Украле цел сеф со пари од менувачница во Чаир

Вчера до СВР Скопје стигнала пријава дека непознати лица влегле во менувачница во Чаир и одзеле сеф кој бил полн со пари. Возилото со кое е извршена кражбата е пронајдено подоцна на паркинг исто на територијата на Чаир.

„На 17.04.2024 во 10.15 часот во СВР Скопје, М.Д.(42) од Скопје пријавил дека околу 04.20 часот неколку лица со употреба на сила и погоден предмет влегле во неговата менувачница на подрачје на Чаир и одзеле сеф со пари, по што заминале со патничко возило „фолксваген џета“ без регистарски ознаки. По преземени мерки и активности, возилото било пронајдено на паркинг простор на подрачје на Чаир. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“.

Доживотен затвор за Усеин Р. кој со 42 убоди од нож ја уби Танкица Младеновска од Кочани

Педесет и деветгодишниот Усеин Р. од Кочани, кој во септември лани ѝ нанесе десетици убодни рани од нож на 46-годишната Танкица Младеновска од Кочани и ја уби, денеска е осуден на казна доживотен затвор. Тој се сомничеше дека на 25 септември лани, на свиреп начин ја лиши од живот Танкица, нанесувајќи ѝ многубројни убоди со нож. Таа почина на местото на настанот.

По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело – Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна – доживотен затвор.

Во обвинението, Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – Уцена кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка.

Платформата за родова еднаквост лани реагираше до Јавното обвинителство со барање ова убиство да биде квалификувано како фемицид при вршење на родово базирано насилство истакнувајќи дека институциите не го препознаваат родово базираното насилство, и овој случај го водат како убиство на свиреп начин.

-Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин, со што се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово базираното насилство. Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, реагираа оттаму.

ЦУК апелира на внимателност поради влошувањето на временските услови

Заради најавените метеоролошки промени со дожд, ветер и снег на повисоките места, ЦУК апелира на внимателност, редовно чистење на локалните одводни канали, да не се фрлаат отпадоци во нив, а таму каде што ги има да се исчистат, бидејќи може да направат брана и да се илее водата од нив.

Бидејќи се очекува и силен ветар, истовремено се упатува апел да се внимава на работите што може да „одлетаат“ од градбите во населбите и особено на градбите што се во изградба, на градилиштата, треба да се обезбедат сите работи што заради ветер би паднале и би претставувале опасност за луѓе коишто се во околината.  Ако се престојува на планина препорачливо е да се има доволно гориво во возилото и да се внимава на планинските патишта.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.

Популарно