Постојат многу дефиниции и начини да се дефинира глупав човек или цела раса, но за мене е најприфатлива онаа која за глупави ги дефинира оние поединци кои не учат од своите грешки и упорно со истиот метод се обидуваат да дојдат до саканата цел. Токму затоа познавањето на минатото, односно историјата е многу важно, исто како што повторувањето на истата е катастрофално по човештвото.
Луѓето упорно одбиваат да ја научат лекцијата, па занесени по дневни победи влегуваат во безизлезни ситуации со страшни последици. Се нарекуваме господари на планетава, но некаде по пат заборавивме да ја анализираме големата слика и се навикнавме да го гледаме само она што ни се сервира пред очите. Зарем мислите дека оние кои ни го сервираат ги интересира вистината или нашето добро? Зарем мислите дека некој, некаде ви мисли добро и сака да ве штеди од размислување, па ете ќе ви изџвака се и ќе ви го пушти на вести? Дури и да е така (а не е), за што ги штедиме мозоците? За турски серии? За „велики брат“? За СДСМ и ВМРО?
Пред 10 века, светот беше во војна. Децениска верска војна. Не една, туку девет Крстоносни војни ја опустошија Евро-Азија. Војните за Ерусалим, Лисабон, Египет, „Светата земја“, Назарет... распоредни во 170 години однесоа огромен број на невини животи и го опустишија светиот град на Христијаните. Замислете каква штета би предизвикала таквата војна ако завоените страни го имале денешно оружје! Веројатно планетава повеќе не би постоела или би личела на некој постапокалиптичен холивудкси филм. Единственото позитивно од таа војна е лекцијата која човештвото (требаше да) ја научи. Но, дали ја научи?
Од кога знаеме за светов, во секој момент со него владеела некоја моќна империја. Македонија на Александар, Египет, Рим, Персија, Византија, Австро-Унгарија, Османслика империја... па се до денеска кога со светот владее САД. Секогаш кога империјата се распаѓала следела војна. Империјата својата власт на светот ја губела од надворешен или внатрешен непријател, но војната била неизбежна. Војна ќе има и сега, прашањето е каде. Дали САД во својот пад од врвот ќе предизвика светска војна или ќе заврши со крвава граѓанска војна? Нивниот обид да ја задржат доминацијата на светот со предизвикување на војна во Сирија и огромен број на бегалци, нема да успее, но дали ќе има светска војна нема да зависи од нив, туку од нас.
Јасно е дека светот се подели, кога во прашање се бегалците од Сирија. Едни во нив гледаат луѓе на кои им е потреба помош, а други терористи кои ќе ја уништата Европа. Вистината е веројатно некаде на средина, но стравот од бегалците е неоснован се додека Европа и Европејците внатрешно не се поделат до точка од која нема враќање. Процесот е тргнат во несакана насока, па војната на верска основа веќе започна во медиумите. Од една страна ги имаме оние кои секојдневно форсираат трагични приказни за мигрантите и упорно повторуваат дека страдаат жени и деца, иако вистината е дека во бегалците 90% се мажи од 20 до 50 години. Од другата страна се пропагира дека бегалците се насилници и теориристи пратени да ја уништат Европа, иако никој не нуди аргументи за тоа. Фотографиите на кои некој од бегалците личи на некоја фотка од војник на ИСИЛ се смешни. Ниту едната, ниту другата страна не се обидува да ги одговори прашањата кои не им одговараат, туку упорно го подгреваат населението во Европа. Сево ова се пренесе на ниво на држави, па додека Шведска со отворени раце ги прифаќа бегалците, Чешка прифаќа само христијани(!), Унгарија ги затвори границите, Германија се премисли ...
Дека оваа медиумска војна е успешна покажува и ситуцијата на терен, каде секој муслиман бара бегалците да бидат прифатени, без воопшто да размислува на последиците, додека христијаните не се толку отворени за соработка. Народот полека, но сигурно се повеќе се дели на верска основа, се до мигот кога диригентот не реши дека е дојден моментот за да се запали фитилот! А тогаш... се што треба се неколу бомби во религиски објекти. Неколку разнесени цркви и неколку дена подоцна, како одговор, срушени џамии и Европа ќе гори. Тогаш ќе биде доцна! Вашиот сосед со кој денеска сте пиеле кафе ќе ви биде смртен непријател! Тогаш нема враќање назад!
Ако светот не ја научи лекцијата, ако историјата се повтори, тогаш заслужуваме ваква војна, која Обама ја најави пред неколку месеци во Обединетите Нации. Исто така кажа дека истата ќе почне на Балканот или во Чешка(токму затоа Чешка се брани од мигранти). Ако уште еднаш дозволиме Балканот да биде фитилот, ако уште еднаш се започне тука, тогаш заслужуваме да горат нашите цркви и џамии. Ако сеуште не научивме дека религиите кои проповедаат љубов и мир не можат и не смеат да бидат причина за поделба, тогаш ние воопшто не сме верници! Ова е моментот кога мораме да покажеме дека молитвите не ни се само празни зборови и дека навистина веруваме во Бога. Ова е моментот кога мора да се покажеме вредни пред Него, пред светот и идната историја. Ако го направиме тоа, војната ќе не заобиколи! И онака доволно војувавме за туѓи инереси во војни во кои без разлика на победникот, ние (Балкнаците) губевме.
Автор: Пацифист