Шкупи да се избрка од лига, а дел од „Шверцерите“ да лежат затвор!

На 10ти Август 2015 година, напишав текст кој испровоцира многумина. „Уште еден „Шиптар“ за во гасна комора“ критикуваше исполитизиран новинар и навивачката група „Комити“. Вардаровата навивачка група ја имам критикуван повеќе пати. Секогаш заслужено, но да праведен и кон нив, тие ни одблизу не се најголемиот проблем во македонскиот фудбал или спорт воопшто. „Комитите“ не беа на Чаир пред два дена, а тоа што се случуваше е пострашно од било кој инцидент предизвикан од најверните на Вардар.

Untitled14-640x402

Неколку портали и телевизии пренесоа за инцидент на фудбалскиот меч меѓу Шкупи (Слога) и Вардар во Чаир, но ни од далеку не успеаа да ја доловат големината на инцидентот. Некако тивко помина ќотекот што го изедоа фудбалерите на Вардар од публиката, за вчера врвот да го постигне соопштението од управата на Шкупи, во кое се вели дека тие не се виновни?!

На 10ти Август пишував за моето разочарување од состојбата во македонскиот фудбал и менталниот склоп на оние кои се сметаат за искрени фанови, но тогаш немаше повредни фудбалери! Пишував за луѓе заробени во 19ти век, но тогаш Вардар ја превзема одговорноста. Пишував за новинар, Албанец кој се обиде да им накалеми на Комитите и неколку наводни напади во центарот на Скопје, па дури и во СитиМол, но денеска тој ќути. Не им порача на „Шверцерите“ дека напаѓаат кукавички. Не најде време да го осуди инцидентот. Нема ќар од таков потег за него, но доста за тој лик. Небитен е. Небитни се дури и Шверцерите. Исфрустрирани, малоумни, несреќни и агресивни луѓе има во секој етникум, па и во Албанците. Шверцерите не се репрезентативен примерок за целиот етникум од кој доаѓаат, но нивното однесување на фудбалските терени не смее да се толерира. Тоа се споменува и во соопштението на ФК Шкупи, но се додава:

„За жал, во неколку наврати се случија неколку мали инциденти, кои на крајот на натпреварот, направија да тоа што се случи на теренот, остане во сенка. Се почна со фрлањето на шише кон Горан Попов, кои претходно во неколку наврати успеа да ја испровоцира големата маса, присутна на трибините, што не му доликува на еден фудбалер кој претендира дека е професионалец.“

Значи прво жалат за „малите инциденти“ (како на пример удар со шише во глава на противнички играч), но подоцна посочуваат дека сам си го барал!!! Во продолжение од истото соопштение:

„Во исто време, гостинскиот тренер Гоце Седлоски и капитенот Томе Пачовски, почнаа да се прегрнуваат и славата, на само неколку метри од трибината, иако на теренот имаше многу голем простор за тоа да се направи на друго место, и ова придонесе за уште поголема иритација кај масата на трибините.“

На човеков што го пишувал текстов, јас лично би му изрекол забарана за бавење со спорт или било што околу спортот. Но, ова не е само негов личен став, туку став на ФК Шкупи. Замислете ова да се случи во Англија или Италија. Замислете Меси да биде удрен со шише или публика да улета и да го нападне Кристијано Роналдо!!! Не е дека во Англија, Шпанија, Германија, Италија....нема хулигани со неразвиен мозок, туку казните се толку сурови што вакво нешто може да ви се случи само еднаш! Токму тоа го заслужи Шкупи по соопштението. Исклучување од лига. Не затоа што публиката е од албанска националност, туку затоа што се кријат и не превземаат одговрност, а со тоа најавуваат можност утре истото да се случи, ако некој гостински фубалер прослави во близина на трибината и со тоа ги испровоцира „невините“ Шверцери.

div-zapad-na-derbito-vo-chair-155331-480x640

Уште нешто што не разликува од западниот фудбалски свет е што при инцидент на фудбалски меч таму има и поединечна одговорност. Односно, оние кои направиле инцидент одговараат кривично! Оној кој го удрил Попов, Пачовски, Којашевиќ, Грначаров... било кого, за ова би лежел затвор и никогаш не би имал пристап на фудбалски меч! Таму нема Комити, Шверцери, Чкембари... има нормална публика и кретени. Едните се на стадион, другите во затвор!

Автор: Пацифист

Зоран Заев има двојник?!

Иако не сум љубител на филмскиот жарн „научна фантастика“, имам изгледано барем 20тина такви филмови. Се сеќавам дека некои од нив беа блокбастери во деведесетите. Рушеа рекорди по гледаност и профит. 21 век во дел од нив беше преставен како утопија, а човештвото живееше во потполна хармонија.  Е ама изгледа негде свртевме на погрешна кривина...

21 век, 2017 година, светот технолошки се издигна на ниво на кое речиси сите сме поврзани, но... 21 век, а ние во „утопична“ Македонија 3 дена се „расправаме“ дали Заев се сретна со Трамп или не. Не, не зборувам тука за вчерашната средба, на официјалниот прием, од која има и фотографија со сопругите на премиерот на Р. Македонија и претседателот на САД. Зборувам за онаа фотка чкрапната од, во тој момент пресреќниот министер за надворешни работи на Макеоднија, Димитров. Министер за надворешни работи, оној кој треба да се бори за нашите интереси и стратегијата на Македонија надвор од неа, оној кој е платен за тоа, тој со телефон во рака чека Трамп да се поздрави со Заев, за да не излаже дека имало средба?! И не само „средба“ туку и порака од Заев до Трамп за подршка, бла бла бла... Барем така пишува на официјалната страна на ФБ на премиерот на Македонија, но и на официјалната страна на Влада на Р.М.!!!

Откако следниот ден беше објавено видеото од салата, на кое се гледа дека поздавувањето траеле 1,2 секунди, и дека во толку кратко време Заев немал шанса да ги изговори тие зборови (ни на струмички дијалект, а камо ли со неговиот раскошен англиски), владата искочи со некакво си соопштение дека средба немало, ама имало .... Абе утопија!

И таман некако го преживеавме ова, се јавија подржувачите на името и делото на Зоран Заев и рекоа дека не бил тој виновен, туку оние кои му го работат Фејсбук профилот! Премиерот не бил ни свесен дека така го изработила на ФБ! А во Влада тие што објавија? Или истите се? Веројатно тие се истите што му рекоа да каже/излаже дека се сретнал со првиот човек на Мосат, на камера на ТВ Телма, пред некој месец. Истите оние кои му кажаа да лаже дека се сретнал со амбасадорот на Италија во Македонија, кога не се појави на суд. Истите кои пред формирање на Влада му рекоа да каже дека за промена на банкноти и униформи на војска и полиција мора да се менува устав, а ете сега владата пробува тоа да го промени со закон. Оние кои му рекоа да лаже дека не постои Албанска платформа/декларација. Мора да се тие некои многу лоши луѓе! МНОООГУ ЛОШИ!!!!

Страшното е што, по коментарите на социјалните мрежи дел од народот поверува во приказнава или барем се правеше дека верува. И тогаш Заев реши да ги разреши сите дилеми. Најпрво од Њујорк, овој пат на видео, порача дека истурањето на боја врз главата на уредник и новинар во Македонија е знак за слобода, за подоцна да му се извини на Геровски за истото и да го осуди  настанот. Во 5 часа, премиерот смени став. Тука веќе позицијата стана неодбранлива! Има две опции:

1. Зоран Заев многу лаже.

2. Зоран Заев има двојник со дијаметрално различни ставови.

Да биде уште потрагично, денеска Заев оствари официјална средба со Трамп. Се што требаше да направи тимот околу Заев и лично тој е само да почека 2 дена за да се пофали. Не дека средбата со Трамп  нешто ќе и смени на Макеоднија и на нас обичните граѓани ќе ни го подобри животот, но ете, ако веќе толку сакале да се пофалат, требало да почекаат. Зарем толку не можеа да издржат, па мораа да лажат? Или двојникот заеба?

На крајот, средба имаше и кога требаше се да се смири, министри од владата излегоа на протсети за чист воздух во Скопје, заедно со организаторите на протестот! А против кого протестираа? Против воздухот? Пошо само така би имал смисла протестот. Искачаш на протести, му се дереш на воздухот и тој види невиди се чисти. Сам, од срам. Друга логика нема! Во светот се протестира надвор од оваа логика. Таму се протестира пред институциите кои се задолжени за решавање на проблемот. Во овој случај пред министерството за животна средина и пред владата. Па надлежните под притисок од протестите, односно јавноста, да го решат проблемот. Кај нас, заменикот министер за животна средина, Јани Макрадули, протестираше со граѓаните! И тој протестира против загадениот воздух со слоганите „нема воздух,нема мир” и „сакаме воздух, не се дише”. Нема мир?!!! На кого тоа Макрадули му се заканува? На себе или на воздухот? Трета опција е дека и тој има двојник. И Петре Шилегов и Дамјан Манчевски, Роберт Поповски,  Стефан Богоев, Саша Богдановиќ, Златко Марин, сите имат двојници.  Па додека оригиналите работат 24 часа за нас, за подобро утре, реформи за „животот“, двојници им се шетаат по улица и праат глупости. Ок, оној на Заев и до Њујорк стигна, ама тој е двојник на премиер. Му се може.

Двојници! Тоа е проблемот на Македонија во моментов. Не знам како не ми текна порано, а толку беше очигледно. Невозможно е некој толку многу да лаже, а на Фејсбук да му стои слоганот: „ЗБОРОТ Е ЗБОР“, ако нема двојник. Е сега, кој од двојниците ја води државава, дали оној кој ќе донесе „живот“ или оној кој потпишува договори со Бугарија и носи против уставен закон за јазици (читај Албански јазик), тоа е ваше да си процените. Едно е сигурно, кога на избори гласате за едниот, ги добивате двајцата.

Автор: Пацифист

Да ги дувнеме ги свеќичките и да замислиме желба

Доколку постојат паралелни универзуми, веројатно во некои од нив, токму сега јас пишувам текст за 26 години самостојна и независна Македонија. Иако, шансите од наша перспектива се мали, можно е во некој од паралелните патеки да сум среќен додека пишувам за нашата држава. Можно е да пишувам за хармонија, просперитет, за општествени вредности, постигнати успеси во минатото и светлата иднина. „Македонија – татковината на мирот, соживотот и просперитетот“ е првиот наслов што и денеска би сакал да го напиша, но....

Паралелните универзуми се теорија на квантната механика, и можно е да ги има од 2 до бесконечно многу. Можеби нема, само овој е, а можеби се милиони и во секој од нив, освен во нашиов, Македонија е земја од бајките, никој не знае. Она што е сигурно е дека во овој, нашиов универзум, во нашата реалност бајките одамна завршија. Сега се само четива кои ни ги раскажуваат пред избори, оние кои Македонија ја претворија во земја за подсмев.

Демократијата е концепт при кој во теорија владее мнозинството со свои преставници кои треба да ја водат државата во правец во кој бара мнозинскиот дел од населението. Во пракса, демократијата е систем во кој 10 политичари прават што сакаат додека го лажат народот дека се многу фини момци и дека без нив ситуацијата би била мноооогу полоша. Ова не важи само за Македонија, но денеска на неа и е роденден, па затоа ќе се фокусирам само на нашите „демократски лидери“.

26 години на власт во Македонија имаме 2 македонски политички партии и неколку албански. Две опции на секои избори, а јас не се сеќавам кога последен пат сум застанал зад параванот со пенкало во рака. Опција е чуден збор. Се употребува и кога избор реално не постои. 26 години се употребува и како фраза „единствена опција“. Ако е единствена, не е опција, не е избор. „Единствен“ и „избор“ се контрадикторни зборови, но на македонските политичари тоа не им пречи, па од 91ва до денес слушаме како Нато и ЕУ ни се единствен избор!

- Добар ден, ме интересира дали имате фармерки?

- Да, секако. Повелете изберете.

- Но, тука има само еден пар?!

- Да, да. Слободно изберете!

Од прилика толку глупо звучи таа фраза, но ја слушаме 26 години. Исто како што 26 години слушаме дека Македонија има многу надворешни непријатели, кои сакаат да ја снема или да функционира на начин кој му одговара на непријателот. Затоа си сменивме име (привремено), знаме, се откажавме од малцинство во соседните држави, прифативме Рамковен договор (иако, во него има и позитивни работи), сменивме територијална организација, помилувавме терористи и воени злосторници, потпишавме дека сме (речиси) Бугари, прифативме и имплементираме Албанска платформа/декларација, носиме неуставен закон за употреба на јазици... итн итн. За се е крив лошиот непријател од надвор. Барем за оние кои биле на власт кога сето тоа е прифатено. Не можело поинаку, затоа што во спротивно независна и самостојна Македонија ќе ја снемало. Затоа ние ги слушаме овие (лошиве) од надвор. За да бидеме независни и самостални!!!

26 години Македонија е најнапатената и најомразената држава. По 500 и кусур години турско ропство, па Балкански војни и поделба на Македонија, 45 години сојузна република во СФРЈ, конечно самостални, но многу не мразат! Тоа би била приказната на нашиве лидери, кои ние некако си ги гласаме. Ок, не јас, ама ете ние. Не е дека политичарите ни се лоши или неспособни, туку ете толку се може. Тек да не беа они... Другите држави не се соочуваат со вакви проблеми, пошо никој не ги мрази. На пример ниту една држава од поранешниот СССР нема проблем со Русија денеска. Русија воопшто не се обидува да го задржи своето влијание во нив. Или Шведска и Финска, не се мразат воопшто, пошо Шведска 3 века ја имало окупирано Финска! Ма неее, сега се во љубов. Србија и Хрватска. ЕУ и САД само во Македонија терааат свои политики и визии. Во секоја друга држава нудат само помош, а за возврат не бараат влијание во водењето на политиката на таа држава. Ма не ова ни во паралелен универзум го нема. СИГУРНО!

Секоја држава на светов, се обидува во рамките на својата моќ да влијае на геополитичкиот систем во светот. Ова е прва лекција, ма не е ни лекција, вовед можда, во меѓународна политика. Што е тука ново? Ако Македонија за 26 години успееше да се изгради како вистинска држава, со општествен, економски, правен... ситем, и со тоа успееше на маѓународен план да додјде до влијание, зерем мислите дека сеуште ќе преговаравме со Грција за името? Ако ние имаме моќ да ја натераме Србија да ја признае афтокефалноста на Македонската православна црква, зарем уште ќе имавме спор? Ако влезевме во ЕУ и Нато пред 20 години, зарем мислите дека ќе го потпишевме договорот со Бугарија? Веројатно во таков случај Грција, Бугарија и Србија ќе кукаа од лошите непријатели од надвор и како тоа светот ги мрази, но тоа е приказна од некој паралелен универзум. Во нашиов, Македонија е напатената. Македонските политичари жртвите, а народот е секогаш крив т.е. во право и кога греши, па на ВМРО ДПМНЕ не му даде 63 пратеници за да не брани од лошите.

Тоа што ниту една институција во Македонија не функционира, тоа што секаде владее корупција и непотизам, што имаме твитерџии за совеници, што со години ни се распаѓа образованието... тоа не е вина на лидерите во Македонија. Немаат време луѓето. На браникот се! Нонстоп!

За роденден се дуваат свеќи и се замислува желба. Не знам како оди тоа со државите, но доколку Македонија има право на една, би сакал да ја посакам место неа. Не, нема да посакам потоп на Грција, пад на САД од лидерската позиција во светот, смена на власта во Македонија, пораз на Путин на следни избори.... Не. Нема да посакам нити економски развој, хармонија и проспиритет во Македонија, затоа што за исполнување на овие желби не се сонува, туку се работи. Посакувам одговорност од сите минати, сегашни и идни политичари!  Сега и тука! Денес! Или барем утре, во скоро. Доста е момци! Баталете. Сериозно! Не ве бива. 

Автор: Пацифист

Еве господине Заев столче за вас. - А не, јас на Пенс у скут ќе му седам

Втори Август 2017 година, Македонија ги одбележува најголемите два празника во својата историја. 114 години од почетокот на Илинденското востание и 73 години од Првото заседание на АСНОМ. Еден датум, а два поводи за славје. Сепак, никој не слави. Мачен е овој празничен ден во Македонија.

Во Крушево никогаш попразно, на Пелинце бетер. Скопје пусто, а во Чаир ниту едно истакнато македонско знаме. Заев во Црна Гора го суша заменикот претседател на САД, Пенс, како го плаши Балканот со лошата Русија, а пропагандата по медиумите и социјалните мрежи го величи премиерот. „Рамо до рамо до Пенс“ е еден од насловите! Па зар у скут да му седне на конференција? „Еве господине Заев столче за вас. А не, јас на Пенс у скут ќе му седам“!!! (Тоа би било добар наслов.... хммм.)

Поминаа 114 години од Илинден и 73 од АСНОМ, а Македонија не била во полоша состојба. Политичката криза која три години ја тресеше државата, дури сега почнува со наплаќање. Цехот допрва ќе го платиме сите. Ок, некои ќе лапнат процент во прв момент, но на крајот и тие ќе платат. Оние кои себе се гледаат како победници со составувањето на новата влада, пополека тргнаа кон целта и личните интереси. Тука не зборувам за Заев и министрите. Ниту за политичарите од било која партија воопшто. Со нив сум одамна на чисто. Едно истражување вели дека 90% од политичарите во светот се психопати, но јас сум сигурен дека тој процент кај нас е над просекот. Токму затоа моето гласачко ливче најмалку 10 години останува неискористено. Она што ме разочарува е народот, или барем дел од народот. Оние најгласните. Победниците.

Шират тези, небулози, лаги... го прават тоа дрско и горди се на себе. Читам денеска дека треба да учиме од Борко Борисов и Талат Џафери кои се поклониле пред гробот на Гоце Делчев и на „Мечкин камен“. Ни одржале лекција со тоа што се поклониле пред нашите херои. Во две реченици се шири опасна лага и се навредува целиот наш идентитет и ниво на свест. Прво, Борисов не се поклонил пред нашиот херој Гоце Делчев, туку пред бугарскиот Гоце Делчев! Според бугарската историја Гоце е Бугарин! Значи, не само што не покажал поштовање кон нас како држава и народ, туку бесрамно ја краде историјата, а вие го фалите! Второ, Талат Џафери нема право да се обрати на „Мечкин камен“ затоа што е нелегитимно избран. Криминално. Ако се тргне ова на страна, спикерот не се поклони пред нашите (Македонците) херои на мечкин камен. Туку пред хероите од Илинден меѓу кој имало и Албанци! Во обид да се покажете како големи луѓе, европејци, либерали, космополити, испаѓате ѓубре, автократи и дискриминатори. Вие им го одземате учеството и заслугите на Албанците во Илинденското востание!

Заев бил премиер со визија и наместо кон историјата гледал кон иднината, при потпишувањето на договорот со Бугарија. Време било да гледаме напред. Борисов вели „ако гледате назад додека одите, ќе паднете“. Ок. Тогаш зошто во договорот се обработува историјата и ќе се формира комисија за утврдување на историски факти кои треба да се вметнат во образовен процес? Ако не гледаме назад кон историјата, од каде потребата да ја менуваме? Или ние (Македонците) не треба да гледаме назад и треба да си ја предадеме историјата (попат и малцинството) за да одиме напред? Тоа ли е визијата?

Гледам добар дел од „Бирото за запослување во Влада“, познато како Твитер заедница, уште се замара со Груевски. Дечки толку ви е капацитетот или за тоа ве платија? Груевски многу одамна не е премиер. Си имаме нов. Визионер е. Пополнети се местатаза советници, ако не ве примиле досега слободно плукајте по нив. Или видете со Бетмен да ви среди некоја комисија у ВМРО ДПМНЕ.

По карактер сум оптимист, но ситуацијава е премногу темна за надежта да опстои. Можеби, само можеби, во зачеток е формирање на трета, неисполитизирана (барем засега), колективна свест. Пензионирани професори, поранешна новинарка и уште неколку паметни луѓе со интегритет и морални вредности, по социјалните мрежи имаат огромен број на следбеници. Можеби конечно во Македонија се раѓа „интелегенцијата“. Рано е да се зборува, но обично се така тивко почнува.

За крај, тотално на друга страна од Европа, но поврзано со Илинден, односно Комитите. ФК Вардар на прагот на историја и плејоф за ЛШ што носи сигурен пласман во групната фаза во ЛЕ. Со 1-0 од Скопје црвоно црните се единствената шанса овој 2ри Август да го паметам по добро. Ајде момци! За вас, за нас, за црвено црна, за Комити, за ИЛИНДЕН!

Автор: Пацифист

Популарно