Како да се вработите во Германија?

Според податоците објавени на интернет-страницата „Успеј во Германија“ (Make it in Germany) која што е заедничка и официјална на неколку германски државни институции, земјата во моментов има потреба од 5.000 медицински лица. Тие би се вработиле во државните клиники и приватните ординации кои многу тешко наоѓаат наследници за постарите лекари кои се пензионираат. Овие лекари, доколку се почетници, според податоците објавени на страницата, ќе имаат просечна годишна плата од околу 49.000 евра.

Desktop23

Шанса за македонските лекари

Многу лекари од Балканот, меѓу кои и мноштво од земјава, во Германија ја гледаат својата шанса да се вработат според струката, но и да заработуваат многу подобро отколку во својата матична земја. Но, дали и колку е можно лекари од Македонија да се вработат во Германија, со оглед на тоа дека немаат пасош од ЕУ? Која е процедурата?

Иво Кирковски е млад лекар од Битола кој веќе две години живее и работи во Германија, во малото гратче Вердау. Медицинскиот факултет го завршил во Скопје, но по дипломирањето одлучил да бара работа во Германија бидејќи во Македонија немал услови за професионална надградба и независен живот.

- Сакав да специјализирам во областа на анестезија и интензивно лекување, но за тоа ми беа неопходни финансии што ќе ми овозможат да се надоградувам без да ме издржуваат моите родители. Во Македонија тоа беше невозможно, бидејќи мојата специјализација би значела 5 години зависност од родителите со оглед на тоа дека за тој период нема да примам плата – ја почнува својата приказна Кирковски.

Така почнал да се интересира за условите за работа и специјализација во странство. Веќе бил информиран за можностите за лекари што ги нуди Германија, па почнал да го изучува германскиот јазик бидејќи за да аплицира за работа мора да поседува сертификат за познавање на германскиот јазик на ниво Б2. За најголем дел од работите се информирал од колеги од Србија и од БиХ кои работат во Германија, а кои ги споделиле искуствата на социјалните мрежи.

Додека го учел германскиот јазик, Кирковски стапил во контакт со македонски посредници за работа во Германија.

- Искрено, многу се разочарав од нашите посредници затоа што беа исклучително непрофесионални и бараа од 1.500 до 2.000 евра за наоѓење работа. Кога положив Б2, случајно, преку колега од Македонија добив контакт од еден германски агент. Остваривме контакт преку скајп бидејќи агентот инсистираше да слушне како го владеам германскиот јазик, да слушне за каква работа сум заинтересиран и да ми помогне со документите за апликација. Од него имав голема поддршка, ме советуваше во однос на документите и ги прилагоди со цел да ги направи адекватни на барањата на германските клиники – раскажува Кирковски.

По два месеца агентот му се јавил и му кажал дека има болница која нуди работа во одделот анестезија и која се заинтересирала за неговата апликација. Агентот му договорил еднонеделна пробна работа (хоспитација) и запознавање со тимот, работата и условите во болницата.

- По неколку дена хоспитирање, шефицата ми рече дека се задоволни од мојата работа и ми поднуди договор за работа и со тоа и специјализација кај нив. Морам да нагласам дека агентот кој посредуваше за моето вработување, сместување, кој ме подготвуваше за интревју и одговори на сите мои проблеми и потреби, воопшто не ми наплати за своите услуги. Тој добива пари од болницата која работно ќе го ангажира кандидатот откако ќе се склучи договорот – потенцира Кирковски.

Специјализацијата е поразлична од Македонија

Со неговото ангажирање во болницата, добил преддоговор за работа со кој аплицирал за германска виза. Визата ја добил откако германската амбасада во земјава била информирана дека му е издадена работна дозвола (Berufserlaubnis). Со визата и работната дозвола почнал да работи во болницата.

Работната дозвола има важност од 2 години во кои лекарот треба да се здобие со апробација – нострификација на универзитетската диплома. Во меѓувреме, откако Кирковски пријавил адреса на живеење во Германија и ја комплетирал потребната документација, аплицирал за ЕУ сина карта /виза за работа и престој на висококвалификуван и дефицитарен кадар во рамките на ЕУ.

- Од работата сум навистина задоволен. Брзо те оспособуваат да почнеш да работиш самостојно за да преземаш дел од работата. Понекогаш имав и чувство дека премногу ме притискаат, дека е напорно, но резултат го оправдува темпото па лекарите набргу стануваат самостојни во работата. Во мојата болница има пракса специјализантите да дежураат во Ургентниот центар, што на почетокот ми беше голем притисок. Проблемите главно ми се од јазична природа. Јазикот е доста тежок, особено кога ти зборуваат на дијалект. Колегите на работа ме прифатија добро, особено мојот ментор кој е прекрасен човек и мој пријател. Карактери има секакви, но моите искуства се генерално позитивни. Никогаш немам почувствувано дискриминација по никој основ – вели Кирковски.

Тој објаснува дека специјализацијата во Германија е малку поразлична од таа во Македонија. Односно, може да се специјализира во секоја болница, а од искуството на шефот на одделот зависи колку години специјализација може да понуди клиниката. Во однос на организацијата на работата, во германските болници шефот на одделот има многу големи овластувања. Односно, тој одлучува кого ќе вработи или отпушти, како ќе се организира начинот на работа и слично, бидејќи тој одговара за постигнатите резултати, па според тоа има право и да си направи свој тим.

- Јас сум многу задоволен од мојата шефица и како таа ги почитува и се заложува за моите работнички права. Односот помеѓу колегите и другиот персонал е коректен, учтив, воздржан, професионален. Правилата и протоколите мора да се исполнат иако понекогаш изгледаат оптеретувачки и непотребни. Бирократија има многу, што за нас е прилично напорно. Имам соба која ја делам со мојот ментор, друг специјализант и неговиот ментор. Имаме шкафови, биро со компјутер поврзан со цел систем на болницата, можеме да го следиме секој пациент, имаме кревети, тв и купатило. Ова го потенцирам бидејќи истото очигледно не се подразбира и не ми следуваше како специјализант во Македонија. Сите лекари имаме работни телефони на кои треба да сме постојано достапни додека сме на работа – објаснува Кирковски.

Според него, во Германија има многу лекари од Македонија, а постојано доаѓаат сѐ повеќе. Меѓу нив има лекари без искуство, специјализанти кои ја напуштиле работата, но и многу искусни лекари од земјава. Кирковски вели дека лично познава и контактира со дваесетина лекари од Македонија кои живеат и работат во Саксонија, но ги има многу повеќе.Повеќето се задоволни од својата работа и се одлучни да останат.

- Одлуката да се почне со работа и живот надвор од својата држава, во различен систем, ново јазично подрачје, различен менталитет и сл. е голем предизвик кој бара упорност и истрајност. Но, ги охрабрувам своите колеги кои се соочуваат со нашиот вечен проблем на невработеност и ниски критериуми да се обидат да се реализираат професионално тука доколку не се во можност истото да го добијат во Македонија. Не треба да се биде експерт да се најде работа , треба само работливост, желба, упорност и чесност. Причина веќе имаме и за жал, нема изгледи дека проблемот во скоро време ќе се реши – завршува Кирковски.

Историската одлука на Вол Стрит: Првпат одобрени фондови кои инвестираат во биткоин

Американската Комисија за хартии од вредност по првпат одобри фондови со кои се тргува на берза, а кои директно инвестираат во биткоин.

Овој потег, кој беше најавен како значаен настан за секторот на дигитални средства, ќе го прошири пристапот до најголемата криптовалута на Вол Стрит и пошироко.

Тоа доведе до зголемување на вредноста на оваа валута.

Вредноста на биткоинот се зголеми веднаш по возбудата околу зголемената веројатност за одобрување на средствата, скокајќи за речиси 200 отсто од почетокот на минатата година, иако биткоинот останува околу 30 отсто под својот врв постигнат за време на бумот во 2021 година.

Цената на биткоинот е главно стабилна по објавувањето на одобрувањето на новите фондови, тргувајќи го близу највисокото ниво во последните две години од околу 46. 000 долари.

Регулаторите ги одобрија сите 11 апликации што чекаат за биткоин ETF, вклучувајќи ги BlackRock, Grayscale и Fidelity. Тие можат да започнат со тргување уште денеска.

Бизнис елитата од Македонија и Бугарија се собра во Скопје

Бугарија е петтиот најважен трговски партнер на Северна Македонија и нејзина втора најважна извозна дестинација. Бугарските директни инвестиции во државата изнесуваат вкупно 270 милиони евра. Во 2022 година, годишната двонасочна трговија надмина 1 милијарда евра.

Со цел оддржување и подобрување на меѓусебната соработка на компаниите, сопственици, директори, како и видни претставници на фирмите од двете земји во четвртокот во хотелот Александар Палас разменија искуства и можности за идна соработка.

 Бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов им се заблагодари на генерациите активисти кои го основаа, развиваа и зајакнаа МБСК. Тој изрази надеж дека со нејзината амбициозна програма новоизбраната претседателка на МБСК Билјана Митева ќе ја направи институцијата „поживописна, подинамична и многу поотворена за сите економски субјекти, што ќе ги зајакне односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

Митева во говорот на настанот посочи: „Имам голема одговорност бидејќи Македонско-бугарската стопанска комора која постои од 2011 година има многу успешни проекти. За да истите бидат надминати ќе биде потребна поголема соработка меѓу бизнисите и јавните институции во нашите две земји и што поскоро да се отстранат сите бариери за бизнисот“.

Шефот на трговската служба на бугарската амбасада Красимир Драгнев на состанокот рече дека на 7 декември во Софија ќе се одржи бугарско-македонски бизнис форум на иницијатива на министерствата за надворешни работи на двата соседи. Сличен настан минатата година се одржа во Скопје. Ја отворија тогашните министри за надворешни работи Николај Милков од Бугарија и Бујар Османи од Северна Македонија.

Овој пат, МБСК ќе биде главниот партнер во составувањето на деловната делегација од Северна Македонија.

Цените на нафтата на светско ниво паднаа втора недела по ред

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи не е нарушена понудата од Блискиот Исток, а побарувачката може да падне поради слабоста на најголемите светски економии.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 6,2 отсто, на 84,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 5,9 отсто, на 80,50 долари.

Конфликтот меѓу палестинската организација Хамас и Израел досега не го наруши снабдувањето со нафта од Блискиот Исток. „Нафтениот пазар ќе внимава на знаци на ескалација на тензиите на Блискиот Исток, особено на границата со Либан, со оглед на честите напади на Хезболах“, рече Фиона Цинкота од Сити Индекс.

Доколку конфликтот се прошири во регионот, може да дојде до прекин на испораките на нафта . Но, тоа сè уште не е случај. „Конфликтот во моментов е на втор план за пазарот бидејќи не влијаеше значително ниту на побарувачката ниту на прекинот на понудата“, вели Џон Килдаф, партнер во Again Capital.

Трговците минатата недела беа фокусирани на монетарната политика. По агресивното зголемување на каматните стапки во последната година и половина, американската централна банка ФЕД, како и британската, минатата недела ги оставија каматните стапки непроменети.

Со оглед на тоа што инфлацијата во западните земји постепено се намалува, на пазарите преовладуваше тезата дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен.

Тоа ги поддржа цените на нафтата во средината на неделата, но подоцна цените паднаа бидејќи низа податоци покажаа дека растот во најголемите светски економии забавува, што ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.

Така, извештајот, објавен во петокот, покажа дека вработеноста во САД ослабела во октомври, додека платите пораснале помалку отколку во септември, што најавува слабеење на побарувачката.

Ова го најавуваат податоците кои укажуваат на забавување на растот на економијата на еврозоната.

Трговците беа загрижени и од неочекуваниот пад на активноста во кинеската индустрија во октомври. И низа други податоци покажаа дека кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот , расте побавно од проценетото. По минатонеделниот пад на лондонскиот пазар, цената на барелот сега е во минус во однос на почетокот на годината за околу 1 отсто, додека на американскиот пазар се уште е во плус, но само околу 0,3 отсто.

Популарно