Избори ќе има и на нив убедливо ќе победи ВМРО, но....

Има два типа на луѓе: едни на кои секогаш им е ладно и други на кои секогаш им е жешко. Јас сум од вторите, па деновиве под клима имам многу време за анализи. Најчесто на мојот живот и потезите кои ме донеле до тука, но понекогаш и анализи на моето опкружување. Кога човек е затворен под клима најмалку 8 саати на ден ни Фројд не му е рамен. Ма у месец дена си го поминав цело детство, пола младост и најактуеланта сегашност. Изанализирав и НБА финале и Европско у фудбал, па ми остана малку време и за политика и светски поредок. Искрено, за ова последново и не треба многу талент. Треба човек само да се тргне од дневни медиуми и да рзмисли, односно да ја погледне големата слика. На неа се пишува.

385575-gruevski-najavi-podnoven-tim-za-pobeda-pred-ili-po-izborite-vmro-dpmne-kje-gi-osvezhi-silite

Еве ќе почнам со терористичкиот напад на аеродромот во Истанбул и завиената во црно Турција. Некогаш големата Османлиска империја, денеска сведена на немоќна Турција. По Украина втората држава која на своја кожа брутално го почуствува почетокот на новата студена војна. Борбата на новиот и стариот светски поредок, најпрво ја уништи Украина. Старите познаници САД и Русија, ја распарчија некогашната Советска република, па сега фронтот се пресели во Сирија, односно Турција. За разлика од официјална Украина, која одбра да биде на страната на западот и не го промени ставот, Ердоган редовно го прави токму тоа. Невешто обидувајќи се да процени кој ќе биде победникот во најголемиот светски судир, претседателот на Турција често ја менува страната. Најпрво потпиша изградба за нафтовод со кој Русија би го зголемила своето влијание во Европа, но му се случу „Турска пролет“. Некако го издржи тоа, но не можеше да одолее на бесплатната нафта на ИСИС која му ја понуди САД, па смени страна и сруши руски авион. На ова следуваа санкции од Русија и по некоја бомба на границата со Сирија. Секако не изостана и дополнителен притисок од САД. Знаете, никој не ви дава нафта, односо пари за џабе. Малку е еден руски авион за толку нафта. Ердоган не сакаше да го испорача она што се бараше од него, па се извини на Русија и реши повторно да се гради нафотводот и тогаш БАМ!!!! 2 бомби на аеродром во Истанбул и над 50 мртви невини граѓани. Секако зад нападите стои ИСИС, а кој друг? Зарем ЦИА да се потпише? Всушност ИСИС е створена токму за тоа. Идеална креација на Империјата од преку океанот. Терористичка организација без држава со која токму САД се во војна. Кого да нападне сега Турција? Како да се одмазди? Кого нападна Франција пред некој месец? Или Белгија? Освен невини жртви и страв од нови напади, ИСИС креира и чувство на немоќ кај нападнатата држава. Чувството на колетарелна штета не се сведува само на загинатите, туку на цела држава. Токму тоа е Турција, колатерална штета во војната за престолот на САД и Русија.

Ако една држава голема колку Турција или Украина, Франција се само колатерална штета во новата студена војна, што сме ние 2 милиони? Всушност бројката на населението е неважна. Сеедно им е и на двете страни колку луѓе ќе страдаат. Важна е само територијата. Да, нашата е неспоредливо помала од онаа на Турција, но сепак постои, што значи треба да се освои. Да бидеме реални, Македонија е освоена уште во деведесетите. 26 години слушаме дека немаме друга опција освен ЕУ и НАТО, што значи ние веќе потпишавме од чија страна сме и не менуваме став, барем засега. Реалноста вели и дека сме немале шанса за такво нешто, бидејќи Путин освен што не спомнал на 2-3 пати, воопшто не покажува интерес за ова парче земја. Да, пред една недела во Русија се потпишал некаков договор за „Неутрален Балкан“ каде како потписник се јавува партијата на Путин, но од македонска страна нема легитиен преставник. Сето тоа е само провокација до САД од страна на Русија и ништо повеќе. Провокација што нас може скапо да не чини. Сепак, овој пат САД не наседна, туку продолжи со својот план за рушење на оваа влада во Македонија. Добрата вест е што кај нас нема да има терористички напади, ниту бомбардирање, бидејќи ние многу одамна си ја продадовме кожата, па сега на САД не им се потребни жртви. На 12ти Јули во Скопје доаѓа Нуланд. Официјално Секратар за Европа и Евроазија, неофицијално таа е Кралица на Европа. Каде и да се појави Викторија, следуваат големи промени. Последен пат кога беше на гости во Македонија, лидерите на најголемите политички партии во Македонија потпишаа противуставен договор во „Пржино“. На 12ти Јули истите тие „лидери“ ќе се договорат да се отвори одел во кривичниот суд, специјален суд, кој ќе работи само на обвинениета изнесени од специјалнот јавно обвинителство. За да биде сигурна во желбата за соработка од ВМРО, Нуланд уште пред да дојде во Македонија на државата и скрати 27 милиони од ИПА европските фондови. Потег со кој јасно кажа дека САД преку ЕУ се спремни да не остават без пари за плати и пензии, доколку ВМРО не им се покори. Ова го остава Груевски без избор, па за неколку дена владејачката партија ќе се сложи на „Специјален суд“, иако знае дека овој суд ќе значи крај за врвот на ВМРО. Токму тоа е целта на САД, рушење на раководството на владејачката партија во Македонија. Понесени од подршката кај народот, Груевски и најблиските соработници помислија дека можат да решаваат во кој правец ќе се движи Македонија и погрешија. Иако навидум легитимна, нивната концепција е премногу наивна. Џабе е подршката на народот, кога државата е зависна од економска и воена подршка од НАТО и ЕУ, односно САД. Да, ЕУ е во распад, а НАТО повеќе нема јасна задача и реално не треба да постои, но ние како држава немаме сила, ниту моќен сојузник да го дочекаме крајот на Империјата. Знаејќи го сето ова, Груевски требаше да знае дека и мечот во Киншаса, меѓу Али и Фореман бил наместен. Џабе ја чека 15тата рунда и силниот финиш. Се е веќе решено и тоа многу одамна пред мечот да започне.

Во кратки црти, ВМРО ќе добие ново раководство кое ќе организира избори, на кои убедливо ќе победи. Новиот премиер, ќе биде по вкусот на Нуланд, а како награда за послушност ќе добие право да го упаси Заев, чија улога во Македонија и онака ќе биде завршена. Македонија навидум ќе има избори на кои народот бира лидери и насока, но како и секаде во светот, сега и во историјата, на власт ќе биде Имепријата. Всушност, човештвото секогаш функционирало така, моќна империја и послушници во кои животот е во ред и делува дека народот решава за нешто и ситни противници на светскиот поредок, каде животот е пекол, а правото за избор небитно, бидејќи изборот не постои. Се до падот на империјата и појавување на нова, а тогаш се од почеток.

Автор: Пацифист

Кој е лидерот: Заев или Лазаров?

Само две недели во 2018 година, а многумина веќе ја прогласија годинава за кобна по нашата држава. Законот за јазици (читај албански јазик) веќе помина во собранието. Утре на ред е ратификација на договорот за добрососедство со бугарија, а се крчка и „решение“ на проблемот со Грција. Овој термин, „решение“ е омилен кај политичарите, иако во случајов решение подразбира менување на името. Секогаш кога Заев или Димитров или кој и да е, кажува дека преговара за решение на спорот, тој всушност кажува дека преговара да ни го смени името! Нема „решение“ на спорот без менување на името! Е сега, кој тоа им дал мандат за такво нешто, тоа не знам.

За законот за јазици (како дел од Албанската платформа) пишував толку многу пати. Пишував уште пред парламенарните избори, пред формирањето на владата на Заев и неколку пати по тоа. И не пишував само јас. Пишуваа многу професори, експерти, загрижени граѓани. Зборуваше дури и Груевски, но ете деновиве по неговото изгласување многу од оние кои гласаа за СДСМ се сега изненадени! Не очекувале! Секако, има и дел од нив кои го подржуваат законот. Добар бил. Тоа шо се коси со уставот, што е донесен ван процедура, што е потполно непрактичен и за истиот ќе се издвојуваат многу пари од буџетот секоја година, тоа не им пречи. Од нив ќе чуете и дека истото во 2008 година го изгласале и ВМРО ДПМНЕ, но нема да ви одговорат зошто ако веќе го има законов од 2008 пак се гласа, затоа што лажат. Како и да е, законот помина во собранието и ќе помине пак, ако Иванов стави вето. Истите оние кои гласаа на 11ти Јануари, ќе гласаат пак. Дали по наредба или свое убедвање, тоа не знам. Знам дека Павле Богоевски викаше дека е човек со интегритет и свој став, дека е независен и дека нема никогаш да биде мајмун со копче, ама ете и тој гласаше. Неговиот ФБ ѕид личи на училишна клупа полна графити, но од „шарениот“ нема ни глас. Замислете го чувството. 2-3 години сте/глумите револуционер на улица и по социјални мрежи. Секој ден сте активни и разговарате со мал милион луѓе. Станувате пратеник, прв ден на работа пешки со ранец и неколку месеци подоцна немате храброст да отворите ФБ или да одговорите на било кој од вашите френдови. ПАТЕТИКА! Единствена утеха, освен хонорарите на Павле, му е тоа што не е единствен. Сите негови колеги во собранието се како него. СИТЕ! Затоа изгласаа против уставен закон без ниту еден глас против. Ок, ВМРО ДПМНЕ не беа во салата, но беа кога се пееше албанската химна и... и така.

И за договорот со Бугарија, кој ете без некоја логика носи „добрососедство“ во насловот,  пишував барем 2-3 пати. Го споменав и во мојот последен текст, некаде пред недела дена. Напишав дека пред промената на името ќе помине во собрание и еве утре тоа ќе се случи. Павле и другарите сложно ќе си го изгласаат. Во брзо време ќе си формираме комисија која ќе преговара со Бугарите дали Гоце Делчев, Сандански, Карев... биле Македонци или Бугари. А знаете колку сме јаки во преговарање, посебно кога СДСМ е на власт! Дајте да не трошиме пари за комисии, нек изберат добрососедниве Бугари кого си сакаат и да им потпишеме. Еве ако треба и во собрание ќе изгласаме. Така Павле?

На 17ти Јануари Нимиц теба да донесе нов предлог, иако ништо ново нема да има. Предлозите за името се тие кои сите ги знаеме. „Северна“, „Горна“, „Нова“... исто е. За некого профатливи, за други не. Се е тоа во ред. Секоја наша влада преговарала со Грција за промена на името, па и оваа на Заев. Ок, овие се многу позалетани, па не трујат дека мора да се искористи позитивниот момент, за кој самите се потрудија со договорот за продажба на малцинството во Бугарија, т.е. добрососедскиот. Сега Македонија била отворена кон светот и имала подршка од меѓубнародната. Па ако поделиме и некој рудник тек и еве да речеме Струмица на Бугарија, тек тогаш ќе не прогласат за СОСЕДИ на годината во Европа и пошироко. Како и да е, позитивен момент или не. Маркетинг или реалност, владата на СДСМ и во рпограмата вети дека ќе преговара за промена на името. Тука нема ништо спорно. Лагата и кршењето на ветувањето е организирањето на референдумот. Дали и посебно кога. Иако, веќе јавно, разни подржувачи на ликот и делото на Заев, повикуваат референдум да нема, мислам дека СДСм нема да си го дозволи тоа. Целата игра и лага ќе биде кога ќе има референдум и како ќе гласи прашањето. Ветувањето пред избори беше дека референдум ќе има за ПРОМЕНА НА ИМЕТО, а не ДАЛИ САКМЕ ВО ЕУ И НАТО со некое име. Значи, референдумот МОРА да биде пред промената на името, не по тоа. Ама и ова е веќе договорено, и ќе се реализира. И пак дел од народот ќе биде многу изненаден!

И така, дел изненадени, само неколку задоволни, но никој ништо нема да преземе. Живееме во најзагадената држава во Европа, а денеска на протести едвај 50 луѓе. Ама и тоа е успех. Кога собранието го донесе законот за јазици, 15 луѓе дојдоа да протестираат. Другите на ФБ се чудеа и се закануваа со НАРОДОТ! Утре за ратификација на договорот со Бугарија ... понеделник е зафатени сме... тешко. 0! Нема кој а не поведе. Еве и ВМРО се распадна, нема лидер... Звучиме како овци во потрага по овчар и се чудиме зошто волкот не касапи.

И додека сивилото ја пие надежта и идентитетот, 16 Македонци на 800 километри од тука се прегрнаа и ја запеаја Македонската химна! Гордо од срце, со оган во очите. Следеа 60 минути борба до последен атом на сила. Борба што самото тело не може да ја издржи, ако срцето не чука два пати посилно, три пати побрзо! Борба за дресот, за државата, за народот! Борба за нас! Како што некои денска веќе напишаа, на овие Македонци веќе не им е потребна афирмација и нови договори од големи тимови. Тие тоа веќе го имаат. Имаат се што може да понуди една клубска кариера. Титули, пари, но и години. Сега треба да се штедат и да внимаваат да не се повредат, но.... Никој немаше да му замери на Лазаров ако се повлечеше од репрезентацијата на 35. Или ако Миркуловски одлучеше да не се врати. Ако Борко со 36 решеше да му се посвети на семејството и клубот. Ако Јоновски со 38 не се вратеше, откако еднаш беше избришан. Никој нема да префрли ако Столе каже дека не може повеќе по напорната сезона со Вардар на 33 години. Но.... Овие момци не се од тие што се откажуваат. Тие не се како нас. Вчера ја победија третата ракометна сила во светот, Словенија и не планираат да застанат. Тие имаат желба за олимпијада и љубов за татковината. Ние... нас ни е тешко да излеземе на протести, Нас треба некој да не викне и по можност да ни понуди сендвич. Ни треба некој да не разбуи и да ни објасни дека од нас зависи. Не од Заев, не од Димитров, ниту од 120 Павлиња во собранието. ОД НАС и само од НАС.

По победата над Словенија синоќа се почуствува различна атмосфера во Македонија. Да воздухот и понатуму беше загаден, но народот живна. Се насмеа, му се врати дел од самодовербата, од идентитетот. Можеби Лазаров и другарите се оние кои ќе не разбудат. Иако, не благодарно е да го зголемувам притисокот на нив, затоа што толку многу ни дале и досега, но момци медаља никад повеќе не ни требала! Само општонародна прослава на ваш голем успех може да го врати овој народ во моментиве. Лидери во политиката немаме и не треба таму да ги бараме. Ниту еден политичар никогаш не постигнал ништо во животот и нема да постигне. Но, момците кои со гордост ја пеат македоснката химна под македонскот знаме, момците кои цел свет ги знае како Македонци со огромни срциња, тиа се лидерите кои треба да ни дадат пример и да не разбудат од овој кошмар!

Автор: Пацифист

Премиерот ги лажеше и Грците

Новата година е само мерка за време и старт на нов круг на Земјата околу Сонцето, но многу од нас ја гледаат како шанса за нов почеток. Од 1ви Јануари си ветуваме промени во нашиот живот, поздрави навики, повеќе спорт и прошетки, повеќе дружење, помалку скролање по ФБ, диети, оствање на цигари и алкохол...итн. Обично ваквата еуфорија трае само неколку дена, а животот продолжува по старо. Денеска е 9ти Јануари, а пред два дена, само 7 дена во новата 2018 година, премиерот Заев даде интервју за грчка телевизија и потврди дека и тој ќе си тера по старо.

Единтсвено нешто позитивно во 20 минутното обраќање пред грчката јавност е што Заев овој пат збоуваше на Македонски јазик, па гафови со неговото познавање на странските јазици изостанаа. Но, ГАФОВИ секако имаше.

„Ако зборуваме за некои црвени линии или црвени граници, јас не би го користел тоа како можност, заради тоа што, тоа ќе биде и пречка да се изнајде решение за овој проблем. Јас би сакал повеќе да користам одредени, други методи. Да црвената линија, буквално, нека биде таа светликавата линија, која во мрачниот пат ќе не води кон решението на проблемот. Или она како што, конецот на Аријадата, од вашата митологија тоа го покажува. Или, би го рекол, да го совладаме минотаурот кој се испречил на патот на нашето решение. Така да, за нас, не би биле никакви причини изговорите како црвена линија, во одредени ограничувања на разговорите. Ако постојат црвени линии, тие црвени линии би биле само кочница или блокада на изнаоѓање на решението. Нашата црвена линија е линијата која што свети силно, како водилка по патот за да дојдеме до конечното решение на проблемот“, е доследно до збор што кажа Заев пред грчката јавност во дел од интервјуто, патем читајќи од потсетник. 

Прво, го жалам преведувачот кој требало да го преведе ова на Грчки. Јас еве на Македонски го слушнав и нема никаква логика. Заев везе нема нема што збори! Ок, некој му го напишал и тој се обиде да го каже, ама да му го објаснеа пред да искочи пред камера? Шо минотаур, шо Аријада? Ма знае ли тој што метафорично значи „црвена линија“? Како тоа црвенат линија ќе свети како водилка?!!! Па нели на нема? Нели би била кочница? Ало студио!!! Ало ПР служби!! Лешкоски?!

Второ, истиов овој лик, пред да стане премиер на фејсбук пиша:

Што се случи сега? Големиов Македонец е спремен да преговара за се. Нема црвени линиии, ама да не му ја чепкаат жицата? Како тоа? Па уште и „зборот даден остана збор“!!! Кој збор, првиот или вториот?

Ај што нас не лаже, ок. Премиер ни е. Ние го изгласавме. Ама во Грција да лажеш дека граѓаните во Македонија го подржале договорот со Бугарија? Не велам дека не е така, не знам, но од каде му на Заев такви информации? Од каде е тој сигурен дека огромно мнозинство од народот го подржува договорот со Бугарија, посебно што тој договор уште официјално не е обелоденет?!!!! Ова веќе не е смешно. Човеков има сериозни проблеми со реалноста. СЕРИОЗНИ!

„И ова го кажувам, заради тоа што, покажувам и на дело, не само на збор, дека навистина и го правам тоа кое што го зборувам“, рече премиерот. Чекај, што? Дај бе земете му го микрофонот.

Јасно е веќе дека за 4-6 месеци ќе си го смениме името на државата. Јасно е дека договорот со Бугарија и законот за јазици претходно ќе поминат во собрание. Исто како што е јасно дека целиов план е воден од надвор. Ок е, имавме 26 години да изградиме држава, не не бидна. Сега други ќе ни ја водат. Ќе не внесат во НАТО, ќе ни почнат преговори со ЕУ, и ќе ги водат сите реформи тука. Можеби за прв пат ќе  почуствуваме што значи држава и како е да се живее во Европа. Е сега, нема да се вика Македонија, верјатно и јазикот нема да биде Македонски. Нема малцинство во Бугарија. Албанскиот јазик ќе биде службен на цела територија, ама тоа е. Толку заслуживме. Кога веќе сами си изгласавме лик ко Заев за премиер, па и не е лош дилов да ви кажам.

До следната Нова година и следните резолуции за подобар живот, ЖИВОТО ДОЈДЕ

Автор: Пацифист

Да го запомниме секој момент од 2018 година

На неколку часа од новата, 2018 година, повеќето од нас се тагнати во некој локал, со фоткти и видеа, весели фаци, среќни, и по малку пијани. Го славиме новиот почеток, надевајќи се на подобри 365 дена, со желби, а поретко и планови до нашата цел.

Психолозите велат дека минатото секогаш подобро изгледа од дистанца, па можеби по неколку години и 2017 ќе изгледа добро. Можеби тогаш ќе ги паметиме само успесите и позитивните моменти. Како општество ги немаме многу, но на индивидуален план се надевам ди имавте во изобилство. Се надевам ќе ги паметите и на нив ќе доградите среќа која ќе ви трае со години. Она заедничкото што засекогаш ќе остане запаметено од речиси завршената година е Вардар. Без разлика од кој град во државичкава сте. Без разлика дали сте фудбалски, ракометен, кошаркарски фан на Пелистер, Победа, Шкупи, Шкендија, МЗТ... она што Вардар го направи во 2017 година ќе се раскажува со децении. ФК Вардар го сруши моќниот Фенербахче и КОНЕЧНО го запиша македонскиот клубски фудбал во спортска Европа! На Градски се играше Лига на Европа, а црвено црните собираа искуство за следните сезони во кои очекувањата се на повисоко ниво. Сепак, и покрај огромнит успех на фудбалскиот колектив, нивните колеги од ракометниот македонски првак, го заслужија императивот НАЈДОБРИ. Всушност тие тоа се. НАЈДОБРИ во Македонија, НАЈДОБРИ во СЕХА и НАЈДОРБИ во Европа. Нема следен противник! Вардар е на врвот! Головите на Циндриќ и Чупиќ во полуфиналето со Барса и финалето со ПСЖ се таму некаде со тројката на Влатко Илиевски и голот на Чоко против Словенија. Ќе се вртат со генерации и ќе ги гледаат некои нови спортски фанови кои сега не се ни родени. Фала ви момци и газете до крај и оваа сезона, па што биде. И девојките во црвен ракометен дрес заиграа финале, но не успеаја да го повторат успехот на Кометал. Можеби во 2018 година.

2017 ќе биде запаметена и по настапот на младата фудбалска репрезентација на Европското првенство. Генерацијата на Барди, Бабунски, Велковски, Зајков, Демири, Муслију, Радевски... освен што го исфрли најскапиот тим до 21 година, па Французите европско си гледаа на Тв, по европското се преселија во сениорската репрезентација и со помош на посикусните ни ја подарија најуспешната репрезентативна сеозна од осамостојувањето. Во 2018 очекувам да бидат само подобри на конечно македонското знаме да се развее на следниот сениорски европски собир.  

Можеби некој од вас ќе оцени како позитивен и некој друг момент од 2017, можеби нешто заборавам... Негативни ми текнуваат многу, но нема да ги „овековечам“ во текстов. Можеби за некоја година ќе ги заборавам. Можеби и нема да влијаат на иднината. Можеби 2018 ќе ни донесе успеси како општество, како држава на сите полиња, па 2017 ќе замине во заборав. Искрено, иако надежта последна умира, не верувам во таков расплет. Токму затоа ви посакувам повеќе да се посветите на сопствената среќа и судбина. Во ситуација кога не можете многу да влијаете на тоа во кој правец се движи државата, посветете се на она што можете  да го подобрите.

Ви посакувам одлично здравје. Повеќе прошетки, спорт, здрава исхрана. Помалку или воопшто цигари. Помалку алкохол и само со позитивни луѓе.

Ви посакувам повеќе љубов. Каква и да е државата, кој и да е на власт, никој не може да ви забрани да се сакате. Баталете поделби и политика. Сакајте се бе луѓе! Онака вистински! Гушкај те се, чувајте се, пуштете и некоја солза... Љубовта никој, ниту може да ја забрани, ниту да ја одземе. Од вас зависи.

Ви поскаувам и професионален успех и секако негова наплата. Тука не зависи се од вас. Ситуацијата е каква што е, но не дозволувајте да ве обесхрабри. Не дозволувајте да паднете во или под просекот. Давајте го вашиот максимум. Трудете се! Направете го вашето, па што биде. Барем пред себе ќе бидете чисти. Нека вардарци ви бидат мотив. И нив им беше тешко, и таму други беа побогати, „подобри“, со тимови полни ѕвезди, но...

И за крај ви посакувам мир. Пред се со себе и пред себе, па со сите други. Ви посакувам 365 дена во совршено количество на баланс и позитивни неконтролирани изливи. Ви посакувам за 10 години да го памтите секој момент од 2018 година, затоа што лошите работи секако ги забораваме.

Автор: Пацифист

Популарно