Спаси 15-тина деца од канџите на смртта!

Љупчо важни се децата! Да ги спасиме нив! - ова се зборовите на Милан Гошев од населбата Оризари кај Кочани, кој крвавата „првомајската прослава“ на 15 –тина деца од Грдовци и Оризари со неговата присебност и искуство, ги извлече од канџите на смртта и им вдахна ангелска моќ за љубење на животот.

S7302614

Првомајско утро. Убав сончев ден, како препорака за масовна окупација на широките ливади прекриени со свежо пролетно цвеќе и сочна трева. Да се почувствува здивот на природата откако претходните денови почвата беше наквасена со дождовни капки. Кога сонцето ќе доминира над облаците, подготвени да се истурат од врнење, како за првомајци си велиме годинава ќе куртулиме од тој природен дар. Или, едноствно, „ако денот се познава по утрото“ тоа беше препорака за убав ден на кого ќе му се радуваат сите, и млади и стари, кој требаше вечерта да се зачини со полуфиналето во Лигата на шампионите меѓу Баерн и Барцелона.

Скари, музика, игра, разговори по мобилен, слики на фејсбук, за тоа како се одбележува Први мај. Како доаѓа мракот бучавата се стишува а итаницата кон дома се интензивира. Насмевки и озарени лица од убаво поминатиот ден. Мракот крие нешто во себе. Некој демнее над човечката радост. Болничката сирена и светло на влезот во Кочани, откако го поминавме Оризари, ни ги промрдаа мислите дека ете, пак, некои пијани млади деца направиле сообраќајка. Си рековме ајде со лесно нека е. Зачестеното движење на болничките коли и нивните свирежи ја убија вербата дека е некоја едноставна сообраќајка на млади пијани момчиња. Насмевките, радоста, алкохолот брзо исчезнаа. Ги заменија плачот, потрагата и сознанието за некој свој. Една лоша вест, втората катастрофа. Го замолчи градот на оризот. Кафулињата се испразнија со невидена брзина и голем молк. Јанѕата проработи кај сите, со едно и единствено прашање „дали и некој мој настрадал“.

- Само што пристигнав од првомајскиот излет. Бев кај манастирот „Добра вода“. Со жената почнавме да се распакуваме. Наеднаш слушнавме тресок. Трактор се преврте. Кога трактор се превртува последиците се катастрофални, со губење на животот. Знаев дека е така и веднаш ѕвонев на првата помош, полицијата и пожарната. Местото каде што се преврте тракторот беше на стотици метри од мојата куќа. Место полно со карпи и камења. Се страчав накај несреќата- вели Милан Гошев од населабата Оризари, додавајќи дека го придружувал и комшијата Љупчо Апостолов.

Уште кога тргнавме, по влечки и шорцеви, слушавме вресоци на болка и очај, барајќи помош, раскажува Гошев, имаше што да се види на Илин дол, превртен трактор, децата полегнати по карпи и камења, облеани со крв кои беспомошно лелекаат. Веднаш забележал дека возачот на тракторот е мртов, но преценил дека и жената е во многу критична и нестабилна состојба.

- Љупчо важни се децата! Да ги спасиме нив! Во главата ми надоаѓаа милион мисли, но искуството ми велеше дека морам да бидам присебен- се потсетува Милан на тие тегобни моменти. Тој е возач во Општата болница во Кочани со работно искуство од 31 година во Медицинскиот центар Кочани.

Почнале да ги тргаат лесно повредените деца настрана, потоа заповедал другите да не се пипкаат зашто може уште повеќе да се повредат и да останат инвалиди за цел живот. Во меѓувреме се јавил до хируршкото одделение во Кочани и до колегите од Виница да доаѓаат со возилата за брза помош. Почнал да ги сопира возилата што се враќале од излет за да ги транспортираат полесно повредените деца. Возачот на првостигнатото возило не сакал да земе повредено дете. Тогаш Милан го земал во раце повреденото дете и застанал пред колата: „Вози ако можеш“!

По ова совозачот рекол дајте го детето јас ќе ја возам колата. Најверојатно неговиот пријател бил под стрес од она што го видел. Во наредните возила што дошле се транспортирани уште пет деца, а тој со екипата на итната помош ги качиле најтешко повредените деца и ги однеле во Кочани, каде што веќе целиот персонал бил екипиран и чекал да се справи со една од најголемите несреќи што се случила во Кочанско. Оттаму веднаш го испратиле за Скопје. Милан ќе рече дека тоа беа минути што одлучуваа дали ќе згаснат животите на децата, а Кочани, Грдовци, Оризари, Македонија ќе бидат обвиени во тага. Во прашање беа петнаесетина млади животи, претежно на возраст од 11 до 14 години, а имаше и четиригодишно дете.

Долго време Милан и Љупчо не знаеле кого спасиле од сигурна смрт, како што ќе рече Гошев јас спасував непознати деца, а превезував и посетував броеви, бидејќи во таа хаотична состојба тие беа обележани како број еден, два, три итн.

Разговорот го водевме рано наутро на работното место во Општата болница во Кочани. Кога зборуваше за овие несреќни моменти Милан се тревожеше и по некоја солза срамежливо му наѕираше од очите. Присетувајќи се на тие моменти и за она што можело да се случи ако само малку задоцнел....

- Тоа ќе беше катастрофа! И ден-денес штом се сетам на тој момент ми идат солзи. Среќен сум. Успеав да спасам млади животи. Посреќен ме прави фактот што и најтешко повреденото дете-Лорета, јас го донесов од Скопје живо и здраво- истакнува херојот на еден несреќен случај што можеше да ја завие кочанската општина во црно, Милан Гошев.

Едноставен и ненаметлив, ќе забележи дека некои родители кои дознале дека им помогнал на нивните деца да останат живи му се заблагодариле.

Младите фиданки од Грдовци и Оризари во тој убав мајски ден можеше да овенат, но Милан, Љупчо и организираноста и мобилизираноста на општинските, државните и болничките институции и вдахнаа нов живот за да можат да си ги оставрат своите кошаркарски, карате, поетски, научни сништа.

Но не треба да останиме неми и слепи и да не забележиме дека „искуството во случај не се плати“ туку се „исплати“, хуманоста и човечноста беа поголеми од се, додека храброста и отсечноста диктираа потези коишто и најголемите оперативци во една така хаотична и трогателна атмосфера тешко би ги направиле.

Милан, а и Љупчо, Бог да ги благослови! Кобата и тагата на нивните родители ја заменија со среќа. Ваквото дело не смее да биде заборавено, зашто луѓето се паметат по делата. Кој не сака да го види ова дело, ја изгубил доблеста за хумано општество.

S7302613

Кобен Први мај

На први мај минатата година се случи страотна сообраќајна несреќа кој ја возбуди целокупната македонска јавност и политичкиот врв на државата. Имено, враќајки се од првомајскиот излет трактор се преврте во близина на населбата Оризари кај Кочани, кај местото викано Илин дол. Тракторот со кој управуваше Миле Давитков од Грдовци превезуваше околу дваесетина деца. четири од нив му беа внуци. Децата беа претежно од село Грдовци, а неколку имаше и од Оризари. По превртувањето на тракторот Миле почина на самото место, а неговата сопруга Смиљана и подлегна на повредите на пат кон болницата во Скопје. Неколку деца беа тешко повредени и пренесени на лекување во Ургентниот центар во Скопје. Но поради големата присебност и ажурност на Милан Гошев од Оризари, Медицинскиот центар во Кочани, градоначалникот Ратко Димитровски, премиерот Груевски и министерот Тодоровски, како и персоналот на клиничкиот центар во Скопје трагедијата не се претвори во катастрофа. Со максимално залагање на сите се спасија 7-8 млади животи.

S7302616

 Најхрабриот и најприсебниот човек и најскромен

Милан Гошев е херојот на овој трагичен настан, затоа што неговата присебност, одлучност и правовременост ја крена на нозе и ја мобилизира цела Македонија. Неговото искуство, како долгогодишен рабоник во Медицинскиот центар во Кочани, пак, придонесе да се реагира стручно и да не се направи некој погрешен потег, кој можеше на место да ги усмрти тешко повредените деца. Првовремениот повик до колегите од брзата помош во Виница го зголеми капацитетот на брзата помош. Бескомпромисно застанал со повредено дете пред автомобил кој не сакал да качи некое од повредените деца. Стравичните и мачните слики од несреќата не претставувале препрека тој да биде еден од шоферите на брзата помош до Скопје. Покрај него во спасувањето учествуваа и неговата сопруга и неговиот комшија Љупчо.

Иако Гошев не бара ништо, сепак некој требаше да се сети дека неговото херојство треба да се одбележи со едно скромно признание од страна на Општина Кочани, градоначалникот Ратко Димитровски, државата, односно Република Македонија.

Хероите не се раѓаат само во војни, туку и во мирнодопски времиња. Да спасиш нечиј живот е нешто најсвето и најчовечки. Ова нека биде мал придонес за забележување на хероите на модерното време.

Пишува: Венцо Донев

ФОТО: Каде се наоѓа оваа убава плажа во Македонија?

Некогаш важеше за еден од најубавите кампови во Македонија, но подоцна беше на работ на затворање за туристи. Сепак денеска има нов сјај, а плажата уредена и средена, повторно привлекува голем број Македонци. Се работи за кампот „Крани“ на Преспанското езеро.

13509401_10210489407534809_488133161_o
13509683_10210489404774740_643438731_o
13523987_10210489415094998_1187088442_o
13524054_10210489402094673_825055022_o
13524208_10210489415575010_1039606417_o

Испратено од Зорица

ФОТО: По 11 години повторно имаме рис

Првпат по 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонско еколошко друштво (МЕД) успеа да слика младо од рис. Во февруари истражувачкиот тим на Програмата за закрепнување на балканскиот рис успеал да постави ГПС околувратник на првата женка рис досега. Обележаната женка која го добила името Маја го одвела тимот до нејзиното дувло и го покажала најскапоцениот податок до сега – здраво младо рисче. Првите фотографии од младенчето балкански рис ги направил членот на мониторинг мрежата за балканскиот рис, Панајот Чоровски од Кичево. 
 

- Неверојатна радост е да прв да видиш младо рисче, особена чест ми беше да ја споделам информацијата со моите колеги и сите кои се грижат за заучувањето на ова неверојатно животно - вели Чоровски.

Ова рисче е надежта која ѝ е потребна на малата популација на балкански рисови во Македонија, велат од МЕД. 

- Се надеваме дека преку неговото и следењето на неговата мајка ќе успееме да ги добиеме податоците кои недостигаа досега. Овие податоци ќе ни помогнат за го разбереме животот на младите рисови во Македонија за да можеме да ги зачуваме -велат членовите на Програмата за закрепнување на балканскиот рис којашто ја спроведува МЕД.

Статусот на балканскиот рис е критично загрозен бидејќи бројот на возрасни единки способни за репродукција е помал од 50 и според стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата, на праг е да биде целосно исчезнат од нашата фауна. Балканскиот рис за прв пат се најде на (IUCN) на 19 ноември 2015 година. Најзначајните закани за опстанокот на рисот се: криволовот, драстичното намалување на неговиот плен и уништување и фрагментација на неговите станишта. 

Програмата за закрепнување на балканскиот рис, меѓу другото, веќе десет години се обидува да го спречи овој негативен тренд. Резултатите од интензивниот мониторинг покажаа дека барем во јадровите подрачја, Националниот Парк Маврово и планината Мунела во Албанија, ова опаѓање е запрено. Секако, опстанокот на балканскиот рис ќе зависи не само од овие, туку и од сите останати подрачја на Балканот кои поседуваат погодни станишта за рисот и неговиот плен. 

Програмата е финансирана од фондацијата МАВА од Швајцарија и се спроведува во соработка со фондацијата Еуронатур од Германија и организацијата КОРА од Швајцарија како и здруженијата ППНЕА од Албанија, ЕРА и Финч од Косово и ЦЗИП од Црна Гора
 

Популарно