ИСПОВЕД: Големата милост што Бог ја пројави во нашето семејство

Ова големо чудо придонесе за духовна преобразба на целото наше семејство и за наше уште посилно зацврстување во верата и цврста решеност од сега натаму да не отстапиме ниту чекор од светлата патека на Исус Христос. Слава му на Господ кој ни подари неизмерна љубов и милост!

Лесновски_манастир_02

До нашата редакција денес стигна писмо во кое е пренесено потресно сведоштво на една мајка, Олга Минова, за чудото кое се случило со нејзината ќерка годинава на Велигден. Во целост го пренесуваме писмото, пренесува порталот агапи.мк.

Откако веста за чудото со нашата ќеркичка Лора и без наша волја, со голема брзина се рашири по социјалните мрежи, одлучивме и ние, како нејзини родители, за да нема искривувања, да ја објавиме целата вистина за големата милост што Бог ја пројави во нашето семејство. Нашите проблеми започнаа кон крајот на минатото лето кога ќерка ни го изгуби апетитот. Набрзо потоа доби силни болки и воспаление во зглобовите на прстите на левото стапало, при што три прсти се искривија. Уште на третиот ден од отекувањето побаравме лекарска помош. Беа тоа тешки и долги месеци во кои одевме по државни и приватни болници. Дијагноза – немаше. Болките во трите прсти на стапалото од самиот почеток беа неподносливи и не се смируваа со ниту еден лек препорачан од познати и искусни доктори, професори... Нашата голгота започна на 28 јануари, на самиот Празник на свети Гаврил Лесновски, кога поради необјаснив напад на кашлица бевме однесени со возило на Брза помош на Детска клиника во Скопје, каде што веднаш бевме примени. Терапијата што ѝ беше дадена ноќта кога нè примија, воопшто не поделува. Останавме месец дена на клиника. Секојдневно кај детето доаѓаа доктори од различни области – лекуваа реума, артритис..., некои велеа дека тоа воопшто не е реума, ниту артритис... резултат – немаше. Дијагноза – исто.

Следуваа конзилијарни состаноци и договори, што со нашиот случај. По примена терапија со имуноглобулини детето за првпат се онесвести. Ни го зедоа од рацете... Следуваа тешки денови за нашето дете, за сите нас. Денови во кои продолжуваше неизвесноста околу состојбата на нашето дете. Ноќ помината на Карил - Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување, н.з., а потоа една седмица на одделот за интензивна нега на Детската клиника. Од одделение на одделение, од врата до врата... Која е дијагнозата? Со каква терапија ќе се лекуваат болките во ногата и несвестиците, кои по примањето на имуноглобулините беа многу, многу чести... Некои од лекарите предлагаа да одиме на лекување во странство. Во меѓувреме, стигнуваа резултатите од направените најопсежни анализи на клиниките во Скопје и во Германија. Сите резултати од детето беа одлични. Три направени магнетни резонанци на мозокот, не знаеме колку направени ЕЕГ-а, пункција и сè што требаше и што можеше во Македонија да се испита и да се направи. Докторите и директорката на Детска клиника се ангажираа несебично, но не ни даваа конкретни насоки што и како понатаму. Ние, како родители, се консултиравме секаде каде што ќе слушневме. Лекарите комуницираа во неколку наврати со професорка од позната клиника во Турција.

По месец дена поминати низ неколку одделенија и низ многу врати на скопските клиники, се наоѓавме во тешка безизлезна ситуација. Многумина тогаш од нашите блиски и познаници нè упатуваа да побараме помош од бајачи, гледачи... Лора одлучно кажуваше дека никако не сака да ја носиме по баење и по слични такви луѓе, но затоа пак сакаше често пати, макар и во инвалидска количка, да ја носиме во малата црквичка посветена на Благовештение во кругот на Клиничкиот центар во Скопје. Го молев Господ да ни го посочи патот по кој треба да одиме, бидејќи по добиените добри резултати, а влошената здравствена состојба на детето, веќе никој ништо не ни препорачуваше. Целото тоа време добивавме неизмерна поддршка од сите доктори на клиниката за Детски болести, од пријателите, од колегите, од наставниците и соучениците на ќерка ни, од луѓе кои слушнале за нашиот проблем и сакаат да ни помогнат. Во порака добивавме многу имиња на доктори, мејлови, телефонски броеви со препорака да пробаме уште таму. Баравме чаре на многу места, но сите ги креваа рамениците со зборовите: „Што можевме, направивме", „Ова не е до нас." Тоа беа најтешките моменти за нас. Немавме одговор на прашањето „Каде ќе го лекуваме детето?". На хартија имавме дете кое е целосно здраво по сите добиени резултати, а всушност дете кое не може да направи ни чекор без наша помош... Донесовме одлука да ја напуштиме болницата на наша одговорност и да пробаме со хомеопатска медицина. Но и покрај првичните сериозни ветувања на докторката дека ќе го среди тоа, резултат немаше. Докторката максимално се ангажираше, даваше сè од себе. Нè испрати во „Славеј" – Скопје да направиме ортопедско помагало, но прстињата на ногата останаа цврсто искривени во грч. По месец дена поминати во приватната амбуланта кај докторката–хомеопат, резултат – немаше. На крајот и таа призна дека не е моќна да се справи со проблемот. Повторно останавме без надеж... Единствената позитивна работа беше што за тој месец детето не примаше никаква терапија и држеше строга диета – така што се исчисти од долготрајното пиење на секакви лекови, па дури и цитостатици... Неподносливите болки во зглобовите на искривените прсти, вртоглавиците, нападите, несвестиците, заматеноста, црнината пред очите – останаа. Состојбата се влоши, и по едно онесвестување кое траеше многу долго, повторно бевме вратени во болница во Скопје. Но, наближуваше Велигден и по само две поминати ноќи во болница, нè пуштија дома за празникот, со договор веднаш после празникот да се вратиме.

Долги години наназад со семејството го посетуваме манастирот „Свети Гаврил Лесновски". Решивме да отидеме со детето. Запаливме свеќи за здравје. И покрај големата посетеност на манастирот и големата ангажираност на отец Дамаскин со посетителите, решивме да му ја раскажеме нашата мака. Отецот со задоволство нè покани да испиеме по еден чај. Додека му раскажувавме низ што поминуваме, тој трпеливо нè слушаше. Пиејќи го чајот и разговарајќи со отецот, ќерка ни постојано се онесвестуваше... Отецот нè охрабруваше да не се плашиме, укажувајќи ни дека проблемот и болеста на Лора се од сосема друга, духовна природа. Ни рече да отидеме со него во манастирот. Таму тој ѝ прочита молитва и ја помаза со масло од кандилото на гробот на епископот Гаврил Светогорец.

Додека траеше молитвата очекувавме дека ќе се онесвести, бидејќи со месеци наназад не издржала толку време да не добие напад. Но, тоа не се случи. Отецот имаше голема вера дека со девојчето сè ќе биде во ред. Кога заврши молитвата, ќерка ни се исправи пред нас и ни рече: „Мамо, јас сум иста како порано! Повеќе не ве гледам матно! Ве гледам како порано!" Отецот одеше напред, а детето по него... Само... Првпат после толку месеци без наша помош! Излеговме од манастирот, а таа сама продолжи по отецот кој одеше пред неа. Ја одведе во продавницата за свеќи и икони. И даде крст кој го носи на вратот до денес. И кажуваше што треба понатаму да прави. Ние уште не го осознававме чудото што ни се случи. Се поздравивме со отецот. Детето отиде само до колата која беше паркирана на манастирскиот паркинг. Кога седна во колата започна да ја одврзува патиката. Сакаше да се собуе и да го тргне ортопедското помагало од ногата. Ние во еден глас ѝ рековме дека иако се почувствувала подобро, не треба да брза да го тргне помагалото, но таа не нè слушаше што ѝ зборуваме.

Моментот на вистинското изненадување за нас беше кога таа ни ја покажа ногата. Прстите кои со месеци беа искривени и згрчени во страшна болка беа исправени! Болката ја немаше! Занемевме... Се плашев да не се разбудам. Да не е сон. Се свртевме кон манастирот. Низ солзи му заблагодаривме на Господ за чудото што ни се случи. За милоста што на тој Велик ден Господ ја истури врз нас... Заврна... Ни требаше време да се соземеме и да си појдеме. По патот сите молчевме. Само ќерка ми брзаше да се слушне со другарките и да закаже излегување во град. Ја гледав низ солзи. Ни требаше време да се соземеме и да поверуваме дека нашето дете, кое до пред само неколку минути постојано се онесвестуваше и не можеше само да оди, сега задоволно се смее. На неа немаше никаква трага од долготрајната голгота. Божјата милост избриша сè! Дома се вративме со истото живо, здраво и среќно дете од порано

Приватните специјализанти четврти ден на штрајк

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска Чешлароска.

Таа појасни дека затоа сакале веднаш да се остварат првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување. Притоа, истакна, дека со оглед на тоа што тие две барања за кои барале итно да бидат решени, не биле решени, тие ќе продолжеле со нивниот штрајк.

-Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска Чешлароска.

На новинарско прашање, таа одговори дека до сите катедри упатиле барање за поддршка. Јавно се заблагодари на професорката од Медицински факултет, инаку од клиниката за ревматологија, што вчера им даде поддршка. (МИА)

Грејната сезона продолжува поради временските услови

АД ЕСМ ги информира потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата „Енергетика“, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

Оваа информација е во согласност со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за хидрометеролошки работи. Снабдувањето со топлинска енергија во согласност со регулативата по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена до 30 април во зависност од временските услови, велат од ЕСМ.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ, се додава во соопштението на ЕСМ.

Изнемоштените и болните до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори

Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

-Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник), се посочува во Роковникот на ДИК.

Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април.

Популарно