Оставка на Катица Јанева?!

Пред една недела посветив текст на интервјуто на Катица Јанева на МРТ и целата атмосфера околу специјалната јавна обвинителка, но од тогаш до денеска целато полиичко внимание е свртено токму кон неа, па чувствувам потреба уште еднаш да го напишам својот став за целиот овој циркуз.

mkd-219844

Од првиот текст, до денеска, Јанева се појави неколку пати на комисиската седница во собранието на Р. Македонија, каде (требаше да) го изнесе извештајот за работата на СЈО досега, се пожали на мобинг и побегна. Потоа се појави на седницата на собранието на јавни обвинители и се случи истото. Во меѓувреме за неа на улица се собраа „шарените“ и ја прогалсија за единствена некорумпирана институција во државава и единствен пат за спас на Македонија. Слушнавме милион изјави од политичари од двете страни и прочитавме текстови, ставови во кои Јанева се критикува, но и се величи. Паралелно на ова СДСМ испрати писмо до амбасадорите дека ВМРО бега од избори, а Левица го повика Заев на широка коалиција, но без политичари на листите...

Многу случувања во краток рок, па ќе се обидам да бидам краток и јасен

1. Политичари од позицијата.

Прво, она што го споменав и минатата недела, И ВИЕ ЈА ГЛАСАВТЕ Јанева! Значи дека верувавте во нејзиниот капацитет. Разбирам зошто сте и лути на специјалната и сосем легитимно прашање до неа е како тоа бара продолжување на мандатот од институција (собранието) кое пред неколку месеци го прогласи за не легитимно, но и Груевски пред две години рече дека ќе нема предвремени избори, дека нема да има преговори со СДСМ, ќе нема СЈО итн, па се премисли човекот. Не ве гледам сега на секоја партиска средба да го прашувате истото прашање со жарот со кој и се нафрливте на Катица. Следно што ми боде очи е изјавата во која Ѓорчев го поистовети ВМРО ДПМНЕ со историското ВМРО. Искрено, немам намера сериозно да го разглабам овој апсурд, па само ќе го прашам Влатко, како тоа политичка партија на власт може да е Револуционерна?

2. Политичари од опозиција.

Со тоа што застанавте во одбрана на Јанева, политички ја обоивте и неа и СЈО и секое нивно обвинение.

3. Тимот кој ја советува Јанева

Дечки под итно да си најдете советници, пошо вака не иде. Да советувате обвинител да дава политички изјави и да пробува да оцрни пратеници е катастрофално и секако нелегитимно. Јасно ни е на сите дека изјавата на Јанева дека собранието е нелегитимно, не е нејзина и секако е многу политичка. Ок што проба да се извади дека имала индиции и бла бла бла, ама ете ја плати цената. Нејзиното прашање до пратеничка во собрание, за која гласал народ, кого таа преставува е голема грешка. Т.е. не. Голема грешка е кога тоа го прави Шилегов, а кога го прави Специјална јавна обвинителка е самоубиство.

4. Новинари, експерти, љубители на пари кои ја величат Јанева

Прочитав текстови во кои Јанева се споредува со Ума Турман. Ок, лажам. Не го прочитав. Пробав, ама не можев. Авторот е човек кој нема допир со реалноста.

Имаше и текстови во кои се величеше и славеше шармот на обвинителката.

„Вид збор: Именка, машки род

привлечност, допадливост, симпатичност“

Озбилно? Шарм? Па дајте бе луѓе, кога веќе сте решиле да заземете страна и да ја браните Јанева, правете го тоа на професинално ниво. Каква врска има шармот (кој не го поседува) Јанева со нејзината функција? Сум се запрашал милион пати досега и сеуште не ми е јасно, кој и зошто ве плаќа за тие текстови?

5. Новинари, експерти, љубители на пари кои ја распнаа Јанева

Деновиве сретнав статии во кои се пишуваше за изборот на гардероба на Јанева, нејзината шминка, изглед... Од толку грешки кои ги сервираше на тацна Катица, зарем имаше потреба од вакви грозотии? Знаете дека и таа е мајка? Дека нејзините деца имаат интернет? Критика е во ред, кога е за нејзините професионални квалитти или потези, но зошто фотографии од обвинителката и коментари за нејзиниот избор на гардероба? Тоа ли е нивото на кое сакате да општиме?

6. „Шарените“

Ок, искочивте на улица. Бројката тнка, али ете земавте бакљи и бодревте. Како на фудбалски натпревар во деведесетите. Добар дел од вас тогаш не биле родени, али гледале на ЈуТјуб. Неколку совети. Прво, џабе бакљите, се гледа дека сте 30 души. Второ, не му давајте микрофон на човек кој не е за пред камери. Трето, од кого ја браневте Јанева? Никој од неа не побара оставка, а таа и самата не испровоцирана од никој си кажа дека не се плаши од никого! Се што се бараше од неа во собранието беше извештај за досегашната работа и одговор како тоа бара продолжување на мандат од институција која ја прогласи за нелегитимна. Каде е проблемот? Во оние милион евра од буџетот на СЈО за кои нема оправдување каде се потрошени? Па нели не е корумпирана? Четврто, ако навистина верувате дека СЈО е едниствената светла точка во Македонија, тогаш барајте да се однесува така. Не е секоја критика атак. Нека излезе Јанева, или било кој од нејзиниот тим (кога веќе таа има проблем со читање) и нека ги одговори прашањата кои не интересираат сите, а не само оние „злобнине“ од комисијата што и праат „мобинг“.

7. СДСМ и Левица

Морам да признаам дека идејата на Левица е најглупавото нешто што сум го слушнал во овие две години. Имаа дечките и досега бисери, ама со ова се надминаа. Ма каква Катица, Левица се шампиони.

- Она што другите партии не сакаат или одбиваат да го видат е дека нудењето само на една заедничка листа на сите антирежимски партии, на чело со политичари од СДСМ, ќе демотивира одреден број граѓани да излезат на гласање.

Следи...

- По изборите би се формирала преодна експертска влада која би имала мандат во релативно краток временски период да преземе чекори за демократизација на земјата и да подготви фер и демократски избори

Чекај сеа, причината за листа без политичари се лошите политичари на СДСМ, ама ова ќе биде времена влада која ќе створи услови за избори?!!!! Па како ќе победите ако сега нема демократски услови за избори? Абе момци, кој ви ги пишува соопштенијава? Мислев дека го достигнавте врвот кога побаравте да присуствувате на преговорите за решавање на кризата, ама вие само сте се загревале.

Како и да е, со соопштениево кажавте (би рекол намерно, ама се сомневам дека сте свесни за тоа), дека ви е јасно дека СДСМ ќе ги изгуби изборите. Не дека тоа е тајна, ама ете конечно и вие разбравте дека на 11ти Декември опозицијата ќе доживее дебакал. Кога веќе вие знаете, сигурно знае и Заев, нели? Затоа неколку дена подоцна лиерот на СДСМ со писмо до амбасадорите во државава во кое вели дека ВМРО ДПМНЕ не сака избори! Па пред само неколку месеци ВМРО тргна на избори. Достави и листи и се, а СДСМ НЕ! Што се смени од тогаш? Избирачкиот список? Речиси е ист! Законот за медиуми? Едно интервју со Јанева и се изрезиливте. Времени министри и заменици? Пак се истите! Сепак, најјако во писмото до амбасадите е што Заев не навел како тоа почуствувал дека ВМРО нема да сака избори на 11ти Декември и со што тоа ги опструираат изборите. Ваљда на амбасадорите треба сами да им текне, бидејќи ете него не му текнало.

8. Катица Јанева

Ова не е прв текст за обвинителката, но десега никогаш не сум и се обратил. Не сум чувствувал потреба, ниту капацитет од другата страна да го разбере следново. ДАЈ СИ ОСТАВКА!!! СЈО ќе најде нова обвинителка и ќе продолжи по истиот пат и без тебе. Неуставно, исполитизирано, со подршка од навивачка група „Шарени“. Ништо нема да се смени, освен твојот и животот на твоите деца. Верувај, на подобро.

Автор: Пацифист

Зошто „гаранцијата“ на Заев не е никаква гаранција?

Кога последната колумна ќе ви биде прочитана повеќе од 40.000 пати, а коментарите на оние кои ја прочитале ќе бидат позитивни, изборот за следниот текст доаѓа сам по себе. Кoлку и да е темата (за мене) разочарувачка, и колку и да повторно не ми се пишува за тоа (без воопшто да се занесам дека мојот став е многу важен) во следниве 50 - 100 реда ќе го изложам.

Ете бидна. Мандатот конечно е кај Зоран Заев. Честитки до сите вас кои тоа го чувствувате како победа. Сочувство до оние кои до вчера бевте на лидерски позиции. И честитката и сочувството се искрени колку ... ќе сфатите сами.

Значи, поразениот на последните парламентарни избори, Заев конечно го убеди Претседателот Иванов да престане да го крши Уставот и да му го врачи мандатот. Мандатот  овој пат не го побара претседателот на СДСМ, туку нелигитмно избраниот претседателна собранието, Телат Џафери. Значи со самиот одговор на ова барање, Иванов од својата позиција претседател на Р. Македонија, му даде легитимитет на Џафери. Ќе повторам, Иванов мораше да му го даде мандатот на Заев уште кога лидерот на СДСМ обезбеди 61+ потписи во собранието. Така немаше да имаме упад во собрание, повредени пратеници и уапсени тепачи. Македонија немаше да биде негативна ѕвезда на сите светски медиуми, а Села немаше да стане маченик, жртва, херој... Или можеби и во тој случај истото ќе се случеше? Кој може да претпостави кај нас што би се случило ако...?

Уставот и законите се јасни, но... На пример, претседателот е должен на лидерот/лидерите на партијата/партиите кој/и принеле доказ за мнозинство во собранието да му додели мандат, но... Претседателот нема право да бара гаранција за зачувување на унитарсноста на Македонија од мандаторот, бидејќи тој нема начин да му ги достави, ниту пак претседателот било каков начин да го казни, ако новата влада скршне од нив! Толку е просто! Изјавата дадена на писемно до Иванов од страна на Заев е цртан филм! ЛУДИЛО!!! Приказна за мали деца! Во изјавата лидерот на СДСМ ветува дека „тие“ ќе го заштитат суверенитетот и ќе работат по Уставот. НО, ПО УСТАВОТ, СУВЕРЕНИТЕТОТ ГО ДАВА И НАРОДОТ, А ГО ШТИТИ УСТАВОТ! Значи самата изјава е кршење на Уставот! Се друго што пишува во изјавата го пишува и во уставот, освен делот кој не е под точка, туку како додатен пасус, во кој Заев изјавува дека ниту една платформа, документ или декларација, спротивни на горните точки нема да бидат услов или основа за формирање влада. На крајот од текстот е потпишан лидерот на СДСМ, но има и печат на партијата. Веројатно тоа значи дека сите 49 пратеници стојат зад изјавата на лидерот. Тоа е во ред, но како тоа 49 пратеници можат да гарантираат такво нешто?  Што приложиле како доказ? Која процедура? Кој процес, решение? Било што? Или на жими мајка? Истиот човек кој во еден ден на Бугарите и Србите им порача дека сме ист народ, сега се потпиша на изјава која е противуставна, повикувајќи се на уставот и сите ние треба мирно да спиеме?

А  што ако Заев се шалел? Што ако уште првиот ден по формирањето на Влада на било кој начин реши да ја руши унитарноста на државата? Што ќе превземе Иванов? Силно ќе се расплаче? Ќе свика прес и ќе мафта со листот со печат од СДСМ? И? Која е санкцијата за прекршување на оваа изјава на Заев во законот во Македонија? Колку што јас сум упатен, за секое прекршување на било кој закон, следува санкција предвидена од истиот закон што е прекршен. Која е санкцијата, казната предвидена за Заев или СДСМ во случај на кршење на изјавата? Каде е запишана? Во кој закон? НЕМА ТАКОВ ЗАКОН, затоа и нема кој тоа да го утврди, ниту кој да го санкционира! Токму отсуството на таков закон, оневозможува и реална гаранција дека истото нема да се случи! Ниту пак кој да утврди или да го санкционира. Приказна за мали деца! Уште една сцена од трагедијата која трае 26 години, наречена независна Македонија.

Потписникот на изјавава, Заев,  завчера во интервју за српска телевизија, јавно си изјави дека Албанските знамиња кои во кабинетот на претседателот на собранието ги истакна нелегитимниот Телат Џафери, се косат со Уставот. И толку! Никој ништо не превзема! Нема санкција! Уставот уште еднаш е скршен, па шо? Во овој случај, закон постои, а кршењето на истиот предвидува и санкција, но никако да се најде институција што ќе реагира. Ако, во случај кога постои закон и јасно утвредни правила, никој не реагира, како листот хартија потпишан од Заев, за кој никој и не може да реагира се нарекува ГАРАНЦИЈА?

Во меѓувреме, од другата страна на политичкиот караван, албанските пратеници и функционери во партиите кои со СДСМ ќе ја составуваат следната влада, јавно на телевизија изјавуваат дека „Албанската платформа“ е жива и дека ќе биде дел од новата владина програма! Ок, тие не ја потпишаа изјавата на Заев и СДСМ за унитарност и бла бла бла, ама некој лаже! Кој и да е тој некој, за 10-20 дена ќе стане министер или премиер. Ама, добро е барем имаме гаранција потпишана од Заев и заведена со печатот на СДСМ.

Вчера читам дека ВМРО ДПМНЕ будно ќе го следи Заев и во случај да застрани од ветеното ќе реагира жестоко во склад на демократските можности и ќе се спротивстави. (Ух ми олесна!) Што значи, ќе свика прес и ќе мавта со листот. Групно патриотски ќе се расплачат! Ќе викаат Заев е лош, ви рековме да ни дадете 63 пратеника!

„За заедничка Македонија“ од улица се преселија во судови. Таму ќе ја бараат правдата. Оние кои себе се нарекуваа НАРОДОТ, сега станаа правници?! Јас не знам за НАРОД(от) кој си ја брани унитарноста на државата тоа да го прави на суд. Барем „шарените“, кои ете и они беа НАРОД, не бараа правда на суд. Ок, нивната игра беше сосема поинаква. Тие не признаваа никакви институции, а бараа истите да гонат други. Ама (морам да повторам) и тие беа НАРОДОТ.

Јас што не бев ни со едните, ни со другите, што сум јас? Што сме сите ние кои не фарбавме згради и не пеевме патриотски песни пред собрание? Вие кои не го рушевте уставниот поредок барајќи власт на улица и не го штитевте не уставниот потег на Иванов да не го даде мандатот, вие не сте НАРОДОТ? Вие кои не сакате ниту криминал, ниту кршење устав и уставен поредок, ниту нелегитимен претседател на собрание, ни тепани пратеници.... вие не сте НАРОДОТ? Вие кои сега ниту славите, ниту сте исплашени за своите кариери, вие .... Ако не сте на ничива страна, туку на денот на избори доколку воопшто сте решиле да гласате, се мислите кое е помалото зло и едвај со пенкалот заокружувате некоја од опциите, вас ИСКРЕНО ве жалам! Само заради вас и го пишувам текстов, но простете ми, немам ништо позитивно да ви кажам. Освен сочувство, немам ништо друго да ви понудам.  Можам да ве лажам, но ќе се налутат ако им ја одземам омилената, единствената работа.

Автор: Пацифист

Дали е ова новото знаме на Република Македонија?

Во мојава неколкугодишна „кариера“ како колумнист имало моменти кога не се случило ништо (за мене) интересно за да ме предизвика да изгубам 30-60 минути на тастатура и да го преточам мојот став во текст до вас. Имало и такви периоди кога се случувале по неколку настани за кои сум сакал да пишувам, па во еден текст сум пишувал за се наеднаш. Денеска, изминативе неколку недели ситуацијата е сосем различна. Случувања има еден куп, ама мене за ништо не ми се пишува. Еве и сега мрзливо ги влечам прстиве по тастатура, со чести скокови до YouTube, FB, Zase.mk,…

Искрено не ми се пишува за политика. Се е веќе кажано. Не ми се пишува за Талат Џафери, нелегимниот претседател на македонското собрание. За неговиот националистички испад со знамињата. За денешното обраќање до амбасадорскиот кор на Албански јазик. Не ми се пишува за исполнувањето на „платформата“ на албаснките партии во Македонија. Оние кои досега не сфатија дека истата е реалност и веќе се исполнува, ни од сега нема да сфатат. Не знам дали не сакаат или фунцкионираат на сосема поинаква фрекфенција, живеат во паралелен универзум од овој во кој јас живеам, но јасно е дека тие не гледаат ни П од платформа. Тоа што избор на Албанец за  претседател на собрание на Македонија е токму прва точка во Платформата и што во истата е јасно приложен правец за влошување на односите со Србија, а Заев веќе го започна уривањето со критиките до Вучиќ... тоа не се аргументи. Не, сите ние кои го гледаме ова сме загорени ВМРОвци. Подржувачи на режимот кои работат во одбрана на криминалот. Не знам како тоа мојот негативен став кон ултиматумот наречен платформа го штити ВМРО ДПМНЕ, но ете така стојат работите во Македонија.

Не ми се пишува ниту за двојните стандарди на европските и светските политичари, ниту за неспособнаста на нашите да се изборат за она што сме ги избрале, а тие го ветиле. Смешно е што политичарите кои побараа од нас да ја водат нашата држава, сега на спас го викаат народот! Па народот го направи своето – ГЛАСАШЕ! Ако треба јас да излезам на улица да ја штитам државава, зошто друг да зема плата како пратеник, министер, премиер, претседател?!!!! Четврт век имаме држава, и освен за НАТО и ЕУ, слушам препукувања кој бил полош! И сега за тоа да пишувам? Да пишувам како во Македонија не смее да има влада без преставник на албанските партии, односно албанското гласачко тело (дури ни сега кога СДСМ има многу албански гласови), но од друга страна е многу коректно ако сите албански партии застанат зад ултиматум наречен платформа. Значи, по автоматизам секое нивно барање мора да биде прифатено! Ако утре побараат на знамето да закачиме орел, а тоа претходно го договориле на тркалезна маса (да, да и тркалезната маса е дел од платформата), македонските партии ќе мора да го прифатат тоа, затоа што не смеат да помислат на влада без албанска партија! Озбилно ли треба да пишувам за ова? Што да пишам? Алооооо!!!!!!

Да пишувам за тоа дека и без политичкава криза Македонија не е држава? Да беше држава, кога се појави политичката криза ќе интервенираа институциите. Оние кои всушност се гарант за државата. Како МВР, ЈО, Уставен, Врховен, па и Ману.... ама ете и повеќе од година дена имаме неуставно СЈО, ама Уставен не смее да се произнесе. По Пржино уставот беше згазен уште неколкупати, но Уставен пак си молчи. Претседателот го гази уставот со недавање мандат, ама Уставен не постои. Се избира претседател на собрание, на НЕ-седница, со НЕ-гласање, но нема институција што ќе превземе нешто. Толпа влегува во собрание и тепа пратеници, но полиција нема во доволен број. Шарени фарбаат згради и палат канцеларија на Претседател, но нема полиција, а кога ја има, јаде балони со боја и запалени контејнери.... Ама се ова е веќе кажано, зошто да се повторувам?

Да пишувам за Јана Бурчевкса и Евросонг? Евровизија не гледам од 2014 година и победата на Кончита. Ич не ми е гајле што се дешава во светот кој преку песна промовира хомосексуалност и извртени вредности. Секако, тоа не значи дека не сум информиран дека нашата преставничка вчера не „шокираше“ со информацијата дека е бремена и дека во живо била запросена од своето момче. Колку и да е ова лош амерички филм, на парот и бебчето им посакувам се најдобро, а на Македонија да не троши 350.000 евра догодина на ваква глупост. Нема потреба на граѓаниве да им приредуваме уште разочарувања, и онака треба само да пуштат вести или да отворат Фејсбук.

Па добро, доволно (не)напишав. До следно читање, поздрав од Пацифист.

По крвта во собранието Македонија е „заедничка“ или „едно општество“ за сите?

Кога пред 3 години Фленсбург го елиминра Вардар во последното коло пред големиот фајнал фор, не гледав спорт 3 месеци. Многу спортски екипи за кои сум навивам губеле, но два пораза секогаш ќе паметам. ФК Вардар – Спарта Прага и вкупниот пораз на РК Вардар со Фленсбург во 2014 година. Три години црвено – црните беа блиску до најголемите 4, но кога оваа сезона стана очигледно дека Германците ќе ни бидат последната пречка, јасно ми беше дека е врме за одмазда. Вардар го најави тоа во првите 60 минути во Германија, па едвај го чекав почетокот на мечот во Скопје. И токму пред да почне.... Кога требаше да ги бодрам и славам... Да славам победа, фајнал фор, ИСТОРИЈА... Мечот го догледав до крај, но чувството за победа, одмазда, величина, не дојдоа во очекуваниот сјај, ако воопшто и се појавија. Вардар и во иднина ќе игра Фајнал фор и ќе испишува нова историја на успеси. Црвено црните станаа ракометен џин за кој е само прашање на време кога ќе ја покори Европа. Во тоа воопшто не се сомневам, но ме плаши дека до тогаш пола Македонија ќе навива за црвениот, а другата половина за црниот дел од дресот на Вардар.

Еве сме утрово онаму каде реков дека ќе бидеме многу одамна. На добар дел од читателите не им се допдна насловот на мојот текст „ВМРО и СДСМ немаат решение – доаѓа војна?“ пред еден месец , па по повеќе поплаки го сменив насловот. Но, види чудо, ситуацијата продолжи по својот пат. Право надолу! Јас не сум видовид (не за се  ), интуиција ми е страна работа, не сум аналитичар, ниту стручњак, но и не треба да си ниедно од наведените за да препознаеш дека приказнава нема да има среќен крај, за НИКОГО!

„Сега кога Уставот не не штити и кога правилата на игра веќе не постојат, кога нема судија, секој одговара за сопствените постапки само пред себе. На секој од нас му е препуштено да одлучи по кој пат ќе тргне. Дали ќе следи партија или она што му вели совеста. Дали ќе го гледа сопствениот ќар или пак доброто за државата за која гинеле генерации. Оставете ги боите, не е важно дали припаѓате на „шарената“ или на „црната“ револуција. партиското знаме не е решение, туку напротив - проблемот. Крајно време е да се сплотиме и заедно да најдеме излез.“, пишував во таа колумна, но она вчера во собранието беше токму спротивното. Најпрво пратениците си тераа свои агенди, па Заев се закани, на што доби иста реторика од „За заедничка Македонија“. Потоа за прв пат во историјата слушнавме пратеник од собраниска говорница да пее химна на туѓа држава (албанската), па видовме избор на претседател на собрание надвор од деловники здрав разум и на крај КРВ!

Повредени пратеници, полицајци и демонстранти. Крв по собранискиот мермер и по улиците. Шок бомби, пендраци по демонстрантите, камења и шишиња по полицијата. Искршен инвентар и новинаркса опрема... И? Подобро ли е сега? Победи ли некој? Имате ли сега решение? Сега Македонија е „заедничка“ или стана „едно општество“ за сите? Во НАТО и во ЕУ кога ќе не примат? Неделава или следната? А платформа има ли? Помина ли?

За лудилото да биде целосно се погрижија и медиумите. Мислиш од две различни држави ти презентираат вести. Се согласија дека имало државен удар, само никако да се договорат кој го направил. СДСМ со албанските коалициони партнери или „За заедничка Македонија“.

Во Јане Сандански немаше два победника, немаше бомби, пендраци, крв... Имаше правила, исти за сите. Имаше битка, машка, гради во гради, без скриени агенди (платформи). Многу пот, борба и на крај победа на подобриот. Фантастична атмосфера и публика која навиваше за црвено-црна ракометна историја. Историја подеднакво црвена, колку и црна, и момци спремни да дадат се за тие бои. Токму затоа Вардар је тресе Европа, а собранието ја тресе и онака не стабилната држава и нејзиниот унитарен карактер.

Ме плаши дека ова не е кулминацијата. Сценографијата и приказната сериозно многу потсетуваат на Украина... Затоа уште еднаш, СЕКОЈ ОД НАС НОСИ ОДГОВОРНОСТ ЗА СВОИТЕ ПОСТАПКИ! Да, одговорноста на политичарите е најголема, но и ние кои немаме функции носиме одговорнсот за своите постапки. Запомнете, оној кој е симпатизер на другите, не е лош човек, само има различно животно искуство од вашето. И тој сака подобро утре за себе и своите деца, а со тоа и за вас и вашите деца. Само идејата за тоа како до поквалиетен живот ви се различни. Ништо друго. 

Автор: Пацифист

Популарно