(ВИДЕО) Во Белград уништена бомба од 500 килограми од Втората светска војна

Припадници на српската деминерска единица денеска изведоа контролирана експлозија на бомба заостаната од Втората светска војна, тешка 500 килограми.

Бомбата беше откриена на длабочина од 10 метри за време на градежните работи на проектот „Белград на вода“. Таа содржеше 250 килограми хемиски експлозив, поради што беше невозможно нејзино физичко дислоцирање.

Неутрализирањето на бомбата траеше десетина минути, а пред експлозијата како предупредување се огласија и сирените за воздушна опасност.

Властите уште претходно ги посоветуваа станарите на зградите кои се наоѓаа на растојание до 400 метри од местото на бомбата да ги спуштат ролетните, да ги затворат прозорците и да стојат подалеку од нив.

Српските медиуми објавија дека ефектите од експлозијата биле почувствувани во радиус од 500 метри од местото на кое се наоѓала бомбата.

Српскиот сезимолошки институт соопшти дека неговите четири мерни станици во околината на Белград при експлозијзата регистрирале потрес на земјиштето со просечен интензитет од 1,3 степени според Рихтеровата скала.

Српските власти информираа дека при експлозијата на бомбата не биле регистрирани никакви последици по животите и имотот на граѓаните.

Опасна сексуална игра хит меѓу учениците во Србија

Во соседна Србија стигна опасна сексуална игра, која основците и средношколците ја играат на забави под името „шарени алки“, пишуваат српските медиуми.

Родителите се згрозени и уплашени, а стручните лица истакнуваат дека тинејџерите не можат да сфатат какви последици може да остави по нивното здравје и по нивната психа.

-Оваа игра се игра на тој начин што девојката става на рака алка со одредена боја. Потоа ја крие раката зад грб. Момчето ја погодува бојата и ако ја каже точната боја, од девојката добива „награда“ во зависност од бојата. Секоја боја нешто претставува. И тоа се прави пред сите на забава. На пример, жолата боја претставува прегратка, зелената е секс, белата допирање на одреден дел од телото, сина – орален секс, црвена – танц во скут, а розова- бакнеж, пренесуваат српските медиуми.

Јасна Јанковиќ, професорка и претседателка на Здружението на синдикатот на просветни работници во Србија вели дека чула за вакви или други слични игри што ги играат децата на забавите.

– Не знам дали станува збор за урбана легенда или ова навистина се случува. Но, тоа што е сигурно е дека денешната младина многу рано стапува во интимни односи и тоа го прави без емоции. А секое сексуално доживување без емоции е еден вид насилство над децата, вели Јанковиќ.

ВИДЕО: 25 Мај - Ден на младоста во Титовата Југославија

Во некои градови на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија и денеска се одбележува Денот на младоста, кој во поранешната држава се празнуваше како роденден на доживотниот претседател.

Илјадници почитувачи на неговиот лик и дело ќе ја посетат гробницата во „Меморијалниот центар 25 Мај“, во која во 1980 година беше закопан Броз, а во октомври минатата година и неговата вдовица Јованка.

Иако официјално е роден на 4 мај, 25 мај беше одбележуван како негов роденден. На тој ден пионерите, младинците, студентите и припадниците на сите родови на војската на СФРЈ учествуваа на традиционалните слетови, кои се одржуваа на тогашниот стадион на ЈНА.

По правило, некаде од публиката или од центарот на манифестацијата ќе излезеа познати спортисти и истакнати младинци, кои трчајќи низ стадионот ќе се качеа до свечените трибини на кои беа Тито, неговата сопруга и неговите најблиски соработници, цврсто носејќи ја во рацете Штафетата на младоста.

Штафетата секоја година беше различно дизајнирана, а во неа се наоѓаа пораки од младината на СФРЈ од сите тогашни републики до претседателот.

Тито со краток говор ја преземаше Штафетата истакнувајќи дека носена во рацете на младинците таа преминала илјадници километри од Триглав до Гевгелија.

25 Мај беше неработен ден и национален празник на поранешна Југославија.

Денот на младоста се совпаѓаше и со германскиот десант на Дрвар на 25 мај 1944 година, кога Тито успеал да се спаси за време на десантот на германските падобрански сили.

На чело на Југославија Тито беше цели 35 години и имаше исклучителен углед во тогашниот свет. Особено големо значење во меѓународните односи имаше неговата улога како еден од основачите на Движењето на неврзаните, што во тогашните меѓународни околности имаше голема тежина.

Во домашната политика го остави уредувањето што на крај се покажа како неодржливо - Уставот од 1974 година. Специфичниот систем на консензус меѓу претставниците на републиките и покраините со текот на времето се покажа како нерешлив проблем.

За неговата историска улога сведочи и неверојатно масовното присуство на најистакнатите личности во тогашниот свет на неговиот погреб на 8 мај 1980 година во Белград, на кој присуствуваа повеќе од 200 високи личности од дури 127 земји.

РЕЦИПРОТИТЕТ: Барање за двојазичност во Албанија - Македонскиот да биде официјален јазик

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) на 62-от Конгрес што се одржува во Клуж-Напока во Романија едногласно усвои Резолуција за правата на Македонците во Република Албанија, предложена од македонското друштво „Илинден“ од Тирана.

- Нашето друштво, како официјален член на ФУЕН, го искористи правото да ја достави Резолуцијата до конгресот што се одржува во Клуж-Напока, Република Романија. За неа гласаа сите 300 делегати- претставници на 50 асоцијации на повеќе од триесет малцинства од исто толку земји во Европа, изјави Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото и учесник на конгресот.

Според него, ваков документ ФУЕН изгласува по вторпат. Првпат тоа било на Конгресот одржан во мај минатата година во Вроцлав, Полска.

Резолуцијата содржи седум точки со кои се бара Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба на Советот на Европа „за регионални и малцински јазици”, да се признае македонското национално малцинство во Голо Брдо, Гора и на целата територија на Република Албанија, државната телевизија (ТВШ) да емитува програма на македонски јазик, како и да се учи на мајчин македонски јазик во државните школи во областа на Голо Брдо, Гора и на оние места каде живее значителен број припадници на македонската етничка заедница.

Во Резолуцијата се бара да се преиспита и административната поделба спроведена 2015 година, која според македонското малцинство во Република Албанија е чекор назад во почитувањето на правата на македонското малцинство во Голо Брдо и Гора. Се предлага и во сите општини каде живеат повеќе од 20 отсто Македонци, покрај албанскиот, официјален да биде и македонски јазик и да се обезбеди финансиска поддршка од Министерството за култура на Албанија за културни и од Министерството за образование и спорт за задоволување на образовните потреби на македонското национално малцинство.

ФУЕН оваа Резолуција ќе ја достави до Владата на Република Албанија и меѓународните институции.

Македонското друштво „Илинден” е рамноправен член на ФУЕН од мај 2015 година и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава, кое е рамноправен член со право на глас.

Популарно