Некаде на средината на минатиот век човештвото реши дека е време комунизмот да замине во историјата и дека демократијата е модерното уредување кое ќе не однесе многу повисоко во квалитетното живеење. Дека ќе ги отвори границите, ќе дозволи нови идеи, вистинска слобода и брз проток на информациите. Интернетот посебно влијаеше на последното, па денеска можеме да најдеме информации за речиси се. Сепак, се докажа дека човекот или барем ние овде на Балканот, не сме спремни за демократија и проток на информации. Ние по дифолт ги одбиваме информациите кои не ни се допаѓаат. Не дека овој податок е нешто ново, но решив токму денеска да пишувам за истиот испровоциран од „пучот“ и се околу него.
Оние кои го пратат случувањето на тема „бомба“ знаат дека последната „пукна“ пред неколку дена, кога лидерот на СДСМ објави неколку нови снимки од фајловите кои ги поседува. Сите снимки кои ги објавија се од телефонски разговори на високо позиционирани владини службеници. На една од нив беше снимен и директорот на УБК, Сашо Мијалков, односно негов телефонски разговор. Иако објавувањето на овие снимки е кривично дело, дел од медиумите ги објавија, па народот многу едноставно можеше да ги преслуша и да донесе свој зклучок. Токму заклучокот е она што сериозно ме загрижува.
Како што реков поминаа неколку дена од овие снимки, па имав време да дебатирам на темата со различни луѓе, од различни возрасни, полови, етнички групи и дојдов до поразителни информации. За да го поедноствам текстот и да не ви раскажувам роман, сите мои разговори ќе ги прелеам во само два примера:
Разговор број 1: Дали ги слушна вчерашните разговори кои ги презентираше Заев? Готови се ВМРО, готови!
-Да ги чув, но нивното објавуваање е криминал, а освен тоа ако се докаже (што е многу реално)дека сниките се од странска служба, тогаш Заев ќе мора да одговара за предаство.
-Значи и ти си ВМРО вец! И ти си готов!
Разговор број 2 : Виде ли дека Заев објави снимки од Мијалков? Тоа е доказ дека снимките му се од странска служба! Готов е и тој и СДСМ!
-Гледав и најверојатно си во право, но материјалот на снимките е потенцијален доказ за недозволено работење на дел од Владата, доколку истиот се докаже како веродостоен.
-И ти си комуњар?! И тебе те излажаа!
Ова е таа реалност која ме плаши. Во речиси секој разговор, моите соговорници ме бојат во бојата на нивниот политички противник, само затоа што се обидувам да посочам на целата приказна, а не само на делот кој им одговара на неговте „истомисленици“. Така е најлесно. Принципот „Или си со нас или против нас“ не подрзабира размислување, туку слепо следење на туѓи наредби. И пред да се обидетe за ова да ги окривите СДСМ, ВМРО, ДПА, ДУИ, ЛДП, СМ... погледнете во огледало. Никој нема околу вас. Никој не ви забранува да рзмислувате. Тоа е ваша одлука, ваш избор.
Проблемот не е дали и сега ќе ме обоите, искрено мојата политичка ориентација е важна колку и ланскиот снег. Проблемот е што ваквата поделеност на народот создава ситуција во која решението е невозможно. Ниту една група не е спремна за одлука која не е во нивна корист и секоја таква одлука ќе биде негирана, а последиците од такво нешто можат да бидат страшни. Најстрашна е секако војната, која денеска беше споменaта како една од опциите на ланскиот кандидат за Претседател на РМ од опзицијата, Стево Пендаровски. Кога политичар како него споменува војна, тоа не значи дека тој ќе ја земе пушката во раце и ќе искочи на улица, туку ќе ги „мотивира“ своите „поданици“ да војуваат за него додека тој гледа од страна. Јас нема да војувам за него! Јас нема да војувам за ниеден од нив, за нивна агенда, против мојот народ (без разлика на политичката определба). Доклку и вие не сакате војна и немири, смирете ја топката. Вашиот комшија е добар човек, без разлика дали навива за едните или другите. Оставете судот нека реши кој бил во право, а кој не. На крајот од целава прикзна ќе мора да има избори, а тогаш НИЕ ќе решиме!
Автор: Пацифист