Трамп не победи на изборите во САД, туку...

Она што одамна се најавуваше, за што многу луѓе пишуваа, првиот е Карл Маркс, она што се чекаше, се случи. Падна системот што со децении владее со светот. Искрено, порано од моите очекувања, но на начин на кој беше единствено можен. Како и секоја империја, се сруши од внатре, од центарот.

mf57d81d66

Не ова не беше победа на Трамп или победа на неговата стратегија, која секако беше доволно добра. Не ова не е ни пораз само на Хилари. Ова е пораз на цел еден систем, од оние на кои истиот им дојде преку глава. Трамп е само ликот на таа победа. Искрено, човекот не може да ми биде поантипатичен, но тој во моментов воопшто и не е важен. Како и секој друг претседател на САД, Трамп ќе мора да одработи за својата логистика. Поупатените велат дека зад него стојат поранешни генерали од армијата на САД и дека тие се главните играчи за падот на системот што светот го донесе каде што е, но без намера да ја омаловажам нивната улога во процесот, успехот зависеше од моментот кој се спремаше со години. На ова не работеа генералите или пак Трамп, туку токму системот. Истите оние кои сега се изненадени, разочарани, исплашени се оние кои му ја подарија победата на Трамп.

Изборите во САД се случија пред 6 дена, а на улица сеуште има луѓе кои протестираат. За што? Нерегуларни избори? Повреда на законот при изборите? НЕ! Луѓево си протестираат против исходот на изборите! Нив не им се допаѓа победникот, па решија да го рушат Трамп на улица! (звучи познато нели). Дали овие луѓе се платени или на своја иницијатива го прават тоа, не знам, но знам дека тие сеуште веруваат дека Хилари морало да победи. Подршка за истиве освен Хилари која пред некој ден рече дека не е готово до 20ти Јануари и Обама кој не сака да се исели од Белата куќа, се и сите популарни вечерни шоу емисии во Сад. Од Џон Оливер, Сет Мајерс, Конан... се до Џејмс Корден, Стивен Колберт, Тревор Ноа.... Речиси и да нема медиум во САД кој не е загрижен за победата на Трамп. Уште следниот ден се направи детална статистика за тоа кој му ја дал победата на бизнисменот и за виновници се прогласени белците над 60 години, бидејќи статистички Трамп добил најмногу гласови токму од нив. Како виновници од втор ешалон се оние кои не изглегле да гласаат. Кој вели дека ако излегле да гласаат ќе гласале за Хилари, мене не ми е јасно. Всушност не им е ни на нив, битно е да се најде виновник и истиот да се оцрни, обвини, исмее, а со тоа да се изгради лажна слика за супериорност. Токму таа лажна слика за супериорност, самопрогласениот елитизам, животот во своја реалност која нема никаква допирна точка со вистината го донесоа Трамп на чело на САД.

Три-четири месеци истиве медиуми го исмеваат Трамп и неговото гласачко тело. Необразовани, глупави, нацисти, расисти... успеаја да ја поделат неговата партија и тој да остане речиси сам во претседателската трка против Хилари, некои медиуми (као Њујорк Тајмс) јавно застанаа зад Клинтонка, и делеа прашања од дебетите пред истите да започнат, местеа анкети... и со тоа го мотивираа гласачкото тело на Трамп. Оваа самопрогласена елита владее со САД со децении, на истиот тој принцип. Исмева се што не мисли како нив, со помош на медиумите решава што е добро или лошо и не признава туѓо мислење. Еве дури и сега, 6 дена по изборите, овие лузери не го прифаќаат ставот на мнозинстовот на Американскиот народ. Со тоа тие не го исмеваат само Трамп, туку и секој Американец кој гласал за него. Бараат нови избори, затоа што.... па не немаат реална причина. Исто како што истиов овој систем бараше нов референдум во Британија по Брегзит само затоа што резултатот не им се допадна. Тие би оделе на избори и референдуми се додека исходот не е пожелен за нив. Тоа е таа „демократија“ на самопрогласената елита. „Елитата“ која е творба на системот, но и причина за неговиот пад и единствено заслужна за победата на Трамп.

На 12ти Декември во Македонија ќе ја видиме истава слика, бидејќи и ние си имаме самопрогласена елита. Елита која 25 години противниците ги нарекува „сељаци“ и верува во своето родено право на власт. „Супериорни“ ликови кои за своите порази секогаш бараат вина кај противникот, изборниот процес, па дури и кај народот (народот е во право, дури и кога ГРЕШИ). Така самоуверени, полни себе ќе излезат на избори на 11ти, и веќе на полноќ ќе почне се одново. „Сељаците“ пак ќе ги прегазат на демократски избори, а тие вината ќе ја бараат во Заев, избирачкиот список, листите, народот, ланскиот снег... но никогаш во себе. Исто како и комичарите на вечерните шоу програми во САД и тие кај мене ќе предизвикаат само смеа. Политичари, новинари, експерти, НВО, шарени, специјални.... дечки, до вас е! Вие сте (вашиот) проблемот! Не е народот глуп, ниту исплашен, туку му здосадивте, исто као што на Америте им здосадија Клинтонови и цел гарбиџ околу нив. Затоа следен пат коа ќе се јачате пред огледало или во емисија кај свој новинар, во партија пред истомисленици, нека ви текне, демократија е владеење на мнозинството, НЕ НА ЕЛИТАТА!

Автор: Пацифист

Заев добро избра и победи - ВМРО ДПМНЕ се предаде!

Антологиското „15 Септември“ повторно се случи. Му се случи на ВМРО ДПМНЕ на 15ти Октомври. Иако, ова не е најтешкиот пораз на ДПМНЕ на едни избори, а имал и СДСМ многу потешки, сепак јавноста изненадена од резултатите. Не дека не се очекуваше пораз на партијата на Груевски, но ваков дебакал никој не очекуваше, а требаше.

Најпрво, да расчистиме една работа. Изборите се чисти како и секои други во минативе 10тина години. Народот го кажа своето и му додели речиси апсолутна власт на СДСМ (им недостига само претседател на државата). 80.000 разлика пред ВМРО според гласовите за советничките листи, со ист број на гласови од парламентарнит избори во Декември, но со помала излезност. Ова значи дека СДСМ процентуално добил повеќе гласови, додека ДПМНЕ изгубиле гласачко тело.

СДСМ и приврзаниците слават голема победа, но како и на сите избори во Македонија досега, така и на овие, победникот не е оној кој е заслужен за резултатите, туку поразениот. Неколку години наназад пишував дека за владеењето на ВМРО ДПМНЕ се виновни СДСМ. За секоја победа на било кои избори во Македонија во последниве 11 години, на ДПМНЕ виновни беа токму СДСМ и нивната партија во колапс. Без програма, став, понуда... Истото сега важи за ВМРО. На овие избори не победи СДСМ. ДПМНЕ изгуби!

Социјал демократите повторно настапија без програма, со празни ветувања, а успеаа да го прагазат конкурентот. За 120тина дена на власт на централно ниво, нелегитимно избраа претседател на собрание, потпишаа екстремно штетен договор со Бугарија, ветувија промена на учебници и со Грција, прифатија Албанска платформа, во собрание со евроспко знаменце внесоа против уставен закон за јазици ... и место да загубат гласови, добија на доверба кај народот! Зошто? Затоа што никој друг не ја сакаше победата. Немаа ривал. ВМРО ДПМНЕ на чело со Никола Груевски им ја поклони локалната власт. Зошто? Тоа си знае само тесното раководство на ВРМО. Како? Тоа е лесно видливо.

СДСМ со години се промовира во партија на која не и „лежи патриотизмот“. Партија на која не е и проблем „да ја свитка кичмата“ и со цел за „подобра иднина“ да се прости со минатото, па дури и по цена на идентитетот. Оваа нивна стратегија наиде на подршка кај дел од народот во Македонија. Дали мене ми се допаѓа или не, не е важно. Мојот глас вреди колку гласот на секој од вас. Од друга страна ја имаме ВМРО ДПМНЕ, кој со години од позиција на власт го убедуваше гласачкото тело дека тие се они кои „стојат на браникот на државата“ и ја штитат Македонија од СДСМ сценарио. Го бранат името, идентитетот, јазикот... Во таква позиција, повеќето гласачи им ја даваа довербата на „патриотите“, се додека не дојде денот да ја покажат својата лојалност пред државата и да ги исполнат ветувањата.

Најпрво, додека на власт (т.е. на браникот) во Македонија беше ВМРО, се случи најголемото јавно познато прислушкување. Иако, до ден денеска не знаеме кој прислушкувал, јасно е дека „браникот“ потфрли. Ако власта прислушкувала, не заслужува да биде власт. Ако ја прислушкувале, не си ја сработеле работата како што треба. Но, ајде им се случувало и на посилни држави. Следеше „шарена револуција“ и фарбање на згради, а „браникот“ се повелкуваше. Пржино 1 и 2! Против уставно СЈО и противуставна проширена влада пред избори! Народот полека почна да сфаќа дека „патриотиве“ и не се баш наследници на Делчев и војводите, сепак на изборите во Декември им даде какват таква предност. Следеше говорот на Груевски пред ДИК и повикувањето на Ќосето и.... и толку. Неколку месеци по ова во собранието на Р. Македонија пред очите на пратениците на ВМРО беше испеана Албанската химна. Истиот ден незаконски и против деловнички избран нелегитимен претседател на Собранието, а „патриотите“ ништо не превземаа. Се случи упад на толпа во Собранието и напад на „бескичмењаците“, додека во другата сала наследниците на Ќосето си пееја песни! (исклучок Влатко Ѓорчев и Никола Тодоров). Овие од браникот го осудија нападот, па му се поклонија на нелегитимниот претседател на собранието. Никогаш не му се обратија со тој збор, но учествуваа на секоја седница која тој ја закажа. Договор со Бугарија, Закон за Јазици... на се учесвуваа. Негодуваа, но од „браникот“ никој не виде ни Б.

Кога во една држава пред очи ви се менува идентитет, историја, се крши устав ко од шала, никој не гласа за „лажни патриоти“. Никој не гласа за „патриоти“ кои ништо не превземаат на темата, туку држат пресови секој ден во стил на своите опоненти. Ова сигурно го знаеше и Никола Груевски. Мораше да знае дека непревземањето на ниту еден одлучен чекор, непревземањето на одговорност ќе му донесе тежок пораз. Заев свесно избра да оди по својот пат и да ја жртвува историјата и идентитетот за да дојде на власт. Тактика која ветува успех само кога никој од другата страна нема да се обиде да ја брани државата. Ама вистински да ја брани! Како Ќосето, не со „Нова ера“! НЕ!

Заев избра точно и победи! ВМРО ДПМНЕ не избра, туку се повлече. СЕ ПРЕДАДЕ! 

Автор: Пацифист

Во која општина ќе бидат градоначалници Заев и Груевски?

На само неколку дена пред локалните избори во Македонија, некако се натерав да седнам и да пишам нешто на темава. Не дека ми се пишува или дека има нешто посебно да се каже, ама ред е.

Се погоди текстов да го пишувам на 11ти Октомври, Денот на востанието во Македонија, иако сме многу далеку од тие наши предци кои денеска ги славиме. Сироти, да знаеле какви генерации доаѓаат ќе спакувале куферите и бродот за Австралија. 76 години откако тие се бореле и гинеле за Македонија, вчера во Прилеп младината на СДСМ, партијата на власт, ја утна годината! Ај што девојчево не знае кога почнало востанието (иако е од Прилеп). Ајде и што во целиот говор зборуваше како 11ти Октомври е дел од нашиот идентитет и е голем исто колку Илинден и денот на прогласување независност, а промаши 3 години. Туку е и многу мрзливо. Ако не знаеш, ако ете сакаш да фарбаш народ колку си патриот и бла бла бла, па земи прочитај. Гугл, нешо википедија. Но, што да очекуваше од младинка на лидер и премиер кој пред цел Велес рече дека Прличев е од тој град!

Посиромашна кампања од оваа во Македонија не помнам. Не дека не се трошат грдни пари, тоа секако се случува, туку сиромашна во идеи, проекти, кадар... Едниве ниу слоган смислија. Го продолжија оној од парламентарните избори лани (на кои изгубија). „Живот за сите“! Абе ок, ама на клиника на дневна база умираат новороденчиња. Или они пошо немаат право на глас не се во сите?!!! Другиве, имаат слоган, ама подобро да го немаа. „Нова ера“?!!! Во моментов „новоерашиве“ се на власт во 80-90% од општините во Македонија. Како ако сега пак победат ќе се случи „Нова ера“? За да биде нешто ново, па ете и ера (иако градоначалнички мандат трае 4 години, што не е ера), теба ваљда и нови лица? Ваљда?! Откако видоа дека не помина, се свртеа кон „Секогаш работа, секогаш Македонија“. Во ред. Дека оваа гарнитура на ВМРО ДПМНЕ има  сработено многу повеќе од сите други влади наеднаш е неспорно, но тоа не е  проблемот заради кој на последните парламентарни избори СДСМ им дојде само на два пратеника. Провизиите дечки! Матните зделки! Шерифскиот однос! Тоа ве бутна од власт. Народот сака проекти, сака улици, автопати, школи, боници... затоа и ве гласаше толку пати, ама се паѓа во вода кога ќе се дознае колку од цехот завршил на приватни сметки. Макар биле монтирани, сечени, лепени.

И ете сме, на 3-4 дена пред локални избори, кои и едните и другите ги најавуваат како ферка пред нови парламентарни, народот (оној политички неопределениот) се чуди за кого да гласа. На секој митинг и преставување на кандидатот во неговата општина, повеќе зборува лидерот на неговата партија. Медиумите секој ден пренесуваат што рекле Заев и Груевски, како тие да се кандидираат за градоначалници. СДСМ направи митинг во Скопје, пред Влада?!!!! ЛОКАЛНИ избори!!! Скопје дента блокирано со автобуси од цела Македонија! Истата слика и во Струмица! Се носи народ од други општини да посети политичко преставување на кандидат за градоначалник на Струмица/Скопје! Логика? Слабо! Сендвичи? МНОГУ!

Жалосна е сликава, а уште пожалосно што има народ што на 15ти Октомври гордо ќе го даде својот глас за едната од опциите. Народ што сеуште верува дека ова се наследниците на хероите од 11ти Октомври 1941 година! Аххх сироти Лазо Колевски, Боро Петрушевски, Благоја Деспотовски, Трајко Бошкоски... Од нивната жртва и нивниот сон, остана само мало парче земја и кошмар. Да ни е честит 11ти Октомври.

Автор: Пацифист

Варијабли и константи

Општеството е сложена слагалица. Милиони коцкици во облик на варијабили и константи.

Некој ги реди, друг ги разместува. Секој по своја воља.

Варијабилите се променливи делови од организмот наречен држава и се подложни на промена со развојот на општествата, глобалниот развој, како и од политичките визии, проекции на актуелната гарнитура на власт.

На пример: една влада има сопствена визија за даночен систем и со мнозинството во парламентот носи законско решение и го инплементира,  а со промена на партијата на власт се промовира нов даночен систем кој по нивно мислење е подобар за стопанството, граганите и економскиот развој па го менуваат постоечкиот даночен систем на ист начин како и претходниците. Кое решение било подобро, поефикасно ке ценат граѓаните на следните избори. И така општеството се движи напред(назад) по својата развојна патека, позабрзано или позабавено во зависност од ефикасноста на инплементираните модели.

Исто е и со правниот поредок. Исто со образовниот систем, здравствениот систем, структуирањето на државниот буџет, културата, економијата, сферата на работните односи и сите други варијабилни елементи од општеството.

Тоа се менливи категории, па колку и да се погреши во спроведувањето на некоја определба за некоја од овие категории, па ако сакате и колку и да се направила штета со некоја мерка, определба, влијание тоа е поправливо(корективно), може да се промени , подобри, дури може да се заврти и во сосем друг правец на развој.

Секако овие промени скапо чинат и како по правило тоа го плаќаат граѓаните(ретко политичарите, макар и како морална одговорност, а за кривична одговорност нешто не сум убеден), и стопанските субјекти кои партиципираат во државниот буџет, но нели пак цело општество е на нивен грб.

Всушност сведоци сме дека како која политичка елита доаѓа на власт, тврди дека претходната направила хаварија, па сега тие мораат да поправаат(дорасипат), а секако се започнува со вадење афери за претходниците, па кривични пријави за злоупотреба на овластувањата( ќе видиме ли судење?), арно ама сето тоа е минливо и менливо и главно се сведува на забава за народот која ја режираат уредниците на таканаречените независни медиуми.

Е, ама за разлика од варијабилите опшеството има и константи. Тие се востановени при конституирањето на опшеството во државата и се многу битни за понатамошното опстојување на државата, за носителите на државноста, нивните обележја, нивната иднина. Е, тие не се менуваат. Тие се темелите на кои понатаму се надградува општеството. Тука спаѓаат определбата за начинот на уредување на општеството, вклучително уставот, идентитетот, името, обележјата, границите, симболите и друго. Всушност и тие се менуваат, ама тешко и многу ретко(во старите демократии воопшто не се менуваат) итоа со плебисцитарни изјаснувања на целата нација или недај боже со најлошата варијанта – со војна.

Во изминативе скоро триесетина години од идејата за самостојна држава ги искусивме двата метода со кои се менуваат константите кај нас и тоа по волја на внатрешните или надворешните фактори. После неколкуте плебисцити организирани(контролирани)од политичките врхишки, општеството во кое живееме е толку променето што веќе не е истото. Како по структура така и по суштина.

После војната(конфликтот 2001)исто така имавме драстични промени на константите на општеството, па сега живееме во истата држава ама во едно друго општество.

Што ли не чека понатаму? Какви ли промени ни претстојат?

Еве едно размислување.

Сигурен сум дека договорот со Бугарија ќе допре до константите и ќе се ревидираат некои идентитетски обележја(вредности) на нацијата(не на народите кои живеат во РМ), зошто нација и народ е сосем различна работа, а во современиов свет се повеќе се игра на картата нација). На каде, во кој правец сето тоа ќе повлече ќе видиме, но нешто ме влече дека овој договор таков како го потпишаа премиерите по нели обилната јавна дебата, всушност  нема задача да ги реши проблемите помеѓу Македонија и Бугарија, туку да ги реши недоразбирањата помеѓу македонците(новопроектирани) и бугарите(старопроектирани) како нации.

Од друга страна наголемо се наговестува Закон за употреба на албанскиот јазик(дел од Тиранската платформа за која тврдам дека има прекуокеанска генеза), со кој се овозможуваат услови за создавање на нови идентитетски обележја(вредности) на една новопроектирана нација кај нас.

Значи на повидок е создавање нација со нови идентитетски обележја и тоа од еден дел од народ кој има бугарско-македонски корени и дел од народ кој има албански корени        (другите кои живеат овде не се интересни за креаторот), а сето ова продуцира создавање на нов официјален јазик(дупли:македонски и албански) и две официјални писма (кирилица и латиница).

Двата посочени проекта на се дело на внатрешни визионери, тоа е повеќе од очигледно, а двата проекта се промовираат како големи демократски достигнувања, го отвораат патот кон демократска Европа( ја видовме на дело во Барселона).

Тие треба да бидат цврста брана кон опасностите кои нели доаѓале од истокот(Русија и Кина)бидејќи како што вели заклучокот на европската комисија: инвестициите и кредитите од овие земји придонесувале за корупција во системот на земјите од Западен Балкан.

Ако на сето ова ја додадеме повеќе од сервилност на нашата нова политика кон јужниот сосед, излегува дека нешто друго е симптоматично, би рекол и очигледно.

Сето ова што се случува е одлична претходница за новиот договор кој треба да се направи со јужниот ни сосед.

Веќе за ноември е најавен состанок на работните делегации за нов договор. Кај нас воопшто не се ни зборува за ова, бидејќи нормално како и во целиот демократски свет, транспарентно како и за договорот со Бугарија ќе не известат слободоумните уредници од независните медиуми и тоа навреме.

Очигледно името(константа) веќе и не е во игра(тоа е завршена работа) туку во игра е нешто поголемо!? Некоја друга константа???

Автор: Александар Младеновчев

Популарно