УХМР со најнова прогноза, од среда снег

Македонија од утре ќе биде под влијание на влажна и постудена воздушна маса, која во наредните денови ќе предизвика претежно облачно и постудено време со повремени врнежи од снег, а во крајните југоисточни подрачја од дожд и снег.

Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи, врнежите ќе бидат со променлив интензитет, а повеќе ќе бидат застапени во западните и јужните делови.

Пообилни врнежи се очекуваат в среда кон крајот на денот и во текот на ноќта кон четврток, особено во јужните делови. Овие врнежи ќе предизвикаат зголемување на снежната покривка на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе биде без поголеми промени и ќе биде во интервал од -3 до 4 степени.

Од петок се очекува стабилно и суво време со благ пораст на дневната температура.

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

Како што соопшти Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Повреди на избирачкото право може да се пријават и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово  на тел. бр.(044) 344-082, Битола  на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488.

Народниот правобранител најавува дека со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои, потенцира, се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право.

Популарно