Домашните телевизии во трката за брза и свежа информација сè почесто се одлучуваат да имаат јавувања во живо од терен или, пак, разговорите и интервјуата со соговорниците да ги прават на отворено. Но, тоа си носи и свои ризици, со оглед дека пред камерата може да се појави кој било и да направи нешто непосакувано.
Тоа го искуси и екипата на телевизијата „24 Вести“. Додека новинарката земаше изјава во живо од политичкиот аналитичар Петар Арсовски, во близина на Собранието, во заднината на кадарот се појавија три момчиња. Тројцата мангупи видоа дека камерата снима и се решија самите да си направат шоу.
Се појавуваат во неколку наврати на снимката, а врв на нивната будалштина е мигот кога претрчуваат, при што еден од нив го носи другарот на „ушка“.