Тажна вест: Почина познат македонски писател

По кратко боледување вчера вечер почина писателот Мето Јовановски.

Тој почина во кругот на семејството на 88 годишна возраст.

Мето Јовановски беше припадник на повоената генерација македонски писатели кои меѓу првите пишуваа на македонски јазик и го создаваа и ширеа македонскиот јазик.

Тој беше раскажувач и романсиер, како и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови прав.

Во кариерата долга 6 децении, Јовановски објавил 30-на книжевни дела: збирки песни, раскази, романи, песни за деца, од кои особено расказите се објавувани на повеќе светски јазици.

Негови најпознати дела се романите „Писмо до саканата“, „Балканска книга на умрените или Ослободување преку зборување“, „Хајка на пеперутки“, „Слана во цутот на бадемите“, „Земја и тегоба“, збирките раскази „Јадреш“, „Мени на мојата месечина“, „Крстопат кон спокојот“, „Љубовта на Грифонот“, книгите за деца „Љуман Арамијата“ и „Војвода над војводите“.

Мето Јовановски ќе биде погребан в недела во неговото родно Брајчино.

Во понеделник во 13 часот ќе се одржи комеморација во ГЕМ клубот во Скопје.

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно