Новата македонска пејачка ѕвезда и еден од четворицата преостанати Македонци во „Ѕвездите на Гранд“ Ален Хасановиќ сними нова песна, која самиот ја напиша, во прилепското студио „Ер“. Песната е снимена на српски јазик со наслов „Продала си љубав“, а во текот на летото ќе добие и македонска верзија. Промоцијата ќе се случи наредниот месец заедно со видеозапис во режија на „Зати продукција“ од Охрид, со која пејачот подолго време соработува.
Хасановиќ својата прва авторска песна ја промовира минатото лето. Актуелен е како натпреварувач во популарното српско шоу на „Гранд продукција“. Во последната емисија, која всушност беше прва од четвртиот круг, со изведбата на македонскиот хит „Kога тргнав, Цвето“ обезбеди билет за наредната фаза во шоуто.