Емотивна исповед на ќерката на Ацо Конга: „На мојот најубав ден, татко ми ме гледаше од горе!“

Одминува трета година откако Александар Богдановски или за многумина познат како Ацо Конга, ја изгуби битката со ракот.

Човекот чија музичка приказна почна во групата „Макакус“, кога се случи и неговата прва средба со конгите, подоцна влезе во и денес популарниот состав „Нокаут“, јавноста го памети Ацо Конга од Нокаут.

По изгубената битка со тешката болест, неговото семејство се сеќава на него, но јавноста и медиумите многу ретко знаат да го споменат. Неговата ќерка Срна Богдановска, сега веќе девојка на 21 година, која пред некој ден официјално заплива во брачните води, за story.mk се присети на моментите поминати заедно. Овој повод и се чинеше сосема во ред, да сподели што чувствува. Се разбира дека не било сеедно, кога за најубавиот ден во нејзиниот живот, татко и Конга не бил до неа.

Сосема отворено и без колебање, ни раскажа накратко за својот татко и за она што најмногу и недостасува… „Сè уште немам запознаено некој со поведар дух од татко ми, буквално во цело маало, на секоја дружба со наши пријатели, на секој одмор тој бил тој што ја „вадел“ целата ситуација (журка), најгласноговорник со смисла за хумор, каква што ретко кој ја поседува. Во секојдневниот живот ја имал повторно најбитната улога или како што тој ни велел „јас имам носечка улога“ …

Ај тато однеси ме до онде, ај земи ме од овде, башка од пазарење секако дека тој ја имал носечката улога со ќесите, хаха.“ – се сеќава Срна.

„Ми недостасува тоа што викендите со него беа некако испланирани или одевме некаде во природа јас, брат ми Нино, мајка ми Сузана и тој, или правеше скара во двор, а имаше и посебна обврска која за него беше огромна љубов да се грижи за дворот или пак да преслушува цедиња во дневната. Такви беа неговите секојдневни навики, кои најмногу од сè ми недостасуваат.“ – додаде Срна. За нејзината најважна вечер во животот, која се случи пред некој ден, ни кажа…

„И на мојата најважна вечер, дефинитивно најмногу ми недостасуваше. Вечерта ќе беше многу побогата со него, бидејќи да се има татко како него е вистинско богатство. Целиот тој ден сè ми одеше како „подмачкано“, бев задоволна буквално од сè, времето тој ден беше совршено, немав замерки за ништо, ни на мене, ни околу мене. Убедена сум дека татко ми беше тој кој што ми ги редеше работите тој ден од таму горе. Како што сум убедена и за многу други ситуации кои верувам немаа да се случат без негова одговорност за многу работи, иако не е физички присутен.“

(Видео) Тамара Грујеска заврши на 12-тото место на детската евровизија

Македонската претставничка на детската евровизија, Тамара Грујеска, во Ница, Франција, се пласира на 12-тото место.

Франција втортпат по ред победи на музичкото натпреварување, овој пат со Зое Клозир и песната Coeur („Срце“).

Шпанија заврши на второто место, а Ерменија на третото.

(Видео) Последната песна на „Битлси“ излегува во ноември

Цели 53 години по расформирањето, славниот британски бенд „Битлси“ се враќа во ноември со песна снимена со помош на вештачка интелигенција, која го извлече вокалот на Џон Ленон од стара снимка и на тој начин практично повторно ја обедини легендарната четворка.

Употребата на вештачка интелигенција овозможи миксирање песна преземена од демо-снимка на Џон Ленон. Во оригиналното демо беа додадени снимките на електрична и акустична гитара од Џорџ Харисон од 1995 година, пред неговата смрт во 2001 година. Песната беше завршена минатата година во студио во Лос Анџелес со мешање на тапаните на Ринго Стар, пијаното и басот на Пол Макартни.

Двајцата преживеани членови на бендот, Пол Макартни и Ринго Стар, во четвртокот најавија дека новата нумера Now and Then („Сега и тогаш“) ќе биде објавена на 2 ноември.

Песната е создадена врз основа на демо-снимка што Ленон ја направил во својот стан во Њујорк. Четиринаесет години по убиството на Ленон (1980), неговата сопруга Јоко Оно им подари на другите членови на бендот снимка на вокал и пијано.

Подоцна тие ја обработија, но никогаш не можеа да ја објават бидејќи досегашната технологија не дозволуваше гласот на Џон Ленон да се истакне со задоволителен квалитет. Ова сега е возможно, а беше поттикнато од документарната серија Get Back во режија на Питер Џексон (2021).

Режисерот на трилогијата „Господарот на прстените“ користел нова технологија за да го извлече гласот на Ленон од аудиолентата и да го одвои од пијаното.

Прогласени најдобрите албуми во историјата на жанрот

Оваа година се навршуваат 50 години од создавањето на хип-хопот, а популарниот музички портал Consequence of Sound по овој повод ги објави 50-те најдобри хип-хоп албуми на сите времиња.

На врвот на листата се најде современиот класик To Pimp a Butterfly на Кендрик Ламар.

„Кендрик Ламар брзо се етаблира како еден од најважните гласови на својата генерација, со неговиот трет студиски албум To Pimp a Butterfly на кој се наоѓа црнечка протестна песна која ги дефинира последниве години – тоа е песната Alright,“ наведено е во објаснувањето за изборот.

„Излегувајќи непосредно пред почетокот на хаотичната кандидатура на Трамп, има моќ да донесе пофалби за доброто што се случува во животoт на црнците, како и незадоволство од системите кои секојдневно ги изневеруваат. Среде демонстрациите кои бараа одговори за Сандра Бланд, Филандо Кастил и разни други полициски убиства, Аllright беше спасот што нè однесе низ тешките времиња – но тоа не ја дискредитира силата на остатокот од албумот,“ го објаснуваат изборот и додаваат: „Секоја генерација има право на свој најголем хип-хоп албум, а овој е наш“.

На второ место се најде легендарниот албум The Miseducation of Lauryn Hill на пејачката Лорин Хил, а потоа следува It Takes a Nation of Millions to Hold Us Back на пионерите на овој жанр, бендот „Паблик енеми“.

Во првите 10 се Supa Dupa Fly на раперката Миси Елиот, класикот Enter the Wu-Tang (36 Chambers) на бендот „Ву-танг клан“, Stankonia на бендот „Ауткест“, Reasonable Doubt на раперот Џеј Зи, The Low End Theory од A Tribe на бендот „Трајб колд квест“, „2001“ на Др. Дреј и My Beautiful Dark Twisted Fantasy на Канје Вест

Популарно