Некогаш првиот човек на Ферари, Лука Ди Монтеѕемоло, тврди дека Михаел Шумахер реагирал на третманот кој му го нудат докторите.
Германецот без малку три години лежи во постела и информациите кои овие две години доаѓаат од Швајцарија, каде што тој живее со својата фамилија, се прилично оскудни. Но Монтеѕемоло тврди дека е среќен поради тоа што слушнал добра работа од таборот на Шумахер, односно од медицинската екипа со која е опкружен седумкратниот Ф1 шампион.
„Многу сум среќен што знам дека тој реагира на третманот. Знам колку е силен, сигурен сум дека е решен да заздрави, што ќе биде круцијално за него. Искрено се надевам дека ќе се исвлече од оваа исклучително тешка ситуација. Тој беше важен член на Ферари фамилијата, и за мене е тешко да се разделам од Шумахер како возач, но и како пријател“, истакна за дел од медиумите Лука Ди Монтеѕемоло.
Ферари и понатаму се мачи на патеката, а единствен возач кој по Шумахер, освои титула со Ферари, е Кими Раиконен, далечната 2007 година.