Христијан Мицкоски призна дека бил во ресторан во Дебар Маало

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа на својот профил на Фејсбук призна дека тој заедно со двајца свои познаници бил во ресторан во Дебар Маало, дека не бил доволно информиран за новите протоколи и дека е подготвен да плати паричната казна поради тоа.

-Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации. Дефокусирајќи ја јавноста со таа “епска битка” на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се дефокусира вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт. Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива, напиша Мицкоски.

Жал му е што, како што наведува, покрај погубните бројки на новозаболени и починати случаи, катастрофалното менаџирање со кризата од корона вирусот, економскиот дебакл на власта, кражбите на парите на граѓаните со милионски суми, рекетите, распродажбата на националните интереси, тема станала и неговата средба со познаници во една скопска кафеана.

-Човечки е да се згреши, и не сум лицемер кој едно говори пред камерите, а друго зад нив. Сакам да демантирам, дека имав каков било контакт со кој било од државната инспекција или органите на државата. Тоа се измислици за да се потхрани дефокусирањето на јавноста. И да бидам искрен, овој мој човечки грев, сметам дека е многу помал од состојбата која денес се случува врзана со губењето на животи и неодлучноста на владата која го загрижува здравјето на сите. Денес вистинската тема е што имаме 101 ново заразен и 4 починати. Власта сака да продаде приказна за да ја скрие вистината за себе, и фактот дека моето одење во ресторан не зарази никого, но нивната неспособност и СДСМ кластерот, да. Ако некој имаше дилема, сега е повеќе од јасно, кристално јасно дека власта и параполициските сили диригирани лично од Зоран Заев ме следат. И треба да знаат, Македонија не заборава, а сите тие ќе бидат поразени, посоува Мицкоски на својот профил на Фејсбук.

Раководителката на Одделението за инспекциски надзор Скопје Мери Продановска синоќа на вонредна прес-конференција изјави дека инспектори  биле спречени да извршат контрола во угостителски објект на „Боемска улица“. Според неа, додека инспекторите чекале да влезат, од објектот излегол претседател на политичка партија, но не прецираше за кого станува збор. 

Приватните специјализанти четврти ден на штрајк

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска Чешлароска.

Таа појасни дека затоа сакале веднаш да се остварат првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување. Притоа, истакна, дека со оглед на тоа што тие две барања за кои барале итно да бидат решени, не биле решени, тие ќе продолжеле со нивниот штрајк.

-Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска Чешлароска.

На новинарско прашање, таа одговори дека до сите катедри упатиле барање за поддршка. Јавно се заблагодари на професорката од Медицински факултет, инаку од клиниката за ревматологија, што вчера им даде поддршка. (МИА)

Грејната сезона продолжува поради временските услови

АД ЕСМ ги информира потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата „Енергетика“, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

Оваа информација е во согласност со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за хидрометеролошки работи. Снабдувањето со топлинска енергија во согласност со регулативата по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена до 30 април во зависност од временските услови, велат од ЕСМ.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ, се додава во соопштението на ЕСМ.

Изнемоштените и болните до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори

Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

-Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник), се посочува во Роковникот на ДИК.

Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април.

Популарно