете држави. 

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно