Ќе се формира СЈО во САД – Американците ни ја „крадат“ Јанева?

Последната од трите дебати меѓу кандидатите за претседател на САД, Доналд Трамп и Хилари Клинтон, се случи утрово во 3 часот по полноќ по Македонско време. Америка ги виде репрезентите на Републиканците и Демократите и уште еднаш и се слоши.

zaev-grujo5-620x330

Изборите преку барата се закажани за 8ми Ноември, месец и некој ден пред нашите, но кај нас кампањата сеуште официјално не е започната, иако трае повеќе од две години. Во Македонија најверојатно ќе нема дебата или како што ние милуваме да речеме, дуел, но сличностите меѓу двете кампањи се и премногу големи за да ги игнорирам.

Во САД едниот кандидат е на позиција доооолго време, а другиот важи за успешен бизнисмен. Начинот на кој бизнисменот се стекнал со имотот и успех се постојано доведувани во прашање од политичарот, кој пак има проблем со прислушкувани, простете - украдени мејлови. За Хилари веќе има неколку обвиненија и реално самата нејзина кандидатура за претседател е преседант, но и покрај тоа води според анкетите. Нејзиното водство е пак во огромна мера заслуга на Трамп. Човекот не знае што зборува во 50% од времето, а во другите 50% лаже. Најмалку 20 пати во изборната кампања даде контрадикторни изјави на изјавите што ги дал претходниот ден или на претходната дебата. Ве потсетува на некого? Во моментите кога не лаже, или барем кога нема докази за тоа, тој е толку контраверзен, што дел од Американците е плашат од него. Бизнисменот искочи со идеја за „Ѕид кон Мексико“, протерување на имигранти од САД, вети сериозно бомбардирање на Сирија и користење на нафтата.... двојазичност, јадење луѓе по улица... последниве две можеби и не беа од кампањата во САД. И додека тој секојдневно ги повторува идеите и ја засилува љубовта на неговите подржувачи, остатокот од гласачкоо тело го губи интересот. Фатен во небрано типов мртов ладен утрово пред цела Амерка реши да каже дека е можно да не ги признае резултатите од изборите, бидејќи можен е фалсификат, потпомогнат од медиумите кои постојано лажеле и заземале страна, т.е. биле небалансирани! Мислам дека во тој момент ми се деси дежаву. Очекував уште да сврти на струмички акцент. Но, најјакото следеше. Веднаш по завршувањето на дебатата, новинарка која дуелот го гледала заедно со шефицата на кампањата на Трамп, се јави со изјава од неа. Женава, иако очигледно затечена од одговорот на Доналд кој бил спротивен од договореното во неговата подготовка за дебатата и во спротивност со нејзината вчерашна и неколку негови претходни изјави, се обиде да го извади!!! Па зборуваше како тоа Трамп имал одлична дебата и како тоа ќе ги признаел резулатите бидејќи секако ќе победи! Оххх туго. И тогаш следи врвот на се. Во главното студио имате десетина стручњаци, кои треба да дадат проценка кој победил на дебатата, пред да излезат резултатите од анкетите. И види чудо, како да гледале различна дебата. Едни тврдат дека Трамп избришал под со Хилари, други дека сенаторката му одржала лекција на бизнисменот. Едните запрепастени од тоа како Трамп со изјавата за непризнавање на изборните резултати ја прешкршувал демократијата во САД и ги потценувал институциите, а контрашиве вадат бројки за 4 милиони мртви на избиричакиот список и речиси милион гласачи кои не можат да извадат легитимација за гласање заради сложените процедури и мрзливата администрација! Ма не е можно! Зарем и таму проблеми со избирачки список и медиуми?

Во самата дебата бизнисменот изјави и дека не им верува на разознавачките служби на САД и запраша што не е во ред со ФБИ и зошто не си ја вршат работата. Веќе неколку пати во кампањата зборуваше и против американското судство, па во секој момент очекував да спомне СЈО. Си помислив да му испратиме искусна „специјална“, ама не се случи. Политичаркава од друга страна постојно се фалеше како ќе среди ова, она, ма економија, надворешна политика, жени, школи, СЕ! Само на едно прашање немаше одговор. Зошто до сега не средила? Го обвини бизнисменот дека во кампањата му помага и Путин (надворешни служби) со тоа што ја шпиунира Америка и дека за тоа постојат докази. На тоа бизнисменот одговори дека има снимка од неа како организирала крвави демонстрации во Куманово,... грешка - Чикаго!

На крајот истиот впечаток. Политичарот ги има сите услови за пораз. Таа беше поразена, но другата страна го донесе бизнисменот и тој со својот капацитет, лаги, глупости... и даде шанса. На 8ми Ноември во САД, неутралниот гласач, ако избере да гласа, нема да гласа ЗА, туку против. Истото ќе се случи месец и неколку дена подоцна во Македонија. Неутралните, оние кои го решаваат победникот на секои избори, ќе гласаат за она што им се гледа како помало зло. Додека четворицата кандидати се удираат во гради дека тие и само тие се спасители на својата татковина, а другиот е тежок предавник, кој ќе предизвика уште една рецесија, ќе влезе во нуклеарна војна...ќе ја изолира државата, ќе смени име и идентитет.... народот (барем неутралниот) гледа со неверување и се прашува како стигнавме до овде? 23% од американската младина повеќе би сакала САД да бидат погодени од метеор, отколку да имаат претседател од овие двајца, додека во Македонија на секоја анкета над 30% од населението својот глас не го дава никому.

Од секогаш сум мислел дека политичарите се огледало на народот, односно мерило за општествената свест. По дебатава вечерва и се она во последниве две години.... па, можеби метеор и не е така лоша идеја. 25 години се стремиме да станеме ЗАПАД, дел од множеството, ветената земја.... Доаѓаат не подучуваат, советуваат, наредуваат... звучат паметно, искусно, а всушност и нив ги интересира само власт. Само фотеља! Ако не ја добијат? Нема да ги признаат изборите. Мислам СЈО му е мајката!

Автор: Пацифист

Начинот на кој СДСМ дојде на власт, е истиот со кој сега се обидува да владее

Планот беше денеска да пишувам анализа за договорот со Грција. Чекав да биде потпишан, па мојата анализа да ја преточам во текст до јавноста, но случувањата пред собранието синоќа имаат предност и знак ИТНО. Анализата може да почека, секако има време до референдумот и изјаснувањето на народот. Сега за солзавецот и шок бомбите...

Кога пред 2-3 години СДСМ подржана од „шарената револуција“ излезе на улица да бара власт, пишував дека со тоа се крши уставниот поредок и предупредував дека власт освоена на улица се губи токму на улица. Како си дошол, така ќе си одиш. Секако, моите текстови не им се допаднаа на „прогресивците“, „револуционерите“, „борците против режимот“... Нема да им се допадне ни овој текст, но тоа е нивни проблем.

Не бев вчера на улица. Не бев пред собрание. Не можам од прва рака да ве информирам што се случи. Ги гледав сите видеа кои се појавија по медиумите и на социјалмите мрежи. Мојот впечаток од прегледувањето е дека дел од демонстрантите ја срушија оградата пред собранието и ја нападна полицијата, која одговорои на нападот. Секогаш сум стоел зад тоа дека ако полицијата е нападната, реакција мора да има. Стојам зад тие зборови и сега. Ако фрлите камен врз полицаец, макар само еден, полицијата мора да реагира. МОРА! Го пишував ова и кога „шарените“ напаѓаа полицајци, го пишувам и сега. Од таа причина, првичната реакција на полицијата на вчерашните протести пред собранието  потполно ја оправдувам. Ако се завршеше тука, сега ќе пишував анализа на дооворот, но полицијата реши да покаже прекумерена сила и да ги гони демонстрантите и во ГТЦ! Тука МВР покажа дека не се работи за самоодбрана и заштита на институциите или уставниот поредок, туку намера да ги заплаши демонстрантите. Да го заплаши народот решен да демонстрира вчера, но и во наредните денови. Потег сличен на оној при протестите на „шарените“ кога припадници на МВР влетаа во читална и преплашија и повредија студенти кои учеа таму. Полициска држва, режим, полициска бруталност , беа зборовите со кои се опишуваше тој чин. Се сложив тогаш, се сложувам и денеска со тие кои тврдат дека и вчера се случи истото. Разликата е што тогаш се сложував со едни, а денеска со други. Сите оние кои го осудуваа потегот на полицајците кои тогаш влетаа во читалната на Партизанска, денеска молчат или ја опрадвуваат вчерашна акција на полицијата. И обратно, оние кои ја оправдаа тогаш акцијата на полицијата, денеска ја осудуваат вчерашната. Така е тоа во Македонија. Не е важна акцијата, дејството, туку кој го превзема. Не се важни пендраците и шок бомбите, туку на кој му се удрени. Јавниот суд е поделен, како и општеството во кое едните се „прогресивци/предавници“, а другите „патриоти/фашисти“.  Не е важна содржината, ниту средствата, туку целта. Онаа на сопствената група  и  секако, личната корист. Затоа денеска „шарените“ кои во меѓувреме лапнаа позиции, од своите меки фотељи ја подржуваат вчерашната акција на полицијата. Ги исмеваат повредените и ги демонизираат сите кои протестираат. Од друга страна имаме вџашени „интелектуалци“ од вчерашната полициска бруталност, кои кога „шарените“ протестираа бараа гумени куршуми. Ретки се ликови кои останаа доследни на своите ставови. Ги има, но ретки се!

9 повредени и 25 приведени е официјалниот биланс од синоќешните немири, но штетата е многу поголема. Намерата на полицијата да ги уплаши демонстрантите не помина, па секој следен судир ќе биде многу пожесток.  Сега толпата ќе биде подготвена за судир, спремна за контра офанзива и многу побројна. МВР погреши и ќе ја плати грешката, на овој или на оној начин.

Можеби целта беше токму тоа. Да се испровоцира судир на улица, со цел да се демонизираат сите оние кои се против промена на името. Истите да бидат преставени како радикали кои сакаат немири, место ЕУ, но не помина. Некои медиуми отидоа до таму што објавија дека демонстрантите фрлале шок бомби, но заборавија дека не сме 17 век и дека секој човек со себе има мобилен со одлична камера. Никој веќе не чека вести на Тв, туку отвара ФБ, Твитер, портали  и гледа што навистина се случило. Народот виде дека полицијата претера. Виде повредени жени, виде шок бомби, созлавец, виде полицајци со извадени пендраци и чудни пушки во рацете! Виде мининстерство за внатрешни работи, а преку тоа и Влада, спремна со сила да го брани својот начин на работа. Или со зборови на „шарените“, виде РЕЖИМ. РЕЖИМ што потпиша договор за промена на име и Устав,  спремен да го брани истиот со ШОК БОМБИ и страв.

Сега на сите им е јасно дека на власт и околу неа имаме нов РЕЖИМ, кој во име на СОЖИВОТ и ЖИВОТ за СИТЕ, е спремен да ги демонизира, навредува и потценува сите оние кои не мислат како нив. Како и во времето на Груевски, така и денеска, секој кој не се сложува со Заев и заевистите е оцрнет и исмеан. Начинот на кој СДСМ дојде на власт, е истиот со кој сега се обидува да владее. Разликата е што тогаш методот го употребуваа на ВМРО ДПМНЕ, а сега на дел од народот кој е против промена на името на државата, промена на уставот и историјата. ВМРО не го издржа налетот и се сруши како кула од карти. Дали народот кој не се сложува со договорот со Грција ќе издржи и колкав е бројот на граѓаните решени да го бранат името, ќе видиме. Дали Заев ќе го дочека референдумот или ќе ја загуби власта, на истиот начин накој ја доби (на улица) набрзо ќе дознаеме.

Во меѓувреме, ги повикувам сите кои се решени да го бранат името, уставот и историјата на улица, да не дозволуваат или провоцираат судири со полицијата. Полицајците не се криви за нипто, Тие само си ја вршат работата за која се платени.

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Заев: Договорот е рамен на капитулација, но јас подобро не можам

Пред седум дена пишував дека Мицкоски не е од материјал за лидер на Македонија, а вчера дека за одбрана на уставното име не се доволни само празни фрази, туку стратегија и дела. Здосадено ми е да се повторувам, но претседателот на ВМРО ДПМНЕ и синоќа, како на 2ри Јуни, имаше шанса да покаже дека сум згрешил, но....

Лесно му е на Мицкоски да каже дека договорот со Грција е капитулација. ТАКА Е! Заев даде се што Грција побара, а народот кај нас можеби и може да го свари. Иако, договорот официјално не сме го виделе, а премиерот не е сигурен извор (со други зборови, многу лаже!), засега ќе се водиме по она што струмичанецот го кажа. Јазикот и нациналноста остануваат речиси не променети, но болката е во Ерга Омнес и менувањето на уставот. Да, Заев даде се што досега ниту еден наш политичар не помислил да жртвува. Даде нешто што не е негово, ниту нешто за што има било какво право да преговара. Нешто за што вети дека нема да преговара, но веќе спомнав, човекот многу лаже. Да, секако дека има простор за критики, но доколку истите се без соодветно понудено подобро решение се само техника за собирање политички поени. Тоа ли е целта на Мицкоски? Затоа ли и денеска побара предвремени избори, без да каже што ако ги добие. Што ќе понуди тој? Во ред е да кажеш „нашиот став е дека не менуваме устав со цел промена на уставно име“, ама треба да ни кажеш и каде ни е иднината со тој став. Еве ние, граѓаните, 27 години ве гласаме, ве плаќаме да не водите. Да го браните името, јазикот, идентитетот, но и да ни овозможите услови за достоинствен живот. Името го сакаме. Го сакавме и во 1991 година кога ни закачивте привремена референца. Си го сакавме и знамето, но... Го бранеме уставот и во 2001 година, но вие ни потпишавте Рамковен. И во 2004 година, но „некои прашања не заслужија одговор“. Го сакаме веќе 27 години и го браниме, но многу изгубивме. Мајки живеат далеку од  своите деца. Татковци лажат дека имаат бугарски корени за да ги пратат чедата далеку од себе за поднослив живот. Деца ни умираат по болници, зошто здравството се распаѓа. Најголема смртност на новороденчиња. Се е тоа крв! Не сте бе браќа ништо поарни од Турците/Османлиите. Само што вие сте демек наши. Затоа НЕ, не е доволно да се критикува Заев. Тоа можам јас, како анунимус, како обичен граѓанин! Ти Мицкоски таков луксуз немаш! Кажи ни ајде, што ако падне договорот? Што ако ВМРО дојде на власт? Како во ЕУ без договор со Грција? Или ќе понудите сојуз со Кина, Русија, Индија... Куба?!! Еве не чини договорот, ама што ако го скинеме? Или можеш да ни ветиш договор со Грција без Ерга Омнес? Ок, еве Заев е неспособен, но вие бевте на власт 11 години пред него, зошто не го донесовте тој договор тогаш? Без одговор на овие прашања не барајте избори, не барајте народ, не глумете патриоти.

12 Јуни 2018 година ќе остане запишан во македонската и светската историја. Денот на кој за прв пат една држава менува има по надворешен притисок на соседна држава. Денот на кој повторно се откажуваме од малцинство. Денот кога Македонија се откажува од дел од својата историја! Сето ова доброволно, па дури и триумфално. Заев со славенички говор го презентираше договорот, но мораше да лаже што тоа попуштила/изгубила Грција со договорот. Не дека му е проблем да лаже (веќе мислам дека има таква потреба, нешто во него бара да лаже), но Македонскиот јазик за кој се пофали дека Грција „конечно“ ни го признала е премногу плитка лага. Смешал малку брзини Зоки, па заборавил дека Бугарија имаше проблем со нашиот јазик, не Грција. Ама ок, тешко му е да памти на кој што му дал. А што да прави премиерот, мора да лаже. Ако е искрен, неговата прес конференција ќе требаше да започне и заврши со:

- Во преговорите за името со Грција изгубивме дел од историјата, малцинството во Грција и уставното име. Договорот е (речиси) рамен на капитулација, но јас подобро не можам. Грците се многи стратегиски поспремни и немаат што да загубат ако преговорите пропаднат. Ако народот го прифати овој договор како решение, Северна Македонија ќе влезе во НАТО и можеби ќе почне преговори за влез во ЕУ. Ако референдумот на помине... јас немам друг план. Немам визија, ниту тим со капацитет да изградам држава од рунита во која ја претворивме Македонија.

На ова, час и половина подоцна Мицкоски на својата прес конференција ќе требаше искрено да каже:

- Договорот е капитулација и Заев нема легимитиет да преговара за менување на уставот без изграден национален консензус. Сепак, да потсетам и ВМРО ДПМНЕ го правеше истото и преговараше на своја рака во минатото. Разликата е што ние никогаш не прифативме „Ерга омнес“, па затоа и не дојдовме до договор. Очигледно е дека Грција никогаш нема да прифати промена на име само за меѓународна употреба, па реално со нашиот став Македонија никогаш не би влегла во НАТО или ЕУ. Јас немам храброст да ги повикам граѓаните да се откажат од членство во ЕУ и НАТО, бидејќи немам што друго да им понудам, па затоа само ќе побарам избори. Не затоа што ВМРО ДПМНЕ има план за подобро утре без ЕУ, туку затоа што СДСМ го даде она што ние не го дадовме.

Речиси и ми е срам што текстов посветен на „лидериве“ ќе го завршам со цитати од вистински Македонски ЛИДЕР и што неговото име ќе стои на иста страна со Зоки и Христијан.

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите.“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови - изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“

Гоце Делчев

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Тажната вест што Заев „заборави“ да ја каже

Морам да признаам дека не очекував радосна вест од премирот Зоран Заев, но го гледав неговото гостување синоќа на Телма. Ме интересираше што ќе каже и како тоа повторно ќе промовира оптимизам, кога Македонија под негово владеење секојдневно тоне со забрзан ритам. Затоа потрошив час и половина пред екранот. Очекувано, Заев тресеше глупости, лажеше и не одговори ниту едно за него незгодно прашање. Не кажа ништо за преговорите со Грција, но во две работи се сложувам со него.

1. Иднината на Македонија е во ЕУ (не и во НАТО). Тука немаме опција, а за тоа се виновни Заев и „семејството“, Груевски и „фамилијата“, Бране и „октоподот“ со се приватизација и скриениот Бугар што откако заврши со политика се откри. Сите тие и оние кои беа со нив се виновни што денеска Македонија е ова што е и што и треба помош од надвор за да стане држава. За 27 години распродадоа се, уништија и она што фунскционираше и наметнаа начин на функционирање од кој нема враќање без цврста рака. Денеска во Македонија не функционира НИШТО! Нема здравство, судот е приватна своина на партиите на власт, а образованието во глобала произведува дебилчиња. Не дека ова е мој заклучок или субјективен став, погледнете ги извештаите на секоја меѓународна институција за државава и ќе видите дека пишаново погоре е благо. Ситуацијата е многу полоша. Секако, тука се и корупцијата и непотизмот. Кога имате ваква состојба, а на власт и во опозиција ликови кои сонуваат да бидат Бранко или Груевски, само надворешен фактор може да не среди. Затоа ЕУ е императив, ако сакаме да заличиме на држава . Не дека и тоа би било лесно, затоа што сега проблемот е што нема кадар за да ги спроведе реформите кои ќе се бараат од нас, а народот е научен  на овој начин на фунскионирање, па нормално ќе пружи отпор, но само така имаме некакви шанси.

2. Зачленувањето во ЕУ води само преку преговири со Грција за името. Друга шанса немаме. Знам дека има интелектуалци кои се залагаат за напуштање од преговорите и правна битка во меѓународните институции за признавање на нашето уставно име. Не дека имам нешто против тоа. Искрено, таа идеја е многу подостоинствена од преговорите со јужниот сосед, но дури и да е успешна, не носи членство во ЕУ. Ако Макеоднија ги прекине преговорите и ( за некое чудо) по правен пат успее да влезе во ОН под Република Македонија, Грција ќе го блокира нашето членство во Унијата ( веројатно и НАТО), до недоглед. Овој пат причина за Вето нема да биде името, туку други милион причини кои Грција ќе ги смисли, но ние ЕУ нема ни да ја помирисаме, се додека повторно не седнеме да разговараме за името...

Пред 27 години имавме 2 опции. Да изградиме стабилна, функционална, просперитетна држава, која ќе биде партнер или член на ЕУ или да руинираме се и да молиме за членство во унијата. Ние го избравме вториот пат. Гласавме политичари кои не крадеа, лажеа, продаваа, уништија и завршивме со Заев. Премиерот пред избори, како и сите пред него, вети дека ќе не внесе во НАТО и ЕУ, преку преговори со Грција и тоа го прави. Барем за ова не излажа. Ок, лажеше за црвените линии и дека има МАКЕДОНШТИНА во него, ама ако сте му поверувале тоа си е ваша вина. Заев побара и доби легитимитет да преговара за ИМЕТО со Грција. Тука нема ништо спорно. Проблемот е што Заев сега преговара за ИДЕНТИТЕТОТ, а за тоа не добил гласови.  Да, го слушнав и јас синоќа како пак тресеше глупости дека по договорот со Грција нашиот идентитет уште повеќе ќе се засилел и сигурен сум дека Зоки везе нема што значи зборот ИДЕНТИТЕТ! Ма гарантирам! Да знаеше што значи, ќе знаеше и дека јазикот е голем дел од него. Ќе знаеше дека со промена на името на јазикот се менува и идентитетот. Ќе знаеше и дека со менување на историјата и учебниците се менува идентитетот.  Затоа нашиот премиер е полн со оптимизам. Неук е човекот. Не знае што прави! Ама не ни е он крив... сами си го гласавме.

Ако преговорите пропаднат, Македонија ќе биде повторно оставена на Зоки и слични ко него. Пат кој го гледаме 27 години. Ако преговорите успеат, одиме на референдум на есен. Народот ќе треба да избере меѓу идентитестко самоубиство за ветена ( и само ветена) посветла иднина или достоинство пред светот и држава во која не функционира ниту една институција. Би сакал да има трета опција, во која свеста во нашето општество конечно ќе се подигне на степен каде Заев и сите како него нема да се опција. Би сакал да пишувам за нов бран на политичари кои ќе донесат нешто ново, конечно ќе изградат нешто, а да не е стиропор, но тоа обично не оди така. Сиромаштијата и тешкиот живот носат пад на моралните вредности, а кога образованието речиси и да не постои сите сакаат лесни пари без да вложат труд. Кога пред две години пишував дека студентите штрајкуваат против екстерното тестирање, само заради тоа што не сакаат да учат, а не против самиот систем (кој секако беше идиотски) бев вмровец, но денеска имаме дипломирани економисти кои не знаат таблица множење. Магистри кои едвај читаат! Зборувам за студенти на државен факултет, приватните да не ги спомнувам. Затоа секој потенцијален надворешен инвеститор јавно ни кажува дека немаме кадар! Немаме школувана работна сила! Дипломи колку сакаш, ама никој не знае да работи! Не се децата криви, криви сме ние кои дозволивме заевци да не водат. Сега личи дека е доцна... Ги потрошивме опциите и ја уништивме иднината. Како и да заврши, победници нема да има. Дури и ако сте од оние на кои идентиетот ништо не им значи, набрзо ќе сфатите дека ветената светла иднина нема да се стигне така брзо, ако воопшто некогаш стигне. Ќе сфатите дека Заев уште еднаш излажал и дека Македонија е барем 100 години зад ЕУ, а ако продолжиме да гласаме „црпнати“ или „пастири“ слободно додадете уште една нула на таа бројка. До тогаш којзнае планетава дали уште ќе постои, а ЕУ најверојатно ќе биде само лекција по историја.

Жал ми е што јас немам радосна вест, како премиерот и тајфата околу него.  Жал ми е за крвта на сите наши предци дадена за името и за ова парче земја. Жал ми е и за идните генерации, но до тука ни било. Можеби некои идни Македонци (Северно/Гроно Македонци) некогаш ќе успеат да изградат се што ние уништивме, но дури и во тој случај нашите генерации ќе бидат запишани со ТЕМНИ букви во историјата!

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Популарно