Потресна приказна на македонска мајка која ги оставила децата во дом: Мамо, не оди, поседи со мене уште малку!

-Мамо те молам не си оди, поседи со мене уште малку – биле зборовите на шест годишната Моника, кои што при секоја средба во домот за деца ,,11Октомври’’ во Скопје и ги кажувала на својата мајка Драгица. Освен Моника, во домот е сместен и Христијан, нејзниот четиринаесет годишнен син, но тој сакајќи да покаже дека е силен и доволно возрасен, ги криел солзите и емоциите при разделбите.

До Драгица Јованова, четириестидве годишна мајка од Кратово дојдовме лесно. Нејзиниот оглас кој што веќе со месеци се објавува секојдневно во еден дневен весник е тешко да не се забележи.

,,Самохрана мајка на две деца бара дом! Барам сама жена или семејство кои се без деца, за да можам да бидам сместена кај вас, да можам да побарам работа и да можам да си ги вдомам децата. Домот го барам во Скопје или околните населби, работа барам како чистачка или садомијачка’’ – напишала таа.

,,Животот ми е пекол. Можат да ме разберат мајките кои што морале да се разделат од своите деца, оти поголема тага од таа нема. Живеам во Кратово со мајка ми, немаме никакви услови. Еден период бев и бездомничка, имав здравствени проблеми… Син ми Христијан го дадов во дом кога имаше пет години, не можев да заработам доволно за живот, бевме гладни, немавме кров над глава. Татко му не сакаше да се грижи за нас, си замина и не се сврте ниту по детето, ниту по мене. Пред шест години во вонбрачна врска ја родив и Моника. Се мачев долг период да и обезбедам нормален живот, но пред една година се разболев, имав психички проблеми. Не можев да се грижам повеќе за неа и ја однесов во домот кај брат и. Не ме прашувајте како се разделивме. Не ме прашувајте како реагираше ќерка ми… Што и кажав, што и ветив… Нејзниот плач – Мамо, мамо не оди, не ме оставај… Многу ми е тешко да зборам за тоа’’ – раскажува Драгица.

Таа додава дека Моника сеуште очекува повторно да живее заедно со неа, па затоа и собрала сила и барала помош од хуманите граѓани, организации, од институциите, да и обезбедат сместување, да и најдат работа.

,,Имам завршено само основно училиште. Одев на обука за нега на стари лица, еден период се грижев за една старица. Тоа знам да го работам, но би се нафатила да работам и во кујна, било каде… Најважно ми е да најдам сместување, да имам редовни примања. Не барам многу, не барам луксуз, само да можам да си ја земам Моника со мене и да се грижам за неа. Син ми вели дека не сака да ми биде на товар, свесен е дека имам многу тешкотии, па како утеха ми кажува дека нема да се лути ако ја земам само сестра му, оти е помала, но би бил среќен кога би нашала сместување и работа во Скопје, за да можам често да го посетувам’’ – вели Јованова.

Додека разговараме, таа не престанува да плаче. Вели дека никогаш не мислела како животот ќе си поигра со неа, но и со судбините на нејзините деца.

,,Зимоска ми се јави едно семејство од Скопје, ми понуди сместување. Во тој период бев болна, не можев да заминам во Скопје. Изгубив контакт со нив, најверојатно веќе нашле друга помошничка. Немам интернет, Фејсбук профил или нешто слично, не би можела сама да барам работа и помош преку компјутер, затоа го оставив само мојот телефонски број во огласот. Сакам да упатам апел до сите кои што ја разбираат мојата тага и болка да ми помогнат. Добредојдени се парични средства, имам трансакциска сметка, но најмногу ќе ми значи сместување и работа во Скопје. Немам потреба засега од облека и мебел, оти немам ниту каде ги оставам. Животот со мајка ми е многу скромен, таа има минимални примања, свесна сум дека не можам да останам кај неа. И јас самата сум мајка и мислам дека заслужувам општеството да ми пружи шанса да бидам заедно со моите деца’’ – тврди Драгица. Вели дека не примала алиментација за Моника и Христијан, немала никакви редовни примања, но би сакала да работи и сама да може да си ги издржува децата.

,,Секој денар го тргам на страна, гладувам за да соберам пари и да отидам во Скопје, во домот, за да си ги видам децата. Живеам за тие средби, но и секој пат ми го кршат срцето. Да мораш да го пуштиш расплаканото дете од прегратка и да си заминеш, на секое видување да му ветуваш дека бргу ќе се вратиш, дека ќе си живеете заедно… Сето тоа е премногу тешко. Ги молам сите кои што ќе ги допре оваа моја приказна да ми помогнат, не се плашам од работа, само да си бидам заедно со децата’’ – вели мајката.

По разговорот со неа ни остана грутка во грлото. Не може, а да не се помисли на детските очи кои што секој ден гледаат во прозорецот и ја очекуваат својата мајка. Ниту пак на разделбите и ветувањата дека еден ден се ќе се среди и малата Моника и Христијан, кој што се труди да биде голем брат, ќе имаат топол дом и ќе заспиваат под ист покрив со нивната мајка.

Затоа, сите кои што сакаат и можат да и помогнат на Драгица, можат да ја побараат на телефонскиот број 075 818 773.

Фокус.мк

Просечната плата во февруари изнесува 39.276 денари

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, изнесува 116.8. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во февруари 2024 година, изнесува 39 276 денари.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (25.4 %), Административни и помошни услужни дејности (22.8 %) и Уметност, забава и рекреација (20.3 %).

Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Транспорт и складирање (9.8 %), Рударство и вадење на камен (7.4 %) и Земјоделство, шумарство и рибарство (5.1 %).

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во февруари 2024 година, изнесува 58 967 денари. 

Цената на лебот засега е стабилна и нема да се менува, велат од Агро-бизнис комората при ССК

Неизвесно е што ќе се случува со војната во Украина и на Блискиот Исток која директно се рефлектира врз цената на нафтата. Не се знае ниту каква ќе биде жетвата во Русија и Украина и што ќе се случува со производството на жито. Но, во овој момент цената на лебот е стабилна и ќе остане иста, вели Горан Ѓорѓиевски од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК).

Тој денеска, одговорајќи на новинарски прашања, истакна дека бизнисот и натаму стои зад либералниот концепт, дека секогаш понудата и побарувачката треба да ја одредуваат конечната цена.

Според претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, Законот за забрана на нефер трговски практики и лимитирањето на цените на одредени прехранбени производи се две различни прашања. Конкретно, во однос, на лебот, потрошувачката, како што напомена Ангелоски, е на речиси исто ниво од пред лимитирањето на цените зашто голем дел од луѓето купуваат и други типови леб, чија цена не е ограничена.

Во однос на растот на цената на нафтата, Ангелоски е дециден дека онаму каде нафтата игра позначајна улога во цените, тоа ќе се одрази на пазарот.

- Цената на лебот ќе остане иста, стабилна е. Не знаеме што ќе се случува во однос на војната во Украина и на Блискиот Исток која директно се рефлектира на цената на нафтата, не знаеме ниту каква ќе биде жетвата во Русија и Украина и што ќе се случува со производството на жито. Повеќе параметри влијаат на финалната цена, но во овој момент ќе има иста цена на лебот.  Инаку, ние стоиме зад либералниот концепт што го заговараме, дека секогаш понудата и побарувачката треба да ја одредува конечната цена. Малку помош имаше бизнисот во изминатиот период за да се овозможи да има некоја соодветна ниска цена. Кризата која траење две години, бизнисот ја износи на свои плеќи за разлика од регионот каде другите држави имаа сериозна помош - субвенционирана цена на електрична енергија од 80 евра за мегават час, активирање на стоковните резерви кои дојдоа до бизнисот и овозможија пониски цени. Кај нас не беше така и практично, овозможивме многу ниска цена на производите иако немавме никаква помош и субвенции од страна на државата, рече Ѓорѓиевски.  

Ангелоски потсети дека нафтата не е единствениот фактор што се одразува врз цените.

-Тука е цената на работна сила. Луѓето кои произведуваат леб и други прехранбени производи ќе траба да ги платите повеќе, а со тоа автоматски расте и цената на тие производи. Тоа е еден затворен круг. Но, не треба да се фокусираме на тоа колку може цените да бидат ниски, туку колку нашата економија може да порасне. Цените никогаш не може да бидат толку ниски, колку што ќе биде лош резултатот на нашата економија или да бидат толку ниски за да имаме комотен живот. Не постои таква економска логика. Мора повеќе да произведуваме, да остваруваме повеќе доход, а цените ќе растат согласно светските случувања, независно дали ќе влијаат нафтата, житото или другите берзански производи. Да видиме каква ќе биде следната жетва во Украина и Русија, ако биде со помали количини, каква ќе биде цената на житото, помала или поголема? Ни требаат здрави економски политики и здрави реформи, нашата економија не смее да произведува еден процент раст, туку пет, шест и повеќе, потенцира претседателот на ССК.

И тој и Ѓорѓиевски оценија дека земјава по кризата, во овие две години, не презема ниту една реална мерка, а мора да ја намали зависноста од енергенси како нафтата.

Во однос на листата на Министерството за економија која предвидува над 2 500 производи да бидат со ограничени маржи до 10 отсто, Ангелоски рече дека ССК реагирала зашто меѓу производите се и вискито, како и пармезанот, но досега од Министерството не добила никаков одговор.

-При презентацијата на Законот за нефер трговски практики, ни беше кажано дека третира и производи како виски и пармезан. За нас беше чудно што ваквите луксузни производи треба да бидат третирани со ваков Закон. Ние реагиравме и подготвивме соодветен одговор кој сметаме дека е многу реален. Побаравме сите прехранбени производи третирани со пет и десет проценти ДДВ и плус го додадовме виното, пивото, но не можете да ги ограничувате цените на одредени деликатесни увозни производи, треба да ги разбереме и тие трговски ланци, тие мора да создадат профит. Оставете им на луксузните производи да си создаваат профит на економски начин - конкуренција, понуда, побарувачка, но за основните, да, може да обрнуваме внимание, на некој начин да ги лимитираме зашто влијаат во секојдневното живеење на луѓето. Не верувам дека вискито е производ што ни значи на сите на дневна основа. Доставивме допис до Министерството за економија, но до сега немаме добиено одговор, истакна Ангелоски.

Осврнувајќи се на денешната тркалезна маса, тој посочи дека зелената транзиција е неповратен процес што ќе мора да го спроведат сите домашни компании.

-До 2026 година се одредени пет групи, челик, алуминиум, челични производи, ќе мора јасно да се дефинира процентот на карбон футпринт и да се плаќаат царини на влез на нашите производи во ЕУ според процентот што се емитира во текот на производството на енергенсите кои се употребуваат. Затоа е препорачливо македонските компании што поскоро да се посветат на употреба на обновливи извори на енергија, треба да употребиме модерна технолопгија за да добиеме енргија од овие извори, рече Ангелоски на настанот на кој имаше учесници од Европа, а најмногу од Австрија, Португалија и Финска.

Во фокусот на тркалезната маса се  зелените иновативни технологии и градењето центри за извонредност и едукација.

Минималната синдикална кошница за април 60.212 денари, зголемена за 1.214 денари во однос на март

Минималната синдикална кошница за април изнесува 60.212 денари и е за 1.214 денари повисока отколку во март годинава кога беше 58.998 денари. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, изнесува 75.587 денари, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 22.200 денари или 36,9 отсто, за облека и обувки 4.866 денари, односно 8,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.014 денари или 10 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 1.827 денари или 3 отсто, за здравје 1.059 денари или 1,8 отсто, за транспорт 5.068 денари, односно 8,4 отсто.

За комуникации на едно четиричлено семејство во април годинава му биле неопходни 3.004 денари, односно 5 отсто од износот на минималната кошничка, за рекреација и култура 4.378 денари или 7,3 отсто, за образование 6.955 денари или 11,6 отсто, за ресторани и хотели 3.890 денари или 6,5 отсто, а за останати стоки и услуги 950 денари, односно 1,6 отсто.

Доколку живеат во изнајмен стан потребни им се дополнителни 15.375 денари.

Популарно